Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ја добив надежта која ме одржува

Ја добив надежта која ме одржува

Ја добив надежта која ме одржува

РАСКАЖАЛА ТАТЈАНА ВИЛЕЈСКА

Нашето среќно семејство беше уништено кога мајка ми ја претепаа до смрт во нашиот стан. Татко ми изврши самоубиство по четири месеци. Оттогаш повеќе не сакав да живеам. Па, зошто сѐ уште сум жива за да ја раскажам оваа приказна? Дозволете ми да Ви објаснам.

ДОНЕЦК, во источна Украина, е град на топилничарски печки и рудници на јаглен. Населението, кое брои повеќе од еден милион, зборува руски и луѓето се трудољубиви и пријателски настроени. Некои од нив веруваат во астрологија и спиритизам, а многумина се служат со хороскоп за да ја дознаат иднината. Други, пак, се обраќаат на гатачи, односно колдуни, како што се нарекуваат на руски јазик. Некои од тие луѓе настојуваат да контактираат со мртвите, надевајќи се дека ќе најдат лек за некоја болест или, пак, едноставно заради забава.

Татко ми беше чевлар. Иако се исповедуваше како атеист, тој сепак мислеше дека некој нѐ ставил на Земјата. Честопати ќе речеше: „Ние сме само гости на оваа планета“. Мајка ми одеше в црква секој Велигден затоа што, како што велеше таа, „ако има Бог, ако навистина постои, тогаш треба да одиме“. Родена сум во мај 1963. Заедно со мојата постара сестра, Љубов, и мојот помлад брат, Александар, бевме едно среќно семејство.

„Белата магија е добра“

Пјотр *‚ еден далечен роднина, имаше незгода додека работеше во еден рудник на јаглен и доби повреди на главата кои требаше да се лекуваат на специјална клиника. Загрижен за своето здравје, тој се консултираше со еден колдун. Гатачот го поврза Пјотр со светот на духовите. Иако неговата сопруга и моите родители му велеа дека гатањето е глупава работа, тој мислеше дека е попаметен од нив. „Јас се занимавам со бела магија“, тврдеше. „Црната магија е лоша, но белата магија е добра“.

Пјотр тврдеше дека поседува сили кои му овозможуваат да ја претскаже иднината и да ги заштити луѓето од лошо. Меѓутоа, сопругата го напушти Пјотр. Затоа тој доаѓаше кај нас, а понекогаш остануваше и по неколку седмици. Пјотр имаше ужасно влијание врз семејството. Меѓу мајка ми и татко ми избувнаа сериозни расправии. Со текот на времето, тие се раздвоија и се разведоа. Ние, децата, се преселивме во друг стан заедно со мајка ми, а Пјотр — нејзиниот роднина — се пресели кај нас.

Љубов се омажи и се пресели во Уганда (Африка) заедно со нејзиниот сопруг. Во октомври 1984, Александар отиде на годишен одмор и јас отидов во гратчето Горловка за една седмица. Кога излегов од дома, мајка ми и јас ноншалантно се поздравивме. Колку само посакувам да ѝ кажев нешто повеќе, па дури и да останев дома! Знаете, никогаш повторно не ја видов мајка ми жива.

„Твојата мила мајка е мртва“

Кога се вратив од Горловка, станот беше заклучен, а полицијата имаше закачено на вратата еден натпис со кој се забрануваше да се влезе во станот. Ме полазија морници. Појдов кај соседите. Олга беше премногу вознемирена за да зборува. Нејзиниот сопруг, Владимир, љубезно рече: „Тања, се случи нешто страшно. Твојата мила мајка е мртва. Пјотр ја уби. Потоа дојде кај нас, се јави на полицијата и се предаде“.

Полицијата ја потврди оваа страшна вест и ми ги даде клучевите од станот. Го мразев Пјотр од дното на душата. Разбеснета, ги собрав повеќето од неговите работи — вклучувајќи ги и книгите за магија — ги завиткав во едно ќебе и ги однесов на едно блиско поле каде што ги запалив.

Александар ја чу веста. И тој го замрази Пјотр. Потоа Александар беше регрутиран за војска и замина на друго место. Татко ми се всели во станот со мене, а Љубов се врати од Уганда и остана со нас некое време. Понекогаш имавме причина да мислиме дека нѐ прогонуваат зли духовни сили. Освен тоа, татко ми имаше ужасни соништа. Тој сметаше дека смртта на мајка ми е негова вина. „Само да останев со неа“, велеше тој, „таа сѐ уште ќе беше жива.“ По кратко време, татко ми западна во тешка депресија. Четири месеци по смртта на мајка ми, тој изврши самоубиство.

По погребот на татко ми, Александар се врати во војска, а Љубов се врати во Уганда. Се обидов да започнам сѐ одново студирајќи на Градежниот институт Макејевка, оддалечен само 30 минути од дома. Го декорирав и го обновив станот, надевајќи се дека така ќе избришам некои спомени. Но, сѐ уште имав причини да се сомневам дека ме прогонуваат демони.

„О Боже, ако навистина постоиш“

Александар ја заврши воената служба и се врати дома. Но, почнавме многу да се расправаме. Тој се ожени, а по неколку месеци јас се преселив во Ростов, еден руски град на брегот на Азовското Море, околу 170 километри оддалечен од дома. Конечно, решив да се ослободам дури и од последното нешто што му припаѓаше на Пјотр.

Толку бев депримирана што и јас планирав да се самоубијам. Но, во ушите постојано ми одѕвонуваа зборовите на мајка ми: „Ако има Бог, ако навистина постои“. Една ноќ, се помолив за првпат во животот. „О, Боже“, се молев, „ако навистина постоиш, те молам покажи ми ја смислата на животот.“ По неколку дена пристигна едно писмо од Љубов со кое ме канеше да појдам кај неа во Уганда. Затоа ги одложив плановите за самоубиство.

Изненадувања во Уганда

Малку места на земјава се толку различни од Украина како што е Уганда. Авионот се спушти во Ентебе во март 1989. Кога излегов од авионот, како да зачекорив во печка. Никогаш претходно немав почувствувано толкава жештина! Тоа не беше за изненадување, бидејќи ова беше моето прво патување надвор од Советскиот Сојуз. Луѓето зборуваа англиски, јазик кој не го разбирав.

Се качив во такси на 45-минутно возење до Кампала. Имаше толку поинакви предели од она на што бев навикната што речиси ми изгледаше како да сум на друга планета! Но, мојот насмевнат таксист беше вистинско олицетворение на љубезноста и конечно го најде домот на Љубов и на нејзиниот сопруг, Џозеф. Колкаво олеснување!

Љубов ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци. Никогаш немав слушнато за нив, но Љубов беше нестрплива да ми раскаже. Одеше по мене низ куќата раскажувајќи ми сѐ што научила, почнувајќи од Битие и продолжувајќи сѐ до Откровение. Верувајте ми, многу ме нервираше!

Еден ден Сведоците кои проучуваа со Љубов дојдоа кај неа. Едната од нив се викаше Маријана. Не се обиде веднаш да ми проповеда, бидејќи тогаш и онака не разбирав многу англиски. Но нејзините топли, пријателски очи ми кажуваа дека таа е искрена, среќна личност. Ми покажа слика од рајот во брошурата „Гледај! Сѐ ново создавам“. „Погледни ја оваа жена“, ми рече таа. „Тоа си ти, а другава жена сум јас. Ние сме во рајот заедно со сите овие други луѓе. Зарем тоа не е прекрасно?“

И други Сведоци од Кампала ги посетуваа Љубов и Џозеф. Тие беа толку пријателски настроени што се сомневав дека само сакаат да остават впечаток врз мене. По неколку седмици првпат присуствував на состанок, а тоа беше прославата на Господовата вечера (Лука 22:19). Иако не разбирав што се кажуваше, повторно бев импресионирана од тоа колку пријателски настроени беа тие луѓе.

‚Прочитај ја од почеток до крај‘

Маријана ми даде Библија на руски јазик — првата Библија што некогаш сум ја имала. „Прочитај ја Библијата од почеток до крај“, ме замоли таа. „Дури и ако не разбираш сѐ, читај ја!“

Многу ме трогна подарокот на Маријана и одлучив да го послушам нејзиниот совет. ‚Па‘, си размислував, ‚од каква корист е да имам Библија ако не ја прочитам?‘

Кога се вратив во Украина, ја понесов и Библијата. Следните неколку месеци работев во Москва (Русија) и во слободното време ја читав Библијата. До следниот пат кога појдов во Уганда, имав прочитано половина. Откако се вратив во Кампала, Маријана ми покажа од Библијата дека има една прекрасна надеж за иднината. Рај! Воскресение! Повторно да ги видам мајка ми и татко ми! Сфатив дека она што го учам беше одговор на мојата молитва додека бев во Донецк (Дела 24:15; Откровение 21:3—5).

Кога ја проучувавме темата за злите духови, слушав без здив. Библијата го потврди она во што се сомневав долго време. Не постои такво нешто како што е добра или безопасна магија. Сите тие работи се преполни со опасност. Не ми требаше поголем доказ од она што се случи во моето семејство. Кога ги изгорев сите работи што му припаѓаа на Пјотр, несвесно сум постапила исправно. И раните христијани ги запалиле своите предмети поврзани со магија кога почнале да му служат на Јехова (Второзаконие 18:9—12; Дела 19:19).

Колку повеќе ја разбирав Библијата, толку посигурна бев дека ја пронајдов вистината. Прекинав со пушењето и во декември 1990 се крстив како симбол на моето предание на Јехова. Љубов се крсти само три месеци пред мене, а Џозеф во 1993.

Враќање во Донецк

Во 1991 се вратив во Донецк. Истата година Јеховините сведоци во Украина беа законски признати, што значеше дека можеме слободно да се собираме и да проповедаме. Започнувавме разговори на улица со секој кој имаше слободно време. Наскоро откривме дека дури и во една земја каде што многу луѓе се исповедуваа како атеисти, многумина беа љубопитни да дознаат нешто за Божјето Царство.

Во почетокот на 1990-тите, немаше доволно библиска литература и затоа отворивме една библиотека за изнајмување книги на улиците на Донецк. Подигнавме еден штанд на главниот градски плоштад каде што изложивме примероци од нашите книги и брошури. Наскоро пријателски настроени, љубопитни луѓе застануваа за да поставуваат прашања. Оние кои сакаа литература земаа на заем и им нудевме домашна библиска студија.

Во 1992 станав пионер, полновремен министер на Јеховините сведоци, а во септември 1993 бев повикана да се придружам на еден преведувачки тим во канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Селтерс (Германија). Во септември 1998 се префрливме во Варшава (Полска), додека чекаме да се завршат со изградба нашите нови објекти на подружницата во Лавов (Украина).

Порастот на Јеховиниот народ во Украина е зачудувачки. Во 1991, во Донецк имаше едно собрание со 110 Сведоци, но сега има 24 собранија со повеќе од 3.000 Сведоци! При една посета на Донецк во 1997, освен пријатните средби се случи и еден настан кој ме вознемири.

„Пјотр те бара“

Додека бев во Донецк, Јулија, Сведок што го познаваше нашето семејство, ме шокира кога рече: „Пјотр те бара. Сака да зборува со тебе“.

Таа вечер дома плачев и му се молев на Јехова. Што сакаше Пјотр од мене? Знаев дека одлежа неколку години затвор заради злосторството. Го мразев заради она што го стори и сметав дека не заслужува да дознае за Јеховиниот нов свет. Неколку дена се молев во врска со тоа и тогаш сфатив дека не е мое јас да одлучувам кој е достоен да добие вечен живот. Се сетив на ветувањето што Исус Христос му го дал на криминалецот кој бил прикован на столбот до него — дека ќе биде со него во рајот (Лука 23:42, 43).

Со вакви мисли, одлучив да се видам со Пјотр и да му посведочам за месијанското Царство и за Божјиот нов систем на работи. Во придружба на двајца христијански браќа, отидов на адресата што ми ја даде Јулија. Таму, првпат по смртта на мајка ми, се соочив лице в лице со Пјотр.

Владееше напната атмосфера. Му објаснив на Пјотр дека станав Јеховин сведок и дека Библијата ми помогна да сфатам зошто во овој систем сите ние мора да доживуваме проблеми, па понекогаш дури и лични трагедии. Исто така, му кажав на Пјотр колку беше страшна за нас загубата на мајка ми, а потоа и на татко ми.

Пјотр објасни дека некој глас му рекол да ја убие мајка ми и продолжи детално да ми раскажува што се случило тој ден. Додека ја слушав неговата страшна приказна, моите чувства на одвратност беа помешани со сожалување, бидејќи изгледаше нервозен, како некое гонето животно. Штом Пјотр престана да зборува, се обидов да му покажам некои од прекрасните ветувања во Библијата. Тој тврдеше дека верува во Исус, па затоа го прашав:

„Имаш ли Библија?“

„Сѐ уште не. Но, си нарачав една“, одговори тој.

„Можеби веќе знаеш дека, според Библијата, личното име на вистинскиот Бог е Јехова“ (Псалм 83:18NW).

Кога го чу ова име, Пјотр се вознемири. „Не спомнувај ми го тоа име“, рече тој. „Не можам да го поднесам.“ Нашите обиди да му кажеме на Пјотр за прекрасните Божји ветувања останаа сосема безуспешни.

Кога си заминав, една работа ми беше сосема јасна: Да не го запознаев Јехова, можеби ќе бев убиена како што беше мајка ми, можеби ќе се самоубиев како што направи татко ми или можеби ќе бев изманипулирана да правам ужасни работи како што правеше Пјотр. Колку само сум длабоко благодарна што го запознав вистинскиот Бог, Јехова!

Гледам на иднината, а не на минатото

Овие болни искуства оставија белег врз моите емоции. Дури и сега, сеќавањата понекогаш ми предизвикуваат болка и немир. Но, кога го запознав Јехова и неговите намери, започна процесот на лекување. Библиската вистина ме научи да не се сосредоточувам на минатото туку на иднината. И каква само иднина подготвил Јехова за своите слуги!

Иднината вклучува воскресение на мртвите во еден рај на земјата. Колкава ли радост ќе биде за мене да ги дочекам моите родители кога ќе се вратат во живот! Татко ми беше во право кога велеше: „Ние сме само гости на оваа планета“. А мајка ми беше во право што веруваше дека Бог навистина постои. Моја најдлабока желба е да можам да ги поучам мајка ми и татко ми за библиските вистини кога ќе воскреснат во Божјиот нов систем на работи.

[Фуснота]

^ пас. 7 Името е променето.

[Истакната мисла на страница 26]

Првпат по смртта на мајка ми се соочив лице в лице со нејзиниот убиец

[Слика на страница 25]

Во прегратка со Маријана и Хајнц Вертхолц, мисионери кои проучуваа со мене во Уганда

[Слика на страница 25]

Моето крштавање во Кампала

[Слика на страница 26]

Работам како преведувач на украински јазик во Варшава (Полска)