Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вашиот брак може да се спаси!

Вашиот брак може да се спаси!

Вашиот брак може да се спаси!

Во Библијата има изобилство практични совети кои можат да им користат на сопрузите и сопругите. Ова не изненадува, бидејќи Оној кој ја инспирирал Библијата е Основач и на брачното уредување.

БИБЛИЈАТА дава реалистична слика за бракот. Таа потврдува дека сопругот и сопругата ќе имаат „неволја“ или, како што вели преводот New English Bible, „болка и тага“ (1. Коринќаните 7:28). Сепак, Библијата исто така вели дека бракот може и треба да биде извор на радост, па дури и на восхит (Пословици 5:18, 19NW). Овие две мислења не се контрадикторни. Тие само покажуваат дека, и покрај сериозните проблеми, една двојка може да има близок однос во кој владее љубов.

Дали во Вашиот брак недостига тоа? Дали болката и разочарувањето ја засениле интимноста и радоста кои некогаш биле обележје на Вашиот однос? Дури и ако во Вашиот брак веќе со години нема љубов, она што е изгубено може да се врати. Се разбира, мора да бидете реални. Ниту еден несовршен маж и жена не можат да имаат совршен брак. Меѓутоа, можете да преземете некои чекори за да ги свртите негативните тенденции во обратен правец.

Додека го читате материјалот што следи, обидете се да препознаете кои мисли се однесуваат токму на Вашиот брак. Наместо да се сосредоточите на недостатоците што ги има брачниот другар, изберете неколку предлози кои Вие можете да ги спроведете на дело и применете го советот од Писмото. Можеби ќе откриете дека за Вашиот брак постои поголема надеж отколку што сте мислеле.

Најнапред да подискутираме за ставот, затоа што Вашето гледиште за приврзаноста и Вашите чувства кон сопружникот се од пресудна важност.

Вашето гледиште за приврзаноста

Неопходно е да гледате на долги патеки за да работите на Вашиот брак. Па, брачното уредување го воспоставил Бог за нераздвојно да сврзе двајца луѓе (Битие 2:24; Матеј 19:4, 5). Затоа, Вашата врска со сопружникот не е како работно место од кое можете да дадете отказ или како стан кој можете да го напуштите ако едноставно го прекинете договорот и се иселите. Напротив, кога сте стапиле во брак, Вие сте дале свечено ветување дека ќе останете со својот брачен другар, што и да се случи. Длабокото чувство на приврзаност е во склад со она што го навел Исус Христос пред речиси 2.000 години: „Бог што впрегнал во јарем, ниеден човек да не разделува“ (Матеј 19:6).

Некој би можел да рече: ‚Па, ние сѐ уште сме заедно. Зарем тоа не е доказ дека сме приврзани?‘ Можеби. Меѓутоа, како што е забележано на самиот почеток на оваа серија, некои двојки кои остануваат заедно се заглавени во застоени води, фатени во стапицата на брак без љубов. Ваша цел е да направите да се ужива во бракот, а не само да се издржува во него. Приврзаноста треба да одразува лојалност не само кон брачното уредување туку и кон личноста на која сте ѝ дале завет дека ќе ја сакате и цените (Ефешаните 5:33).

Она што му го велите на својот брачен другар може да открие колку е длабока Вашата приврзаност. На пример, во вжештените расправии, некои сопрузи и сопруги даваат непромислени изјави како што се: „Ќе те напуштам!“ или „Ќе најдам некој друг што ќе ме цени!“ Дури и ако ваквите коментари не се мислат сериозно, тие ја поткопуваат приврзаноста бидејќи покажуваат дека вратата секогаш е отворена и дека оној што го вели тоа секогаш е готов и спремен да си замине.

За да ја вратите љубовта во бракот, отстранете ги таквите заканувања од Вашите разговори. На крајот на краиштата, дали ќе декорирате некој стан ако знаете дека во секое време можеби ќе се иселите од него? Тогаш, зошто би очекувале од својот брачен другар да се труди околу бракот кој можеби нема да потрае? Цврсто одлучете да вложите напори искрено да работите на тоа да најдете решенија.

Тоа го направила една сопруга откако таа и нејзиниот сопруг поминале низ еден бурен период. „Колку и да не го поднесував во некои моменти, не помислував на тоа да ја прекинам нашата врска“, вели таа. „Што и да не беше во ред, ние некако ќе ги поправевме работите. А сега, по две многу тешки години, искрено можам да речам дека двајцата повторно сме многу среќни.“

Да, приврзаноста значи тимска работа — не само да се живее заедно туку и да се работи за да се постигне истата цел. Меѓутоа, можеби мислите дека сега само чувството на должност го одржува Вашиот брак да не се распадне. Ако е така, не очајувајте. Можно е љубовта повторно да се врати. Како?

Оддавајте му чест на својот сопружник

Библијата наведува: „Бракот нека биде чесен меѓу сите“ (Евреите 13:4; Римјаните 12:10). Формите на грчкиот збор кој овде е преведен со „чесен“, на други места во Библијата се преведени со „драг“, „ценет“ или „скапоцен“. Кога нешто има голема вредност во наши очи, грижливо се трудиме околу него. Можеби сте забележале дека тоа е случај со човек кој има скап нов автомобил. Тој го гланца и го одржува својот скапоцен автомобил во добра состојба. За него, дури и најмалата гребнатинка е вистинска катастрофа! Други луѓе водат слична грижа за своето здравје. Зошто? Затоа што ја ценат својата благосостојба и сакаат да ја зачуваат.

Покажете иста заштитничка грижа и кон бракот. Библијата вели дека љубовта „на сѐ се надева“ (1. Коринќаните 13:7). Наместо да се препуштите на малодушно размислување — можеби со тоа што ќе ја отпишете секоја можност дека работите ќе се подобрат, велејќи: „Никогаш не се сакавме вистински“, „Премлади стапивме во брак“ или „Не знаевме што правиме“ — зошто не се надевате на најдоброто и не работите заеднички на подобрување, стрпливо чекајќи ги резултатите? „Сум слушнала толку многу мои клиенти како велат: ‚Не можам да издржам повеќе!‘“ вели една брачна советничка. „Наместо да го анализираат својот однос за да видат на кои подрачја треба да ги подобрат работите, тие избрзано го отфрлаат целиот потфат, вклучувајќи ги и вредностите што им се заеднички, минатото кое грижливо го стекнале и секаков потенцијал за иднината“.

Што сте доживеале до сега со Вашиот брачен другар? Без оглед на проблемите во Вашата врска, сигурно можете да се сетите и на пријатни моменти, на она што сте го постигнале и на предизвиците со кои сте се соочиле како тим. Размислувајте за тие прилики и покажете дека го цените Вашиот брак и Вашиот брачен другар со тоа што искрено ќе работите на тоа да го подобрите својот однос. Библијата покажува дека Јехова Бог е искрено заинтересиран за тоа како брачните партнери постапуваат еден со друг. На пример, во времето на пророкот Малахија, Јехова ги укорил израелските сопрузи кои постапувале неверно со своите сопруги на тој начин што лекомислено се разведувале од нив (Малахија 2:13—16). Христијаните сакаат нивниот брак да му оддава чест на Јехова Бог.

Расправии — колку се сериозни?

Еден главен фактор кај браковите без љубов изгледа дека е тоа што сопругот и сопругата не можат да ги средат расправиите. Бидејќи нема двајца луѓе кои се сосема исти, во сите бракови повремено ќе доаѓа до несогласувања. Но, двојките кои постојано се расправаат можеби ќе откријат дека со текот на годините нивната љубов се оладила. Можеби дури и ќе заклучат: „Едноставно не сме добра комбинација. Секогаш се караме!“

Сепак, тоа што има расправии не мора да значи и крај на бракот. Прашањето е: Како се решаваат расправиите? Во еден успешен брак, сопругот и сопругата научиле да разговараат за своите проблеми без да станат, како што вели еден лекар, „интимни непријатели“.

„Моќта на јазикот“

Дали Вие и Вашиот сопруг знаете како да разговарате за своите проблеми? Обајцата треба да бидете спремни отворено да зборувате за нив. Навистина, ова е вештина — вештина која може да биде тешко да се научи. Зошто? Како прво, сите ние одвреме навреме ‚се спрепнуваме во збор‘ затоа што сме несовршени (Јаков 3:2). Второ, некои израснале во домови каде што родителот постојано го излевал својот гнев. Уште од рана возраст тие, на некој начин, биле воспитани да веруваат дека неконтролираниот гнев и навредливиот говор се нешто нормално. Момчето кое растело во таква средина може кога ќе порасне да стане ‚гневлив човек‘, кој е ‚избувлив‘ (Пословици 29:22). На сличен начин, и девојката со такво воспитување може да стане „жена со остар јазик и лута“ (Пословици 21:19, The Bible in Basic English). Може да биде тешко да се искоренат длабоко вкоренетите обрасци на размислување и постапување со другите. *

Според тоа, решавањето на расправиите вклучува да се научат нови начини на изразување на своите мисли. Ова не е безначајна работа бидејќи една библиска пословица гласи: „Смртта и животот се во власта [моќта, NW] на јазикот“ (Пословици 18:21). Да, колку и да звучи едноставно, начинот на кој разговарате со својот сопружник може да го уништи или да го обнови Вашиот однос. „Невнимателниот зборува како да прободува со меч“, вели една друга библиска изрека, „а јазикот на мудрите е исцелување“ (Пословици 12:18).

Дури и ако Вашиот брачен другар е главниот виновник во овој поглед, размислете за она што Вие го велите во некое несогласување. Дали Вашите зборови повредуваат или лекуваат? Дали предизвикуваат гнев или го смируваат гневот? „Грубиот збор го зголемува гневот“, вели Библијата. За разлика од тоа, „благиот одговор ја ублажува јароста“ (Пословици 15:1). Зборовите кои нанесуваат болка — дури и кога ќе се изговорат смирено — само ја распалуваат ситуацијата.

Се разбира, ако Ве вознемирува нешто, имате право отворено да зборувате за тоа (Битие 21:9—12). Но, тоа можете да го направите без да се служите со сарказам, навреди и понижувања. Поставете си строги граници — некои работи кои ќе одлучите да не му ги велите на својот брачен другар, како што се „Те мразам“ или „Колку би сакал/а никогаш да не се оженев/омажев за тебе“. Иако христијанскиот апостол Павле не зборувал конкретно за бракот, мудро е да избегнуваме да се впуштаме во она што тој го нарекол „дебати околу зборови“ и „жолчни препирки околу ситници“ * (1. Тимотеј 6:4, 5). Ако Вашиот сопружник се служи со такви методи, Вие не мора да реагирате на ист начин. Колку што зависи од Вас, стремете се кон мир (Римјаните 12:17, 18; Филипјаните 2:14).

Како што е познато, кога ќе се распали гневот, тешко е да се контролира говорот. „Јазикот е оган“, вели библискиот писател Јаков. „Никој од човечкиот род не може да го скроти. Тој е непокорлива штетна работа, полна со смртоносен отров“ (Јаков 3:6, 8). Тогаш, што можете да направите кога ќе почне да навира гневот? Како можете да зборувате со својот брачен другар на начин кој ќе ја смири расправијата наместо да ѝ додаде оган?

Да се смират бурни караници

Некои откриле дека е полесно да се забави гневот и да се решат спорните прашања кои стојат зад него ако стават нагласок на своите чувства наместо на постапките на брачниот другар. На пример, многу поефикасно е да се рече „Повреден сум заради тоа што го рече“ отколку „Ти ме повреди“ или „Треба да знаеш нешто повеќе, а не само да зборуваш така“. Се разбира, кога ги изразувате своите чувства, во тонот на гласот не треба да има призвук на горчина или презир. Целта треба да биде да се истакне проблемот а не да се нападне личноста (Битие 27:46—28:1).

Освен тоа, секогаш имајте на ум дека има „време за молчење и време за зборување“ (Проповедник 3:7). Кога двајца луѓе зборуваат истовремено, ниту едниот од нив не слуша и ништо не се постигнува. Така, кога Вам Ви е редот да слушате, бидете „брз на слушање, бавен на зборување“. Подеднакво е важно да бидете и „бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Не сфаќајте го буквално секој остар збор што ќе го изговори Вашиот брачен другар и не „брзај во својот дух да се навредиш“ (Проповедник 7:9NW). Наместо тоа, обидете се да ги сфатите чувствата кои стојат зад зборовите на Вашиот сопружник. „Увидот на човекот сигурно ја забавува неговата лутина“, вели Библијата, „и убавина за него е да премине преку престапот“ (Пословици 19:11NW). Увидот може да им помогне на сопругот или на сопругата да гледаат под површината на некое несогласување.

На пример, кога сопругата се жали дека сопругот не ѝ посветува доволно време, веројатно не станува збор само за часови и минути. Можеби тоа повеќе има врска со нејзините чувства дека е запоставена и неценета. На сличен начин, поплаката на сопругот во врска со тоа што неговата сопруга импулсивно купува некои работи веројатно не е само заради парите. Повеќе е во прашање неговото чувство дека е изоставен од донесувањето одлука. Сопругот или сопругата кои имаат увид, ќе продрат под површината и ќе дојдат до сржта на проблемот (Пословици 16:23NW).

Полесно е да се рече отколку да се направи? Апсолутно! Понекогаш, и покрај сите напори, можеби ќе се кажат нељубезни зборови и ќе пламне гневот. Кога ќе осетите дека тоа почнува да се случува, можеби ќе треба да го следите советот од Пословици 17:14: „Пред да избувне караница оддалечи се“. Нема ништо лошо во тоа да се одложи дискусијата сѐ додека не се смират чувствата. Ако е тешко да се разговара без да излезат работите од контрола, можеби ќе биде препорачливо некој зрел пријател да седне заедно со вас двајцата и да ви помогне да ги средите несогласувањата. *

Задржете реалистично гледиште

Не обесхрабрувајте се ако Вашиот брак не е она што сте си замислувале во текот на додворувањето. Еден тим од стручњаци вели: „За повеќето луѓе бракот не е бескрајно блаженство. Понекогаш е прекрасно, а понекогаш е многу тешко“.

Да, бракот можеби нема да биде романса од приказните, но не мора да биде ни трагедија. Иако има моменти кога Вие и Вашиот сопружник едноставно ќе мора да се поднесувате еден со друг, ќе има и такви моменти кога ќе ги тргнете настрана несогласувањата и ќе уживате додека сте заедно, додека се забавувате и додека разговарате како пријатели (Ефешаните 4:2; Колошаните 3:13). Можеби во тие прилики ќе можете повторно да ја разгорите љубовта која исчезнала.

Запомнете, двајца несовршени луѓе не можат да имаат совршен брак. Но, можат да бидат барем донекаде среќни. Всушност, и покрај тешкотиите, односот помеѓу Вас и Вашиот сопружник може да биде извор на бескрајно задоволство. Едно е сигурно: Ако и Вие и Вашиот брачен другар вложувате напори и сте спремни да бидете флексибилни и да се грижите за доброто на другиот, има добра причина да верувате дека Вашиот брак може да се спаси (1. Коринќаните 10:24).

[Фусноти]

^ пас. 22 Влијанието од родителите не е изговор за острите зборови упатени на брачниот другар. Меѓутоа, тоа може да помогне да се објасни како е можно една таква склоност да стане длабоко всадена и зошто е тешко да се искорени.

^ пас. 25 Оригиналниот грчки збор кој е преведен со „жолчни препирки околу ситници“ може да се преведе и како „меѓусебни раздразнувања“.

^ пас. 31 Јеховините сведоци ја имаат на располагање помошта на собраниските старешини. Иако не е нивна работа да се мешаат во личните работи на брачните двојки, старешините можат да бидат освежувачка помош за двојките кои имаат проблеми (Јаков 5:14, 15).

[Истакната мисла на страница 12]

Дали Вашите зборови повредуваат или лекуваат?

[Рамка/слики на страница 10]

НЕЖНО ДОФРЛЕТЕ ЈА ТОПКАТА

Библијата наведува: „Вашиот збор секогаш нека биде љубезен, зачинет со сол, за да знаете како треба секому да одговорите“ (Колошаните 4:6). Ова сигурно важи и за бракот! Да илустрираме: Кога играте со топка, ја подавате топката за да може лесно да се фати. Не ја фрлате толку силно што ќе го повредите својот соиграч. Истото начело применете го и кога разговарате со својот сопружник. Дофрлањето остри забелешки ќе нанесе само штета. Наместо тоа, зборувајте нежно — со љубезност — за да може Вашиот брачен другар да сфати што сакате да кажете.

[Рамка/слика на страница 11]

БУДЕТЕ СПОМЕНИ!

Читајте ги писмата и разгледниците од минатото. Гледајте ги фотографиите. Запрашајте се: ‚Што ме привлече кон мојот партнер? Кои негови особини најмногу ме восхитуваа? Кои работи ги правевме заедно? На што се смеевме?‘ Потоа разговарајте за тие спомени со Вашиот сопружник. Разговорот започнат со зборовите: „Се сеќаваш ли кога . . ?“ може да Ви помогне Вам и на Вашиот сопружник повторно да ги разбудите чувствата што сте ги имале некогаш.

[Рамка на страница 12]

НОВ ПАРТНЕР, ИСТИТЕ ПРОБЛЕМИ

Некои сопружници кои сметаат дека се фатени во стапицата на брак без љубов, паѓаат во искушение да започнат одново со нов партнер. Но, Библијата ја осудува прељубата, наведувајќи дека оној кој го прави овој грев е „неразумен [безумен глупак, New English Bible]“ и „својата душа ја губи“ (Пословици 6:32). И конечно, непокајничкиот прељубник ја губи Божјата наклоност — а тоа е најлошата можна загуба (Евреите 13:4).

Крајната безумност на прељубата се гледа и во други работи. Како прво, прељубникот кој зема нов сопружник веројатно ќе се соочи со истите проблеми кои го мачеле и во првиот брак. Д-р Дајан Медвед изнесува уште еден фактор што треба да се разгледа: „Првото нешто што Вашиот нов сопружник го дознал за Вас“, вели таа, „било тоа дека сте спремен да бидете неверен. Тој или таа знае дека можете да го измамите оној кому сте му ветиле дека ќе го почитувате. Дознал дека сте полни со изговори. Дека може да попуштите во својата приврзаност. Дека сетилното задоволство или задоволувањето на егото се мамка на која ќе се фатите . . . Како може ‚сопружникот број два‘ да знае дека нема повторно да бидете заведени?“

[Рамка на страница 14]

МУДРОСТ ОД БИБЛИСКИТЕ ПОСЛОВИЦИ

Пословици 10:19: „Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е“.

Кога сте вознемирени, можеби ќе кажете повеќе отколку што мислите — и подоцна ќе зажалите заради тоа.

Пословици 15:18: „Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата“.

Зајадливите обвинувања веројатно ќе го натераат Вашиот сопружник да се брани, но стрпливото слушање ќе Ви помогне на двајцата да најдете решение.

Пословици 17:27: „Разумниот се воздржува во своите зборови, а трпеливиот човек е благоразумен“.

Кога ќе почувствувате дека почнува да Ви навира гнев, најдобро е да молчите за да избегнете жесток судир.

Пословици 29:11: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а мудриот го воздржува“.

Самосовладувањето е многу битно. Жестокиот излив на остри зборови само ќе Ве отуѓи од сопружникот.