Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вашиот избор на лекување — дали е важен?

Вашиот избор на лекување — дали е важен?

Гледиште на Библијата

Вашиот избор на лекување — дали е важен?

БОЛЕСТИТЕ и повредите се нешто сосема вообичаено за луѓето. Кога се соочуваат со овие непријатели на здравјето, многумина бараат спас во лекувањето. Исус Христос ја признал потенцијалната корист од таквите напори, потврдувајќи дека „на оние кои се здрави не им треба лекар, туку на оние кои се болни“ (Лука 5:31):

Лука, библискиот писател кој ги запишал овие зборови, и самиот бил лекар (Колошаните 4:14). Можеби на нивните заеднички патувања, на апостол Павле му користело лекарското искуство на Лука. Но, дали Писмото дава упатства во врска со тоа какви облици медицинска нега се прифатливи за христијаните? Дали е важен Вашиот избор на лекување?

Упатства од Писмото

Библијата може да води некого во донесувањето мудри одлуки во врска со лекувањето. На пример, Второзаконие 18:10—12 јасно покажува дека практиките како што се гатањето и магијата ‚му се гадат‘ на Јехова. ‚Вршењето спиритизам‘, против кое опоменал Павле, ги вклучува овие забранети постапки (Галатите 5:19—21). Затоа, вистинските христијани избегнуваат секакви дијагностички или терапевтски постапки кои имаат очигледна врска со спиритизмот.

Библијата открива и тоа дека Творецот има високо ценење за светоста на животот и крвта (Битие 9:3, 4). Одлучни да внимаваат на наредбата ‚да се воздржуваат од крв‘, Јеховините сведоци имаат приговор на медицинските постапки со кои се прекршува библиската заповед да се воздржуваат од крв (Дела 15:28, 29). Ова не значи дека ги отфрлаат сите видови лекување. Наместо тоа, ја бараат најдобрата можна нега за себе и за своите деца. Меѓутоа, тие апелираат до здравствените лица да им обезбедат лекување кое е во склад со нивните религиозни уверувања.

Внимавајте на своите чекори

Цар Соломон предупредил дека „глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“ (Пословици 14:15). Дури и кога некоја медицинска одлука не е во директен судир со библиските начела, човек треба ‚да внимава на својот чекор‘. Не се корисни сите облици на лекување. Кога Исус рекол дека ‚на оние кои се болни им треба лекар‘, тој не ги одобрил сите лекувања кои постоеле во негово време. Знаел дека некои медицински постапки се исправни, а други се неисправни. *

И денес, некои лекувања се бескорисни, па дури и измамнички. Лошото просудување би можело да изложи некого на непотребни ризици. Исто така, треба да се признае дека лекувањето кое е корисно за едно лице би можело да биде неефикасно — па дури и штетно — за друго лице. Кога стои пред некоја одлука за медицински прашања, паметниот човек внимателно ќе ги одмери своите опции наместо да „верува на секој збор“, дури и кога добива совет од добронамерни пријатели. Тој ќе покаже дека има „здрави мисли“ со тоа што ќе побара веродостојни информации за да биде во положба да направи информиран избор (Тит 2:12).

Бидете реалистични и разумни

Исправно е да се биде заинтересиран за својата здравствена состојба. Посветувањето урамнотежено внимание на физичката благосостојба покажува ценење за дарот на живот и за неговиот божествен Извор (Псалм 36:9). Иако настојуваат да добијат соодветно лекување, христијаните сакаат да бидат урамнотежени кога е во прашање здравјето. На пример, ако некој што е релативно здрав опсесивно се преокупира со здравјето и физичката кондиција, тоа би можело да го наведе да ги изгуби од вид „поважните работи“ (Филипјаните 1:10; 2:3, 4).

Една очајнички болна жена од Исусово време ги „потрошила сите свои средства“ барајќи помош од лекарите да ја излекуваат нејзината хронична болест. Со каков резултат? Наместо да биде излекувана, нејзината состојба се влошила и заради тоа мора да била многу исфрустрирана (Марко 5:25, 26). Таа сторила сѐ што било во нејзина моќ за да ѝ биде подобро, но ништо не успеало. Нејзиното искуство ги истакнува ограничувањата на медицината во нејзино време. Дури и денес, и покрај напредокот во медицинските истражувања и технологија, многу луѓе се наоѓаат во слична ситуација. Затоа, важно е да се има реалистично гледиште за она што може да го постигне медицината. Во сегашно време совршеното здравје е недостижно. Христијаните сфаќаат дека времето кога Бог ќе ги ‚лекува нациите‘ сѐ уште лежи во иднина (Откровение 22:1, 2). Затоа, мора да стекнеме урамнотежено гледиште за лекувањето (Филипјаните 4:5).

Јасно е дека е важно каков избор ќе направиме. Затоа, кога се соочуваме со одлуки во врска со лекувањето, нашиот избор треба да одразува не само желба за добро здравје туку и желба да задржиме добар однос со Бог. Додека го правиме тоа, можеме да продолжиме со доверба да гледаме на исполнувањето на Јеховиното ветување дека во славниот нов свет кој доаѓа, „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24).

[Фуснота]

^ пас. 9 На пример, во медицинската енциклопедија на Диоскорид од првиот век, наводен лек за жолтица бил да се пие еден напиток кој се состоел од вино и лепешки од коза! Се разбира, денес се знае дека ваквиот рецепт поверојатно би ги зголемил неволјите на болниот.

[Слика на страница 30]

„Лекарот“, 1891, од Сер Лук Филдс

[Извор на слика]

Tate Gallery, London/Art Resource, NY