Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Веслање до смрт

Веслање до смрт

Веслање до смрт

Од дописникот на Разбудете се! во Франција

МОЖЕМЕ само да си ја замислиме глетката. Толпите народ гледаат без да трепнат додека галијата на францускиот крал, која штотуку беше пуштена во пловидба, заминува од медитеранското пристаниште Марсеј. Таа е еден од најубавите бродови кои некогаш пловеле по морињата. Богати резбарии и раскошни златни и бисерни украси ја разубавуваат крмата. Најубави везени ткаенини го зголемуваат кралскиот сјај на палубата. Додека утринските зраци ја облеваат оваа барокна екстраваганција, некои гордо размислуваат за репутацијата на кралот Луј XIV како „Кралот сонце“.

Во 17 век, галиите имале само ограничена воена употреба, но кралот Луј XIV одлучил да го зголеми бројот на своите бродови на 40 — најголемата флота галии на Медитеранот. Стручњаците проценуваат дека 20 галии биле сосема доволни за неговите потреби. Каква била целта на една толку голема флота?

Кралскиот советник, Жан Батист Колбер објаснил: „Не постои сила која подобро ја одбележува големината на еден принц и која повеќе го прославува меѓу туѓинците отколку што се галиите“. Навистина, првенствената причина за галиите на Луј бил престижот. Сепак, која била цената на тој престиж?

Размислете за човечкото страдање. Под бродската палуба — долга помалку од 45 метри и широка 9 метри — биле напикани 450 веслачи. Тие со месеци живееле и работеле во овој тесен простор. Кожата им била полна со чиреви од солениот морски воздух, а телата им биле избраздени со лузни од честото тепање. Половина умреле во она што француските историчари го нарекуваат „најголемо уништување на луѓе“ во Франција.

Всушност, она што значело помпа и слава за малкумина, значело беда и смрт за многумина. Но, каде ги нашол царот илјадниците веслачи со кои биле опремени неговите 40 бродови?

Наоѓање веслачи

Во средниот век, веслачите на галиите — односно галеотите, како што биле нарекувани — биле слободни луѓе, а веслањето се сметало за чесна професија. Меѓутоа, во 17 век работите се промениле. Некои веслачи, наречени Турци, биле купени од Отоманското царство. Повеќето биле муслимани, иако некои од нив биле и православни. Се користеле и воени заробеници.

„Меѓу најодвратните и најбесчувствителни потфати кои биле преземени за да се ‚зајакне‘ екипажот несомнено било испраќањето војници Ирокези на галиите на Кралот сонце“, забележуваат француските историчари. Запленувањето Индијанци се покажало како грешка. Во 1689 морале да бидат вратени дома откако Ирокезите им се заканиле на првите француски доселеници.

Меѓутоа, за амбициозните планови на Луј биле потребни уште веслачи. Колбер нашол решение. Ги известил судиите за царевата желба да се „осудат колку што е можно повеќе криминалци, па дури и смртната казна да се замени со казна испраќање на галиите“. Не било ништо ново да се користат криминалци на овој начин. И во војните со Италија, околу два века пред тоа, се користеле осуденици како робови на галиите. Меѓутоа, бројот на луѓе кои биле испратени на галиите за време на владеењето на Луј XIV и на неговиот правнук Луј XV бил без преседан. Од 1680 до 1748 година, околу 60.000 луѓе биле осудени на веслање. Кои биле овие робови на галиите?

Кои биле веслачите?

Половина од оние кои биле испратени на галиите биле обични криминалци. Меѓу нив имало од убијци до ситни крадци. Вака биле казнувани и криумчарите, кои понекогаш сочинувале голем број од оние кои служеле како веслачи.

Освен тоа, и оние кои биле на маргините на општеството биле присилувани да веслаат на галиите. Во 1666, марсејскиот офицер кој бил задолжен за нив, напишал: „Би сакал да се донесе одлука да се земат мрзливите, пилгримите. . . Ромите и другите скитници и со нив да се наполнат цели галии . . . Со тоа светот би се исчистил од тешка гнасотија“. И така, под изговор дека се одржува јавниот ред, биле собрани Ромите и сиромашните. А во 1660, дури и полските пилгрими кои пошле во едно француско светилиште биле сосила одведени!

Друг извор на работна сила биле воените дезертери кои, откако биле фатени, ги казнувале со доживотна робија на галиите. На бегалците им ги сечеле носот и ушите, на образот им ставале карактеристичен жиг и им ги бричеле главите. Во текот на многубројните војни на Луј XIV кои се воделе од 1685 до 1715, на галиите биле испратени околу 17.000 дезертери. Што ги очекувало овие луѓе?

Нивното страдање

Агонијата на веслачите на галиите почнувала уште пред да стигнат до морето. Најпрво останувале во привремени затвори цели шест месеци, а потоа ги врзувале во синџири заедно со стотици други луѓе и ги носеле во Марсеј. За некои, како што биле оние кои биле испратени од Бретања или од Париз, овој присилен марш претставувал кошмар од 800 километри и траел подолго од еден месец. Еден човек кој живеел во тоа време го нарекол „најголемата казна за осудениците“. Многумина умирале по патот.

Меѓутоа, тие не умирале само заради долгото патување или скудните оброци. Чуварите сурово ги малтретирале затворениците. Тепањето и лишувањето од храна и спиење зеле голем данок. Освен тоа, оние на кои наидувале по патот не покажувале големо сочувство кон луѓето кои редовно минувале низ француските предели. Кога еден од затворениците преколнувал за вода, се вели дека локалните жени му одговориле: „Оди, оди! Таму каде што ќе стигнеш, ќе имаш вода во изобилство!“

Половината не преживеале

Голем број од осудениците никогаш не виделе море, а камоли галии. Затоа, пристигнувањето во пристаништето Марсеј претставувало ненадејно освестување. Затворениците ги напикувале во една празна галија и ги проверувале, како што напишал еден од нив, како „крави купени на пазар“. Се запишувале личните детали, а затворениците станале само броеви во галискиот систем. „Влегувањето во светот на веслачите на галиите несомнено предизвикало голема збрка и претставувало огромен психолошки и физички шок“, забележува еден историчар. Меѓутоа, ги очекувало уште полошо постапување.

Во простории со димензии од 2,30 метри на 1,25 метри, пет луѓе живееле и веслале непрекинато со месеци врзани со синџири за нивните клупи. Секој веслач имал простор за седење од само 45 сантиметри. Толку било тесно што луѓето не можеле дури ни да ги свиткаат лактите додека ги туркале веслата. Секое весло било долго најмалку 12 метри и тешко повеќе од 130 килограми. Долгочасовното веслање без прекин било исцрпувачка работа која ги кинела мускулите на веслачите и им ја намалувала силата и издржливоста. Тоа можело „да се спореди со најтешките задачи што се извршувале онаму каде што владеела тропска клима“, објаснува еден историчар.

Галиите имале ниско лежиште и веслачите биле само околу еден метар над водата. Заради тоа постојано биле мокри, честопати веслале додека стапалата им биле во вода и кожата им била разјадена од солениот воздух. Добивале оскудна храна. „Осудениците правеле сѐ за да преживеат“, забележува еден историчар. Бегството речиси не доаѓало предвид. Наградата што била распишана за главата на тој што ќе избега ги мотивирала локалните селани да се придружат во потерата по секој оној кој ќе се обидел да избега. Успевал само 1 на 100.

Ретко се почитувале казните. Затоа, некој веслач кој бил осуден на неколку години, можел сѐ уште да биде покрај веслото дури и по 25 години. Околу една третина од луѓето умирале во првите три години. Сѐ на сѐ, половина веслачи не преживувале. Веслачите кои се вратиле на копно умирале подеднакво како и веслачите на море. Во текот на зимата 1709/10, една третина од нив умреле од глад или од лошите временски услови. Трагично е тоа што некои биле испратени на галиите само заради својата религија.

Осудени заради нивната вера

Во 1685, кралот Луј XIV го отповикал Нантскиот едикт и во Франција бил забранет протестантизмот. * Околу 1.500 протестанти биле испратени на галиите заради тоа што одбиле да се преобратат на католицизам или, пак, се обиделе да избегаат од земјата. Обид „да се казнат еретиците“ на овој начин е направен уште во 1545, кога по наредба на кралот Франсис I само за една седмица биле испратени на галиите 600 Валдензи *. Кога владеел Луј XIV, таканаречениот христијански крал, прогонството добило нови димензии.

Зошто протестантите биле испраќани на галиите? Еден царски службеник укажал на причината: „Нема друг начин да се преобратат еретиците освен со сила“. Еден историчар додава: „Царот се надевал дека, штом ќе го осетат ‚воздухот на галиите‘, повеќето осудени протестанти ќе ја напуштат религијата за која направиле толку многу жртви“. Меѓутоа, повеќето одбивале да се откажат од својата вера и да бидат пуштени на слобода. Заради тоа, честопати биле подложувани на јавни тепања подбуцнати од католичките бродски капелани. Некои умреле; други носеле лузни до крајот на животот.

И покрај ваквото сурово насилство, протестантите активно им ја пренесувале својата вера на другите луѓе. Како резултат на тоа, некои, вклучувајќи и најмалку еден католички капелан, станале протестанти. Оние кои се сметале за најопасни, образованите протестанти, биле земани од бродовите и фрлани во зандани да умрат. Меѓутоа, ова не ги спречило протестантските веслачи на галиите да си помагаат еден на друг, дури и дотаму што организирале часови за описменување на оние кои не знаеле да читаат.

Осудените секогаш имале на ум зошто се прогонувани. „Колку повеќе страдам, толку повеќе ја сакам вистината заради која страдам“, напишал протестантот Пјер Сер. Многу земји биле шокирани кога чуле за религиозното прогонство во Франција. Во 1713, англиската царица Ана успешно издејствувала да се ослободат многумина од оние кои биле осудени. Иронично, протестантите на кои претходно им било забрането да ја напуштат Франција, сега биле протерани.

Крај на галиите

Со текот на времето, галиите паднале во заборав како жртви на новите збиднувања во поморството и заради недостигот на финансиски средства. Како резултат на финансиските проблеми на кралот Луј XIV се намалил бројот на галиите. До 1720 останале само 15 бродови, а нивната активност била значително намалена. Најголем дел од времето, веслачите на галиите останале во Марсеј, каде што станале дел од стопанството во тој град, работејќи во блиските фабрики за сапун или продавајќи облека што самите ја изработиле. Конечно, во 1748 бил донесен закон со кој на галиите им дошол крајот.

Галиите сѐ уште ја мачат совеста на Французите. Кога ќе се најдат во неволја, Французите честопати извикнуваат: „Quelle galère!“, што буквално значи „Каква галија!“ Голем дел од она што го знаеме за галиите им го должиме на личните извештаи на протестантските веслачи. И покрај отворената религиозна дискриминација, тие формирале една организација на заемна помош и морална поддршка. Истрајноста и надежта биле важни за нивното преживување, а компромис не доаѓал предвид.

Интересно, дури и кога ќе се земе предвид религиозната нетолеранција од тоа време, историчарите изразуваат зачуденост заради тоа што судиите биле спремни да „воведат, без око да им трепне, закони кои им даваат еднаков статус на чесните, лојални поданици и на најголемите криминалци“.

Всушност, споменот на робовите на галиите останува како силно сведоштво за страшните неправди што луѓето им ги нанесувале на другите луѓе. Да, „човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). За среќа, близу е времето кога Божјиот наименуван Владетел, Исус Христос, „ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник“ (Псалм 72:12—14).

[Фусноти]

^ пас. 25 Видете Стражарска кула од 15 август 1998, страници 25—29.

^ пас. 25 Видете го англиското издание на Стражарска кула од 1 август 1981, страници 12—15.

[Слика на страница 17]

Тие веслале под бедни услови

[Извор на слика]

© Musèe de la Marine, Paris

[Слика на страница 19]

Натписот на француски јазик кој стои над сликата гласи: „Сигурни и чесни начини за да се вратат еретиците во католичката вера“. Сликата е од 1686 година

[Извор на слика на страница 16]

Страници 2, 16 и 19: © Clichè Bibliothèque nationale de France, Paris