Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто љубовта исчезнува?

Зошто љубовта исчезнува?

Зошто љубовта исчезнува?

„Изгледа дека е многу полесно да се вљубиш отколку да останеш вљубен“ (Д-Р КАРЕН КАЈЗЕР).

МОЖЕБИ не изненадува тоа што има сѐ повеќе бракови без љубов. Бракот е сложен меѓучовечки однос и многумина влегуваат во него со мала подготовка. „Од нас се бара да покажеме извесно знаење за да добиеме возачка дозвола“, забележува д-р Дин С. Едел, „но дозвола за брак може да се добие само со еден потпис.“

Затоа, иако многу бракови се успешни и навистина се среќни, во многу други бракови владеат напнати односи. Можеби едниот или двата сопружника влегле во брак со големи очекувања, но ги немаат вештините кои се неопходни за да се одржува долготрајна врска. „Кога луѓето првпат ќе се зближат“, објаснува д-р Хари Рајс, „тие чувствуваат огромна меѓусебна доверба.“ Чувствуваат како нивниот партнер да е „единствената личност на земјата кој ги гледа работите на ист начин. Понекогаш ова чувство исчезнува, а кога ќе дојде до тоа, бракот може да настрада“.

За среќа, многу бракови не доаѓаат до таа точка. Но, ајде накратко да разгледаме неколку фактори кои во некои случаи биле причина за да исчезне љубовта.

Разочарување — „Ова не е тоа што го очекував“

„Кога се омажив за Џим“, вели Роуз, „мислев дека ќе бидеме локална верзија на заспаната убавица и убавиот принц на бел коњ — вистинска романтика, нежност и обѕирност еден кон друг.“ Сепак, по некое време, „принцот“ на Роуз повеќе не бил толку убав. „На крајот бев ужасно разочарана од него“, вели таа.

Многу филмови, книги и популарни песни даваат нереална слика за љубовта. Додека трае додворувањето, еден маж и една жена можеби мислат дека им се остварува некој сон; но, по неколку години брак доаѓаат до заклучок дека мора да сонувале! Ако нешто не е толку убаво како во романтичната приказна од некоја книга, дури и еден добар брак може да изгледа како чисто промашување.

Се разбира, некои очекувања од бракот се сосема на место. На пример, исправно е да се очекува љубов, внимание и поддршка од брачниот другар. Сепак, дури и овие желби можат да останат неостварени. „Речиси имам чувство како да не сум во брак“, вели Мина, млада невеста од Индија. „Се чувствувам осамена и запоставена.“

Неусогласеност — „Немаме ништо заедничко“

„Мојот сопруг и јас се разликуваме за 180 степени речиси во сѐ “, вели една жена. „Не поминува ниту еден ден а горко да не зажалам што се омажив за него. Воопшто не си одговараме“.

Обично не треба многу време за една брачна двојка да открие дека не се толку слични како што им се чинело во текот на додворувањето. „Бракот честопати ги обелоденува особините кои партнерите успевале да ги кријат еден од друг додека сѐ уште биле самци“, пишува д-р Нина С. Филдс.

Како последица од тоа, откако ќе стапат во брак, некои двојки доаѓаат до заклучок дека воопшто не си одговараат. „Освен некои сличности во вкусот и личноста, повеќето луѓе влегуваат во брак со големи разлики во стилот, навиките и ставовите“, вели д-р Арон Т. Бек. Многу двојки не знаат како да ги ускладат тие разлики.

Расправии — „Секогаш се караме“

„Чудно беше колку се расправавме — дури и викавме, а што е уште полошо, со денови не зборувавме вриејќи од бес“, вели Синди кога се сеќава на првите денови од нејзиниот брак.

Во бракот, несогласувањата се нешто неизбежно. Но, како се решаваат? „Во еден добар брак“, пишува д-р Даниел Голмен, „сопругот и сопругата се чувствуваат слободни отворено да ги кажат своите поплаки. Но, премногу често, во најголемиот бес поплаките се кажуваат на деструктивен начин, како напад на карактерот на сопружникот“.

Кога ќе се случи ова, разговорот претставува бојно поле каде што гледиштата се одбрануваат со непопустлива одлучност, а зборовите се оружје наместо средство за комуникација. Еден тим од стручњаци вели: „Една од најдеструктивните работи кај караниците кои излегуваат од контрола е тоа што партнерите кажуваат работи кои ја загрозуваат ‚животната крв‘ на нивниот брак“.

Рамнодушност — „Се откажавме“

„Се откажав од обидите да го направам успешен нашиот брак“, признала една жена по пет години брак. „Сега знам дека никогаш нема да успее. Затоа ме интересираат само децата.“

Се вели дека вистинска спротивност на љубовта не е омразата туку рамнодушноста. Навистина, незаинтересираноста може да биде исто толку погубна за бракот како и непријателството.

Но, за жал, некои сопружници толку се навикнуваат на бракот без љубов што се откажуваат од секаква надеж дека нешто ќе се промени. На пример, еден сопруг рекол дека неговите 23 години брак биле како некое „работно место кое не го сакал“. Тој додал: „Постапуваш најдобро што можеш во дадената ситуација“. На сличен начин, и една сопруга по име Венди се откажала од надежта дека ќе има подобри односи со својот сопруг откако поминале седум години. „Толку пати се обидов“, вели таа, „а тој секогаш ме разочаруваше. На крајот западнав во депресија. Не сакам повторно да поминам низ сето тоа. Ако повторно почнам да се надевам, само ќе бидам повредена. Подобро да не очекувам ништо — нема да уживам во работите, но барем нема да бидам во депресија.“

Разочарувањето, неусогласеноста, расправиите и рамнодушноста се само некои фактори кои можат да придонесат за еден брак без љубов. Очигледно има и други фактори — а некои од нив се наведени во рамката на страница 5. Без оглед на тоа која е причината, постои ли надеж за сопружниците кои изгледа дека се фатени во стапицата на брак без љубов?

[Рамка/слика на страница 5]

БРАКОВИ БЕЗ ЉУБОВ — НЕКОИ ДРУГИ ФАКТОРИ

Пари: „Човек може да помисли дека планирањето на буџетот ќе помогне да се обедини двојката заради тоа што треба да соработуваат, да ги здружат своите парични средства за да го набават она што им е основно за живот и да уживаат во плодовите на својот труд. Но, на ова поле, она што може да ја обедини двојката во еден заеднички потфат, служи и за да ја раздвои“ (д-р Арон Т. Бек).

Родителство: „Откривме дека кај 67 проценти од двојките значително опаѓа задоволството во бракот откако ќе им се роди првото дете и осумпати почесто доаѓа до расправии. Делумно ова е заради тоа што родителите се уморни и немаат многу време за себе“ (д-р Џон Готман).

Измама: „Неверството обично вклучува измама, а измамата, кратко и јасно, е изигрување на довербата. Бидејќи е утврдено дека довербата е суштинска компонента во сите успешни долгогодишни бракови, зарем е чудно тоа што измамата може да ја уништи брачната врска?“ (д-р Нина С. Филдс).

Секс: „До времето кога луѓето ќе поднесат молба за развод, лишувањето од секс кое траело со години е вообичаено во шокантен степен. Во некои случаи, полните односи никогаш не биле воспоставени, а кај други сексот бил механичка работа, само вентил за да се задоволат физичките потреби на партнерот“ (Џудит С. Валерштајн, клинички психолог).

[Рамка/слика на страница 6]

КАКО ВЛИЈАЕ ВРЗ ДЕЦАТА?

Може ли квалитетот на Вашиот брак да влијае и врз децата? Според д-р Џон Готман, кој веќе 20 години врши истражувања со брачни двојки, одговорот е „да“. „Во две десетгодишни студии“, вели тој, „откривме дека бебињата на родителите кои се несреќни имаат забрзан пулс кога си играат и не можат лесно да се смират. Со текот на времето, брачните расправии водат до послаб успех на училиште, без оглед на коефициентот на интелигенција на децата.“ За разлика од нив, вели д-р Готман, децата на добро ускладените брачни двојки „се поуспешни и на училиште и во друштвото затоа што нивните родители им покажале како да се однесуваат со почит во односот со другите луѓе и како да излезат на крај со емоционалната вознемиреност“.