Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Има ли причина за надеж?

Има ли причина за надеж?

Има ли причина за надеж?

„Еден проблем кај несреќните бракови е цврстата увереност дека работите не можат да се подобрат. Ваквото уверување спречува промени бидејќи ја одзема мотивацијата да се прават конструктивни обиди“ (Д-Р АРОН Т. БЕК).

ЗАМИСЛЕТЕ дека Ве боли нешто и одите на лекарски преглед. Загрижени сте — и тоа е сосема разбирливо. Во прашање е Вашето здравје — па дури и Вашиот живот, зарем не? Но, да претпоставиме дека, по прегледот, лекарот Ви кажува добра вест дека, иако Вашиот проблем воопшто не е безначаен, тој може да се излекува. Всушност, лекарот Ви вели дека, ако внимателно се придржувате за една разумна програма на исхрана и вежбање, може да очекувате сосема да закрепнете. Несомнено ќе почувствувате големо олеснување и радосно ќе го послушате неговиот совет!

Споредете го ова сценарио со темата за која зборуваме. Дали нешто „боли“ во Вашиот брак? Се разбира, во секој брак ќе има проблеми и несогласувања. Затоа, тоа што ќе минете низ некои тешки моменти во Вашата врска не значи дека во Вашиот брак не владее љубов. Но, што ако болната ситуација потрае неколку седмици, месеци, па дури и години? Во тој случај, со право сте загрижени бидејќи тоа не е безначајна работа. Всушност, квалитетот на Вашиот брак може да влијае речиси врз секој аспект од Вашиот живот — и од животот на Вашите деца. На пример, се верува дека несреќниот брак може да биде главен фактор за проблемите како што се депресијата, ниската продуктивност на работното место и слабиот успех на децата во училиште. Но, тоа не е сѐ. Христијаните признаваат дека односот што го имаат со својот сопружник може да влијае и врз нивниот однос со Бог (1. Петрово 3:7).

Фактот што има проблеми помеѓу Вас и Вашиот сопружник не значи дека ситуацијата е безнадежна. Соочувањето со реалноста на бракот — дека ќе има предизвици — може да ѝ помогне на една двојка да ги согледа проблемите во исправно светло и да работи на тоа да се решат. Еден сопруг по име Исак вели: „Немав поим дека е нормално двојките да имаат добри и лоши моменти во нивната брачна среќа. Мислев дека нешто не е во ред со нас!“

Дури и ако во Вашиот брак повеќе нема љубов, тој може да се спаси. Вистина е дека раните кои настанале заради тоа што меѓусебниот однос бил нарушен можат да бидат длабоки, особено ако проблемите траеле со години. Сепак, постои една силна причина за надеж. Клучен фактор е мотивацијата. Дури и две личности кои имаат сериозни брачни проблеми можат да ги подобрат работите ако тоа му значи многу и на едниот и на другиот. *

Затоа, запрашајте се: ‚Колку е силна мојата желба да имаме задоволувачки меѓусебни односи?‘ Дали Вие и Вашиот сопружник сте спремни да се потрудите да го подобрите Вашиот брак? Д-р Бек, цитиран погоре, вели: „Честопати се изненадував кога ќе видев како на еден навидум лош однос може да му се помогне кога партнерите заеднички работат на тоа да ги поправат слабите и да ги зајакнат јаките страни на нивниот брак“. Но, што ако Вашиот сопружник не сака да Ви се придружи? Или што ако не е свесен за фактот дека има некаков проблем? Дали е бескорисно ако само Вие работите на тоа да се спаси бракот? Во никој случај! „Ако Вие правите некои промени“, вели д-р Бек, „веќе самото тоа може да предизвика промени и кај Вашиот партнер — што се случува многу често.“

Немојте избрзано да заклучите дека тоа не е можно и во Вашиот случај. Ваквото малодушно размислување може да претставува најголема опасност за Вашиот брак! Едниот од Вас треба да го направи првиот чекор. Можете ли тоа да бидете Вие? Штом тргне работата, Вашиот сопружник може да увиди колку е корисно да соработува во изградбата на еден посреќен брак.

Според тоа, што можете да направите — било како поединец било како двојка — за да го спасите бракот? Библијата е од голема помош за да се најде одговор на ова прашање. Да видиме како.

[Фуснота]

^ пас. 6 Како што е познато, во извесни екстремни случаи може да има оправдани причини за сопругот и сопругата да се одвојат (1. Коринќаните 7:10, 11). Освен тоа, Библијата дозволува развод врз основа на блуд (Матеј 19:9). Лична одлука е дали да се побара развод од сопружникот кој е неверник и другите не треба да вршат притисок врз недолжниот партнер да донесе ваква или онаква одлука. (Видете ја книгата Тајната на семејната среќа, страници 158—161, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.)