Кој зборува?
Кој зборува?
ЗАВЕСАТА се крева пред изведувачот и неговата кукла. Додека си кажуваат шеги, куклата изгледа како да е жива, со свој глас и со своја личност. Се разбира, самиот изведувач — стомакозборувачот — е тој кој го создава „гласот“ на куклата, при што секогаш внимава да не ги мрда усните додека го прави тоа.
Би сакале ли да дознаете нешто повеќе за оваа необична уметност? Разбудете се! го интервјуираше Нахо Естрада, кој е професионален стомакозборувач веќе 18 години.
Какви различни облици на зборување од стомак постојат?
Кај она што се нарекува „блиско“ зборување од стомак, гласот на изведувачот звучи како да доаѓа од близу, на пример, од куклата што се наоѓа на неговите коленици. Кај „далечното“ зборување од стомак, гласот на изведувачот звучи како да доаѓа од далеку. Исто така, стомакозборувачот може да го придуши својот глас за да изгледа дека доаѓа од затворен простор — можеби од некоја затворена кутија. Некои стомакозборувачи можат да имитираат звуци, како на пример, повикот на некое животно или плачот на бебето. Додека го прават тоа, тие не мрдаат со усните.
Добриот стомакозборувач е многу убедлив. Се вели дека некој човек имитирал придушен повик за помош додека минувала запрежна кола натоварена со сено. Луѓето навистина ја запреле колата и го истовариле сеното, очекувајќи под него да ја најдат кутрата жртва! Се разбира, не нашле никого.
Како се развивало зборувањето од стомак низ годините?
Се смета дека пред многу години, зборувањето од стомак се користело за да се натераат суеверните луѓе да веруваат дека комуницираат со мртвите. Со текот на времето, се разоткрило дека зборувањето од стомак е само човечка вештина. Оттогаш тоа нашло ценето место во забавата, а денес понекогаш се користи дури и за образовни цели.
Низ вековите се користеле различни сценографии за да се забавува публиката и за да се прикажат необичните способности на стомакозборувачите. Во 20 век станало популарно стомакозборувачите да водат дијалог со дрвена кукла.
Што го побуди Вашиот интерес за зборувањето од стомак?
Ме привлече тоа што може да ги развесели и да ги насмее луѓето. Кога бев дете, еден локален продавач ме заинтересира за оваа уметност со тоа што ми објасни дека зборот „стомакозборувач“ доаѓа од латинските зборови вентер и локви, кои значат „зборување со стомак“ или „зборување од стомак“. Ова е така затоа што порано се мислеше дека зборувањето од стомак настанува со некакво чудно користење на стомакот. Потоа ми кажа некои основни работи.
Следниот ден го испробав тоа на училиште. Користејќи ја техниката на создавање глас кој доаѓа од далечина, направив да изгледа дека мојот глас доаѓа од разгласниот систем и дадов известување да излезам од
часот. Ми успеа! Подоцна научив уште повеќе за зборувањето од стомак преку еден дописен курс, а потоа почнав да се занимавам со тоа и професионално.Што опфаќа Вашата работа како стомакозборувач?
Иако одвреме навреме настапувам во свечени прилики и на конгреси на стомакозборувачи, а неколкупати се појавив дури и на телевизија, најголем дел од времето ги учам децата на школските приредби. Хуморот игра важна улога во голем дел од претставата. На пример, за време на една точка за личната хигиена, му велам на Макловио, мојата дрвена кукла, дека, заради тоа што не си ги исчеткал забите можам да видам дека тоа утро јадел јајца за појадок. Макловио одговара: „Грешиш — тоа беше вчера!“
Како се зборува од стомак?
Честопати се вели дека оној кој зборува од стомак го „исфрла“ својот глас, но тоа само така изгледа. Ние користиме една посебна положба на јазикот за да создадеме алтернативни звуци за буквите кои се изговараат со движење на усните, како и една техника на дишење од дијафрагмата која создава погрешен впечаток дека звукот доаѓа од далеку.
Зборувањето од стомак е делотворно затоа што повеќето луѓе не ги навикнале своите уши да препознаат од кој извор и од која далечина доаѓа звукот. Им треба помош од очите. Да илустрираме: На звукот на сирената, ушите Ви кажуваат дека се приближува возило за прва помош и дека доаѓа од далеку. Но, колку е оддалечено возилото? Од кој правец се приближува? За да одговорите на овие прашања, веројатно ќе треба да ги видите сигналните светла на возилото.
Стомакозборувачот го искористува ова создавајќи звук со соодветна јачина и свртувајќи го вниманието на публиката кон изворот од каде што сака да се мисли дека доаѓа овој звук.
Какви совети би му дале некому кој е заинтересиран за тоа да ја научи уметноста на зборување од стомак?
Прво, треба да знаете која Ви е целта и да бидете подготвени да избегнувате сѐ што е спротивно на неа. Ова го спомнувам затоа што, како и многу други облици на забава, зборувањето од стомак понекогаш се користи за лоши цели. Мене лично ме привлекува заради тоа што поттикнува на љубов и заради тоа што е забавно. Мојата работа ја ограничувам на теми и настани кои служат за таа цел.
За да станете вешт стомакозборувач, потребни Ви се три работи — техника, фантазија и вежбање. Техниката може да се научи од стручна литература или од видеокасети. Потоа, користете ја својата фантазија за да создадете веродостојна личност за својата кукла или марионетка и научете како да направите да изгледа како жива. И на крајот, вежбајте. Колку повеќе вежбате, толку поголема вештина ќе стекнете.