Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Во фокусот на советскиот напад

Во фокусот на советскиот напад

Во фокусот на советскиот напад

И ПОКРАЈ отстапките што Советскиот Сојуз ги направи за руската православна црква со цел да ја добие II светска војна, тој задржа смртен стисок врз активностите на црквата. Затоа, како што забележува книгата The Sword and the Shield (Мечот и штитот), напишана во 1999 за историјата на КГБ (Разузнавачка служба на Советскиот Сојуз), „КГБ беше далеку позагрижена за ‚субверзивните‘ активности на оние христијани врз кои немаше директна контрола“. Кои беа тие религиозни групи?

Најголемата беше Грчката католичка црква на Украина, која сега е Украинска католичка црква. Таа имаше околу 4.000.000 приврзаници. Според Мечот и штитот, „сите освен двајца од нејзините десет бискупи, заедно со многу илјадници свештеници и верници, умреа за својата вера во сибирскиот Гулаг [работни логори]“. Друг нишан на КГБ беа нерегистрираните протестантски цркви, кои исто така беа вон директна контрола на државата. Кон крајот на 1950-тите, КГБ процени дека овие протестантски групи имаат вкупно околу 100.000 членови.

КГБ ги сметаше Јеховините сведоци за протестантска група, која се проценуваше дека во 1968 во Советскиот Сојуз броеше околу 20.000 членови. До почетокот на II светска војна во 1939, Сведоците беа малку на број. Затоа, тие малку или воопшто не се забележуваа. Но, ситуацијата драматично се промени кога во Советскиот Сојуз одеднаш се појавија илјадници Сведоци. Како се случи ова?

Почнува еден драматичен пораст

Во својата книга Religion in the Soviet Union (Религијата во Советскиот Сојуз), објавена во 1961, Валтер Коларс забележува два фактора што се одговорни за овој драматичен пораст. Еден, забележува тој, бил тоа што во „териториите што ги присоедини Советскиот Сојуз во 1939 и 1940“ — Летонија, Литванија, Естонија и Молдавија — имаше многу „активни групи Јеховини сведоци“. Освен тоа, делови од источна Полска и Чехословачка, во кои имаше повеќе од илјада Сведоци, исто така беа присоединети кон Советскиот Сојуз и станаа дел од Украина. На тој начин, сите тие Сведоци преку ноќ беа, така да се рече, преселени во Советскиот Сојуз.

Понатамошен пораст, „колку и да звучи неверојатно“, пишува Коларс, дошол од „германските концентрациони логори“. Нацистите ставиле во затвор илјадници Сведоци бидејќи овие одбивале да го поддржат Хитлер и неговата агресорска војна. Коларс објаснил дека руските затвореници во овие логори „се восхитувале на храброста и цврстината на ‚Сведоците‘ и веројатно заради тоа биле привлечени кон нивната теологија“. Како резултат на тоа, многу млади Руси од овие логори се вратиле во Советскиот Сојуз со новостекната вера во Јехова Бог и во неговите прекрасни намери со Земјата (Псалм 37:29; Отровение 21:3, 4).

Заради овие фактори, во Советскиот Сојуз брзо се појавија илјадници Сведоци. Во почетокот на 1946 имаше најмалку 1.600, а до крајот на деценијата повеќе од 8.000. Овој пораст во паника го набљудуваше КГБ која, како што е забележано претходно, беше особено загрижена за „активностите на оние христијани над кои немаше директна контрола“.

Започнуваат напади

И покрај релативно малиот број Сведоци во Советскиот Сојуз, нивната ревносна проповедничка активност наскоро се најде изложена на нападот на советските власти. Во Естонија, нападот започна во август 1948, кога петте лица што предводеа во делото беа уапсени и ставени в затвор. „Наскоро стана очигледно дека КГБ сака да ги уапси сите“, забележува Лембит Тум, Сведок од Естонија. Ова беше случај секаде каде што имаше Сведоци во Советскиот Сојуз.

Советите ги опишаа Сведоците како најопасни криминалци и како најголема закана за атеистичката Советска држава. Затоа, тие насекаде беа прогонувани, апсени и ставани в затвор. Книгата Мечот и штитот забележа: „Опседнатоста на вишите службеници на КГБ со Јеховистите беше, можеби, најголем пример на нивниот недостиг на секакво чувство за пропорција кога имаат работа дури и со најнезначителните облици на разлики во мислењата“.

Ваквата опсесија драматично дојде до израз во добро испланираниот напад што беше извршен против Сведоците во април 1951. Пред само две години, во 1999, професор Сергеј Иваненко, почитуван руски изучувач, забележа во својата книга The People Who Are Never Without Their Bibles (Луѓе кои не се делат од своите Библии) дека во почетокот на април 1951, „повеќе од 5.000 семејства на Јеховините сведоци од Украина, Белорусија, Молдавија и балтичките советски републики беа испратени ‚трајно да живеат‘ во Сибир, на Далечниот Исток и во Казахстан“.

Вредни за спомен

Можете ли да си замислите колкав напор бил вложен во тој напад — во еден ден да се соберат илјадници семејства Сведоци од толку големо подрачје? Помислете на координирањето стотици, ако не и илјадници вработени — пред сѐ за да ги идентификуваат Сведоците и потоа, под темнината на ноќта, да извршат истовремени ненадејни напади во нивните домови. Потоа, тие луѓе требаше да се натоварат во запрежни коли, вагони и други превозни средства; да се одведат на железничките станици; и да се префрлат во товарни вагони.

Помислете и на страдањето на жртвите. Можете ли да си замислите како е да бидете присилени да патувате илјадници километри — три или повеќе седмици — во пренатрупани, нехигиенски товарни вагони што имаат само кофа наместо тоалет? И обидете се да си замислите како е да Ве фрлат во сибирската пустелија и да знаете дека, за да преживеете, ќе морате да водите крпен живот за да опстанете во тие сурови услови.

Пред неколку месеци истекоа 50 години од депортацијата на Јеховините сведоци во април 1951. За да ја раскажеме приказната за нивната верност и покрај децениите прогонство, ги снимивме на видеокасета искуствата на преживеаните. Тие откриваат дека — токму како што било случај со христијаните во првиот век — обидите да се одвратат луѓето од обожавањето на Бог дефинитивно се осудени на неуспех.

Што беше постигнато со депортацијата

Советите наскоро сфатија дека ќе биде многу потешко да ги спречат Сведоците да го обожаваат Јехова отколку што си мислеа. И покрај протестите на оние што ги заробија, Сведоците пееја фалби на Јехова додека беа присилно депортирани и прикачуваа натписи на нивните вагони кои гласеа: „Јеховини сведоци во возот“. Еден Сведок објасни: „На железничките станици по патот сретнавме и други возови што пренесуваа депортирани и ги видовме натписите што беа закачени на вагоните“. Колку само ги охрабрило тоа!

Затоа, наместо да се обесхрабрат, оние што беа депортирани го одразуваа духот на Исусовите апостоли. Библијата вели дека, откако ги претепале и им наредиле да престанат да проповедаат, тие ‚продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос‘ (Дела 5:40—42). Впрочем, како што рекол Коларс во врска со депортирањето, „тоа не беше крај на ‚Сведоците‘ во Русија туку само почеток на едно ново поглавје во нивните активности на прозелитизирање. Се обидуваа да ја пропагираат својата вера дури и кога запираа на станиците на нивниот пат во изгнанство“.

Кога Сведоците пристигнаа на различните дестинации и беа истоварени, стекнаа добар глас дека се послушни, трудољубиви работници. Сепак, во исто време, имитирајќи ги Христовите апостоли, тие всушност им рекоа на своите угнетувачи: ‚Не можеме да престанеме да зборуваме за нашиот Бог‘ (Дела 4:20). Многумина слушаа што поучуваа Сведоците и им се придружија во службата за Бог.

Коларс добро го објаснил резултатот: „Со нивното депортирање, советската влада не можеше да направи ништо подобро за ширењето на нивната вера. Извадени од нивната изолација на село [во западните советски републики], ‚Сведоците‘ беа однесени во еден поширок свет, иако тоа беше само страшниот свет на концентрациони логори и логори на принудна работа“.

Обиди за справување со растот

Со текот на времето, Советите се обидоа со различни методи да ги запрат Јеховините сведоци. Бидејќи злобното прогонство не ги даде саканите резултати, беше започната една добро испланирана програма на пропаганда од лаги. Беа направени секакви обиди — со книги, филмови и радио емисии, како и обучени КГБ агенти кои се вовлекуваа во собранијата.

Раширеното погрешно прикажување беше причина многу луѓе погрешно да гледаат на Сведоците со страв и недоверба, како што се гледа од една статија на канадското издание на Reader’s Digest од август 1982. Ја напишал Владимир Буковски, Русин кому му било дозволено да имигрира во Англија во 1976. Тој напишал: „Една вечер во Лондон, на една зграда забележав табла на која што пишуваше: ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ . . . повеќе не можев да читам, бев запрепастен, речиси ме фати паника“.

Владимир објаснил зошто го имал тој неоснован страв: „Ова се секташите што властите ги користат како баба Рога со која се плашат децата во нашата земја . . . Во СССР, сретнуваш ‚Сведоци‘ од крв и месо само во затворите и во концентрационите логори. А овде стоев пред една зграда, пред една табла. Зарем некој може да влезе и да се напие чај со нив?“, прашал тој. За да ја нагласи причината за својата паника, Владимир заклучил: „Во нашата земја ‚Сведоците‘ се прогонувани со истата жестокост како што се прогонува мафијата во нивната земја, и нив ги обвиткува истата мистериозност“.

Сепак, и покрај злобното прогонство и пропаганда од лаги, Сведоците истрајаа и нивниот број се зголеми. Советските книги како што е The Truths About Jehovah’s Witnesses (Вистината за Јеховините сведоци), која во 1978 беше отпечатена на руски јазик во тираж од 100.000 примероци, укажала на потребата од засилена пропаганда против Сведоците. Авторот В. В. Коник, кој опишал како Сведоците проповедале наспроти строги ограничувања, советувал: „Советските истражувачи на полето на религијата треба да научат поефикасни методи за да ги победат учењата на Јеховините сведоци“.

Зошто беа во фокусот на нападот?

Едноставно речено, Јеховините сведоци беа во главниот фокус на советскиот напад затоа што ги имитираа Исусовите рани следбеници. Во првиот век, на апостолите им било наредено ‚повеќе да не учат на темел на [Исусовото] име‘. Сепак, подоцна нивните прогонители се жалеле: „Еве, го наполнивте Ерусалим со вашето учење“. Апостолите не одрекувале дека проповедале и покрај наредбите да не го прават тоа туку, наместо тоа, со почит одговориле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:27—29).

И Јеховините сведоци денес сериозно ја сфаќаат Исусовата заповед до неговите следбеници ‚да му проповедаат на народот и да дадат темелно сведоштво‘ (Дела 10:42). Во својата книга The Kremlin’s Human Dilemma (Кремлинската човечка дилема), Морис Хиндус објаснил дека „незапирливата ревност на Сведоците да евангелизираат“ ги направила „особено проблематични за Москва и [ги доведувала] во постојан судир со советската полиција“. Тој додал: „Не можеш да ги запреш. Задушени на едно место, тие се појавуваат на друго“.

„Колку што ми е познато“, напишал рускиот историчар Сергеј Иваненко, „организацијата на Јеховините сведоци беше единствената религиозна организација во СССР чии редови бројно се зголемија и покрај забраната и прогонството.“ Се разбира, имаше и други религии што продолжија да функционираат, вклучувајќи ја и најистакнатата од сите, Руската православна црква. Ќе биде интересно да дознаете како црквата и Сведоците успеаја да го преживеат советскиот напад.

[Рамка на страница 6]

‚Најжестоко прогонуваните‘

Concise Encyclopaedia of Russia (Концизна енциклопедија на Русија) од 1964 наведе дека Јеховините сведоци биле „крајно активни во прозелитизирањето“ и биле „најжестоко прогонуваната религиозна заедница во Советскиот Сојуз“.

 

[Рамка/слика на страница 7]

ЕДЕН ОД ИЛЈАДНИЦИТЕ — Фјодор Калин ја опишува депортацијата на своето семејство

Нашето семејство живееше во селото Вилшаница, западна Украина. Во темните мугри на 8 април 1951, дојдоа полицајци со кучиња, нѐ разбудија и ни рекоа дека на наредба од владата во Москва, ние сме испратени во Сибир. Но, ако потпишеме документ со кој изјавуваме дека повеќе не сме Јеховини сведоци, можеме да останеме. Сите во нашето седумчлено семејство, кое го сочинуваа моите родители и браќа и сестри, беа одлучни да останат Сведоци. Тогаш имав 19 години.

Еден полицаец рече: „Понесете си грав, пченка, брашно, туршија, зелка — инаку, како ќе ги нахраните децата?“ Ни дозволија да заколеме пилиња и едно прасе и да го понесеме месото. Донесоа две коли со коњски запреги, натоваривме сѐ на нив и нѐ одведоа во градот Хриплин. Таму, напикаа 40 или 50 од нас во еден товарен вагон и ја затворија вратата.

Во вагонот имаше неколку штици за да се спие на нив — што не беше доволно за сите — и една печка со малку јаглен и дрво. Готвевме на печката со садовите што ги понесовме. Но, немаше тоалет — користевме само една кофа. Подоцна направивме кружен отвор на подот, ја прицврстивме кофата и околу нејзе закачивме ќебиња за да има приватност.

Живеевме згмечени во тој товарен вагон додека бавно минувавме илјадници километри до некоја непозната дестинација. На почетокот бевме малку потиштени. Но, додека заедно пеевме песни на Царството — толку силно што подоцна едвај можевме да зборуваме — бевме радосни. Командантот ќе ја отвореше вратата и ќе ни речеше да престанеме, но не престанувавме додека не завршевме. Кога запиравме на станиците по патот, многумина дознаа дека Јеховините сведоци се депортирани. Конечно, по 17 или 18 дена во тој вагон, бевме истоварени во Сибир во близината на Бајкалското Езеро.

[Слика]

Јас стојам во задниот ред, десно

[Рамка/слика на страница 8]

АРМАГЕДОН — Советски пропаганден филм

Советите го режираа филмот Армагедон во обид да ги озлогласат Јеховините сведоци. Во него беше прикажана измислената приказна за љубовната врска помеѓу едно момче од советската армија и една девојка која била заведена да се придружи на редовите на Сведоците. На крајот на филмот, сестричката на девојката умира во сообраќајна несреќа што ја предизвикува еден надгледник на Сведоците, кој е прикажан како орудие на американската шпионска служба.

Коментирајќи за овој филм, кој ги разбранува чувствата на гледачите, украинскиот весник Црвеното знаме од 14 мај 1963 изјавил: „На ваков начин атеистичката пропаганда е ефикасна, убедлива и може да се користи и во други села во земјава каде што се прикажуваат слични филмови“.

[Слика на страница 6]

Илјадници биле транспортирани во Сибир во товарни вагони