Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Оригиналниот Панама шешир — направен во Еквадор?

Оригиналниот Панама шешир — направен во Еквадор?

Оригиналниот Панама шешир — направен во Еквадор?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЕКВАДОР

ДАЛИ муштеријата беше измамен? На еден набљудувач можеби ќе му се чини така. Па, човекот плати 300 долари за еден оригинален Панама шешир. Но, продавачот ја извади од една кутија на која јасно беше отпечатено „Made in Ecuador“! Измама? Далеку од тоа. Всушност, вистинскиот Панама шешир се изработува во Еквадор. Но, од каде доаѓа таквата грешка во името? И зошто еден таков шешир би вредел стотици долари?

Во средината на 1800-тите, оние што биле зафатени од златната треска нагрнале во Калифорнија преку Панамскиот Канал. Таму купувале шешири увезени од Еквадор. Со текот на времето, шеширите станале познати според името на местото од каде што биле купени, а не според местото од каде што потекнувале. Во секој случај, Панама шеширот станал многу популарен. На пример, во 1849 од Еквадор биле извезени повеќе од 220.000 такви шешири! Потоа, во 1855, еден Французин што живеел во Панама ги претставил овие шешири на светскиот саем во Париз. Французите, кои се разбирале од мода, биле импресионирани од нежниот материјал, а некои од нив го опишале дури и како „сламено платно“. Наскоро било речиси незамисливо да се носи некој друг стил!

Популарноста на Панама шеширот се зголемила во почетокот на 20 век, кога во светскиот печат се појавила една фотографија на американскиот претседател Теодор Рузвелт кој носел еден стилски фино. Побарувачката на ваквиот шик шешир се зголемила. Почнале да го дистрибуираат познати компании низ целиот свет. Во Турција, законите за модернизација го забраниле традиционалниот фес во 1925 и барале да се носат Панама шешири. До 1944, Панама шеширот станал главен артикл за извоз на Еквадор.

До втората половина на 20 век, популарноста на овие шешири се намали. Сепак, еквадорските нежно исплетени Панама шешири ја задржаа својата мистичност. Всушност, вештите шапкари во светот се натпреваруваат во изработката на првокласни примероци. Прочуени луѓе од минатото па сѐ до денес биле пленети од елеганцијата на Панама шеширот. Тој ги красел главите на Винстон Черчил, Никита Хрушчов, Хамфри Богарт и Мајкл Џордан — да спомнеме само некои.

Се разбира, има евтини масовно произведени имитации на оригиналниот Панама шешир. Меѓутоа, многу од нив напукнуваат; други не пропуштаат воздух. За разлика од нив, оригиналниот Панама шешир е лесен и прозрачен и трае цел живот. Секој од нив е рачно исплетен и затоа е уникатен. Цената се движи од неколку долари за погрубо изработените шешири до повеќе од 1.000 долари за најретките суперфино од Монтекристи. Квалитетот се одредува според финоста и рамномерноста на плетката, како и изедначеноста на бојата. Но, никогаш не заборавајте: Оригиналниот Панама шешир се изработува само во Еквадор.

[Рамка/слики на страници 30 и 31]

Изработка на Панама шешир

Како се прави Панама шешир? Едно растение слично на палма дава една еластична, но сепак издржлива нишка наречена токиља. Крајбрежните низини на Еквадор нудат идеални услови за одгледување и регенерација на ова растение. Еквадорските занаетчии што изработуваат шешири спаѓаат во највештите плетачи во светот, а нивната работа навистина е мачна! Можеби ќе им требаат шест или повеќе месеци за да исплетат еден висококвалитетен суперфино од Монтекристи. Секое стракче во шапката е многу кусо. Сепак, кај оригиналниот Панама шешир не би можеле да кажете каде завршува една нишка и каде започнува следната. Освен тоа, нишките се толку густо исплетени што не пропуштаат дури ни вода!

Градот Монтекристи е познат по своите извонредни рачно изработени шешири. Мајсторите од подрачјето на Монтекристи плетат рано наутро или доцна попладне за екваторската жештина да не влијае врз еластичноста на нишката. Почнуваат од горниот дел, прецизно плетејќи круг по круг од комплицирано испреплетени нишки сѐ додека не го добијат саканиот пречник. Потоа, горниот дел се поставува врз еден цилиндричен дрвен калап за да можат рацете на занаетчијата вешто да се движат спирално надолу додека ги плете страните. По многу седмици почнува да плете под прав агол за да ја обликува периферијата. Прецизното поткастрување, миење и обелување во комбинација со разни техники на завршна обработка го даваат прочуениот Панама шешир.

[Слики]

Сламените стракчиња од излупените листови се варат и се сушат пред да се плетат

[Слика на страница 31]

Винстон Черчил е еден од многуте познати луѓе што носеле Панама шешир

[Извор на слика]

Фотографија на Државната архива на САД