Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Советскиот напад на религијата

Советскиот напад на религијата

Советскиот напад на религијата

СОЈУЗОТ на Советските Социјалистички Републики беше формиран во 1922, со Русија како најголема и најзначајна од нејзините првобитни четири републики. Со текот на времето се прошири и вклучи 15 републики и речиси една шестина од копнената површина на Земјата. Но, во 1991, Советскиот Сојуз ненадејно се распадна. a Значајно е тоа што тој е првата држава што се обиде да го искорени верувањето во Бог од свеста на својот народ.

Владимир Ленин, првиот лидер на Советскиот Сојуз, бил ученик на Карл Маркс, кој го прикажал христијанството како алатка за угнетување. Маркс ја нарекол религијата „опиум за народот“, а подоцна Ленин изјавил: „Секоја религиозна идеја, секоја идеја за каков и да е бог . . . е најнеискажлива гнасотија“.

Во 1925, кога умрел рускиот православен патријарх Тихон, на црквата не ѝ било дозволено да избере нов патријарх. Како резултат на нападот врз религијата што следел, повеќето цркви биле или урнати или претворени во објекти што се користеле за световна намена. Свештениците биле осудени на работни логори, во кои многумина умреле. „Под владеењето на Јосиф Сталин кон крајот на 1920-тите и во ’30-тите“, објаснува Encyclopædia Britannica, „црквата претрпе крваво прогонство кое одзеде илјадници животи. Во 1939, само тројца или четворица православни епископи и 100 цркви можеа официјално да функционираат.“

Меѓутоа, практично преку ноќ се случи една значајна промена.

Втората светска војна и религијата

Во 1939, нацистичка Германија, тогашен сојузник на Советскиот Сојуз, ја нападна Полска и со тоа започна II светска војна. За една година, Советскиот Сојуз ги припои последните 4 од своите 15 републики — Летонија, Литванија, Естонија и Молдавија. Меѓутоа, во јуни 1941, Германија започна голем напад против Советскиот Сојуз, што за Сталин беше сосема неочекуван. До крајот на истата година, германските трупи стигнаа до предградијата на Москва и падот на Советскиот Сојуз изгледаше неизбежен.

Во очај, Сталин се обиде да ја мобилизира нацијата за она што Русите го нарекоа Големата патриотска војна. Сталин увиде дека треба да направи отстапки за црквата за да ја добие поддршката на народот во воените напори, бидејќи милиони луѓе сѐ уште си беа религиозни. Каков беше резултатот од ваквата спектакуларна промена на Сталиновиот став кон религијата?

Со помош на црквата, рускиот народ беше мобилизиран за воени цели, а во 1945 Советите постигнаа драматична победа над Германците. Откако беше прекинат советскиот напад врз религијата, бројот на православни цркви се зголеми на 25.000, а бројот на свештеници достигна 33.000.

Повторен напад

Но, всушност, целта на советските водачи да ја искоренат идејата за Бог од свеста на својот народ не се промени. The Encyclopædia Britannica објаснува: „Премиерот Никита Хрушчов започна едно ново антирелигиозно движење кое траеше од 1959 до 1964, со што бројот на отворени цркви се намали на помалку од 10.000. По смртта на Алексеј, во 1971 беше избран патријархот Пимен и, иако црквата сѐ уште располагаше со лојалноста на милиони луѓе, нејзината иднина и понатаму беше несигурна“. b

Подоцна ќе дискутираме за тоа како руската православна црква успеала да го преживее повторниот советски напад. Но, како си поминале другите религии во Советскиот Сојуз? Која од нив станала главен фокус на нападот и зошто? За ова ќе дискутираме во следната статија.

[Фусноти]

a Петнаесетте независни држави што беа поранешни Советски републики се: Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Естонија, Казахстан, Киргистан, Летонија, Литванија, Молдавија, Русија, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан и Украина.

b Алексеј I беше руски православен патријарх од 1945 до 1970, а Алексеј II е патријарх од 1990 сѐ до денес.

[Слика на страница 3]

Ленин рекол дека ‚секоја идеја за Бог е неискажлива гнасотија‘

[Извор на слика]

Musèe d’Histoire Contemporaine—BDIC