Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Глобална епидемија на омраза

Глобална епидемија на омраза

Глобална епидемија на омраза

НА СЛОБОДА се шета едно чудовиште — чудовиштето наречено омраза. Тоа неконтролирано се шета низ целиот свет.

На Балканот, една покраина сѐ уште страда после една неодамнешна акција на етничко чистење. Вековните непријателства довеле до масовни убиства, силувања, протерувања, палење и пљачкање на домови и села, уништување на посеви и стока, како и глад. Сѐ уште има многу копнени мини.

Во Источен Тимор (југоисточна Азија), 700.000 преплашени луѓе морале да бегаат од ужасот на убивањата, тепањата, престрелките и присилното раселување. Зад себе оставиле предел опустошен од пљачкашките воени групи. „Се чувствувам како гонето животно“, извикнала една од жртвите.

Во Москва, една станбена зграда била срушена во огромна експлозија на бомба што ја поставиле терористи. Телата на 94 недолжни луѓе — некои од нив деца — биле разнесени од експлозијата. Биле ранети повеќе од 150 лица. Гледајќи ги последиците од таквиот ужас, луѓето прашуваат: ‚Кој ќе биде следниот?‘

Во Лос Анџелес (Калифорнија), еден расист пукал во група еврејски деца на предучилишна возраст и потоа убил еден поштар Филипинец.

Омразата со право може да се опише како глобална епидемија. Речиси секој ден, извештаите во весниците откриваат што се случува кога расната, етничката или религиозната омраза ќе се здружи со беззаконието. Гледаме поделени нации, заедници и семејства. Гледаме земји вплеткани во масовен геноцид. Гледаме неописливо нехумано постапување што се извршува само затоа што некои луѓе се „поинакви“.

За да може чудовиштето наречено омраза некогаш да биде ставено в кафез, мора да го сфатиме потеклото на таквото насилство предизвикано од омраза. Дали омразата е впишана во човечките гени? Дали таа е научено однесување? Дали е возможно да се прекине кругот на омразата?

[Извор на слика на страница 3]

Kemal Jufri/Sipa Press