Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се прекине кругот на омразата

Да се прекине кругот на омразата

Да се прекине кругот на омразата

‚Љубете ги своите непријатели‘ (МАТЕЈ 5:44).

СО ДЕНОВИ водачите на две непријателски нации водеа интензивни мировни преговори. Претседателот на една моќна индустријализирана земја присуствуваше на овие дискусии, користејќи го своето големо влијание и дипломатски вештини за да се обиде да ги обедини овие двајца водачи. Но, крајниот резултат од овие мачни напори беше уште поголема агонија. За неколку седмици двете нации се впуштија во она што списанието Newsweek го нарече „најголемо насилство помеѓу нив во период од две децении“.

Во целиот свет, омразата и непријателството меѓу различни етнички и национални групи никако не престанува и покрај најголемите напори на државните лидери. Кругот на омразата се врти сѐ побрзо, потхранет од незнаење, нетолеранција и пропаганда. Но, додека денешните лидери залудно бараат нови и иновативни решенија, пропуштаат да увидат дека најдоброто решение е многу старо — колку што е стара и Проповедта на гората. Во таа проповед Исус Христос ги охрабрил своите слушатели да се подложат на Божјите патишта. Тогаш ја дал претходно цитираната изјава, имено, ‚Љубете ги своите непријатели‘. Овој поттик не е само најдоброто решение за проблемот со омразата и предрасудите туку и единственото делотворно решение!

Скептиците ја отфрлаат идејата да се љубат непријателите како безнадежно идеалистичка и непрактична. Меѓутоа, ако омразата може да се научи, зарем не е разумно да се прифати фактот дека таа може и да се одучи? Затоа, Исусовите зборови содржат вистинска надеж за човештвото. Тие покажуваат дека е возможно да им се стави крај дури и на долгогодишните непријателства.

Да ја разгледаме ситуацијата во Исусовите денови, меѓу неговите еврејски слушатели. Тие не морале да одат многу далеку за да најдат непријатели. Римските трупи имале власт над таа област, подложувајќи ги Евреите на тешки даноци, политички манипулации, малтретирање и експлоатација (Матеј 5:39—42). Меѓутоа, некои можеби гледале на другите Евреи како на непријатели заради ситни несогласувања што биле нерасчистени и оставени да загнојат (Матеј 5:21—24). Можел ли Исус навистина да очекува неговите слушатели да ги сакаат луѓето што им нанеле рани и болка?

Значењето на „љубовта“

Прво, сфати дека со „љубов“ Исус не мислел на наклоност што постои меѓу блиски пријатели. Грчкиот термин за љубов што се користи во Матеј 5:44 доаѓа од зборот агапе. Овој збор пренесува значење на љубов водена или управувана од начела. Не мора да вклучува срдечна наклоност. Бидејќи е водена од праведни начела, ваквата љубов го поттикнува лицето да гледа на она што е од најдобар интерес за другите, без оглед на нивното однесување. Затоа љубовта агапе може да ги надмине личните непријателства. Самиот Исус покажал таква љубов кога, наместо да ги проколнува римските војници што го приковале на столб, тој молел: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23:34).

Дали е реално да се очекува светот во глобала да ги прифати Исусовите учења и луѓето да почнат да се сакаат? Не, бидејќи Библијата покажува дека овој свет и понатаму забрзано се движи кон катастрофа. „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“, претскажува 2. Тимотеј 3:13. Меѓутоа, поединци можат да го прекинат кругот на омразата ако темелно ги научат праведните начела преку проучување на Библијата. Доказите јасно покажуваат дека на овој начин мнозина научиле да се спротивставуваат на поплавата од омраза што е околу нив. Да разгледаме неколку случаи од вистинскиот живот.

Да се научи да се љуби

На возраст од 13 години, Хозе бил вплеткан во герилска војна како член на една терористичка група. * Бил поучен да ги мрази луѓето што наводно биле одговорни за неправдите што ги гледал околу себе. Неговата цел била, доколку е можно, да ги елиминира. Гледајќи како многу негови другари гинат, Хозе бил исполнет со чувства на огорченост и одмазда. Додека правел гранати, се прашувал: ‚Зошто има толку многу страдање? Ако постои Бог, зарем не го забележува тоа?‘ Многупати плачел, збунет и депримиран.

Конечно, Хозе стапил во контакт со едно локално собрание на Јеховините сведоци. Кога првпат бил на собраниски состанок, веднаш забележал дека владее атмосфера полна со љубов. Сите го поздравувале срдечно и пријателски. Подоцна, една дискусија на темата „Зошто Бог го допушта злото?“ му дала одговор токму на прашањата што си ги поставувал. *

Со текот на времето, зголеменото спознание од Библијата го навело Хозе да направи промени во животот и во начинот на размислување. Дознал дека ‚кој не љуби, останува во смртта. Секој кој мрази . . . е човекоубиец, а ниеден човекоубиец нема во себе вечен живот‘ (1. Јованово 3:14, 15).

Но, вистински предизвик било да ги прекине врските со своите другари терористи. Секогаш кога одел во Салата на Царството на Јеховините сведоци, некој го следел. Некои поранешни другари дошле дури и на неколку состаноци за да сфатат што предизвикало таква промена кај Хозе. Штом се задоволиле со тоа дека не е предавник ниту претставува опасност за нив, го оставиле на мира. Кога имал 17 години, Хозе се крстил како Јеховин сведок. Наскоро почнал со полновремено проповедање. Наместо да прави планови да убива луѓе, сега им носи порака на љубов и надеж!

Рушење на етничките бариери

Можат ли членовите на етничките групи да ги срушат бариерите на омраза што ги разделуваат? Размисли за една група Јеховини сведоци во Лондон (Англија), кои зборуваат амхарски. Оваа група се состои од околу 35 лица — 20 од нив се Етиопјани, а 15 Еритрејци. Тие обожаваат заедно во мир и единство, и покрај тоа што во Африка, Еритрејците и Етиопјаните неодамна водеа огорчена војна.

На еден етиопски Сведок семејството му рекло: ‚Никогаш не им верувај на Еритрејците!‘ Но сега не само што им верува на сохристијаните Еритрејци туку ги нарекува браќа и сестри! Иако овие Еритрејци обично го зборуваат јазикот тигриња, тие одлучиле да научат амхарски — јазикот на нивните браќа од Етиопија — за да можат да ја проучуваат Библијата заедно со нив. Колку само прекрасно сведоштво за силата на побожната љубов како „совршена врска на единство“ (Колошаните 3:14).

Да се заборави минатото

Но, што ако некој бил жртва на нечовечно постапување? Зарем не е нормално да негува непријателство спрема мачителите? Размислете за Манфред, еден Сведок од Германија. Шест години од животот поминал во комунистички затвор само затоа што бил Јеховин сведок. Дали некогаш почувствувал омраза кон своите тирани или желба да се одмазди? „Не“, одговорил тој. Според германскиот весник Saarbrücker Zeitung, Манфред објаснил: „Ако нанесам неправда или возвратам со неправда . . .ќе започнам еден круг што секогаш ќе води до нова неправда“. Манфред јасно ги применил библиските зборови: „Никому не враќајте зло за зло . . .Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:17, 18).

Свет без омраза!

Јеховините сведоци не тврдат дека се совршени во овој поглед. Тие честопати увидуваат дека не е лесно да ги тргнат настрана старите непријателства и омразата. Потребен е постојан, трудољубив напор за да се применат библиските начела во животот. Но, општо земено, Јеховините сведоци се жив пример дека Библијата има моќ да го прекине кругот на омразата. Преку една програма на домашни библиски студии, Сведоците им помагаат на илјадници луѓе секоја година да се ослободат од прангите на расизмот и нетолеранцијата. * (Види ја рамката „Библискиот совет помага да се отстрани омразата“.) Ваквиот успех дава увид во резултатите од светската образовна програма што наскоро ќе помогне сосема да се отстрани омразата и нејзините причини. Ваквата идна образовна програма ќе се одвива под надзор на Божјето Царство, односно глобална влада. Исус нѐ поучил да се молиме за тоа Царство во Господовата молитва, кога рекол: „Да дојде Царството твое“ (Матеј 6:9, 10).

Библијата ветува дека под надзор на оваа небесна влада, „Земјата сигурно ќе биде исполнета со спознанието за Јехова“ (Исаија 11:9NW; 54:13). Често цитираните зборови на поророкот Исаија тогаш ќе се исполнат во глобални размери: „[Бог] ќе им биде судија на народите, ќе им суди на многу племиња, кои ќе ги прековаат мачевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување“ (Исаија 2:4). Тогаш, лично Бог ќе го прекине еднаш засекогаш злобниот круг на омраза.

[Фусноти]

^ Не е неговото вистинско име.

^ Видете го 8. поглавје со наслов „Зошто Бог допушта страдање?“ во книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.

^ Може да се договори бесплатна домашна библиска студија ако контактирате со локалните Јеховини сведоци или пишете до издавачите на ова списание.

[Рамка на страница 11]

Библискиот совет помага да се отстрани омразата

„Од каде војни и од каде борби меѓу вас? Зарем не доаѓаат оттука, имено од вашите копнежи по сетилно задоволство кои се во судир со вашите членови?“ (Јаков 4:1). Споровите со другите честопати можат да се отстранат ако научиме да ги контролираме себичните желби.

„[Гледајте] со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите“ (Филипјаните 2:4). Ставањето на интересите на другите пред нашите сопствени интереси е уште еден начин да ги отстраниме непотребните спорови.

„Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло“ (Псалм 37:8). Можеме и мораме да ги контролираме деструктивните нагони.

‚Бог . . . од еден човек ја создаде секоја човечка нација да живее по целата површина на земјата‘ (Дела 17:24, 26). Не е логично да сметаме дека сме подобри од луѓето од друга раса бидејќи сите сме членови на истата човечка фамилија.

„Не правејќи ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку со понизност на умот сметајте ги другите за подобри од себе“ (Филипјаните 2:3). Лудо е да се презираат другите — бидејќи другите луѓе честопати имаат особини и способности што ние самите ги немаме. Ниедна раса ниту култура нема монопол на сѐ што е добро.

„Тогаш, навистина, сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите“ (Галатите 6:10). Самото тоа што ќе преземеме иницијатива да бидеме пријателски настроени и да им помагаме на другите, без оглед на нивната раса или култура, може многу да придонесе за да се премости јазот во комуникацијата и да се отстранат недоразбирањата.

[Слики на страници 8 и 9]

Сведоци од Етиопија и Еритреја обожаваат заедно во мир

[Слика на страница 10]

Манфред, кој преживеал комунистички затвор, не дозволил да подлегне на омразата

[Слика на страница 10]

Библијата може да помогне да се срушат бариерите што ги одвојуваат луѓето