Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој е антихристот?

Кој е антихристот?

Гледиште на Библијата

Кој е антихристот?

„СТЕ ЧУЛЕ ДЕКА ДОАЃА АНТИХРИСТОТ“ (1. ЈОВАНОВО 2:18).

КОГА би биле предупредени дека бил виден некој опасен криминалец како тргнал накај вашето соседство, што би сториле? Веројатно би се распрашале за точни детали во врска со неговиот изглед и методи. Би биле на штрек.

Слична ситуација постои и денес. Зборовите на апостол Јован нѐ предупредуваат: „Секој инспириран израз кој не го признава Исус, не потекнува од Бог. А тоа е инспириран израз на антихристот за кој сте чуле дека доаѓа, и веќе е на светот“ (1. Јованово 4:3). Постои ли таков антихрист, непријател на Бог и измамник на луѓето, што сега претставува закана за доброто на целото човештво?

Јован го употребил терминот „антихрист“ пет пати во две свои писма. Тој се однесува на еден ентитет што се противи на она што го поучува Библијата за Исус Христос и вклучува измамници што се прикажуваат како Христос или како да се испратени од него. Библијата дава веродостојни информации за антихристот. Но, како што понекогаш се случува со криминалците, неоснованите извештаи во врска со овој загадочен ентитет добија поголемо внимание отколку вистината.

Случај со погрешен идентитет

Од времето на апостол Јован, луѓето тврделе дека Јовановите зборови за некаков антихрист означуваат некоја конкретна личност. Луѓето предложиле различни кандидати. Пред многу векови, мнозина мислеле дека римскиот император Нерон е антихристот. Подоцна, поплавата од омраза и терор што ја покрена Адолф Хитлер увери многумина дека тој бил антихристот. Овој термин бил применет дури и на германскиот филозоф Фридрих Ниче. Сепак, други веруваат дека антихристот допрва треба да дојде и дека ќе се појави како паметен, безмилосен политичар што ќе сака да завладее со светот. Тие веруваат дека дивиот ѕвер од Откровение, 13. поглавје е специфично осврнување на антихристот што го спомнува Јован. Велат дека ознаката 666 некако ќе го идентификува овој иден застапник на злобата.

Оние што ги унапредуваат овие идеи сметаат дека Јован укажувал само на еден антихрист. Но, што покажуваат неговите зборови? Да го разгледаме 1. Јованово 2:18: „Како што сте чуле дека доаѓа антихристот, веќе сега се појавија многу антихристи“. Да, „многу антихристи“, а не еден, биле одговорни за духовно проблематичната ситуација во првиот век. Денес не постои само еден туку многу антихристи што ја сочинуваат класата на антихристот. Колективно, тие му нанеле духовна пропаст на човештвото (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Кој го сочинува антихристот?

Како една можност, да го разгледаме дивиот ѕвер од Откровение, 13. поглавје. Апостол Јован напишал: „Дивиот ѕвер што го видов беше како леопард, но нозете му беа како на мечка, а устата му беше како уста на лав“ (Откровение 13:2). Што означуваат овие елементи?

Библиските изучувачи забележале дека постои поврзаност помеѓу 13. поглавје од Откровение и 7. поглавје од Даниел. Бог му дал на Даниел визија за симболични животни, вклучувајќи и леопард, мечка и лав (Даниел 7:2—6). Какво значење им припишал овој Божји пророк? Тој напишал дека тие диви животни ги симболизираат земните цареви, односно влади (Даниел 7:17). Затоа можеме логично да заклучиме дека дивиот ѕвер од Откровение ги претставува човечките влади. Бидејќи овие влади се против Божјето Царство, тие сочинуваат дел од антихристот.

Кој друг го сочинува антихристот?

Кога бил на Земјата, Божјиот Син, Христос, имал многу непријатели. Иако сега физички не е овде, тој и денес има противници. Забележете кој спаѓа во нив.

Апостол Јован навел: „Кој е лажливец ако не оној кој одрекува дека Исус е Христос? Тоа е антихристот, оној кој го одрекува Таткото и Синот“ (1. Јованово 2:22). Отпадниците и водачите на лажното обожавање ги заплеткуваат чистите учења на Исус во јазол од религиозна измама. Таквите ја отфрлаат библиската вистина и шират лаги во името на Бог и Христос. Тие го негираат вистинскиот однос помеѓу Таткото и Синот со нивната наука за тројството. Според тоа, и тие се дел од антихристот.

Исус ги предупредил своите ученици во Лука 21:12: „Луѓето ќе ги стават рацете врз вас и ќе ве прогонуваат, предавајќи ве во синагогите и затворите . . . поради моето име“. Уште од првиот век, вистинските христијани трпат жестоко прогонство (2. Тимотеј 3:12). Оние што потстрекнуваат такво постапување дејствуваат против Христос. И тие се составен дел од антихристот.

„Кој не е на моја страна, тој е против мене, и кој не собира со мене, тој растура“ (Лука 11:23). Овде Исус објавува дека сите што му се противат нему и на божествените намери што ги поддржува тој, спаѓаат во категоријата на антихристот. Каков крај ги очекува?

Што ги очекува антихристите?

„[Бог] ќе ги истреби оние, кои зборуваат лага; Господ се гнаси од човек крвопиец и измамник“, пишува во Псалм 5:6. Дали ова се однесува на антихристите? Да. Апостол Јован напишал: „Многу измамници излегоа во светот, луѓе кои не признаваат дека Исус Христос дошол во тело. Тоа е измамникот и антихристот“ (2. Јованово 7). Заради нивните лаги и измама, Семоќниот Бог ќе ги уништи антихристите.

Додека времето за извршување на таа пресуда наближува, вистинските христијани не смеат да дозволат антихристијанската измама и притисокот, особено од отпадниците, да ја ослабат нивната вера. Предупредувањето на Јован е итно: „Пазете на себе за да не го изгубите она што го постигнавме со работа, туку да добиете полна награда“ (2. Јованово 8).

[Извор на слика на страница 28]

Нерон на 2. и 28. страница: Со љубезна дозвола на посетителите на Ашмоленскиот музеј, Оксфорд