Справување со една неопислива трагедија
Справување со една неопислива трагедија
РАСКАЖАЛ ЏЕЈМС ЏАРАНО
Да се биде дедо или баба е една од најголемите радости во животот. Со големо нетрпение, мојата сопруга Вики и јас чекавме да се роди нашето прво внуче. Нашата ќерка, Тереза, и нејзиниот сопруг, Џонатан, очекуваа бебе во почетокот на октомври 2000. Не можевме ни да замислиме дека наскоро ќе се соочиме со една неопислива трагедија.
МОЈАТА сопруга и јас, заедно со нашиот син и снаата, заминавме на годишен одмор во саботата, 23 септември. Требаше да се најдеме со други роднини и да поминеме една седмица на брегот на Северна Каролина. Тереза и Џонатан одлучија да не доаѓаат со нас на годишен одмор затоа што таа беше во деветтиот месец од бременоста а ни претстоеше долго патување — околу 11 часа возење од нашиот дом во Охајо.
Сакавме да го одложиме годишниот одмор, но Тереза инсистираше да одиме. Нѐ уверуваше дека со неа сѐ ќе биде во ред. Освен тоа, нејзиниот лекар сметаше дека бебето нема да се роди пред одредениот рок, а нејзиниот термин беше за две седмици.
Среда, 27 септември 2000, беше прекрасен ден и тоа ме потсети зошто во последниве неколку години нашето семејство одлучи да го минува годишниот одмор во овој крај. Не ни помислувавме дека пред да заврши тој ден, нашиот живот драстично ќе се промени.
„Ја нема Тереза!“
Таа вечер од Охајо ми се јави брат ми. Беше многу колеблив и нервозен. Конечно, успеа да рече: „Ја нема Тереза!“ Била вклучена и полицијата затоа што настаните поврзани со нејзиното исчезнување биле сомнителни. Кога Џонатан се вратил дома тоа попладне, надворешната врата била отклучена. Појадокот на Тереза сѐ уште бил на масата а паричникот стоел на своето место. Било чудно уште нешто: Нејзините чевли — единствените што можеше да ги носи во деветтиот месец од бременоста — сѐ уште биле крај вратата.
Џонатан се јавил дома околу 9.30. Тереза му рекла дека некоја жена ѝ се јавила и рекла дека сака да дојде да го види автомобилот што го продаваа. Потоа Тереза планирала да заврши некои работи. Џонатан се јавил дома кога било време за ручек, но не ја добил. Цело попладне се јавувал, но никој не одговарал. Кога се вратил дома во 16.15, забележал дека го нема автомобилот. Се јавил
в болница мислејќи дека Тереза можеби добила труднички болки. Не била таму. Се јавил и кај некои роднини, но никој од нив не ја видел. Избезумен, се јавил во полиција. Околу 18.00 полицијата го нашла автомобилот во близина на нивниот дом. Но, Тереза сѐ уште ја немало.Ние во Северна Каролина бевме шокирани од веста. Мојата сопруга и јас, заедно со нашиот син и снаата, ги спакувавме куферите и тргнавме дома. Тоа беше долго, емотивно патување. Патувавме цела ноќ и пристигнавме во Охајо следното утро.
Пресврт
Во меѓувреме, Џонатан и некои роднини, блиски пријатели и други ѝ помагаа на полицијата во потрагата по Тереза, работејќи цела ноќ. Потрагата траеше пет мачни дена. Конечно, во понеделникот, 2 октомври, дојде до пресврт. Дотогаш полицијата успеа да го лоцира телефонскиот повик што го примила Тереза во средата наутро. Една жена што живееше на оддалеченост од само неколку блока ѝ се јавила од мобилен телефон.
Откако беше интервјуирана, жената ѝ стана сомнителна на полицијата. Подоцна истата вечер полицајците повторно пошле кај неа. Но, кога се приближиле до вратата, слушнале истрел. Кога насилно влегле во куќата, жената била мртва. Таа извршила самоубиство. На нивно изненадување, нашле новороденче во една соба на вториот спрат. Неверојатно, но тоа спиело за време на целиот метеж!
Но, сѐ уште немаше ниту трага од Тереза. Следните неколку часа полицијата ја претресе куќата за да најде барем некаков доказ дека таа била таму. Потрагата заврши рано наутро во вторникот, во гаражата. Таму, во еден плиток гроб, го пронајдоа телото на Тереза. Подоцна судскиот вештак утврди дека била онесвестена со еден удар, а потоа застрелана одзади. Настапила моментална смрт, а потоа бебето ѝ било извадено од утробата. Кога размислуваме за тоа, донекаде ни е полесно од сознанието дека не се мачела.
Новороденчето беше однесено во болница, каде што се утврди дека има одлично здравје — немаше ни гребнатинка! Задолжителниот ДНК-тест потврди дека тоа навистина е наше внуче. Џонатан му го даде името што го избраа заедно со Тереза — Оскар Гавин. По краткиот престој во болница, нашето внуче што тежеше скоро 4 килограми беше предадено во рацете на својот татко во четвртокот, 5 октомври. Многу бевме возбудени што го добивме внукот, но не може да се опише со зборови колку бевме скршени што ја немаше Тереза за да го земе в прегратка.
Реакција од околината
Моето семејство и јас бевме трогнати до солзи од поддршката што ја добивме — во многу случаи од луѓе што не ги ни познававме. Оние денови додека Тереза се водеше за исчезната, стотици доброволно се пријавија да помогнат во потрагата. Мнозина дадоа парични донации. Неколку локални магацини за канцелариски материјал направија илјадници летоци бесплатно. Доброволци ги дистрибуираа летоците со километри околу домот на Тереза.
Една наша христијанска сестра работи за еден локален адвокат и кога му кажала за нашата ситуација, се понудил да помогне. Ја прифативме неговата понуда и тоа се покажа како огромен благослов. Тој ни помогна да излеземе на крај со медиумите и со извесни правни прашања што се појавија. Освен тоа, ни препорача двајца приватни детективи, кои многу ни помогнаа во случајот. Бевме длабоко трогнати од нивниот искрен интерес за нас.
Откако си го добивме внукот, поддршката се засили уште повеќе. Неколку дуќанчиња ни испратија храна и други намирници. Многу луѓе донираа облека за Оскар, како и пелени, лактовит и играчки. Добивме многу повеќе од она што можеше да му користи на Оскар, па затоа вишокот го дадовме во мајчиниот оддел во една локална болница. Бидејќи медиумите известија за настанот, добивме илјадници картички и писма — не само од околината туку и од целиот свет.
Поддршката што ја добивме особено дојде до израз на комеморативната служба за Тереза, што се одржа во неделата, 8 октомври. Знаевме дека сакаат да присуствуваат многу луѓе, но одѕивот ги надмина
нашите очекувања. Беа направени подготовки да го користиме аудиториумот во едно локално средно училиште, и со повеќе од 1.400 присутни беше максимално пополнет. Беа присутни роднини, пријатели, полицајци, градоначалникот и други од нашето место. Присуствуваа и лица од медиумите, а локалните телевизиски станици го снимаа предавањето, кое се пренесуваше во живо и на Интернет. Освен тоа, стотици луѓе стоеја во училишниот хол или се туркаа под чадори надвор на студениот дожд и слушаа преку звучниците што беа поврзани. Предавањето даде големо сведоштво за нашите библиски верувања.Потоа, стотици луѓе стрпливо чекаа на ред да ни изразат сочувство. Стоевме речиси три часа, прегрнувајќи ги сите оние што дојдоа и изразувајќи го нашето ценење за нивното присуство. Откако заврши службата, еден локален хотел љубезно обезбеди ручек за повеќе од 300 наши роднини, блиски пријатели и други што помагаа во закрепнувањето на нашиот внук.
Не можеме доволно да искажеме колку го цениме тоа што луѓето — повеќето непознати — го сторија за да ни помогнат. Ова искуство ја зајакна нашата одлучност да имаме целосно учество во христијанската служба, бидејќи има многу добродушни луѓе што сакаме да ги достигнеме со добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14).
Како реагираше собранието
Од самиот почеток на ова тешко искушение, чувствувавме бран од поддршка од нашите христијански браќа и сестри. Оваа чиниш бескрајна поддршка дојде од нашето собрание на Јеховини сведоци, како и од околните собранија.
Уште пред да се вратиме дома од Северна Каролина, старешините во собранието помогнаа да се организираат напори да се пронајде Тереза. Многу од нашите браќа и сестри зедоа слободни денови од работа за да се придружат во потрагата. Некои им рекоа на своите работодавачи дека се спремни да им се скрати од платата, но во некои случаи работодавците им дале платени слободни денови. Во текот на деновите додека не беше најдена Тереза, некои наши духовни браќа останаа со Џонатан за да не биде сам. Некои браќа и сестри дојдоа и го средија и исчистија станот. Други готвеа за доброволците и одговараа на телефонските повици.
Околу шест седмици по смртта на Тереза, мојата сопруга и Џонатан се соочија со еден тежок предизвик — да ги прегледаат работите на Тереза и да го расчистат нејзиниот дом. Џонатан сметаше дека повеќе нема да може да живее во куќата каде што живееле заедно со Тереза и затоа одлучи да ја продаде. Беше болно да се прегледуваат работите на Тереза — сѐ ги потсетуваше на неа и на тоа колку им недостига. Но, и во оваа прилика нашите браќа и сестри ни дојдоа на помош. Тие помогнаа да се спакуваат во кутии нејзините работи, па дури и направија некои потребни поправки во куќата за да биде спремна за продажба.
Што е најважно, браќата и сестрите му дадоа на нашето семејство духовна и емоционална поддршка. Ни телефонираа и нѐ посетуваа за да нѐ охрабрат. Многумина испратија трогателни картички и писма. Оваа љубезна поддршка не траеше само првите неколку денови и седмици туку многу месеци.
Многу наши браќа и сестри ни рекоа да им кажеме кога ќе ни треба некој што само ќе нѐ слуша и ние ја прифативме нивната љубезна понуда. Толку е утешно да се споделат чувствата со пријателите што ги сакате и во кои имате доверба! Навистина, тие беа пример за зборовите од библиската изрека: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17; 18:24).
Влијанието врз нашето семејство
Морам да кажам дека справувањето со убиството на Тереза не беше лесно за моето семејство и за мене. Тоа навистина го промени нашиот живот. Понекогаш сум лут што таа не е со мене. Ми недостигаат нејзините прегратки и бакнежи.
Мојата сопруга беше многу блиска со Тереза. Не поминуваше ни еден ден а да не разговараат. Минаа безброј часови разговарајќи за бременоста на Тереза. Заедно ја наместија детската соба.
Вики зборува за своите чувства: „Ми недостигаат многу работи. Ми недостига да учествувам во проповедничкото дело со неа. Ми недостига заедно да пазаруваме. Најмногу ме боли што не ја гледам заедно со нејзиното бебе — тоа едноставно ми го кине срцето. Знам колку го сакаше Оскар уште пред да се роди. Знаеше дека бебето ќе биде машко. Откако сплетов ќебенце за бебето и ѝ го дадов на Тереза, таа ми ја напиша оваа картичка:
‚Драга мамо,
Многу ти благодарам за убавото бебешко ќебенце. Навистина го ценам трудот што си го вложила. Би сакала повторно да ти се заблагодарам за помошта и охрабрувањето што ми ги даваш за да пребродам еден од најтешките периоди во мојот живот. Секогаш ќе се сеќавам на тоа и ќе ти бидам благодарна. Велат дека еден ден, кога ќе пораснеш, ќе сфатиш дека најдобар пријател ти е мајката. Секојдневно му благодарам на Јехова што не ми требаше многу време да го сфатам ова. Секогаш ќе те сакам.‘“
Беше болно да се гледа низ што минува и нашиот зет. Додека Оскар беше во болница, Џонатан се соочи со една од најтешките работи што мораше да ги направи. Бидејќи одлучи привремено да се пресели кај нас, мораше да ја премести детската соба што ја наместија тој и Тереза во нивната куќа. Го спакува дрвеното коњче, колевката и плишаните животни и ги пренесе во нашиот дом.
Што ни помогна да се справиме
Кога ќе изгубите некој сакан на толку трагичен начин, се јавуваат многу збунувачки прашања и емоции. Имаше прилики кога, како христијански старешина, настојував да ги утешам и да им помогнам на другите што се бореа со такви прашања и чувства. Но, кога Вие сте тој што е во жалост, емоциите можат да го замаглат јасното размислување.
На пример, имајќи ја на ум состојбата на Тереза и дека ќе бидеме отсутни една седмица, го молев Јехова да ја чува. Кога ја најдоа убиена, морам да признаам дека на почетокот се прашував зошто моите молитви не беа одговорени. Се разбира, знам дека Јехова не гарантира чудесна заштита за секој поединец од својот народ. Продолжив да се молам за разбирање. Бев утешен од сознанието дека Јехова го штити својот народ духовно — односно, ни го обезбедува она што ни е потребно за да го зачуваме својот однос со него. Таквата заштита е најважна бидејќи може да се одрази врз нашата вечна иднина. Во таа смисла, Јехова навистина ја заштити Тереза; таа верно му служеше во времето кога умре. Најдов мир од сознанието дека нејзините изгледи за иден живот се во Јеховините љубезни раце.
Извесни библиски стихови особено беа утешни. Еве некои што ми помогнаа да се справам:
Дела 24:15). Долго време верував во библиското ветување за воскресение во земен рај, но сега таа надеж ми е уште пореална. Самото сознание дека ќе можам повторно да ја прегрнам Тереза ми дава сила да го преживеам секој ден.
„Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ („Јехова . . . не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за него сите се живи“ (Лука 20:37, 38). Многу е утешно сознанието дека мртвите што еден ден ќе воскреснат, дури и сега за Јехова „сите се живи“. Значи, од негова гледна точка, нашата драга Тереза е жива.
Вики би сакала да каже некои библиски стихови што особено ја зајакнаа неа:
„,Невозможно [е] Бог да лаже‘ (Евреите 6:18; Тит 1:2). Бидејќи Јехова не може да лаже, знам дека ќе го исполни своето ветување за воскресние на мртвите.
‚Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат‘ (Јован 5:28, 29). Зборот ‚спомен-гробови‘ покажува дека Тереза ќе биде во Јеховиното сеќавање сѐ додека неговиот Син, Исус Христос, не ја воскресне. Знам дека нема побезбедно место за нејзе отколку во Јеховината совршена меморија.
‚Во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус‘ (Филипјаните 4:6, 7). Особено се молам Јеховиниот дух да ми даде сила. Кога многу ќе се вознемирам, му се обраќам на Јехова и му велам: ‚Ми треба повеќе од твојот дух‘ и тој ми помага да издржам уште еден ден. Понекогаш не можам дури ни да ги изговарам јасно зборовите, но тој ми дава сила да продолжам понатаму“.
Јехова навистина ни помогна да се справиме со оваа неопислива трагедија. Ох, ние сѐ уште тагуваме по нашата драга Тереза. Не очекуваме нашата болка да биде сосема избришана сѐ додека повторно не ја прегрнеме во Јеховиниот нов свет. Во меѓувреме, поодлучни сме од кога и да е порано верно да му служиме на Јехова. Џонатан е одлучен да стори сѐ што може за да го воспита Оскар да го сака Јехова и да му служи, а Вики и јас ќе му помагаме на секој можен начин. Од сѐ срце сакаме да бидеме во Божјиот нов свет за да ја пречекаме Тереза и да ја запознаеме со нејзиниот син што не стигна да го држи во својата прегратка.
[Слика на страница 21]
Нашата ќерка Тереза, го слуша чукањето на срцето на своето бебе
[Слики на страници 22 и 23]
Почувствувавме голема поддршка на комеморативната служба
[Слика на страница 25]
Со мојата сопруга Вики на свадбата на Тереза
[Слика на страница 25]
Нашиот внук Оскар