Средба на семејствата во Кореја — еден нов почеток?
Средба на семејствата во Кореја — еден нов почеток?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РЕПУБЛИКА КОРЕЈА
НАСТАНОТ беше наречен голема човечка драма. Привлече преку 1.300 домашни репортери и повеќе од 400 странски дописници. Повод беше средбата на семејствата од северниот и јужниот дел на Кореја — семејства што беа разделени 50-тина години.
Половина век, многу Корејци немаа контакти со своите роднини — било преку писма, факс или телефон. Демилитаризираната зона што ја подели земјата доведе до изолација на членовите на семејствата. Што ја овозможи оваа средба? *
Значајна средба
На 15 август 2000, еден авион на кој можеше да се види знамето на Народна Демократска Република Кореја се спушти на меѓународниот аеродром Кимпо во Република Кореја. Овој авион пренесуваше патници од север што добија потврда од Меѓународниот Црвен крст дека некои нивни роднини сѐ уште се живи во Јужна Кореја. Потоа, истиот авион собра 100 Корејци од југот и се упати на север, овозможувајќи им и на нив да се сретнат со своите роднини. Замислете си да имате брат, сестра, мајка, татко, син или ќерка, па дури и сопружник, што не сте го виделе повеќе од 50 години! Мнозина што дојдоа на оваа средба беа во своите доцни 60-ти и 70-ти години и последен пат се виделе со своите роднини кога биле тинејџери!
Беше организирано овие средби да траат само четири дена и три ноќи, а потоа секој требаше да се врати во својата земја. Несомнено затоа многу роднини што се сретнаа, зборуваа речиси нонстоп!
Заради веројатноста од доживување траума и шок, беа подготвени лекари, медицински сестри и болнички коли. Не изненадува што имаше потреба од нив.Средбите вклучуваа само еден многу мал дел од вкупниот број семејства што беа разделени. Некои проценуваат дека има 690.000 луѓе на возраст од преку 60 години и 260.000 луѓе на возраст од над 70 години, кои сѐ уште се разделени од своите сакани. Меѓутоа, од 76.000 лица од Република Кореја што исполнија извесни барања и поднесоа молба да ги посетат своите роднини на север, за оваа средба беа избрани само 100.
Еден од нив беше 82-годишниот Јан Жин-јул. Црвениот крст го известил дека неговиот 70-годишен брат од север ги бара своите роднини на југ. Помладиот брат на Јан Жин-јул бил студент на универзитетот во Сеул во 1950, кога исчезнал за време на Корејската војна. Оттогаш никој не чул ништо за него. Тие двајцата, како и нивните две сестри, повторно се сретнаа откако беа разделени пет децении!
Ли Пок-јон, 73-годишен, се сретна со својата 70-годишна сопруга и двата сина. Последен пат го видел своето семејство кога синовите имале две и пет години. Еден ден, за време на војната, излегол од дома и рекол дека ќе оди да купи велосипед. Исчезнал и оттогаш не чуле ништо за него. При нивната трогателна средба, неговата сопруга, сега парализирана и болна од дијабетес, успеа да му го постави прашањето за кое размислувала со децении: Зошто му требало толку време за да го купи тој велосипед?
Ли Чон-пил, 69-годишен, одел во основно училиште кога бил одвоен од своето семејство во 1950 и бил регистриран како исчезнат. Повторно се сретнал со Чо Вон-хо, својата 99-годишна мајка, двајцата браќа и двете сестри на југот. За жал, неговата стара мајка не можела да го препознае.
Ова се само неколку од многуте трогателни средби. Овој настан се пренесуваше во живо на неколку локални и странски ТВ-канали. Кога ги гледаа овие средби, и гледачите беа трогнати и им потекоа солзи радосници! Мнозина се прашуваа дали ова ќе води до нешто повеќе. Како и да е, на средбите наскоро им дојде крајот, при што разделбата беше речиси исто толку болна колку и првобитното одвојување. Саканите не знаеја дали или кога ќе се сретнат повторно.
Половина век разделба — при крај?
На 15 август 1945, Кореја го отфрли јаремот на 36-годишното колонијално владеење на Јапонија. Меѓутоа, наскоро Кореја беше поделена од тогашната политика. Истерувајќи ги Јапонците од корејскиот полуостров, американските сили стекнаа контрола над територијата јужно од 38-миот напоредник, а советските сили презедоа контрола над територијата на север. Војната што избувна наскоро не ги реши работите. Сега во Кореја има две влади. Почнувајќи од 1945 и во текот на Корејската војна, илјадници семејства беа разделени. Кога војната конечно заврши во 1953, една демилитаризирана
зона полна со копнени мини ја подели земјата на две.Со децении, немаше многу знаци за помирување. Меѓутоа, на 13 јуни 2000, еден авион што го превезуваше претседателот на Република Кореја, Ким Деј-јун, се спушти на аеродромот Сунан во Пјонгјанг. Шефот на државата на Демократска Република Кореја, Ким Јонг-ил, го пречека на авионската писта. Изгледаше дека се отвори ненадејна и неочекувана врата на надеж. Овие двајца водачи не се сретнале никогаш порано. Но, во оваа прилика личеа на двајца браќа што биле изгубени долго време. Следеше тридневна конференција на која двајцата водачи ветија дека ќе работат на тоа да стават крај на половина век непријателство и дека ќе работат на помирување. Средбите на разделените роднини беа едни од првите резултати од таа конференција. Се подготвуваа и други иницијативи.
Двајцата лидери исто така се договорија повторно да ја поврзат железничката пруга помеѓу северот и југот. До септември 2001 треба да се поправат 12 километри пруга во јужниот дел на Кореја и 8 километри пруга во северниот дел. Оваа железничка пруга ќе минува преку демаркациона зона, повторно поврзувајќи ги двата дела на Кореја. А кога пругата на крајот ќе се поврзе со Транскинеската железница, ќе се протега низ Корејскиот Полуостров, ќе минува низ Кина и ќе води во Европа. Таа навистина ќе биде, како што рекол претседателот Ким Деј-јун, „нов железен пат на свилата“. Другата железничка линија ќе води низ средината на демаркационата линија и ќе се поврзе со руската транссибирска железница.
Дали овие иницијативи навистина најавуваат еден нов почеток, останува да се види. Во меѓувреме, напорите што се вложуваат за повторно да се видат семејствата навистина се за пофалба. Па сепак, очигледно е дека на човештвото му е потребно глобалното владетелство на Божјето Царство (Матеј 6:9, 10). Уште во 1912, Јеховините сведоци почнаа да го организираат ширењето на оваа порака на надеж на Ориентот. Многумина во северниот дел на Корејскиот Полуостров ја чуја, а голем број и ја прифатија. Меѓутоа, многу од нив беа ставени в затвор за време на јапонското владеење затоа што одбија да одат во војна.
Откако заврши II светска војна и беа пуштени од затвор, овие христијани, Јеховини сведоци, почнаа да се состануваат. Повеќето од нив дојдоа на југ, каде што можеа да уживаат слобода на обожавање. Во јуни 1949 беше формирано првото собрание во Сеул, а денес тоа порасна во една голема организација од преку 87.000 активни Сведоци во Република Кореја. Во нив спаѓаат и илјадници што се разделени од своите роднини на север.
Можеби настаните ќе одат во правец на повторно обединување на сите разделени семејства во Кореја. Што е уште поважно, крајот на ваквото одвојување ќе овозможи 22 милиони жители на Народна Демократска Република Кореја конечно да добијат прилика да ја чујат библиската порака.
[Фуснота]
^ Средба организирана од државата имаше и во 1985 година.
[Слики на страница 15]
Сопруг и сопруга (горе) и мајка и син (долу) повторно се сретнаа
[Слика на страница 16]
Обожавајќи предци, еден човек клекнува пред сликата на својот татко, кој умрел пред да се видат повторно
[Слика на страница 17]
Јан Жин-јул (лево на крај) на средбата со својот брат (во средината) од север
[Извор на слика на страница 15]
Фотографии на страници 15—17: Здружение на фоторепортерите на корејскиот печат