Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Љубов покажана во време на неволја

Љубов покажана во време на неволја

Љубов покажана во време на неволја

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НИГЕРИЈА

НЕДЕЛА, 27 јануари 2002, беше наречена Црна недела во Лагос (Нигерија). Една експлозија во подземно складиште за оружје предизвика силни потреси во градот и го осветли вечерното небо. Во текот на неколку часа, од експлозиите врнеше дожд од гранати и парчиња крш во радиус од три километри, сеејќи паника во градот.

Неверојатни гласини го засилуваа стравот. Мноштва преплашени луѓе се слеваа низ улиците, не знаејќи од што бегаат ниту, пак, каде одат. Во квечерината, стотици луѓе, вклучувајќи и многу хистерични деца, со трчање влегоа во матните води на еден канал и се удавија. Домови, училишта и деловни установи беа уништени или тешко оштетени, оставајќи илјадници лица без дом и без работа. Се проценува дека во трагедијата животот го изгубиле 1.000 лица. Според подоцнежните проценки тој број беше уште поголем.

Од станбеното подрачје околу воената установа каде што избувнаа експлозиите, подоцна беа собрани околу 1.350 неексплодирани бомби, ракети и рачни гранати. Еден човек нашол метален предмет во својата дневна соба. Не сфаќајќи дека се работи за бомба, го зел, го ставил во багажникот на автомобилот и им го вратил на властите.

Кога ја слушна веста за експлозиите, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Нигерија веднаш стапи во контакт со еден старешина од Лагос и им даде упатства на 16-те патувачки надгледници на тоа подрачје да утврдат во каква ситуација се 36-те илјади Сведоци во Лагос. Канцеларијата испрати 1.000.000 наири (околу 10.000 долари), и даде упатства да се формира одбор за помош.

Еден од Сведоците беше тешко ранет од шрапнел; трагично е што две млади жени го изгубија животот; а две Сали на Царството и домовите на 45 фамилии беа оштетени.

Шест дена по експлозиите на муницијата, на 2 февруари 2002, во едно друго подрачје од градот избувна етнички судир. Според Црвениот крст, во борбите имало 100 загинати, 430 ранети, а 3.000 лица морале да ги напуштат домовите, додека 50 куќи изгореле. Одборот за помош што се грижеше за потребите на жртвите на „Црната недела“, веднаш ги побара своите христијански браќа во тоа подрачје.

Во оваа прилика, не го изгуби животот ниеден Сведок затоа што повеќето од нив присуствуваа на покраински собир кога започнаа борбите. Меѓутоа, многу од членовите на петте собранија во тоа подрачје немаа каде да се вратат. Нивните христијански браќа спремно ги примија кај себе. Еден доктор што е Сведок и неговата сопруга обезбедија сместување за 27 лица што останаа без дом.

Сведоците во Лагос што не беа погодени од експлозиите и етничките борби дарежливо приложија храна, облека и работи за домаќинството. Надгледникот на градот извести: „Браќата во Лагос приложија многу повеќе отколку што им требаше на оние кои беа погодени“. Канцеларијата на подружницата мораше да им пише на собранијата и да ги замоли да престанат и понатаму да приложуваат. Преостанаа доволно работи за трипати да се наполни еден камион, со кој беа испратени да се складираат во канцеларијата на подружницата.

Собраниските старешини посетија многу од погодените и од роднините на оние што загинаа. Се потрудија да дадат утеха од Писмото. Одборот за помош организираше да се поправат оштетените домови. На погодените од двете катастрофи им испратија работи за домаќинството, облека и храна и помогнаа да се најде сместување за оние што останаа без дом. Одборот им помогна на вкупно 90 фамилии и поединци.

Многу од погодените беа длабоко трогнати од помошта што ја добија. Еден Сведок му рекол на одборот за помош: „Сѐ додека сум жив, Јехова ќе биде мое ‚засолниште и тврдина‘!“ (Псалм 46:1, 2).

Оние што не се Сведоци забележаа како Јеховините сведоци се грижат еден за друг во тие критични времиња. Вујкото на една од загинатите Сведоци им рекол на старешините од собранието на кое припаѓала таа: „Ќе се вратам за вистински да ви се заблагодарам и да дознаам нешто повеќе од вас“. На своето семејство му рекол: „Во Лагос видов нешто прекрасно. Дури и роднините не го прават тоа што го направија тие луѓе“.

[Слика на страница 12]

Камион натоварен со материјали за помош

[Слика на страница 12]

Некои од оние што добија помош

[Слика на страница 13]

Оваа двојка обезбеди сместување за 27 лица што останаа без дом

[Слика на страница 13]

Сведоци поправаат еден оштетен дом

[Извор на слика на страница 12]

Горе: Sam Olusegun - The Guardian