Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Врховниот суд донесува пресуда во корист на слободата на говорот

Врховниот суд донесува пресуда во корист на слободата на говорот

Врховниот суд донесува пресуда во корист на слободата на говорот

РЕШАВАЧКИОТ ДЕН беше 17 јуни 2002, кога Врховниот суд го објави своето писмено мнение. Каква беше одлуката? Насловите во весниците известија за исходот. The New York Times објави: „Судот ги отфрла ограничувањата наметнати врз посетите на Јеховините сведоци“. The Columbus Dispatch од Охајо наведе: „Врховниот суд го поништи барањето на дозвола“. The Plain Dealer од Кливленд, Охајо, едноставно рече: „На агитаторите не им треба зелено светло од градското собрание“. Во USA Today стоеше: „Победа на слободата на говорот“.

Одлуките на нижиот суд против Јеховините сведоци беа поништени со гласање 8 спрема 1! Судијата Џон Пол Стивенс го напиша официјалното мнение на судот на 18 страници. Одлуката беше силна потврда на заштитата што ја дава првиот амандман за јавната служба на Јеховините сведоци. Во образложението, судот објасни дека Сведоците не барале дозвола бидејќи тврдат дека „своето право да проповедаат го добиваат од Писмото“. Потоа судот го цитираше сведочењето наведено во писменото излагање на Сведоците: „Сметаме дека би било речиси навреда за Бог кога би морале да бараме дозвола од општината за да проповедаме“.

Во мнението на судот стоеше: „Веќе повеќе од 50 години судот ги отфрла ограничувањата во врска со агитирањето и делењето на брошури од врата до врата. Не е само чиста историска случајност тоа што во повеќето од овие случаи се вклучени спорови во врска со првиот амандман покренати од страна на Јеховините сведоци, зашто нивната религија бара да се агитира од врата до врата. Како што може да се забележи во случајот Мердок против Пенсилванија . . . (1943), Јеховините сведоци ‚тврдат дека го следат примерот на Павле, поучувајќи „јавно и од куќа до куќа“. Дела 20:20. Тие дословно ја сфаќаат заповедта од Писмото: „Одете по целиот свет и проповедајте му ја добрата вест на сето создание“. Марко 16:15. Со тоа што постапуваат така, тие веруваат дека се послушни на заповедта од Бог‘ “.

Потоа во мнението повторно се цитираше од случајот во 1943: „Според првиот амандман, овој облик на религиозна активност има исто толку голема важност колку и обожавањето во црквите и проповедањето од проповедалниците. Има исто право на заштита како и поортодоксното и поконвенционалното практикување на религија“. Цитирајќи еден случај од 1939, во мнението стоеше: „Барањето на цензура, со тоа што ќе мора да се набави дозвола која би го оневозможила слободното и непречено дистрибуирање на брошури, удира во самиот темел на гаранциите од уставот“ (курзивот е од нас).

Потоа Судот изнесе една важна забелешка: „Овие случаи покажуваат дека напорите на Јеховините сведоци да се спротивстават на обидите да се ограничи говорот не се борба само за нивните права“. Во мнението беше објаснето дека Сведоците „не се единствените ‚обични луѓе‘ што се соочуваат со опасноста да бидат замолчени со одредби како онаа од Стратон“.

Во мнението понатаму се велеше дека одредбата „е навреда — не само за вредностите што ги заштитува првиот амандман туку и за самиот концепт за слободно општество — бидејќи во рамките на секојдневните јавни разговори еден граѓанин би морал најпрво да ја информира владата за својата желба да разговара со соседите и потоа да добие дозвола да го стори тоа . . . Еден закон според кој би била потребна дозвола да се води таков разговор претставува драстично отстапување од нашето национално наследство и уставна традиција“. Потоа во мнението се зборуваше за „крајно штетните последици од барањето на таква дозвола“.

Закана од криминал

Што е со гледиштето дека дозволата е заштита од провалници и други криминалци? Судот аргументираше: „И покрај тоа што сфаќаме дека оваа загриженост е оправдана, нашето досегашно искуство јасно покажува дека мора да има рамнотежа помеѓу оваа загриженост и последиците што овие одредби би ги имале врз правата загарантирани со првиот амандман“.

Судското мнение понатаму гласеше: „Звучи неверојатно дека само затоа што немаат дозвола, криминалците нема да тропнат на нечија врата и да почнат да разговараат за работи што не се спомнати во одредбата. На пример, тие би можеле да Ве замолат да им кажете како да стигнат до некаде, или да се послужат со вашиот телефон . . . или би можеле да се пријават под лажно име и да си поминат неказнето“.

Навраќајќи се на одлуките од 1940-те, Судот напиша: „Јазикот што се користел во судските мненија во времето на Втората светска војна со кои соверниците на подносителите на молбата [Watch Tower Society] секогаш одново биле ослободувани од плитки обвиненија, ја одразува вредноста што овој суд им ја придава на слободите загарантирани со првиот амандман, во кои спаѓа и овој случај“.

Каква беше конечната одлука на судот? „Пресудата на апелациониот суд се поништува, и случајот се враќа во апелациониот суд на повторна расправа во склад со ова мнение. Ова е нашата одлука“.

Така, конечниот исход од овој случај беше, како што наведе Chicago Sun⁠-​Times, „Судот ги поддржува Јеховините сведоци“, и тоа со мнозинство од 8 спрема 1.

Што да се каже за иднината?

Како гледаат Јеховините сведоци од блиското собрание Велзвил на оваа победа извојувана на Врховниот суд? Секако, нема причина да се фалат со тоа на сметка на жителите на Стратон. Сведоците не им се лутат на добрите луѓе од селото. Грегори Кухар, локален Сведок, рече: „Не сакавме да дојде до ваков судски случај. Одредбата едноставно сама по себе беше неисправна. Она што го направивме не беше само за нас туку за сите“.

Фактите покажуваат дека Сведоците особено внимавале да не го провоцираат локалното население. Еден друг Сведок, Џин Кунц, објасни: „Последен пат кога проповедавме во Стратон беше на 7 март 1998, пред повеќе од четири години“. Тој додаде: „Мене лично ми беше кажано дека ќе бидам уапсен. Низ годините имаше многу случаи кога полицијата ни се закануваше дека ќе нѐ уапси. Потоа побаравме да видиме писмен примерок од одредбата, но никогаш не ни беше покажан“.

Кунц додаде: „Ние повеќе би сакале да бидеме во добри односи со нашите соседи. Ако некои не сакаат да ги посетуваме, ќе ја почитуваме нивната одлука. Но, има и други што се пријателски настроени и што сакаат да разговараат за Библијата“.

Грегори Кухар објасни: „Овој случај не го покренавме за да ги вознемириме жителите на Стратон. Ние само сакавме законски да ја установиме нашата слобода на говор што е загарантирана со уставот“.

Тој продолжи: „Се надеваме дека на крај ќе можеме повторно да одиме во Стратон. Би бил среќен да бидам првиот што ќе тропне на нечија врата кога ќе се вратиме. Во склад со Христовата заповед, ние мораме да се вратиме“.

Исходот на случајот „Watchtower против селото Стратон“ има далекосежни последици. Откако ја дознаа одлуката на Врховниот суд, голем број општински службеници во САД сфатија дека локалните одредби повеќе не можат да се користат за да го ограничат делото на евангелизирање на Јеховините сведоци. До денес, проблемите околу проповедањето од куќа до куќа се решени во околу 90 општини во Соединетите Држави.

[Рамка на страница 9]

„ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ПОВТОРНО УСПЕАЈА“

Чарлс Хејнс, редовен професор и директор на образовните програми при Центарот за првиот амандман, ги напиша горниве зборови на веб⁠-​страницата на Форумот за слобода, под насловот „Слобода на вера“. Хејнс заклучи: „Минатата седмица [Сведоците] ја постигнаа својата 48-ма победа пред Врховниот суд — извонредна низа случаи што значително ја прошири заштитата која ја дава првиот амандман за сите Американци“. Тој предупреди: „Запамтете го ова: Ако владата може да ја ограничи слободата на една религија, таа има моќ да ја ограничи слободата на која и да било религија — или на сите религии . . . Се разбира, луѓето имаат право да не слушаат — и да ја затворат вратата. Но, владата не треба да има власт да одлучува кој ќе тропне на вратата. Затоа, двапати ‚ура‘ за Врховниот суд“.

Хејнс заклучи: „Сите ние им должиме огромна благодарност на Јеховините сведоци. Сеедно колку пати биле навредени, избркани од градот или дури и физички нападнати, тие и понатаму се борат за својата (а со тоа и за нашата) слобода на религија. А кога победуваат тие, победуваме и сите ние“.

[Рамка/слики на страници 10 и 11]

ОДЛУКАТА НА ВРХОВНИТ СУД — КОМЕНТАРИ ВО ПЕЧАТОТ

„Судот ги поддржува Јеховините сведоци; нема потреба од дозвола за служба од врата до врата

Во својата активност при која тропаат на вратите, Јеховините сведоци отсекогаш верувале дека го имаат Бог на своја страна. Сега го имаат и Врховниот суд“ (Chicago Sun⁠-​Times, 18 јуни 2002).

„Слободата на говорот победува

Следниот пат кога некои Јеховини сведоци ќе Ве прекинат додека вечерате, би можеле да размислите за тоа да им се заблагодарите. Во одлучна оддаденост на своите верски принципи, оваа неконвенционална религија со околу 1 милион членови [во Соединетите Држави] веројатно направила повеќе од која и да е друга институција за да обезбеди слобода на говор за секој Американец . . .

За Сведоците не е ништо ново да одат на Врховниот суд. Во повеќе од дваесет случаи во период од 65 години, тие ефикасно се бореа против тиранијата на мнозинството“ (USA TODAY, 18 јуни 2002).

„Агитирањето од врата до врата прогласено за уставно право. Одлуката претставува победа за Јеховините сведоци

Врховниот суд на САД во понеделникот објави дека политичарите, верските групи, женските извидници и други имаат уставно право да одат од врата до врата зборувајќи за своите убедувања без претходно да добијат дозвола од локалните власти“ (San Francisco Chronicle, 18 јуни 2002).

„Врховен суд: не можете да ги спречите Јеховините сведоци и женските извидници да Ви тропнат на врата

ВАШИНГТОН — Денес Врховниот суд потврди дека уставот го штити правото на мисионерите, политичарите и другите да тропаат на вратите без претходно да добијат дозвола од локалните власти . . .

Со број на гласови 8 спрема 1, судот заклучи дека правото на слобода на говор кое се гарантира со првиот амандман го вклучува и правото да се пренесе порака директно до нечија врата“ (Star Tribune, Минеаполис, 18 јуни 2002).

[Слика на страница 9]

Судијата Стивенс

[Извор на слика]

Стивенс: Collection, The Supreme Court Historical Society/Joseph Bailey