Го набљудуваме светот
Го набљудуваме светот
„Лажењето е тешка работа за мозокот“
Истражувачите на универзитетот Пенсилванија откриле дека мозокот мора да работи многу понапорно за да каже лага отколку за да ја каже вистината. Д-р Даниел Ланглебен ја изучувал оваа појава со помош на апарат за снимање со магнетна резонанција (MRI), а со цел прецизно да одреди кои делови од мозокот се активираат кога човек лаже. Кога ќе се постави некое прашање, нашиот мозок мора прво да го обработи. Потоа, „речиси инстинктивно, лажливецот прво ќе помисли на точниот одговор пред да смисли или да каже [некој] погрешен одговор“, известува The News од Мексико Сити. „Од мозокот никогаш не добивате нешто без мака“, вели Ланглебен. „Процесот што се одвива кога се кажува лага е покомплициран отколку кога се кажува вистината, а резултат на тоа е поголема активност на невроните“. Ваквата зголемена активност се покажува на MRI како запалена сијалица. „Дури и за најслаткоречивиот, лажењето е тешка работа за мозокот“, се вели во весникот.
Светските резерви на оружје се зголемуваат
Се проценува дека во 2001 година полицијата, војската, разни бунтовни групи и поединци во целиот свет располагале со 639 милиони парчиња лесно огнено оружје, известува Small Arms Survey 2002, истражување што го спонзорираат ОН. „Тоа е најмалку 16 проценти повеќе од претходната проценка“, забележува Survey. Освен тоа, светските резерви на лесно оружје се зголемуваат приближно за 1 процент секоја година како резултат на ново производство. Во моментов, најмалку 1.000 компании во 98 земји во светот произведуваат пиштоли, пушки, минофрлачи и базуки. Според извештајот, „било проценето дека во 2000 година [вкупната] вредност на светското производство на лесно оружје, вклучувајќи ја и муницијата, изнесувало најмалку 7 милијарди долари“. Од 80 до 90 проценти од светската трговија со лесно оружје е легална, при што поголемиот дел од огненото оружје (59 проценти) им припаѓа на цивили.
Се заканува „еколошки банкрот“
Научниците проценуваат дека, ако потрошувачката на природните богатства на земјата продолжи со сегашново темпо, „нѐ очекува еколошки банкрот“, известува канадскиот весник Globe and Mail. Според едно истражување што првпат беше објавено во весникот Proceedings of the National Academy of Sciences, било пресметано дека во 1961, „луѓето искористиле 70 проценти од годишниот потенцијал за биолошка продуктивност на планетата. Во 1999 тоа искористување изнесувало 120 проценти. Денес е околу 125 проценти“. Ова значи дека на земјата ќе ѝ требаат 15 месеци „за да ги обнови природните богатства што ги користи човештвото“ во текот на една година преку риболов, земјоделство, рударство и горење на фосилни горива. „Дел од причината зошто ситуацијата се влошува толку брзо е тоа што биолошкиот капацитет на планетата се намалува бидејќи дел од земјиштето станува премногу оштетен за да даде род. Што е уште полошо, побарувачката за тој биолошки капацитет се зголемува како што расте и бројот на светското население“, се наведува во истиот весник.
Трансфузијата на крв може да ги оштети белите дробови
„Кај луѓето што примаат крвни производи, особено производи што содржат плазма, може да се јави ризик од акутно оштетување на белите дробови поврзано со трансфузија“, наведува FDA Consumer, списание на американската Управа за контрола на прехрамбени и фармацевтски производи. Тоа може да води до смрт ако не се открие и ако не се лекува како што треба. „Ова заболување може да се јави кога антителата во белите крвни клетки од крвта на дарителот реагираат со белите крвни клетки на примателот, предизвикувајќи промена во ткивото на белите дробови поради што може да навлезе течност во нив. Повеќето дарители што се одговорни за ваквите реакции се жени што имаат повеќе од две деца или дарители што самите примиле повеќе трансфузии.“ Симптомите „вклучуваат треска, плитко дишење и намалување на крвниот притисок. На рентгенските снимки честопати белите дробови на примателот [на трансфузијата] се сосем бели“.
Децата не се сигурни во врска со смртта
„Кога ќе умре некој, дали мислиш дека може повторно да се врати во живот?“ Професор Хироши Накамура од Јапонскиот женски универзитет им го поставил ова прашање на повеќе од 372 ученика во повисоките одделенија на основно училиште. Една третина одговориле потврдно, а една третина не биле сигурни, се известува во токискиот весник Sankei Shimbun. „Ваквата претстава можеби доаѓа од компјутерските игри во кои, дури и ако умре главниот лик, сѐ што треба да се направи е да се притисне едно копче за повторно сѐ да започне од почеток“, истакнува весникот. Како што вели професорот, истражувањето „покажува дека многу ученици, дури и во повисоките одделенија на основно училиште, немаат исправна претстава за тоа што навистина значи смртта“. Тој предлага родителите да ги поучат децата за смртта дозволувајќи им да видат како умираат домашните миленичиња и да ги посетат роднините што се на умирање.