Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Вашите чевли се навистина удобни?

Дали Вашите чевли се навистина удобни?

Дали Вашите чевли се навистина удобни?

„Оној што го носи чевелот најдобро знае каде го стега.“ (МУ СЕ ПРИПИШУВА НА ЕДЕН РИМСКИ МУДРЕЦ).

КОГА последен пат сте купиле чевли? Како Ви пасуваа? Ви беа ли удобни? Колку време Ви требаше да ги изберете? Од колкава помош Ви беше продавачот? Дали ги купивте затоа што Ви се допаѓа стилот или затоа што се удобни? Како Ви се сега откако ги поносивте малку? Ве стегаат ли некаде?

Да се купат чевли не е толку едноставно како што изгледа, а да се најде точниот број е речиси како да си влегол во лавиринт. Зошто?

Да се најде точната големина

Како прво, кое стапало Ви е поголемо, десното или левото? Мислите дека и двете се исти? Е, размислете уште еднаш! Друг фактор што треба да се земе предвид е дека секое стапало има четири вида големина: статична големина, големина при стоење, функционална и термална големина. Кои се разликите?

Во врска со статичната големина, книгата Professional Shoe Fitting вели: „Оваа големина на чевлите е кога нозете се во мирување (кога муштеријата седи)“. Како што и самиот израз „големина при стоење“ укажува, таа се мери кога лицето стои. Во оваа положба се менуваат големината и обликот на стапалото. Претходно спомнатата книга вели: „Кога е во мирување, стапалото во суштина е како една лабава торба со коски и ‘рскавица што одеднаш се ‚стврднува‘ кога човекот ќе застане, и тогаш на стапалото му е потребна поинаква големина на чевли“. Но, има уште две големини.

Функционалната големина е големината кога стапалото се наоѓа во динамична состојба — кога одиме, трчаме, скокаме или при други движења. Како последица од тоа, „големината, обликот и пропорциите на стапалото се менуваат“. Четвртата големина е термалната големина, која се однесува на промените што настануваат како резултат на топлина и влага. Тие можат да доведат до тоа стапалото да се зголеми и до 5 проценти. Не е ни чудо што е вистинско олеснување кога ќе си ги собуете чевлите на крајот на денот, особено ако носите погрешен број! А тоа се случува често.

Како се мерат стапалата?

Ерик со години купувал чевли број 44,5 или 45 и со средна ширина. Во истиот тој период, постојано го измачувал плускавец на вториот прст и враснат нокт на големиот прст на левото стапало. Подијатарот (доктор за стапала) предложил да му ги измери стапалата лице кое е стручњак за тоа. Ерик се зачудил кога му рекле дека ако сака удобни чевли треба да носи број 47, со нешто потесен калап. Но, дали овие две мерки, должината и ширината, се доволни за да бидеме сигурни дека сме си нашле удобна големина? Како треба да си ги измерите стапалата?

Во некои земји, вообичаена алатка за одредување на бројот е направата Бранок. (Видете ја сликата.) Таа може да се користи за да се одредат трите основни мерки: вкупната должина на стапалото, растојанието помеѓу петицата и зглобовите на прстите, и ширината на стапалото во неговиот најширок дел. Но, се разбира, секое стапало си има свој облик и обем. Од таа очигледна причина, пред да купиме чевли прво ги пробуваме. Но, и тука може да се крие замка. Ви се случило ли некогаш да пробате чевли што навистина Ви се допаѓаат, но кога ќе ги пробате чувствувате дека по малку ве стегаат? „Ќе се рашират“, Ви вели продавачот. Ќе ги купите и по неколку дена или седмици веќе зажалувате што сте ги купиле. И, ете Ви нов плускавец, враснат нокт или оток на големиот прст!

Ќе најдете ли чевли што совршено Ви пасуваат?

Можно ли е да си најдете чевли што совршено ќе Ви пасуваат? Книгата Professional Shoe Fitting веднаш одговара со ‚не‘. Зошто? „Поради неколку ненадминливи пречки . . . Ниеден човек нема две стапала со сосем иста големина, облик, пропорции или начин на функционирање“. Така, ако чевелот совршено Ви одговара на поголемото стапало, нема сосем да Ви одговара и на другото. „Ова не значи дека не може да се најдат чевли што добро ќе Ви пасуваат туку дека треба попретпазливо да ги користиме изразот или идејата за ‚совршена‘ големина.“

Ако сакате да видите на кои места Вашите стапала вршат поголем притисок во чевлите, разгледајте некои од своите постари, износени чевли. Погледнете ја поставата во чевелот. Каде е најизлитена? Обично ќе се покаже дека чевлите се најизлитени на делот под петицата, зад петицата и на предниот дел на табанот. Што значи тоа? Дека „одредени делови на чевелот не се исправно приспособени на соодветните делови на стапалото. Некои делови се поизлижани додека другите изгледаат речиси нови“.

Дури и отворот на чевелот е важен за удобноста. Сте забележале ли дека обликот на отворот на чевлите може да има различен стил? Кај стилот „бал“, двата дела од лицето на чевелот најмногу се затегнати на најдолната точка. Меѓутоа, ако имате помесести стапала, тогаш поудобен ќе Ви биде стилот „блучер“, зашто врвците се најмалку затегнати на најдолната точка (видите ја сликата). Зошто е важен овој детаљ? Истиот извор вели: „Многу или повеќето иритации на петиците, кои се предизвикани од чевлите, честопати се директна последица од тоа што отворот на чевелот е претесен, па така ја турка петицата кон цврстиот заден дел на чевелот“.

Што да се каже за женските чевли со висока потпетица?

Љубовта на жените кон високите потпетици го оптоварува телото во различни погледи. Високите потпетици можат да го сменат држењето на телото, честопати предизвикувајќи телото да се наведне нанапред, па колената мораат да се свиткаат повеќе за да може телото да стои исправено. Високите потпетици, исто така, ги затегаат мускулите на листот, со што тој станува поистакнат.

Според тоа, потпетицата е честопати најважниот дел од женскиот чевел и е клуч за удобност или неудобност. Во книгата Professional Shoe Fitting се вели дека има три основни причини зошто жените носат високи потпетици: 1) истакнатост, на пример, ја зголемува висината, 2) од естетски причини — чевелот го карактеризира одреден дезен или стил, и 3) подобар изглед — на пример, високите потпетици им даваат поубав облик на нозете‘.

Жените треба да бидат особено свесни за наклонот на потпетицата, кој одредува каде минува тежишната линија на телото. Ако минува низ задниот или предниот раб на потпетицата, може да биде опасно. Зошто? Затоа што потпетицата може да се искриви и жената може да падне и да се повреди.

Од разгледаново, очигледно е дека за да се најде исправната големина на чевли треба време и можеби повеќе пари, зашто е потребно повеќе време за да се направат добри чевли. Но, Вашите чевли можат многу да влијаат на Вашата општа удобност, па дури и на Вашето здравје. Затоа, не брзајте. Дознајте си ги точните мерки. Бидете стрпливи. Нека не ве измами модата или изгледот.

[Рамка на страница 20]

На што треба да внимавате кога барате чевли

Вилијам А. Роси и Рос Тенант во својата книга Professional Shoe Fitting ги даваат следниве совети:

„Целта на мерењето на стапалата не е, како што се мисли, да се одреди точниот број на чевлите“. Зошто? Затоа што на бројот на чевлите можат да влијаат многу фактори, како што е висината на потпетицата, стилот, моделот, материјалот и марката. Ова е особено случај денес кога обувките се произведуваат во толку многу земји со различни стандарди.

Кога Ви го мерат стапалото, повлечете го чорапот или хулахопките нанапред за прстите да не Ви бидат свиткани, зашто така може да се добие погрешна мерка.

Како треба да Ви се зема мерка — додека седите или додека стоите? „Да се зема мерка додека муштеријата седи е мрзливиот начин.“ Како резултат на тоа може да се добие погрешна мерка. Затоа, застанете за да Ви ги измерат стапалата. Да, и двете стапала. Немојте да си претпоставите дека левото стапало е поголемо. Измерете ги двете!

„Професионалното земање мерка е вештина и работа што ја извршува исклучително стручна елитна група поединци што е поврзана со голем број исто толку елитни продавници што ја разбираат и ја ценат важноста на стручното земање мерка.“

[Графикони на страница 19]

(Види во публикацијата)

Делови на чевелот

отвор

постава

флекница

внатрешен дел на потпетицата

преден дел на лицето

ѓон

влошка за петицата

лице

корен на јазикот

цврст преден дел

потпетица

линија на отворот

преден дел на лицето

раб на чевелот

ѓон

[Слики на страница 20]

Направа Бранок

[Слика на страница 21]

Сите модели на чевли се темелат на овие седум основни стилови

[Слики на страница 21]

Стилови на отворот

Блучер

Бал