Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали да гледам музички спотови?

Дали да гледам музички спотови?

Младите прашуваат . . .

Дали да гледам музички спотови?

„Музичките спотови се супер работа. Некои од нив се како минифилмови. Прикажуваат некоја сторија и ѝ се восхитувам на кореографијата“ (Кејси).

„Тие се добар начин да најдеш нова музика. Можеш да видиш нешто повеќе од редовната топ-листа од 40 хита. Исто така, музичките спотови можат да бидат добра тема за разговор“ (Џош).

„Мене ми се важни деталите — која е пејачката, како е облечена, како се однесува. Сите овие работи заедно фрлаат светло врз значењето на текстот“

(Кимберли).

„Сакам да видам што ќе направат овој пат моите омилени групи. Многу ги сакам специјалните ефекти. А некои спотови се смешни. Но, мора да бидеш внимателен“ (Сем).

МОЖЕБИ и ти многу сакаш да гледаш музички спотови. Кога се појавија првпат на телевизиската сцена, тие беа релативно едноставни нискобуџетни продукции. Но, кога се покажа дека не се само минлив тренд и дека имаат огромно влијание врз продажбата на музички снимки, брзо станаа сѐ пософистицирани, и во уметнички и во технички поглед. Денес тие се важен дел во светот на музиката и многу се популарни меѓу младите. Во некои земји има ТВ⁠-​канали на кои се прикажуваат само музички спотови!

Но, зошто младите како што е Сем, цитиран овде, велат дека е потребно да се биде внимателен? Можно ли е некои музички спотови да имаат негативно влијание врз тебе — можеби така што го расипуваат твоето размислување и морални вредности, па дури и го нарушуваат твојот однос со Творецот? Можеби ова прашање звучи малку претерано. Но, размисли: Ако сакаш да пливаш во езеро или во море и видиш знаци со предупредување дека е ризично или опасно да се плива таму, дали би било мудро да ги игнорираш таквите предупредувања? Никако. Значи, ќе биде мудро да земеш во обѕир некои предупредувања во врска со музичките спотови.

Опасни зони

Треба да го признаеш фактот дека она што го гледаш или слушаш може да влијае врз тебе! Библијата ни кажува дека првиот цар на Израел, Саул, корисно ја употребувал музиката — за да ги смири своите емоции (1. Самоил 16:14—23). Дали музиката би можела да влијае негативно? Книгата Rock and Roll​—Its History and Stylistic Development (Рокенрол — неговата историја и стилистички развој) ја дава следнава забелешка: „Едното не оди без другото. Ако признаеме дека рок музиката имала позитивно влијание (што е точно), мораме да бидеме спремни да признаеме дека имала и негативно влијание (што е точно). Оној што гордо ќе рече: ‚Да, слушам музика, но таа не влијае врз мене‘, или е многу наивен или е ептен лошо информиран“.

Библијата постојано укажува на влијанието што го има окото врз нашето размислување и емоции (Пословици 27:20; 1. Јованово 2:16). Затоа, со тоа што додаваат силни визуелни елементи во музиката, продуцентите на спотови драстично го зголемуваат влијанието што таа го има врз оние што ја слушаат. Какви визуелни елементи обично се користат?

Според едно истражување, околу 57 проценти од рок⁠-​спотовите содржат насилство. Во околу 76 проценти се прикажуваат сексуални активности. Во една друга неодамнешна анализа е утврдено дека во 75 проценти од спотовите со концепција (спотови во кои се прикажува некоја сторија) се алудирало на секс, а во повеќе од половина се прикажувало насилство, обично над жените. Според тоа, дали гледањето вакви спотови би можело навистина да ти нанесе штета? Едно списание истакнува дека „во 37 експериментални истражувања било утврдено дека гледањето музички спотови можеби сепак влијае врз ставовите на адолесцентите во поглед на раната или ризична сексуална активност“. Исто така, не може да се негира дека, додека музичарите се обидуваат да бидат уште пошокантни од своите претходници или од своите колеги, музичките спотови во целина стануваат сѐ поживописни.

Еден стручњак од областа на образованието забележал: „Мнозина аргументираат дека она што го слушаат — и гледаат, благодарение на музичките спотови — не се разликува од влијанието на музиката на минатите генерации . . . Но, изгледа дека повеќето денешни уметници ноншалантно го усвојуваат она што е вулгарно и скандалозно како прифатливо средство за да ја зголемат продажбата на музички снимки“. А списанието Chicago го кажува следново за оние што гледаат еден канал со музички спотови: „Тие се изложени на непрекинато бомбардирање со нападно сугестивна мека порнографија“.

Списанието Chicago опишува и еден музички спот во кој „некој млад човек што седи на шанкот во некој ресторан премногу ја навалува главата наназад. На неговиот врат се појавува огромна крвава длабока рана и главата му отпаѓа“. Се известува дека во друг спот се прикажува човек што изведува грозен стриптиз во кој си ги отстранува месото и мускулите. Биле прикажани и други работи што се премногу гадни за да се раскажат.

Некои можеби ќе ги отфрлат овие факти, тврдејќи дека спотовите опишани овде одат во крајност и дека повеќето спотови не се толку лоши. Можеби некои дури и ќе аргументираат дека тие не мислат дека музичките спотови се особено шокантни или непристојни. Но, зарем ова едноставно не може да значи дека тоа што постојано гледале такви спотови им ги затапило чувствата на таквите поединци? Кејси, младичот цитиран во почетокот, признава: „Ако не ставиш граници на тоа што го гледаш, она што отпрвин било скандалозно, со текот на времето станува обична работа. Без да си свесен, очекуваш да видиш нешто уште поскандалозно и пасивно го прифаќаш она што некогаш си го сметал за шокантно“.

До што може да доведе ова? Твојата способност да донесуваш исправни морални одлуки може многу да се намали. Бидејќи врз нашите мисли може многу лесно да се влијае негативно, Библијата нѐ поттикнува ‚да го запазиме разумот и здравото расудување‘ (Пословици 3:21; 5:2). Друга негативна последица би можело да биде тоа што ќе му биде нанесена штета на твоето пријателство со Јехова Бог. Зарем тоа не е најскапоценото нешто што го имаш? Тогаш, мораш и да го зачуваш тоа пријателство со тоа што ќе преземеш чекори да избегнеш неисправна забава од кој и да е вид. Како можеш да го сториш тоа?

Заштити се

Прво, те молиме прифати го фактот дека едноставно е погрешно да гледаш сцени во кои безобразно се прикажува она што е јасно осудено во Библијата (Псалм 11:5; Галатите 5:19—21; Откровение 21:8). Кога во некој спот се величаат работи што не им ‚прилегаат на свети луѓе‘, мора да бидеш решен да престанеш да гледаш (Ефешаните 5:3, 4). Мора да се признае, не е лесно да се смени програмата — или да се исклучи телевизорот — кога има некој интересен спот. Затоа, можеби ќе треба да се молиш како псалмистот кој напишал: „Одврати ги моите очи да не ја гледаат суетата“ (Псалм 119:37).

Можеби природно се згрозуваш од спотови што се шокантни како оние што веќе ги опишавме. Меѓутоа, изгледа дека некои спотови се поподмолни во својот пристап. Можеби провокативните сцени се кратки или брзи. Можеби текстот и сликите се вешто компонирани за да унапредат некое безбожно гледиште без воопшто да се каже или покаже нешто отворено. Сепак, ако се чувствуваш макар и малку виновен што си гледал извесен спот, веројатно тој на некој начин бил штетен и нехристијански. Според тоа, како можеш да одлучиш што да гледаш и што да избегнуваш кога границите на пристојноста не се јасно зацртани?

Се разбира, дали воопшто ќе гледаш музички спотови е работа за која треба да донесеш лична одлука ти и твоите родители, кои имаат одговорност да одлучат што смееш и што не смееш да гледаш (Ефешаните 6:1, 2). Но, ако родителите ти дозволат да гледаш музички спотови, не треба да те води само она што ти се чини дека е исправно. Евреите 5:14 нѐ охрабрува да ја ‚вежбаме својата моќ за согледување да распознаваме исправно од погрешно‘. Нашата моќ за согледување се вежба со проучување на библиските начела, кои даваат темел врз основа на кој можеме да одлучиме што е добро а што лошо од Јеховина гледна точка. Ако медитираш за таквите библиски начела, ќе можеш да препознаеш што е опасно за твоето духовно здравје дури и ако нема некое конкретно библиско правило за да те води.

Значи, кои конкретни библиски начела можат да те водат во врска со гледањето на музички спотови? За ова ќе дискутираме во следната статија од оваа рубрика.

[Истакната мисла на страница 23]

„Оној што гордо ќе рече: ‚Да, слушам музика, но таа не влијае врз мене‘, или е многу наивен или е ептен лошо информиран“

[Слики на страница 24]

Може ли навистина да гледаш нешто штетно без тоа да влијае врз тебе?