Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како треба да ја користиме нашата слобода на избор?

Како треба да ја користиме нашата слобода на избор?

Гледиште на Библијата

Како треба да ја користиме нашата слобода на избор?

ЕДЕН од даровите што им ги дал Бог на првите луѓе, Адам и Ева, била способноста да избираат сами. Тој го задолжил Адам да се грижи за градината Еден. Една од должностите на Адам била да избере имиња за животните (Битие 2:15, 19). Што е уште поважно, Адам и Ева можеле да одлучат сами дали да му бидат послушни на Бог или не (Битие 2:17, 18).

Оттогаш, луѓето донеле бескрајно многу одлуки — многу од нив биле добри, некои биле лоши, а трети, пак, биле потполно зли. Лошиот избор што го направиле луѓето во врска со некои работи водел до катастрофални последици. Сепак, Бог никогаш не се мешал во нашето право на избор. Како Татко полн со љубов, низ страниците на Библијата, тој ни дава помош да донесуваме добри одлуки. Исто така, нѐ предупредува на последиците од погрешниот избор. Библијата вели дека ќе го жнееме она што го сееме (Галатите 6:7).

Одлуки во лични работи

За некои работи Бог јасно кажува која е неговата волја, давајќи ни конкретно водство. Меѓутоа, на повеќето полиња, Библијата не дава правила што би ги контролирале сите наши лични работи. Наместо тоа, ни дава општо водство што остава простор за лични вкусови и желби. На пример, забележи што вели таа за рекреацијата.

Во Писмото Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Неговата реч зборува за „време за смеење“ и „време за играње“ (Проповедник 3:1, 4). Библијата ни кажува дека цар Давид свирел во корист на другите (1. Самоил 16:16—18, 23). Исус бил на една свадба и имал свој удел во таа прилика со тоа што ја претворил водата во вино (Јован 2:1—10).

Меѓутоа, Библијата соодветно опоменува: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20). ‚Срамотните шеги‘ и активностите поврзани со неморалот се навреда за Бог и можат да му наштетат на нашиот однос со него (Ефешаните 5:3—5). Кога на друштвените собири се точи алкохол без мера, може да дојде до сериозни проблеми (Пословици 23:29—35; Исаија 5:11, 12). Јехова Бог го мрази и насилството (Псалм 11:5; Пословици 3:31).

Библиските стихови ни помагаат да гледаме на рекреацијата онака како што гледа Бог. Кога се пред избор, христијаните ја земаат во обѕир Библијата. Се разбира, сите ќе се соочиме со добрите или лошите последици од она што самите сме го избрале (Галатите 6:7—10).

Слично на тоа, христијаните се охрабрени да донесуваат мудри одлуки во склад со библиските начела во поглед на облекувањето, бракот, родителството и деловните постапки. Овде спаѓаат и некои работи што не се конкретно спомнати во Писмото, но сепак начелата во него помагаат да се донесат одлуки темелени на совеста (Римјаните 2:14, 15). Следново мерило би требало да важи во сите лични одлуки што ги донесуваат христијаните: „Јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго, сѐ правете за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31).

Во врска со ова ќе биде добро и ако го земеме во обѕир начелото ‚да си ја гледаме работата‘ (1. Солуњаните 4:11). Христијаните честопати стојат пред избор за повеќе работи што не се во судир со Божјата волја. Значи, она што му се допаѓа на еден христијанин може да се разликува од она што им се допаѓа на други. На Бог не би му било угодно да гледа како неговите слуги се осудуваат еден со друг (Јаков 4:11, 12). Библијата дава мудар совет: „Никој од вас да не страда . . . како некој кој се меша во туѓи работи“ (1. Петрово 4:15).

Одлуката да му се служи на Бог

Библијата ги истакнува користите од послушноста на Бог. Сепак, Бог не ги присилува луѓето да го обожават. Наместо тоа, ги повикува сите човечки созданија да станат негови обожаватели. На пример, Библијата вели: „Дојдете, да се поклониме и да паднеме, да Му се поклониме на Бога, нашиот Создател“ (Псалм 95:6).

Оваа покана му била упатена на древниот Израел. Пред повеќе од 3.500 години нацијата Израел стоела во подножјето на гората Синај, а Бог ги запознал тие милиони луѓе со системот на вистинска религија содржан во Мојсеевиот закон. Сега требало да изберат: „Дали ќе му служат на Бог или не? Што одговориле тие? Во еден глас рекле: „Ќе вршиме и ќе послушаме сѐ што рече Господ“ (Излез 24:7). Тие самите донеле одлука да го обожаваат Јехова.

Во првиот век, Исус започнал да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство (Матеј 4:17; 24:14). Тој никогаш не присилувал некого да се вклучи во ова дело. Наместо тоа, љубезно ги повикувал другите со зборовите: „Биди мој следбеник“ (Марко 2:14; 10:21). Многу ја прифатиле неговата покана и почнале да проповедаат со него (Лука 10:1—9). По извесно време, некои избрале да го напуштат. Јуда избрал да го предаде (Јован 6:66; Дела 1:25). Подоцна, под водство на апостолите, уште многу поединци станале ученици, но не под закана од меч, туку на темел на својата слободна волја. Тие биле „исправно наклонети“ и ‚станале верници‘ (Дела 13:48; 17:34). И денес, вистинските христијани спремно ѝ се послушни на Божјата реч и ги следат учењата на Исус.

Јасно, Бог сака да ја користиме нашата способност да правиме избор. Исто така, во Библијата тој ни дава водство што ни помага да донесуваме мудри одлуки (Псалм 25:12). Кога станува збор за лични одлуки, секој христијанин треба внимателно да ги разгледа начелата дадени од Бог. Само на тој начин можеме да му принесуваме на Бог ‚света служба со нашата сила на разумот‘ (Римјаните 12:1).