Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Отворени врати за јавноста — посета што ги трогна срцата

Отворени врати за јавноста — посета што ги трогна срцата

Отворени врати за јавноста — посета што ги трогна срцата

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГЕРМАНИЈА

„СУПЕР! Навистина беше одлично!“ „Ви благодарам за гостољубивоста и за прекрасните изложби. Навистина ни беше пријатно.“ Што поттикнало многумина од посетителите да дадат вакви изјави на ценење? Тоа што во текот на еден викенд беа отворени вратите за посета на канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Германија. Во текот на три дена, од петок, 24 мај до недела, 26 мај 2002, беше слободен влезот во објектите на Селтерс⁠-​Таунус за посетителите да дојдат и да им се придружат на повеќе од 1.000 доброволци во подружницата во одбележувањето на стогодишнината на канцеларијата на подружницата во Германија.

Собранијата на Јеховините сведоци во близина на канцеларијата на подружницата ревносно учествуваа во една посебна акција на поканување. Две седмици пред големиот настан, на луѓето им беа врачени или во нивните домови беа оставени повеќе од 100.000 покани. Оваа акција беше надополнета со огласи и долги статии во весниците и со радиоемисии. На снабдувачите и службениците лично им беа врачени покани. Поканата ја прифатија вкупно повеќе од 7.000 души — од кои голем дел не беа Сведоци.

Посетителите се шетаа низ печатницата, книговезницата, експедитот, работилниците и пералницата, како и низ делови од зградата во која е сместена администрацијата. Изложбените експонати ги информираа луѓето за цврстиот став за библиските начела што го зазеле Јеховините сведоци во Германија под нацистичкиот и комунистичкиот режим. А една изложба на Библии со повеќе од 700 експонати се сосредоточи на употребата на божественото име, Јехова. Би било невозможно да се повторат сите коментари на ценење што беа дадени, но ќе изнесеме само некои од нив.

„Овде сите се пријателски расположени. Сѐ е толку чисто и уредно и сѐ добро се вклопува — луѓето што живеат тука и околината. Се надеваме дека со нас ќе понесеме дел од вашето пријателско расположение“ (постара брачна двојка).

„Ви благодариме за убавата храна и што бевте толку фини и љубезни со нас. Навистина уживавме и многу би сакале повторно да дојдеме. Луѓето овде се многу, многу фини!“ (коментар во книгата за гости што го напишала една група од факултетот за технологија на стакло.

„Многу ви благодариме за срдечниот прием во вашите објекти. Оваа посета ни беше многу интересна. Честитки за луѓето што се одговорни за пералницата и за одделението за хемиско чистење — никогаш не сме посетиле толку чисти и уредни објекти“ (e⁠-​mail од претставникот на една фирма за детергенти и опрема за пералници).

Ева, која служела како водич на една обиколка, известила: „При секоја обиколка што ја водев, секогаш имаше некој што за собите за живеење ќе речеше: ‚Чекајте да си ги донесеме куферите. Се селиме овде!‘ “

Додека една жена во автоматска инвалидска количка внимателно разгледувала еден цртеж на објектите, еден доброволец ја прашал дали може да ѝ помогне. „Па, не баш“, одговорила жената. Рекла дека веќе пет часа е на објектите и дека повеќе не може да седи исправено. Обично била врзана за постела и моментално чувствувала големи болки. Меѓутоа, објаснила: „Можам да лежам дома, но овде вратите се отворени за јавноста само еднаш!“ Таа додала: „Сѐ е многу интересно и не сакам да пропуштам ништо!“

Малиот Георг, кој има околу пет години, бил запрашан што му се допаднало најмногу. Восхитен од ротационата печатарска машина, тој одговорил: „Ролните хартија! Ќе ги стават на едниот крај, а на другиот крај излегуваат како весници. Тоа е феноменално!“

Една жена Сведок доживеала пријатно изненадување. Нејзиниот сопруг, кој не е Сведок и кој само еднаш отишол на христијански состанок, се согласил да појде со неа во отворените објекти во сабота. Во недела, кога жена му се вратила дома од собранискиот состанок, тој бил дотеран и спремен за излегување. „Што е работата?“, прашала жена му. „Па, вчера не успеав да видам баш сѐ“, одговорил тој. „Затоа, кога ќе бидеш готова, одиме во Селтерс. Сакам да разгледам подобро“.

На изложбата на Библии, една постара, убаво облечена дама срамежливо прашала каде може да се послужи со телефон бидејќи морала итно да се јави некаде. Испаднало дека нејзиниот сопруг е книговезец чија специјалност била поправање на стари книги. Заедно со него редовно се состанувале во еден круг други љубители на книги, од кои еден бил протестантски пастор, страстен колекционер на Библии. Токму нему сакала да му се јави толку многу. Бидејќи не бил дома, оставила порака на телефонската секретарка: „Гледај ако можеш да дојдеш овде денес. Сигурна сум дека никогаш не си видел вакво нешто. Ова не смееш да го пропуштиш!“

Една брачна двојка дошла со своето дете од блискиот град Лимбург. Тие никогаш немале слушнато за Јеховините сведоци сѐ до моментот кога добиле покана во нивниот дом. Одлучиле да дојдат и да ги разгледаат овие големи објекти во Селтерс. Марлон и Лајла, доброволци во подружницата во Германија, се запознале со нив и им објасниле нешто повеќе за Јеховините сведоци и за животот во канцеларијата на подружницата. Ова семејство било толку импресионирано што родителите замолиле некој да појде кај нив и да води редовна домашна библиска студија.

„Овде навистина беше убаво и многу интересно. Ја видов само печатницата и беше супер. Вие сте прекрасни, пријателски расположени луѓе и тоа ми се допаѓа“ (Стефани, 12-годишна, коментар од книгата за гости).

Некоја жена од соседното село рекла: „Морам да ви кажам нешто. Јас сум муслиманка, но отсекогаш сум сакала да видам како е овде. Многу сте пријатни и природни. Придонесувате [странците] да се чувствуваат добредојдени во Германија. Заинтересирани сте за луѓето. Тоа е нешто извонредно! Утре ќе дојдам пак со маж ми“. Во книгата за гости, таа напишала: „Беше прекрасно! Имам чувство како да сум во рајот“.

Возачот на едно од возилата што сообраќаа помеѓу паркиралиштето и влезовите, чул како еден патник му вели на друг: „Каква љубезност! Замисли си, немав поим што се работи овде. Штотуку дознав што прават овде овие луѓе. Види само како се однесуваат. Тоа мора да има врска со нивното религиозно воспитание и образование“.

Два часа по затворањето, еден човек се врткал во дворот пред зградата каде што е сместена администрацијата. Многу бил замислен и постојано тресел со главата и погледнувал кон зградата. Потоа му пристапил на еден доброволец во подружницата и му рекол: „Може да се види дека сѐ е направено со љубов. Јас не сум Јеховин сведок, но ви посакувам Јеховин благослов“.

Една жена Сведок напишала: „Со ова кратко писмо би сакала да ви се заблагодарам од сѐ срце. Не штедевте труд за да ги направите колку што е можно попријатни деновите кога беа отворени вратите на објектите . . . Сѐ на сѐ, ова беше навестување за времето кога целото човештво ќе живее заедно во единство! . . Овие денови кога вратите на објектите беа отворени сигурно придонесоа да се прослави нашиот Бог Јехова“ (Сандра).

[Слика на страница 17]

Редовна линија за оние што беа стари, инвалиди или, едноставно, уморни

[Слика на страница 17]

Беа прикажани методи на проповедање што се користеле во минатото

[Слика на страница 17]

Добредојдовте

[Слика на страница 18]

Изложба на Библии

[Слика на страница 18]

Еден доброволец го објаснува работниот процес со едноставни термини