Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Понорни езера — природни чуда на Полуостровот Јукатан

Понорни езера — природни чуда на Полуостровот Јукатан

Понорни езера — природни чуда на Полуостровот Јукатан

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО

НА ПОЛУОСТРОВОТ Јукатан се наоѓа едно од најубавите природни чуда во Мексико и во светот — понорното езеро. Што е понорно езеро?

Зборот за понорно езеро потекнува од еден збор на Маите, цонот, што значи „пештера со насобрана вода“, а геолозите го користат за да означат природен бунар во варовник, односно понор. Полуостровот Јукатан се состои од порозни варовнички карпи, кои многу одамна ги издупчила дождовницата што се пробила до потповршинскиот слој на почвата. Подоцна, кога настанале шуплини, површинскиот дел на варовникот пропаднал, при што водата останала на отворено во длабоки синозелени природни бунари, од кои многу се опкружени со бујна вегетација. Во некои од нив водата е речиси на нивото на земјиштето, додека во други водата е многу под нивото на земјиштето. Спелеолозите (научници што ги изучуваат пештерите) и нуркачите се обидувале да ги истражат понорните езера, но во многу случаи не успеале да дојдат до дното затоа што езерата се многу длабоки.

Маите подигнале многу градови и церемонијални центри околу овие понорни езера бидејќи тие биле важен извор на вода и се сметале за дом на богот на дождот, Чак. Неколку такви понорни езера има во близина на урнатините на прочуената Чичен⁠-​Ица. Едно е познато како Свето понорно езеро, односно Понорно езеро за принесување жртви. Од него археолозите извлекле човечки скелети (особено на деца) и скапоцени предмети, како жад, злато и бакар, со што се потврдила легендата дека во понорните езера биле фрлани човечки жртви и други приноси за да се привика богот на дождот.

Едно од најпосетените езера е понорното езеро Асул (Сино понорно езеро), во близина на Четумал, Кинтана Ро, кое има изразито темносина боја и е опкружено со густа вегетација. Ова понорно езеро со стрмни ѕидови е широко 200 до 300 метри и се проценува дека е длабоко околу 90 метри. Преку подземни канали, тоа е поврзано со колористичната Лагуна Бакалар. Пливањето во кристално чистите води на понорните езера е незаборавно искуство.

Освен во Мексико, слични понори има и во Австралија, Куба, Турција и делови на Европа. Но, на Полуостровот Јукатан се пронајдени стотици од нив, додека на други места тие се ретка појава. Поканети сте да посетите некое понорно езеро за да уживате од прва рака во ова природно чудо.

[Карта на страница 14]

(Види во публикацијата)

ПОЛУОСТРОВОТ ЈУКАТАН

[Слика на страница 15]

Понорното езеро Икс⁠-​Кекен, Јукатан

[Слика на страница 15]

Кристално понорно езеро, Кинтана Ро

[Слика на страница 15]

Лагуната Бакалар и понорното езеро Асул (долу)

[Извор на слика]

© Michael Friedel⁠-​Woodfin Camp and Associates