Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Првата пречка — усна расправа пред врховниот суд

Првата пречка — усна расправа пред врховниот суд

Првата пречка — усна расправа пред врховниот суд

ДАТУМОТ ОДРЕДЕН за усна расправа пред претседателот на Врховниот суд, Вилијам Ренквист, и уште осуммина други судии на Врховниот суд, беше 26 февруари 2002. Интересите на Јеховините сведоци ги застапуваше еден тим од четворица адвокати.

Главниот адвокат на Сведоците ја започна својата расправа со еден впечатлив увод: „Сабота е, 11 часот, во Стратон. [Потоа трипати тропна на пултот.] ‚Добро утро. Поради неодамнешните настани, се потрудив да дојдам кај Вас за да разговараме за она што пророкот Исаија го нарекол нешто подобро. Тоа е добрата вест за која зборувал Христос Исус, добрата вест за Божјето Царство‘ “.

Тој продолжи: „Во Стратон, се смета за кривично дело да одите од врата до врата и да ја пренесувате таа порака доколку најпрво не добиете дозвола од селото“.

‚Зарем не барате пари?‘

Судијата Стивен Џ. Брејер им постави неколку директни прашања на Сведоците. Тој праша: „Дали е точно дека Вашите клиенти не бараат пари, ниту пени, и [дека] не продаваат Библии, дека не продаваат ништо, туку само велат: ‚Би сакал да зборувам со вас во врска со религијата‘?“

Адвокатот на Сведоците одговори: „Почитуван судијо, извештаите јасно кажуваат дека во селото Стратон Јеховините сведоци не барале пари. Во другите области извештаите исто толку јасно кажуваат дека тие понекогаш само ќе спомнат за доброволен прилог . . . Ние не бараме финансиски средства. Само сакаме да разговараме со луѓето за Библијата“.

Дали е потребна дозвола од владата?

Судијата Антонин Скалија проникливо праша: „Зарем не го застапувате гледиштето дека не треба да одите кај градоначалникот и да побарате дозвола за да разговарате со некој сосед за нешто интересно?“ Адвокатот на Сведоците одговори: „Мислиме дека овој суд не би требало да одобри некој владин пропис со кој се бара еден граѓанин да набави дозвола за да зборува со друг граѓанин во неговиот дом“.

Промена на аргументите, промена на расположението

Сега беше редот на селото да ја изнесе својата страна на случајот. Главниот адвокат ја објасни стратонската одредба, велејќи: „Стратон постапува во склад со своите законски овластувања кога настојува да ја заштити приватноста на своите жители и кога настојува да го спречи криминалот. Одредбата за забрана на агитирање или тргување на приватен имот едноставно налага лицето однапред да се пријави и да носи дозвола во текот на активноста од врата до врата“.

Судијата Скалија веднаш премина на главното кога праша: „Дали ви е познат некој друг случај [на Врховниот суд] во кој била вклучена ваква одредба што опфаќа толку широко подрачје, што се однесува на агитирање, но не барање пари, ниту продавање стока, туку само, знаете, ‚Сакам да разговарам за Исус Христос‘ или ‚Сакам да зборувам за заштитата на животната средина?‘ Сме имале ли некој таков случај?“

Судијата Скалија продолжи: „Не се сеќавам дека имало таков случај во последниве два века“. На тоа, претседателот на Врховниот суд, Ренквист, духовито дофрли: „Вие не сте ни биле на свет толку долго“. Во судницата се разлеа смеа. Судијата Скалија остана на својот аргумент: „Опсежноста на овој случај е нешто ново за мене“.

Одлична идеја?

Судијата Ентони М. Кенеди го постави ова остроумно прашање: „Вие мислите дека е одлична идеја да морам да побарам од владата дозвола пред да поминам низ маалото, каде што можеби не ги познавам сите луѓе [и] да речам: ‚Сакам да разговарам со Вас зашто сум загрижен за собирањето на ѓубрето, зашто сум загрижен за нашиот конгресмен‘, или нешто слично. Морам ли да ја прашам владата пред да го направам тоа?“ Тој додаде: „Тоа е запрепастувачки“.

Потоа судијата Сандра Деј О‘Конор се вклучи во расправата, прашувајќи: „Што да правиме тогаш со коледарите? Дали и ним им треба дозвола?“ И судијата О‘Конор и судијата Скалија се држеа за овој правец на аргументирање. Судијата О‘Конор изнесе уште еден аргумент: „Што ако сакате да позајмите малку шеќер од сосетката? Дали ми треба дозвола за да позајмам малку шеќер од сосетката?“

Дали Сведоците се агитатори?

Судијата Дејвид Х. Сутер праша: „Зошто оваа одредба се однесува на Јеховините сведоци? Дали се тие агитатори, аквизитери, улични продавачи или патувачки трговци? Тие не спаѓаат во ниедна од овие групи, зарем не?“ Адвокатот што го застапуваше селото во детали ја цитираше одредбата и додаде дека нижиот суд ги окарактеризирал Јеховините сведоци како агитатори. На ова судијата Сутер одговори: „Тогаш Вие имате една многу опсежна дефиниција за агитатори, штом во неа се вбројани и Јеховините сведоци“.

Потоа судијата Брејер ја цитираше од речник дефиницијата за изразот агитатор за да покаже дека таа не се однесува на Сведоците. Тој додаде: „Во вашето писмено излагање не прочитав ништо што укажува на тоа зошто се бара од овие луѓе [Јеховините сведоци] кои не се заинтересирани за пари, не се заинтересирани да продадат нешто, кои не се заинтересирани дури ни за собирање гласови, да одат во градското собрание и да се пријават. Која е целта на Стратон?“

„Предноста“ да се комуницира

Потоа адвокатот на селото тврдеше дека „целта на селото е да се спречи луѓето да бидат вознемирувани на својот имот“. Тој објасни дека целта била да се заштитат жителите од измамници и криминалци. Судијата Скалија ја цитираше одредбата за да покаже дека градоначалникот може да бара натамошни иформации во врска со лицето што се пријавува и во врска со неговите намери за „да добие точен опис на предноста што тоа лице ја бара“. Тој додаде: „Велите дека е предност да одите кај своите сограѓани за да ги убедите во врска со некоја работа — е, тоа едноставно не можам да го сфатам“.

Судијата Скалија повторно инсистираше: „Значи, треба ли да се бара од секого што ќе поѕвони на нечија врата да му се земат отпечатоци во градското собрание пред да го направи тоа? Дали тој мал ризик од криминал е доволна причина за секој што сака да поѕвони на некоја врата да мора да се пријави во градското собрание? Секако дека не е“.

Граѓаните заштитени?

Кога му истекоа дозволените 20 минути, адвокатот на селото му даде збор на заменикот на јавниот обвинител на државата Охајо. Тој тврдеше дека оваа одредба ги заштитува граѓаните од посетите на некој странец, „што во секој случај е непокането лице, [кое] е тука на мојот имот . . . и мислам дека селото има право да каже: ‚Нѐ загрижува таквиот вид активност‘ “.

Потоа судијата Скалија забележа: „Селото вели дека дури и оние што ги примаат Јеховините сведоци, кои можеби се и сосем сами и сакаат да поразговараат за нешто со некого, дури и тогаш овие луѓе [Јеховините сведоци] мораат да се пријават кај градоначалникот за да ја имаат таа предност да поѕвонат на нивната врата“.

„Многу скромно ограничување“

За време на испрашувањето, судијата Скалија даде силен аргумент кога рече: „Сите можеме да се согласиме дека најбезбедни општества во светот се тоталитарните диктатури. Таму има многу малку криминал. Тоа е познат факт, но една од цените на слободата е донекаде поголем ризик од беззаконие, и прашањето овде е дали со оваа одредба ќе се спречи беззаконието во толкава мера што вреди да побараш дозвола да поѕвониш на нечија врата“. На ова заменикот на јавниот обвинител одговори дека „тоа е многу скромно ограничување“. Судијата Скалија возврати дека е толку скромно што „не можеме да најдеме ниеден случај во кој се известува дека некоја општина донела слична одредба. Јас не мислам дека е толку скромно!“

На крајот, под притисок на еден од судиите, заменикот на јавниот обвинител мораше да признае: „Не би сакал да признаам, но навистина не може туку-така да се забрани да се поѕвони или да се чукне на нечија врата“. Со тоа заврши неговото излагање.

За време на побивањето на доказите, адвокатот на Сведоците укажа дека одредбата не содржи механизам за да се потврди точноста на изјавата. „Можам да отидам до градското собрание и да речам: ‚Јас сум [тој и тој]‘, и да добијам дозвола и да одам од врата до врата“. Тој, исто така, укажа дека градоначалникот има овластување да одбие да му издаде дозвола на лице кое вели дека не е поврзано со некоја организација. „Сметаме дека овде се работи за чисто самоволие“, рече тој, и додаде: „Со сета должна почит, морам да напоменам дека нашата [на Јеховините сведоци] активност навистина лежи во сржта на првиот амандман.“

Кратко потоа, претседателот на Врховниот суд, Ренквист, ја заклучи усната расправа, велејќи: „Случајот се предава [на Врховниот суд]“. Целиот процес траеше нешто повеќе од еден час. Колку важен беше тој час, се покажа во писмената пресуда што беше објавена во јуни.

[Слики на страница 6]

Ренквист, претседател на Врховниот суд

Судијата Брејер

Судијата Скалија

[Извори на слики]

Ренквист: Collection, The Supreme Court Historical Society/Dane Penland; Брејер: Collection, The Supreme Court Historical Society/Richard Strauss; Скалија: Collection, The Supreme Court Historical Society/Joseph Lavenburg

[Слики на страница 7]

Судијата Кенеди

Судијата О‘Конор

Судијата Сутер

[Извори на слики]

Кенеди: Collection, The Supreme Court Historical Society/Robin Reid; О‘Конор: Collection, The Supreme Court Historical Society/Richard Strauss; Сутер: Collection, The Supreme Court Historical Society/Joseph Bailey

[Слика на страница 8]

Судница

[Извор на слика]

Фотографија на Франц Јанцен, Collection of the Supreme Court of the United States