Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Даноци — цена што се плаќа за едно „цивилизирано општество“?

Даноци — цена што се плаќа за едно „цивилизирано општество“?

Даноци — цена што се плаќа за едно „цивилизирано општество“?

„Даноците ги плаќаме за да имаме цивилизирано општество“ (Натпис на зградата на Федералната даночна управа, Вашингтон, Д.К.).

ВЛАДИТЕ тврдат дека даноците се нужно зло — тие се цена што се плаќа за едно „цивилизирано општество“. Сеедно дали се согласувате со тоа мислење или не, неоспорно е дека таа цена обично е многу висока.

Даноците можат да се поделат на две категории: непосредни (директни) и посредни (индиректни). Данокот на приход, данокот на корпорација и данокот на имот се примери за непосредни даноци. Од сите нив можеби најголема огорченост предизвикува данокот на приход. Тоа важи особено за земјите каде што данокот на приход е прогресивен — колку повеќе заработувате, толку повисока даночна стапка плаќате. Критичарите тврдат дека прогресивните даноци се казна за напорната работа и за успехот.

OECD Observer, публикација што ја издава Организацијата за економска соработка и развој, нѐ потсетува дека, освен даноците што им ги плаќаат на централните влади, „оние што имаат приход можеби ќе треба да плаќаат општински, регионален, покраински или државен данок на приход освен данокот на приход што ѝ го плаќаат на централната влада. Ова е случај во Белгија, Ирска, Јапонија, Канада, Кореја, скандинавските земји, Соединетите Држави, Швајцарија и Шпанија“.

Во посредни даноци спаѓаат данокот на промет, данокот на алкохолни пијалаци и цигари, како и царината. Тие не се толку очигледни како непосредните даноци, но сепак можат да претставуваат финансиски товар, особено за сиромашните. Во индиското списание Frontline, писателката Џајали Гош тврди дека е мит тоа дека даночните обврзници од средната и од богатата класа го плаќаат поголемиот дел од даноците во Индија. Гош вели: „Приходот што владата на секоја индиска држава го собира со посредните даноци изнесува 95 проценти од вкупниот приход од данок . . . Изгледа дека посиромашните, а не богатите, се тие што даваат за данок поголем дел од својот приход“. Ваквата нееднаквост очигледно е резултат на високите даноци на стоките за широка потрошувачка, како што се сапунот и храната.

Но, што точно прават владите со сите тие пари што ги собираат?

Каде одат парите

Како што е познато, владите вложуваат огромни суми пари за да функционираат и за да ги обезбедат потребните услуги. На пример, во Франција, секој 4-ти жител работи во јавниот сектор. Во него спаѓаат наставници, поштенски работници, вработени во музеите и во болниците, во полицијата и други владини службеници. Даноците се потребни за да им се исплатат плати. Исто така, благодарение на даноците имаме патишта, училишта и болници, а со нив се плаќаат и такви услуги како што се собирањето ѓубре и разнесувањето на поштата.

Потребите на војската се уште една голема причина за воведување данок. Данокот на приход првпат бил наметнат врз богатите Британци за да се финансира војната против Франција во 1799. Меѓутоа, за време на Втората светска војна, британската влада почнала да бара данок на приход и од работничката класа. И денес се потребни многу пари за да се „подмачка“ воената машинерија на една нација, дури и во време на мир. Според проценките на Меѓународниот институт за мировни истражувања, кој се наоѓа во Стокхолм, воените трошоци во светот во 2000 изнесувале приближно 712 милијарди евра.

Социјален инженеринг

Даноците служат и како средство за „социјален инженеринг“ — еден начин на кој луѓето се мотивираат или се одвратуваат од извесни постапки. На пример, со оданочување на алкохолот би требало да се намали претераното пиење. Затоа, во многу земји, 35 проценти од малопродажната цена на пивото отпаѓаат на даноци.

И тутунот подлежи на високи даноци. Во Јужна Африка, 45 до 50 проценти од цената на една кутија цигари отпаѓаат на данок. Меѓутоа, кога наметнува такви даноци, владата нема секогаш толку несебични мотиви. Како што забележува писателот Кенет Варнер во списанието Foreign Policy, тутунот е „голема економска сила што секоја година носи приход од стотици милијарди долари од продажба и уште милијарди долари од данок“.

Еден забележителен пример на социјален инженеринг имало во почетокот на 20-тиот век. Законодавците на САД барале начин да го спречат создавањето на богати семејни династии. Како? Со тоа што вовеле данок на наследство. Кога ќе умре некој богат човек, даноците голтаат голем дел од богатството што го стекнал. Оние што го предлагаат ова тврдат дека овој данок „ги пренасочува паричните средства од семејните, аристократски кругови во граѓанските, демократски кругови“. Можеби е така, но богатите даночни обврзници измислиле безброј стратегии за да го ублажат ударот од тој данок.

Даноците и понатаму се користат за да се финансираат различни општествени програми, како што се програмите поврзани со животната средина. The Environmental Magazine известува: „Девет западноевропски земји неодамна воведоа даноци за заштита на околината, главно за да се намали загадувањето на воздухот“. Прогресивните даноци на приход, што ги спомнавме претходно, се уште еден обид за социјален инженеринг; замислата е да се намали јазот помеѓу богатите и сиромашните. Некои влади им овозможуваат даночни олеснувања и на оние што донираат пари во добротворни цели или на брачни парови што имаат деца.

Зошто е толку комплицирано?

Секогаш кога ќе се воведе некој нов данок, законодавците се обидуваат да ги затворат сите можни дупки во законот. Не заборавајте: Се работи за огромни суми пари. Со каков резултат? Даночните закони обично се сложени и полни со стручна терминологија. Една статија во списанието Time објаснува дека многу од компликациите во даночниот закон на САД „се јавуваат околу дефинирањето на тоа што сѐ спаѓа во приход“, односно во одредувањето на она што всушност подлежи на данок. Натамошни компликации настануваат поради безбројните прописи „што дозволуваат различни редукции и ослободувања од данок“. Меѓутоа, Соединетите Држави не се единствените што имаат комплицирани даночни закони. Едно неодамнешно издание на даночните закони на Обединетото Кралство имаше 9.521 страница во десет тома.

Службата за истражувањето на даночната политика при Универзитетот во Мичиген известува: „Секоја година даночните обврзници во САД трошат преку три милијарди часови пополнувајќи пријави за данок на приход . . . Сѐ на сѐ, времето и парите што ги трошат оние што плаќаат данок на приход во САД [додека пополнувааат даночни пријави] изнесува 100 милијарди долари годишно, или некаде околу 10% од собраниот данок. Голем дел од овие трошоци што се резултат на придржувањето за законите се должат на зашеметувачката сложеност на законот за данок на приход“. Рубен, спомнат во почетокот на првата од оваа серија статии, вели: „Првин се обидував сам да си го пресметам данокот, но тоа ми одземаше многу време и често имав чувство дека плаќам повеќе отколку што треба. Затоа сега плаќам книговодител за да ми ги пресметува даноците“. (Видете ја рамката „Придржувајте се за даночните закони“ на 8. страница.)

Плаќање, избегнување и затајување на данокот

Повеќето луѓе барем со половина уста ќе ги признаат користите што ги има општеството од даноците. Шефот на Британската даночна управа еднаш објаснил: „Никој не ужива да плаќа данок на приход, но мал е бројот на луѓето што тврдат дека ќе ни биде подобро без него“. Некои проценуваат дека во Соединетите Држави, 90 проценти од даночните обврзници си плаќаат данок. Еден авторитет на полето на даноците признава: „Голем дел од неплаќањето даноци се должи на тешкотиите во врска со законот и постапките, а не на намерно затајување“.

Па сепак, многу луѓе наоѓаат начини да избегнат да плаќаат некои даноци. На пример, размислете за она што стоело во една статија во U.S.News & World Report во врска со даноците што треба да ги плаќаат корпорациите: „Многу фирми законски одбегнуваат голем дел од своите даночни обврски — а понекогаш и сосема ги избегнуваат — преку даночни олеснувања и манипулации во книговодството“. Давајќи пример за една таква итра сплетка, во статијата понатаму стои: „Една корпорација од САД отвора фирма во странска земја каде што има многу поволно оданочување. Потоа, фирмата во САД ја става во надлежност на странската компанија“. На овој начин компанијата не мора да ги плаќа даноците во САД — кои би можеле да изнесуваат и до 35 проценти — иако „главното седиште можеби не е ништо друго освен канцелариска архива и поштенско сандаче“.

Потоа, тука е и целосното затајување на даноците. Се вели дека во една европска земја затајувањето даноци се смета за „државен спорт“. Според едно истражување во Соединетите Држави, само 58 проценти од мажите на возраст од 25 до 29 години сметале дека е погрешно да не се пријави целиот приход. Оние што го спровеле ова истражување признаваат: „Извештајот не дава баш висока оценка за етиката и моралот на нашето општество“. Се проценува дека 35 проценти од даночните обврзници во Мексико затајуваат данок.

Но, општо земено луѓето признаваат дека се потребни даноци и дека немаат ништо против тоа да си го платат својот дел. Меѓутоа, прочуените зборови што му се припишуваат на цезарот Тибериј се вистинити: „Добриот пастир треба да го стриже, а не да го дере своето стадо“. Како треба да гледате на плаќањето даноци ако се чувствувате како жртва на еден систем што е мачен, неправеден и премногу сложен?

[Рамка на страница 7]

Размислете пред да се преселите!

Даночните системи се разликуваат од земја до земја. Всушност, локалните даноци за приход можат драстично да се разликуваат дури и во една иста земја. Дали вреди да размислувате да се преселите некаде каде што даночните стапки се пониски? Можеби, но треба добро да размислите пред да се преселите.

На пример, една статија во OECD Observer ги потсетува читателите дека основната стапка на данок на приход не е крај на приказната. Таму стои: „Врз реалниот износ на даноците на секој даночен обврзник влијаат и различните даночни олеснувања“. На пример, во некои земји данокот на приход е низок. Но, тие не нудат многу „во поглед на основните даночни олеснувања и ослободувања од данок“. Поради тоа, човек на крајот би можел да плаќа повеќе отколку во земјите каде што има повисоки даноци, но кои нудат повеќе ослободувања од данок и даночни олеснувања.

Во Соединетите Држави, некои размислуваат да се преселат во држави каде што не треба да плаќаат данок на приход. Но, дали со тоа секогаш штедат пари? Според Kiplinger’s Personal Finance, не е така. Таму стои: „Во неколку случаи, нашето истражување покажа дека државите во кои не се плаќа данок на приход ја покриваат разликата со повисок данок на имот, данок на промет и други даночни категории“.

[Рамка на страница 8]

Придржувајте се за даночните закони

За мнозина од нас, плаќањето даноци е вистински стрес, па дури и товар. Затоа, Разбудете се! замоли еден стручњак за даноци да даде некои практични предлози.

Побарајте добар совет. Ова е многу важно, бидејќи даночниот закон може да биде комплициран, а непознавањето на законот многу ретко се прифаќа како валиден изговор за негово непочитување. Иако даночниот обврзник можеби мисли дека даночните службеници му се непријатели, тие честопати можат да му дадат точни и едноставни упатства во врска со тоа како да се справи со работите што се поврзани со даноците. Даночните власти би биле позадоволни ако уште во почетокот исправно ја пополните даночната пријава. Тие не сакаат да Ве тужат затоа што не го почитувате законот.

Ако Вашата финансиска документација е комплицирана, побарајте совет од некој стручњак за даноци. Но, бидете внимателни! Иако има многу стручњаци за данок што Ви го мислат најдоброто, има и многу што не се такви. Замолете некој доверлив пријател или деловен партнер да Ви препорача некој добар стручњак и проверете ги неговите стручни квалификации.

Дејствувајте брзо. Казните за задоцнето поднесување информации можат да бидат многу строги.

Имајте уредна документација. Каков и да е Вашиот систем на книговодство, редовно внесувајте ги најновите податоци. На тој начин ќе потрошите многу малку време за пополнување на даночните пријави. Исто така, ќе биде многу полесно ако треба да се прегледа Вашата документација.

Бидете чесни. Можеби ќе се најдете на искушение да мамите или малку да ги заобиколите прописите. Но, даночниците имаат многу ефикасни начини да ги откријат лажните податоци. Секогаш е најдобро да бидете чесни.

Бидете во тек. Дури и ако оној што ги подготвува Вашите даночни пријави внесе погрешни информации, одговорноста сепак е Ваша. Затоа, внимавајте Вашиот претставник да постапува во склад со Вашите желби“.

[Слика на страница 7]

Во многу земји, тутунските производи и алкохолните пијалаци подлежат на високи даноци

[Слики на страници 8 и 9]

Со даноците се финансираат многу служби што можеби ги земаме здраво за готово