Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да излезам од сенката на брат ми (сестра ми)?

Како да излезам од сенката на брат ми (сестра ми)?

Младите прашуваат . . .

Како да излезам од сенката на брат ми (сестра ми)?

„Сакав да бидам своја личност, но секогаш имав чувство дека морам да бидам како моите сестри. Мислев дека никогаш нема да можам да го направам тоа што успеаја да го направат тие“ (Клер).

ДАЛИ ти се чини дека на твојот брат или сестра скоро сѐ им оди од рака? Дали родителите постојано те поттикнуваат да бидеш како брат ти или сестра ти? Ако е така, можеби се плашиш дека секогаш ќе останеш во нивната сенка — дека твојата вредност секогаш ќе се мери според тоа дали и ти си успешен како нив.

Двајцата постари браќа на Бери * се дипломци на угледната Школа за оспособување слуги * и како христијани се на многу добар глас. Бери признава: „Тоа се одрази на мојата самодоверба, бидејќи мислев дека никогаш нема да бидам како нив во проповедничкото дело ниту, пак, некогаш ќе ги имам нивните говорнички вештини. Ми беше тешко да стекнам свои пријатели затоа што само „им се закачував“ на моите браќа кога ќе беа поканети некаде. Мислев дека луѓето се љубезни со мене само поради моите браќа“.

Тешко е да не станеш љубоморен ако имаш брат или сестра што другите често ги фалат. Во библиски времиња, младиот Јосиф се истакнувал повеќе од своите браќа. Како влијаело тоа врз нив? „Го замразија толку, што не можеа да му речат ни пријатен збор“ (Битие 37:1—4). Се разбира, Јосиф бил скромен. Но, твоите браќа или сестри можат да предизвикаат соперништво и огорченост ако постојано те потсетуваат на нивните успеси.

Некои млади реагираат на бунтовен начин — можеби дозволуваат да попуштат со оценките на училиште, ги намалуваат христијанските активности или, пак, почнуваат да се однесуваат на шокантен начин. Можеби си мислат дека, ако не можат да бидат толку добри како нивниот брат или сестра, тогаш зошто воопшто и да се трудат? Но, долгорочно гледано, твојата бунтовност само ќе те повреди. Како можеш да излезеш од сенката на твојот брат или сестра без да ја изгубиш својата самопочит?

Не ги идеализирај

Додека гледаш колкаво внимание им се укажува на твојот брат или сестра, можеби ќе почнеш да веруваш дека тој или таа се совршени и дека ти никогаш нема да бидеш како нив. Но, дали тоа навистина е така? Библијата без никакво заобиколување вели: „Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23).

Да, какви и да се вештините и талентите на твоите браќа или сестри, тие сепак се „луѓе со истите слабости“ како и ние (Дела 14:15). Нема причина да ги идеализираш или да правиш идоли од нив. Единствениот човек што дал совршен пример е Исус Христос (1. Петрово 2:21).

Учи од нив!

Како следно, обиди се да гледаш на твојата ситуација како на искуство од кое можеш да учиш. На пример, размисли за браќата и сестрите на Исус Христос (Матеј 13:55, 56). Замисли си само колку можеле да научат од својот совршен брат! Сепак, „неговите браќа, всушност, не практикуваа вера во него“ (Јован 7:5). Можеби гордоста и љубомората не им дозволувале да стекнат вера. Исусовите духовни браќа — неговите ученици — биле тие што го прифатиле неговиот великодушен повик: „Учете од мене“ (Матеј 11:29). Дури по воскресението на Исус, неговите телесни браќа конечно стекнале ценење за Исус (Дела 1:14). Дотогаш пропуштиле многу златни прилики да учат од својот истакнат брат.

Каин направил слична грешка. Неговиот брат, Авел, бил истакнат Божји слуга. Библијата вели дека „Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва“ (Битие 4:4). Но, од некоја причина Бог „ни поглед не сврти кон Каина и неговата жртва“. Каин можел да покаже извесна понизност и да научи нешто од својот брат. Наместо тоа, ,Каин се налутил многу‘ и на крајот го убил Авел (Битие 4:5—8).

Ова не значи дека и ти некогаш толку многу ќе му се налутиш на твојот брат или сестра. Но, и ти можеш да пропуштиш скапоцени прилики ако дозволиш гордоста и љубомората да ти го попречат патот. Ако имаш брат или сестра кој е гениј по математика, супер му оди историја, добро го совладал твојот омилен спорт, одлично ја познава Библијата или, пак, има добри говорнички вештини, не смееш да подлегнеш на љубомората! На крајот на краиштата, „љубомората е гнилеж во коските“ и може само да ти наштети (Пословици 14:30; 27:4). Наместо да се огорчуваш, обиди се да научиш нешто од твојот брат или сестра. Прифати го фактот дека тој или таа има некои способности или вештини што ти ги немаш. Гледај како ги прави работите — или, уште подобро, побарај помош.

Бери, спомнат претходно, извлекол корист од добриот пример на своите браќа. Тој вели: „Видов колку беа среќни моите браќа затоа што беа спремни да им помагаат на членовите на собранието и на луѓето што ги сретнуваа во проповедничкото дело. Затоа, одлучив да го следам нивниот пример и се пријавив да работам на градба на Сали на Царството и Бетели. Искуството што го стекнав ми влеа самодоверба и ми помогна да го зајакнам мојот однос со Јехова“.

Откриј ги твоите јаки страни

Можеби се плашиш дека ќе ја изгубиш својата индивидуалност ако ги имитираш добрите особини на твоите браќа или сестри. Но, тоа не мора да биде така. Апостол Павле ги охрабрил христијаните од првиот век: „Станете мои имитатори“ (1. Коринќаните 4:16). Дали тоа значело дека Павле сакал тие да немаат никаква индивидуалност? Воопшто не. Има доволно простор секој да биде различен. Ако математиката не ти оди толку добро како што му оди на твојот брат или сестра, тоа не значи дека тебе ти фали нешто. Тоа само значи дека сте различни.

Павле го дава овој практичен совет: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“ (Галатите 6:4). Зошто не работиш на тоа да ги развиеш твоите сопствени, уникатни вештини и способности? Ако научиш некој странски јазик, ако научиш да свириш на музички инструмент или ако научиш да работиш на компјутер, ќе стекнеш поголема самодоверба и скапоцени вештини. Немој да се преокупираш со тоа да ги правиш работите совршено! Научи да бидеш темелен, совесен и соодветно оспособен (Пословици 22:29). Можеби немаш некоја посебна природна дарба за нешто, но „трудољубивата рака ќе владее“, стои во Пословици 12:24.

Меѓутоа, првенствено треба да се грижиш за твојот духовен напредок. Духовните вештини имаат далеку потрајна вредност од секакви таленти што можеби ќе привлечат поголемо внимание. Размисли за близнаците Исав и Јаков. Исав добивал многу пофалби од својот татко затоа што бил „искусен ловец, полски човек“. Во почетокот можеби било лесно да не му се обрне големо внимание на неговиот брат, Јаков, затоа што тој бил ,кроток човек и живеел во шатори‘ (Битие 25:27). Исав не ја изградил својата духовност и ги пропуштил благословите. Јаков развил љубов кон духовните работи и Јехова богато го благословил (Битие 27:28, 29; Евреите 12:16, 17). Што учиме од ова? Гради ја твојата духовност, ,нека свети твојата светлина‘ и „твојот напредок [ќе] им биде видлив на сите“ (Матеј 5:16; 1. Тимотеј 4:15).

Клер, спомната во почетокот, вели: „Бев задоволна со тоа што живеев во сенката на моите постари сестри. Но, еден ден одлучив да го следам библискиот совет ,да се раширам‘ во мојата наклоност. Одев во служба на теренот со различни објавители и барав практични начини да им помогнам на оние што имаа потреба во собранието. Исто така, канев на гости браќа и сестри на различна возраст и сама им готвев. Сега се радувам што имам поширок круг пријатели, и имам поголема самодоверба“ (2. Коринќаните 6:13).

Можеби твоите родители понекогаш ќе се заборават и ќе те опоменат да бидеш како брат ти или како сестра ти. Но, ако сфатиш дека тие ти го мислат најдоброто, нема толку да се повредиш (Пословици 19:11). Меѓутоа, ќе биде добро учтиво да им кажеш како се чувствуваш кога прават такви споредби. Можеби ќе се обидат да најдат други начини да ја покажат својата грижа.

Никогаш не заборавај дека самиот Јехова Бог ќе те забележи ако му служиш (1. Коринќаните 8:3). Бери го кажува тоа со неколку збора: „Гледам дека, колку подолго му служам на Јехова, толку посреќен сум. Сега луѓето гледаат кој сум јас лично и ме ценат, исто како што ги ценат и моите двајца браќа“.

[Фусноти]

^ Некои имиња се променети.

^ Организирана од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 16]

Дали твојот брат или сестра често се во центарот на вниманието?

[Слика на страница 17]

Откриј ги твоите таленти и интереси

[Слика на страница 17]

,Нека свети твојата светлина‘ со тоа што ќе стекнуваш духовни вештини