Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога реката течела наназад

Кога реката течела наназад

Кога реката течела наназад

КАКО некој набор на картата на Соединетите Држави, реката Мисисипи ја дели оваа земја на два дела. Во Минесота, каде што извира, широка е само три метри. Но, брзо се шири бидејќи десетици притоки се влеваат во нејзиното корито додека тече на југ во должина од 3.700 километри. Во близина на Њу Орлеанс (Луизијана), реката достигнува длабочина од 60 метри и широчина од еден километар. Во подрачјето на нејзината делта, секоја секунда се влеваат околу 15 милиони литри вода во Мексиканскиот Залив. Кога има поплава, тоа количество може да се зголеми на преку 80 милиони литри во секунда.

Луѓето што живеат по должината на оваа река знаат што сѐ може да направи сета таа вода. Виделе како поплавува полиња, руши крајбрежни насипи, носи куќи и одзема животи. Но, малку луѓе денес можат воопшто да си замислат што се случило со таа река пред помалку од 200 години.

Во декември 1811, една невидлива сила почнала да беснее во централниот дел на долината на реката Мисисипи и не попуштала со недели. Еден по друг, страшни земјотреси предизвикувале подигање и спуштање на речното корито, претворајќи ја реката во разбранувано море. Земјиштето толку се издигнало што на 7 февруари 1812, веднаш над Њу Мадрид (Мисури), силната река Мисисипи течела на север наместо на југ.

Денови на страв и трепет

Тој настан бил кулминација на еден ужасен период познат како земјотресите на Њу Мадрид. На 16 декември 1811, во 2.00 часот по полноќ, во југоисточниот дел на државата Мисури се почувствувал првиот потрес. Фармерите и жителите на градот се разбудиле кога нивниот мебел почнал да се тресе, а порцеланот почнал да паѓа и да се крши на подот. Куќите биле поместени од темел. Луѓето трчале надвор и не се враќале внатре, тресејќи се од студ и од треперењето на земјиштето. Нивните домови, кои некогаш им биле засолниште во кое се одморале и се чувствувале безбедно, сега станале опасни.

Земјиштето продолжило да се тресе сѐ до зората, но не толку силно. Некаде во 7.00 наутро имало уште еден силен земјотрес. Потоа, околу 11.00 часот, погодил уште еден, уште посилен од претходниот. На земјата се појавиле пукнатини. Од тие морничави отвори избиле млазови од кал, вода и усвитен јаглен. Одоздола се ширеле смрдливи сулфурни гасови што го исполнувале воздухот. Очевидците гледале како илјадници споулавени птици одлетуваат од таму. Кога престанале силните потреси, од градот Литл Прери (Мисури) останале само урнатини.

Бурна пловидба по речниот тек

Во времето на земјотресите, новиот пароброд Њу Орлеанс пловел по должината на реката Охајо во правец на Мисисипи — крајно одредиште му бил Њу Орлеанс (Луизијана). Веселбата се претворила во голема загриженост кога бродот запловил во водите на подрачјето што било погодено од земјотресите. Речните брегови се треселе и паѓале во реката. Дрвјата, кои долго време лежеле закопани на речното дно, сега пловеле по површината, заканувајќи се да го оштетат бродскиот труп. Големи бранови го нишале бродот како да е тапа од плута. Картите направени за тоа патување биле бескорисни, бидејќи земјотресите го промениле текот на реката. Едно пријатно патување се претворило во хорор-пловидба.

На 19 декември 1811, Њу Орлеанс наближил до Њу Мадрид со надеж дека ќе може да ги обнови своите намирници. Меѓутоа, градот кој лежел крај оваа река и некогаш вриел од живот, не можел да им помогне. Малкуте луѓе што сѐ уште биле таму очајнички му мавтале на бродот да дојде и да ги спаси од зачадените урнатини на куќите и дуќаните.

Меѓутоа, паробродот продолжил да плови по Мисисипи додека патниците се треселе од страв. Поминале низ градот Поинт Плезент, кој бил сосема напуштен. Следен град бил Литл Прери. Бродот не запрел ни таму, бидејќи поголемиот дел од Литл Прери веќе го немало и зградите што останале биле уништени.

Уште појужно, паробродот наишол на еден голем куп трупци што пловеле. Земјотресите откорнале десетици дрвја и ги фрлиле во реката. Откако морнарите на Њу Орлеанс успеале да си го пробијат патот низ нив со туркање и влечење, во текот на ноќта го врзале бродот за едно дрво на Островот бр. 32, во близина на денешниот град Осиола (Арканзас). На 21 декември, некаде во 4.30 часот наутро, еден патник почувствувал дека јажето со кое биле закотвени некако чудно го влече бродот. Во зората виделе што се случило. Јажето било вертикално затегнато до максимум, а наоколу не можело да се види никакво копно. Во текот на ноќта, речното корито пропаднало и Островот бр. 32 исчезнал под површината. Тоа било уште една последица од земјотресите на Њу Мадрид.

Њу Орлеанс безбедно го завршил своето прво патување. Тој бил првиот брод на погон на пареа што пловел по реката Мисисипи. Можеби уште поголем успех било тоа што воопшто пристигнал на целта.

Уште потреси

Нешто помали потреси сѐ уште имало и во јануари 1812. На 23 јануари, околу 9.00 часот наутро, луѓето ги почувствувале страшните удари на уште еден силен земјотрес. Во близина на епицентарот на земјотресот се наоѓал веќе растресениот град Поинт Плезент (Мисури), чии жители побегнале. Кога некои се вратиле во февруари 1812, не само што виделе дека градот е уништен туку од него не останала ни трага. Како последица од земјотресот на 23 јануари, Поинт Плезент и околното земјиште завршиле во реката Мисисипи.

Плашејќи се дека дошол крајот на светот, многу луѓе од овој регион се свртеле кон религијата. Некои свештеници се радувале кога новите покајници ги пополниле црковните клупи, кои долго време биле празни. Други се сомневале во мотивите на сѐ поголемиот број верници, нарекувајќи ги христијани на земјотресот. Проповедникот Џејмс Б. Финли одржал една горлива проповед во која го цитирал стихот од Откровение 6:17 од библискиот превод King James: „Дојде големиот ден на неговиот гнев, и кој ќе може да стои?“ Поради тоа што земјата се тресела, дословно — наместо во духовна смисла — било тешко да се стои.

Последниот удар

Иако свештениците го молеле небото за помош, катастрофата не се повлекла од тој регион. Пред да се раздени на 7 февруари 1812, жителите на југоисточниот регион повторно биле разбудени од плиткиот сон кога од епицентарот што се наоѓал под нив се почувствувале огромни сеизмички бранови. Овој земјотрес, најсилен од сите дотогаш, бил толку јак што ги урнал оџаците во Синсинати (Охајо), на оддалеченост од 650 километри. Ги затресол црковните ѕвона во Бостон (Масачусетс), на оддалеченост од 1.600 километри. Дури и во Монтреал (Канада), чиниите заѕвечкале на масите. Еден човек од Кентаки, кој живеел на оддалеченост од околу 130 километри од епицентарот, во својот дневник напишал: „Ако не се извлечеме одовде, земјата ќе нѐ проголта живи“. Меѓутоа, земјотресот го зачувал својот најголем бес за да го истури врз речниот град Њу Мадрид.

Претходните потреси предизвикале тешка штета во Њу Мадрид, убивајќи неколку жители и истерувајќи ги повеќето преживеани. Потресот од 7 февруари значел крај за тоа место. Кога почнал земјотресот, преостанатите жители побегнале — и тоа во последен момент. Високиот речен брег на кој лежел градот попуштил и се лизнал во Мисисипи, каде што разбеснетите води ги разбиле и ги однеле штиците, циглите и камењата на Њу Мадрид. За кратко време од тој град не останала ни трага.

Последици врз реката

Како резултат на земјотресите во Њу Мадрид, настанале привремени водопади на реката Мисисипи во близина на Њу Мадрид. Десетици бродови се превртеле додека пловеле низ нив. Земјотресот од 7 февруари предизвикал подигање и спуштање на земјиштето, присилувајќи го речниот тек да ја смени насоката. На дното на реката се отвориле огромни пукнатини, создавајќи вртлози во кои исчезнале многу бродови. Потресите го изместиле речното корито и поплавиле градови и фарми. Исто така, го свртеле текот на реката, создавајќи го езерото Рилфут, едно големо езеро во Тенеси што не постоело пред 1812 година. Дрвјата што некогаш растеле на суво, сега се наоѓаат среде езерото Рилфут, жилаво растејќи на поплавената почва.

Немаме точни податоци за јачината на тие земјотреси, бидејќи во 1812 не постоеле современите сеизмографи. Научниците проценуваат дека најмалку три од земјотресите во Њу Мадрид биле со јачина од 8 степени според Рихтеровата скала. Тие се најсилните земјотреси што некогаш биле забележани во Соединетите Држави и се вбројуваат во едни од најјаките што некогаш биле забележани на Земјината топка. Иако погоденото подрачје било ретко населено, во катастрофата го изгубиле животот десетици, а можеби и стотици луѓе.

Денес, реката Мисисипи продолжува да си тече во југоисточниот дел на Мисури како никогаш да не се случило ништо значајно. Но, само кога оваа река би можела да зборува, би имала да раскаже многу за времето кога течела наназад.

[Карти на страница 26]

(Види во публикацијата)

МИСУРИ

Мисисипи

Њу Мадрид

[Слика на страница 27]

Паробродот „Њу Орлеанс“

[Извор на слика]

Користено со дозвола, State Historical Society of Missouri, Columbia

[Слика на страница 28]

Езерото Рилфут настанало како последица од земјотресите

[Извор на слика на страница 26]

U.S. Fish & Wildlife Service, Washington, D.C./Dave Menke