Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ќе се постигне светски мир со дипломатија?

Дали ќе се постигне светски мир со дипломатија?

Гледиште на Библијата

Дали ќе се постигне светски мир со дипломатија?

ДАЛИ би сакале да престанат сите војни? Секако дека мора да постои некое дипломатско решение за државните и меѓународните конфликти. Мнозина мислат дека би можело да им се стави крај на војните ако светските водачи едноставно соработуваат. Меѓутоа, веројатно сте разочарани од резултатите што се постигнати со дипломатијата. Со векови дипломатите потпишувале спогодби, составувале резолуции и одржувале самити, но само малку спорни прашања биле трајно решени.

Библијата зборува многу за дипломатијата и за мирот. Таа дава одговор на следниве прашања: Кои фактори моментално спречуваат да се постигне мир со помош на дипломатија? Дали христијаните треба да се мешаат во дипломатски преговори? На кој начин конечно ќе се постигне вистински мир?

Што е пречка за мирот?

Неколку библиски извештаи илустрираат како личните контакти можат да придонесат да се постигне мир. На пример, Авигеја вешто ги убедила Давид и неговата војска да не му се одмаздуваат на нејзиното домаќинство (1. Самоил 25:18—35). Исус кажал една илустрација за некој цар што немал друг излез освен да испрати пратеници што ќе молат за мир (Лука 14:31, 32). Да, Библијата потврдува дека некои облици на дипломатија можат да ги решат конфликтите. Тогаш, зошто мировните преговори честопати наидуваат само на ограничен успех?

Библијата точно предвидела дека нашите времиња ќе бидат тешки. Поради злобното влијание на Сатана Ѓаволот, луѓето ќе бидат „непристапни за каков и да е договор“ и „свирепи, без љубов кон доброта, предавници, своеглави, надуени од гордост“ (2. Тимотеј 3:3, 4; Откровение 12:12). Освен тоа, Исус прорекол дека завршетокот на сегашниов систем на работи ќе биде одбележан со „војни и извештаи за војни“ (Марко 13:7, 8). Кој може да рече дека тие работи не стануваат сѐ пораширени? Со оглед на тоа, зарем е чудно што обидите да се постигне мир меѓу нациите честопати не наидуваат на успех?

Исто така, размислете и за ова: Иако дипломатите многу се трудат да ги избегнат судирите, главната цел на секој од нив е да ги штити интересите на својата нација. Тоа е суштината на политичката дипломатија. Дали христијаните треба да се мешаат во овие работи?

Христијаните и дипломатијата

Библијата советува: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение“ (Псалм 146:3). Ова покажува дека, без оглед на мотивите, дипломатите во светот немаат ниту способност ниту моќ да изнајдат трајни решенија.

Кога Исус бил на судење пред Понтиј Пилат, рекол: „Моето царство не е дел од овој свет. Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Мировните планови честопати се затруени со националистичка омраза и политичка себичност. Затоа, вистинските христијани не се мешаат во конфликтите на овој свет и во неговите обиди за дипломатија.

Дали ова значи дека христијаните се рамнодушни и незаинтересирани за она што се случува во светот? Дали се бесчувствителни за човечкото страдање? Не. Сосема спротивно, Библијата ги опишува вистинските Божји обожаватели како лица што „тажат и плачат“ поради лошите работи што се случуваат околу нив (Езекиел 9:4). Христијаните едноставно се потпираат на тоа дека Бог ќе донесе мир, како што ветил. Дали Вие го замислувате мирот како крај на војните? Божјето Царство сигурно ќе го постигне ова (Псалм 46:8, 9). Освен тоа, ќе обезбеди целосна сигурност и благосостојба на сите жители на земјата (Михеј 4:3, 4; Откровение 21:3, 4). Таков ненадминлив мир никогаш не може да се постигне со дипломатија или со напорите што ги вложуваат човечките „мировни“ организации.

Библиските пророштва и искуството од минатото јасно покажуваат дека, ако имаме доверба дека човечката дипломатија ќе донесе мир, само ќе се разочараме. Оние што ја полагаат својата надеж за мир во Исус Христос и го поддржуваат Божјето Царство, ќе го доживеат исполнувањето на нивната желба за вистински мир. Освен тоа, засекогаш ќе уживаат во него! (Псалм 37:11, 29).

[Истакната мисла на страница 27]

Без оглед на мотивите, дипломатите во светот немаат ниту способност ниту моќ да изнајдат трајни решенија

[Извор на слика на страница 26]

Долу: Фотографија на Stephen Chernin/Getty Images