Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Измачени умови

Измачени умови

Измачени умови

УШТЕ на 14⁠-годишна возраст, кај Никол почнале да се јавуваат периоди на мрачно расположение. Меѓутоа, кога наполнила 16 години, почнала да доживува нешто ново — некое чудно чувство на еуфорија и необично голема енергија. Во главата ѝ владеела збрка, зборувала неповрзано и не можела да спие. Исто така, кај неа се јавиле неосновани сомневања дека нејзините пријателки ја искористуваат. Потоа Никол тврдела дека, ако сака, може да ја промени бојата на предметите. Тогаш мајка ѝ сфатила дека ѝ е потребна помош од медицинско лице и ја одвела Никол на лекар. Откако внимателно ја набљудувале промената на расположенијата кај Никол, лекарите конечно поставиле дијагноза: Никол боледувала од биполарно растројство. *

Исто како и Никол, милиони луѓе во светот страдаат од некое растројство на расположението — сеедно дали се работи за биполарно растројство или за некој облик на клиничка депресија. Овие заболувања можат да имаат разорни последици. „Страдав со години“, вели Стивен, кој има биполарно растројство. „Минував низ ужасни периоди на депресија, а потоа настапуваа еуфорични расположенија. Иако терапиите и лекарствата ми помагаа, сепак морав да водам тешка битка.“

Која е причината за растројствата на расположението? Како се чувствува некој што страда од депресија или од биполарно растројство? Како може да им се даде потребната поддршка на пациентите и на оние што се грижат за нив?

[Фуснота]

^ Наречено уште и манично-депресивно растројство. Ве молиме, имајте на ум дека некои од овие симптоми би можеле да бидат знаци на шизофренија, злоупотреба на дрога, па дури и на нормалното приспособување на младите во периодот на адолесценцијата. Дијагнозата треба да се даде дури откако соодветен специјалист ќе изврши детален преглед.