Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можат да помогнат другите

Како можат да помогнат другите

Како можат да помогнат другите

МОЖЕБИ познавате некого што страда од депресија или биполарно растројство. Ако е така, како можете да му дадете поддршка? Д⁠-​р Џ. Џафи од Државното здружение за ментално болни лица го дава следниов добар совет: „Правете разлика помеѓу болеста и личноста — мразете ја болеста, но сакајте ја личноста“.

Една жена по име Сузана имала стрпливост и љубов да го прави токму тоа. Таа имала пријателка што боледувала од биполарно растројство. „Имаше моменти кога едноставно не можеше да ме поднесува во своја близина“, вели Сузана. Наместо да ја напушти својата пријателка, Сузана истражувала за да дознае нешто повеќе за биполарното растројство. Таа вели: „Сега сфаќам колку влијаела болеста врз однесувањето на мојата пријателка“. Сузана е уверена дека тоа што ќе вложите напори да го разберете болниот донесува големи награди. „Тоа може да Ви помогне да ја засакате и да ја цените прекрасната личност што се крие зад болеста“, вели таа.

Кога некој од семејството ја има оваа болест, многу е важно да му се даде безгранична поддршка. Марио, спомнат во една од претходните статии, веднаш ја научил оваа лекција. Жена му, Лучија, која исто така беше спомната, има биполарно растројство. „Во почетокот“, вели Марио, „ми помогна тоа што одев на лекар заедно со жена ми и истражував за оваа чудна болест за да можам добро да се запознаам со она против што се боревме. Исто така, Лучија и јас многу разговаравме и постојано се трудевме да се справиме со секоја ситуација што ќе се појавеше.“

Поддршка од христијанското собрание

Библијата ги опоменува сите христијани ‚да им зборуваат утешно на депримираните души‘ и ‚да бидат долготрпеливи спрема сите‘ (1. Солуњаните 5:14). Како можете да го правите тоа? Прво, важно е да ја разберете разликата помеѓу душевна и духовна болест. На пример, библискиот писател Јаков покажал дека молитвата може да го оздрави оној што не се чувствува добро духовно (Јаков 5:14, 15). Меѓутоа, Исус потврдил дека на оние што се физички болни им треба лекар (Матеј 9:12). Се разбира, секогаш е исправно и корисно да го молиме Јехова за секаква грижа што ја имаме, вклучувајќи го и нашето здравје (Псалм 55:22; Филипјаните 4:6, 7). Но, Библијата не вели дека зголемената духовна активност сама по себе ќе ни ги излекува сегашните здравствени проблеми.

Затоа, проникливите христијани не би сакале со ништо да укажат дека оние што имаат депресија се виновни за својата болест. Таквите зборови не би помогнале повеќе од она што му го рекле лажните утешители на Јов (Јов 8:1—6). Факт е дека во многу случаи депресијата нема да помине ако не се лекува со лекарства. Тоа е случај особено кога некој е многу депримиран, можеби дури и склон кон самоубиство. Во такви случаи е неопходна помош од специјалист.

Сепак, и сохристијаните можат да сторат многу за да дадат поддршка. Се разбира, потребна е стрпливост. На пример, извесни аспекти на христијанската активност можеби им влеваат посебен страв на оние што имаат некое растројство на расположението. Дајен, која има биполарно растројство, вели: „Водам вистинска борба за да учествувам во службата. Предизвик ми е да им ја носам добрата и радосна вест од Библијата на другите луѓе кога јас не се чувствувам добро и радосно однатре“.

За да можете да им помогнете на оние што се болни, настојувајте да бидете сочувствителни (1. Коринќаните 10:24; Филипјаните 2:4). Обидете се да ги гледате работите онака како што ги гледа болниот, а не како што ги гледате Вие. Не оптоварувајте го со неразумни очекувања. „Кога ме прифаќаат таков каков што сум сега“, вели Карл, кој се бори со депресија, „имам чувство дека постепено пак си го наоѓам своето место. Благодарение на стрпливата помош што ми ја укажаа неколку постари пријатели, успеав да изградам поблизок однос со Бог и да најдам голема радост додека им помагам и на другите во тоа.“

Поддршката може многу да им го олесни товарот на оние што се болни. Размислете за Бренда, една христијанка која исто така има биполарно растројство. „Пријателите од собранието ми даваат одлична поддршка и покажуваат разбирање во периодите кога сум потиштена, и никогаш не ме осудуваат како духовно слаба“, вели таа. „Имаше моменти кога ме земаа со себе во служба и ме оставаа само да слушам или, пак, ми чуваа место во Салата на Царството за да можам да влезам откако ќе седнат сите.“

Сочувствителните собраниски старешини полни со љубов многу ѝ помагаат на депримираната Шери, спомната во претходната статија. Таа вели: „Кога старешините ми кажуваат дека Јехова ме сака, кога ми читаат стихови од Божјата реч, Библијата, и ми зборуваат за Јеховината намера да има рај во кој ќе владеат мир и благосостојба, и кога се молат со мене — дури и по телефон — чувствувам дека ми се крева товарот. Знам дека Јехова и моите браќа не ме напуштиле и тоа ми дава сила.“

Нема никакво сомнение дека членовите на семејството и пријателите можат многу да придонесат за физичкото и умственото здравје на болниот ако даваат целосна поддршка. „Мислам дека сега имам прилична контрола над мојот живот“, вели Лучија. „Мојот сопруг и јас водевме заедничка борба да поминеме низ сето тоа, и сега работите се подобри од кога и да е порано.“

Мнозина од оние што се борат со различни душевни болести сфаќаат дека битката со тие страшни маки е долгорочна. Сепак, Библијата ветува дека во Божјиот нов свет, „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘ “ (Исаија 33:24). Мачните болести од кои страдаат толку многу луѓе денес нема повеќе да постојат. Навистина е охрабрувачки да се размислува за Божјето ветување за еден нов свет во кој засекогаш ќе бидат отстранети сите болести — вклучувајќи ги и растројствата на расположението. Во тоа време, вели Библијата, повеќе нема да има тага ни пискот ни болка (Откровение 21:4).

[Истакната мисла на страница 12]

Исус потврдил дека на болните им треба лекар (МАТЕЈ 9:12).

[Истакната мисла на страница 13]

Библијата ветува дека во Божјиот нов свет, „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (ИСАИЈА 33:24).