Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Надеж за болните

Надеж за болните

Надеж за болните

ВО МИНАТОТО, луѓето обично ги избегнувале оние што имале растројства на расположението. Затоа, многу болни биле отфрлени од општеството. Некои биле дискриминирани при вработувањето. Други биле запоставени од членовите на семејството. Честопати, тоа само го зголемувало проблемот и било пречка да им се укаже помош на болните.

Меѓутоа, во последниве децении се направени големи чекори напред во разбирањето на клиничката депресија и биполарното растројство. Денес се знае дека овие заболувања можат да се лекуваат. Но, не е секогаш лесно да се побара помош. Зошто?

Да се препознаат знаците

Растројствата на расположението не можат да се дијагностицираат само со обична анализа на крвта или со рендгенска снимка. Наместо тоа, во текот на извесен временски период се набљудува како се однесува едно лице, како размислува и како просудува. За да се постави дијагноза мора да бидат присутни повеќе симптоми. Проблемот е во тоа што членовите на семејството и пријателите понекогаш не сфаќаат дека она што го гледаат е доказ за некое растројство на расположението. „Дури и тогаш кога луѓето се согласуваат дека однесувањето на една личност отстапува од нормалното“, пишува д-р Дејвид Џ. Милкович, „можно е да имаат многу различни мислења за тоа кои се причините што предизвикуваат таа личност да биде таква каква што е.“

Освен тоа, дури и кога членовите на семејството сметаат дека ситуацијата е сериозна, може да биде тешко да го убедат болниот дека му треба медицинска помош. А ако сте Вие оној што боледува, можеби и не сакате помош. Д⁠-​р Марк С. Голд пишува: „Веројатно сте уверени дека она што си го мислите кога сте депримирани е вистина — дека не вредите — па затоа Ви се чини дека е сосема бескорисно да побарате помош кога и онака сте безнадежен случај. Можеби сакате да поразговарате со некого во врска со тоа, но мислите дека депресијата е нешто срамно и дека Вие сте виновни што ја имате . . . Можеби дури и не сте свесни дека она што го чувствувате е депресија“. Во секој случај, ако некој има тешка депресија, неопходно е да добие медицинска помош.

Се разбира, одвреме⁠-​навреме секој од нас може да се почувствува потиштено и тоа не мора да значи дека станува збор за некакво растројство на расположението. Но, што ако тие чувства се посилни од обично нерасположение? А што ако потраат невообичаено долго — на пример, две или повеќе седмици? Освен тоа, да претпоставиме дека депресивните расположенија не Ви дозволуваат да функционирате нормално, сеедно дали сте на работа, на училиште или во друштво. Во таков случај, би било мудро да се консултирате со специјалист што е квалификуван да постави дијагноза и да ги лекува депресивните растројства.

Ако се работи за биохемиска нерамнотежа, можно е лекарот да препише лекарства. Во други случаи можеби ќе препорача терапија со советник за да му се помогне на болниот да научи како да излезе на крај со својата болест. Понекогаш биле постигнати добри резултати со комбинација на овие две методи. * Важно е да побарате и да добиете помош. „Многупати болните се плашат и се срамат од својата болест“, вели Ленор, пациентка што има биполарно растројство, спомната во претходната статија. „Но, треба да се срамите само во случај да не ја побарате помошта што очајно Ви е потребна кога веќе се сомневате дека имате проблем.“

Ленор зборува од лично искуство. „Една година бев речиси сосема врзана за кревет“, вели таа. „Потоа, еден ден, кога се почувствував малку посилна, одлучив да се јавам на лекар и да закажам преглед.“ Било утврдено дека Ленор има биполарно растројство и лекарот ѝ препишал лекови. Тоа било пресвртница во нејзиниот живот. „Кога ги земам лекарствата се чувствувам нормално“, вели Ленор, „иако постојано морам да се потсетувам на тоа дека, ако престанам да ги земам, пак ќе се јават старите симптоми.“

Нешто слично кажува и Брендон, кој има депресија. „Како тинејџер“, вели тој, „често помислував на самоубиство затоа што ме преплавуваа силни чувства на безвредност. Отидов на лекар дури по мојата 30⁠-та година.“ Исто како Ленор, и Брендон зема лекарства за да се избори со својата болест, но тоа не е сѐ. „За моето целокупно здравје да биде добро“, вели тој, „водам сметка и за мојот ум и за моето тело. Се одморам и внимавам на исхраната. Исто така, го полнам умот и срцето со позитивни мисли од Библијата.“

Сепак, Брендон истакнува дека клиничката депресија е медицински, а не духовен проблем. Ако сакате да закрепнете, неопходно е да го сфатите тоа. Брендон раскажува: „Еднаш, еден добронамерен сохристијанин ми рече дека, со оглед на тоа дека во Галатите 5:22, 23 стои дека радоста е плод на Божјиот свет дух, мојата депресија сигурно е резултат на тоа што правам нешто што го попречува дејствувањето на светиот дух. Поради тоа чувствував уште поголема вина и депресија. Но, штом почнав да добивам помош, темниот облак што се надвиснуваше над мене почна да се крева. Се чувствував многу подобро! Камо да побарав помош порано“.

Да се добие битката

Дури и откако ќе се постави дијагноза и ќе се започне со лекување, растројството на расположението веројатно и понатаму ќе носи нови предизвици. Кели, која се бори со тешка депресија, е благодарна за стручната помош што ја добила во врска со медицинските аспекти на нејзината болест. Сепак, утврдила дека и поддршката од другите е многу важна. Во почетокот, Кели не сакала да побара помош од другите затоа што не сакала да им биде на товар. „Морав да научам не само да барам туку и да прифатам помош“, вели таа. „Дури откако почнав да зборувам отворено, престанав да тонам сѐ подлабоко.“

Како Јеховин сведок, Кели оди на состаноците во Салата на Царството заедно со своите соверници. Но, понекогаш дури и тие радосни моменти носат предизвици. „Честопати ми пречат светлата, движењето на луѓето и вревата. Потоа ми се јавуваат чувства на вина и ми се засилува депресијата затоа што мислам дека мојата болест сигурно е одраз на недоволна духовност.“ Како се справува Кели со оваа ситуација? Таа вели: „Научив дека депресијата е болест со која мораш да се бориш. Таа не е одраз на мојата љубов кон Бог или кон сохристијаните. Не е одраз ниту на мојата духовност“.

Лучија, спомната во една од претходните статии, е благодарна за извонредната медицинска нега што ја добила. „Тоа што појдов кај специјалист за душевни болести одигра пресудна улога за да научам да се борам со промените на расположението што се последица на оваа болест и да ги пребродам“, вели таа. И Лучија нагласува дека одморот е многу важен. „Спиењето е еден многу важен фактор во борбата со манијата“, вели таа. „Колку помалку спијам, толку поизразени се симптомите. Дури и кога не ми доаѓа сон на очи, наместо да станувам, научив да лежам и да се одморам.“

На Шила, исто така спомната претходно, ѝ помогнало тоа што секојдневно води дневник во кој ги излева своите чувства. Таа забележува значително подобрување во својот став. Сепак, има некои предизвици. „Од некоја причина, кога сум уморна мозокот ми се полни со негативни мисли“, вели Шила. „Но, научив како да ги замолкнам, или барем да ги стивнам.“

Утеха од Божјата реч

Библијата е зајакнувачка помош за многу луѓе што се измачувани од „тегобни мисли“ (Псалм 94:17—19, 22NW). На пример, Шери посебно ја охрабруваат стиховите од Псалм 72:12, 13. Таму псалмистот го вели следново за Божјиот наименуван Цар, Исус Христос: „Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник; ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот“. Шери ја охрабриле и зборовите што ги запишал апостол Павле во Римјаните 8:38, 39: „Уверен сум дека ниту смртта, ниту животот, ниту ангелите, ниту владите, ниту она што е сега, ниту она што ќе дојде, ниту силите, ниту височината, ниту длабочината, ниту кое и да е друго создание не ќе може да нѐ одвои од Божјата љубов која е во Христос Исус, нашиот Господ“.

Илејн, која боледува од биполарно растројство, смета дека нејзиниот однос со Бог е како котва на брод. Таа наоѓа голема утеха во зборовите на псалмистот: „Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“ (Псалм 51:17NW). „Ми беше вистинска утеха спознанието дека ме разбира Јехова, нашиот небесен татко кој многу нѐ сака“, вели таа. „Бев зајакната кога го барав во молитва, особено во моментите кога ми беше многу тешко и мачно.“

Како што може да се види, животот со некое растројство на расположението носи несекојдневни предизвици. Меѓутоа, Шери и Илејн утврдиле дека тоа што се потпирале на Бог во молитва и примале соодветна терапија им помогнало подобро да се справат со својата ситуација. Но, како можат да помогнат членовите на семејството и пријателите кога некој боледува од биполарно растројство или депресија?

[Фуснота]

^ Разбудете се! не се залага за некоја посебна терапија. Христијаните треба да се уверат дали лекувањето што го прифатиле не е во спротивност со библиските начела.

[Истакната мисла на страница 10]

„Штом почнав да добивам помош, темниот облак што се надвиснуваше над мене почна да се крева. Се чувствував многу подобро!“ (БРЕНДОН).

[Рамка на страница 9]

Што забележал еден сопруг

„Пред да се разболи, со својата длабока чувствителност Лучија влијаеше врз животот на многу луѓе. Дури и денес, во моментите кога е смирена, оние што ја посетуваат мојата сопруга се привлечени од нејзината срдечност. Она што повеќето луѓе не го сфаќаат е тоа дека Лучија наизменично преминува од една во друга крајност — од депресија во манија. Тоа се последици од биполарното растројство, болест што ја има изминативе четири години.

За време на маничната фаза, се случува Лучија да остане будна до еден, два или три часот наутро додека главата ѝ врие од креативни идеи. Од неа просто блика енергија. Може претерано да реагира дури и на ситници и импулсивно троши пари. Се става во многу опасни ситуации, мислејќи си дека е непобедлива и дека не постојат никакви опасности — во морален, физички или во кој и да било друг поглед. Со ваквото импулсивно однесување е поврзан и ризикот од самоубиство. Веднаш по манијата настапува депресија, која обично е со ист интензитет како и манијата што ѝ претходела.

Мојот живот драстично се промени. И покрај тоа што Лучија се лекува, она што успеваме да го направиме денес нема да биде исто како она што сме успеале да го направиме вчера или што ќе го направиме утре. Тоа се менува во зависност од нашите околности. Присилен сум да бидам пофлексибилен отколку што сум мислел дека можам да бидам“ (Марио).

[Рамка/слика на страница 11]

Кога се препишани лекарства

Некои мислат дека земањето лекарства е знак на слабост. Но, размислете за тоа вака: Еден дијабетичар мора да зема терапија што вклучува примање инсулински инјекции. Дали е тоа знак на слабост? Во никој случај! Тоа едноставно е начин да се постигне рамнотежа на хранливите материи што се внесуваат во организмот за пациентот да остане здрав.

Истото важи и за земањето лекарства против депресија и против биполарно растројство. Иако на многу луѓе им користела терапија со советник, која им помогнала да ја разберат својата болест, сепак мора да се внимава на една работа. Кога е присутна и хемиска нерамнотежа, болеста не може да се отстрани само со логика. Стивен, кој има биполарно растројство, раскажува: „Специјалистот што ме лекува ми ја даде следнава илустрација: На човек можеш да му ги одржиш сите можни лекции за да научи да вози, но ако му дадеш автомобил без волан или сопирачки, тогаш тие лекции нема да бидат од голема корист. На сличен начин, само со логика и советување на депримираниот нема да се постигнат саканите резултати. Првиот важен чекор што треба да се преземе е да се постигне хемиска рамнотежа во мозокот“.

[Слика на страница 10]

Библијата е зајакнувачка помош за многу лица што се измачувани од негативни мисли