Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Облеката и дотерувањето ми беа камен на спрепнување

Облеката и дотерувањето ми беа камен на спрепнување

Облеката и дотерувањето ми беа камен на спрепнување

РАСКАЖАЛА ИЛЕНЕ БРУМБАУ

БЕВ воспитувана во религијата на Старото германско баптистичко братство, која е слична на религијата на амишите и менонитите. Движењето на Братството започнало во Германија во 1708 како дел од духовното будење наречено пиетизам. Во Encyclopedia of Religion стои дека пиетизмот се карактеризира со „визија за едно човештво на кое му е потребно Христовото евангелие“. Поради ваквото гледиште, ова движење започнало успешни мисионерски кампањи во различни земји.

Во 1719, една мала група под водство на Александар Мак дошла во денешна Пенсилванија, во Соединетите Држави. Оттогаш се формирале и се одвоиле една од друга и други групи. Секоја група се придржувала за своето лично толкување на учењата на Александар Мак. Нашата мала црква имаше околу 50 членови. Беше нагласено дека членовите на црквата треба да ја читаат Библијата и тесно да ги следат официјалните одлуки.

Во текот на најмалку три генерации, моето семејство се придржуваше за оваа вера и начин на живот. Јас ѝ пристапив на црквата и се крстив кога имав 13 години. Ме воспитаа да верувам дека е погрешно да се има и да се користи автомобил, трактор, телефон, па дури и радио или некој друг изум што работи на струја. Кај нас жените се облекуваа едноставно, не ја стрижевме косата и секогаш ја покривавме главата. Мажите носеа брада. Според нашиот начин на размислување, да не бидеме дел од светот значеше да не носиме модерна облека, шминка или накит, за кои мислевме дека се знак на грешна гордост.

Нѐ учеа да имаме длабока почит кон Библијата, која ја сметавме за наша духовна храна. Секое утро пред да појадуваме, се собиравме во дневната соба и го слушавме тато додека читаше по едно поглавје од Библијата и го разјаснуваше она што ќе го прочиташе. Потоа се молеше и ние сите клекнувавме. Тогаш мама ја кажуваше напамет Оченаш. Секогаш се радував на утринското обожавање бидејќи сите во семејството бевме заедно и мислевме на духовни работи.

Живеевме на една фарма во близина на Делфи (Индијана), каде што одгледувавме најразлични производи. Ги носевме во градот со коњ и чеза, а потоа ги продававме на улица или од куќа до куќа. Сметавме дека напорната работа е дел од службата за Бог. Затоа, се сосредоточивме на неа, особено во неделите, кога не смеевме да извршуваме никаква физичка работа. Но, понекогаш нашето семејство беше толку зафатено со работа на фармата што ни беше предизвик да се сосредоточиме на духовните работи.

Брак и семејство

Во 1963, кога имав 17 години, се омажив за Џејмс, кој исто така беше член на Старото братство. Уште неговите прабаба и прадедо ѝ припаѓале на оваа религија. Двајцата имавме силна желба да му служиме на Бог и верувавме дека нашата црква е единствената вистинска црква.

Во 1975 имавме шест деца, а во 1983 се роди нашето седмо, последно дете. Ребека, нашето второ дете, беше единственото девојче. Работевме многу, трошевме малку и живеевме едноставно. Се обидовме да им ги всадиме на нашите деца истите библиски начела што ги научивме од нашите родители и од другите членови на Старото братство.

Надворешниот изглед беше многу важен за Старото братство. Сметавме дека, бидејќи никој не може да го чита срцето, начинот на облекување открива каков е човек однатре. Затоа, ако некоја од жените ја тапираше косата, тоа се сметаше за знак на гордост. Ако нашата едноставна облека имаше преголеми шари, тоа беше уште еден знак на гордост. Понекогаш, овие спорни прашања го фрлаа во сенка самото Писмо.

Искуство од затворот

Кон крајот на 1960⁠-тите, девер ми, Џеси, кој беше воспитан во верата на Старото братство, лежеше в затвор затоа што одби да служи војска. Додека беше таму, ги запозна Јеховините сведоци, кои исто така сметаат дека одењето во војна не е во склад со библиските начела (Исаија 2:4; Матеј 26:52). Џеси имаше многу библиски дискусии со Сведоците и од прва рака ги гледаше нивните особини. Откако подолго време ја проучуваше Библијата, се крсти како Јеховин сведок. Тоа беше вистинско разочарување за нас.

Џеси му кажуваше на мојот сопруг за сѐ што научил. Исто така, се погрижи Џејмс редовно да ги добива списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Читајќи ги, Џејмс уште повеќе се заинтересира за Библијата. Бидејќи отсекогаш сакаше да му служи на Бог но често имаше чувство дека Бог е далеку од него, многу го интересираше сѐ што можеше да му помогне да му се приближи.

Нашите старешини нѐ охрабруваа да ги читаме религиозните списанија на амишите, менонитите и на другите вери на Старото братство, иако сметавме дека тие религии се дел од светот. Но, татко ми имаше големи предрасуди кон Сведоците. Тој сметаше дека никогаш не треба да читаме Стражарска кула и Разбудете се! Затоа, кога видов дека Џејмс ги чита тие списанија, се сепнав. Се плашев дека ќе прифати некои лажни учења.

Сепак, Џејмс веќе долго време се сомневаше во некои верувања на Старото братство што мислеше дека не се во склад со Библијата — особено учењето дека е грев да се извршува физичка работа в недела. На пример, Старото братство учеше дека е дозволено да се напојуваат животните в недела, но не е дозволено да се искорне ни една тревка. Старешините не можеа да му дадат библиска причина за ова правило. Малку по малку и јас почнав да се сомневам во тие учења.

Бидејќи долго време верувавме дека нашата црква е Божја црква и ни беше јасно низ што сѐ ќе минеме ако ја напуштиме, ни беше тешко да ги прекинеме врските со Старото братство. Сепак, совеста повеќе не ни дозволуваше да останеме во религија за која мислевме дека не се придржува потполно за Библијата. Затоа, во 1983 напишавме писмо во кое објаснивме зошто ја напуштаме црквата и замоливме писмото да се прочита пред целото собрание. Бевме исклучени од црквата.

Потрага по вистинската религија

Потоа, започнавме потрага по вистинската религија. Баравме доследност, религија чии следбеници ги даваат плодовите што ги поучуваат и другите да ги даваат. Пред сѐ, ги исклучивме сите религии што учествуваа во војна. Сѐ уште нѐ привлекуваа „обичните“ религии, бидејќи сметавме дека едноставниот начин на живот и обичната облека се показатели дека некоја религија не е дел од светот. Од 1983 до 1985, патувавме низ Соединетите Држави испитувајќи ги сите религии по ред — менонити, квекери и други „обични“ групи.

Во тој период Јеховините сведоци дојдоа на нашата фарма, во близина на Камден (Индијана). Ние слушавме и ги замоливме да го користат само библискиот превод King James. Го почитував ставот на Сведоците за војната. Но, ми беше тешко да ги слушам затоа што, ако не можеа да увидат дека треба да се облекуваат едноставно за да покажат дека се одвоени од светот, мислев дека не би можеле да бидат вистинската религија. Сметав дека гордоста ги тера луѓето да се облекуваат поинаку од нас. Бев уверена дека токму поради материјалните поседи луѓето стануваат горди.

Џејмс почна да оди во Салата на Царството на Јеховините сведоци и со себе земаше некои од нашите синови. Јас бев многу вознемирена. Мојот сопруг ме викаше да одам со него, но јас не сакав. Еден ден ми рече: „Дури и ако не се сложуваш со сите нивни учења, само дојди и види самата како постапуваат еден со друг“. Нему тоа му оставило силен впечаток.

Конечно, одлучив да појдам со него, но да бидам многу претпазлива. Влегов во Салата на Царството облечена во мојата обична облека и капа. Некои од нашите синови беа боси и облеката им беше едноставна. Сепак, Сведоците ни пристапија и покажаа љубов кон нас. Си мислев: ‚Ние сме поинакви, но сепак нѐ прифаќаат‘.

Ми остави впечаток нивниот став полн со љубов, но сепак бев решена само да набљудувам. Не сакав да станам, дури ни да ги пеам нивните песни. Откако заврши состанокот, ги преплавив со прашања за работите што мислев дека не ги прават како што треба или за значењето на извесни библиски стихови. Иако не бев многу тактична, секого што го прашав покажа вистински интерес за мене. Ми остави голем впечаток тоа што можев да им го поставам истото прашање на различни луѓе и да добијам исти одговори. Понекогаш ми го запишуваа одговорот, што многу ми помагаше бидејќи така можев сама да го проучам материјалот подоцна.

Летото 1985, сите како семејство отидовме на еден конгрес на Јеховините сведоци во Мемфис (Тенеси) — само за да видиме како е. Џејмс сѐ уште имаше брада и ние сѐ уште носевме едноставна облека. Речиси во секој момент помеѓу сесиите некој доаѓаше кај нас. Нѐ привлече љубовта, вниманието што ни го покажаа и тоа што се чувствувавме прифатени. Бевме импресионирани и од единството, бидејќи без оглед на тоа каде одевме на состанок, учењата беа исти.

Џејмс, поттикнат од личниот интерес што го покажаа Сведоците, прифати библиска студија. Тој испитуваше сѐ и сакаше да се увери во она што го учеше (Дела 17:11; 1. Солуњаните 5:21). Со текот на времето, Џејмс почувствува дека ја пронашол вистината. Меѓутоа, јас бев растргната. Сакав да го правам она што е исправно, но не сакав да се „модернизирам“ и да ме сметаат за „светска“. Кога првпат се согласив да присуствувам на библиската студија, на едното колено го имав преводот King James, а на другото посовремениот Превод Нов свет. Го проверував секој стих во двата превода за да се уверам дека не ме заведуваат.

Како се уверив

Додека проучувавме со Сведоците, научивме дека нашиот небесен Татко е еден, а не троеден Бог, и дека ние самите сме души и немаме некаква бесмртна душа (Битие 2:7; Второзаконие 6:4; Езекиел 18:4ПСП; 1. Коринќаните 8:5, 6). Исто така, научивме дека пеколот е општ гроб на целото човештво, а не место на огнени маки (Јов 14:13; Псалм 16:10; Проповедник 9:5, 10; Дела 2:31). Тоа што ја дознавме вистината за пеколот беше голема работа за нас, бидејќи во Старото братство имаше поделени мислења во врска со тоа што претставува тој.

Сепак, сѐ уште се прашував како е можно Сведоците да бидат вистинската религија кога, како што мислев јас, беа дел од светот. Тие не водеа „едноставен“ живот, како што јас мислев дека треба. Меѓутоа, во исто време, сфатив дека ја извршуваат Исусовата заповед да им ја проповедаат добрата вест за Царството на сите луѓе. Бев многу збунета! (Матеј 24:14; 28:19, 20).

Во текот на тие критични моменти, љубовта на Сведоците ми помогна да продолжам да истражувам. Целото собрание покажа интерес за нашето семејство. Додека кај нас доаѓаа различни членови на собранието — понекогаш со изговор дека дошле да купат млеко и јајца — постепено сфативме дека тие навистина се добри луѓе. Нашиот дом не го избегнуваа затоа што некој Сведок веќе проучуваше со нас. Наместо тоа, секогаш кога некој од собранието беше во близина, навратуваше и кај нас. Очајнички ни требаше таква прилика да ги запознаеме Сведоците, и ја ценевме нивната вистинска заинтересираност и љубов.

Ваков личен интерес не покажуваа само Сведоците во нашето најблиско собрание. Додека се борев со прашањето за исправно облекување и дотерување, дојде да ме посети Кеј Бригз, Сведок од едно соседно собрание, која поради личен вкус се облекуваше едноставно и не сакаше да се шминка. Се чувствував опуштено во нејзино присуство и можев да разговарам послободно. Потоа, еден ден дојде да ме посети Луис Флора, кој исто така бил воспитуван во некоја „обична“ религија. Од лицето ми прочита каква дилема ме мачеше и ми испрати писмо долго десет страници, обидувајќи се да ме смири. Неговата љубезност ме трогна до солзи и многу пати го читав неговото писмо.

Замолив еден патувачки надгледник, брат О’Дел, да ми ги објасни стиховите од Исаија 3:18—22 и 1. Петрово 3:3, 4. „Зар овие стихови не покажуваат дека треба да се облекуваме едноставно за да му угодиме на Бог?“, прашав јас. Тој ме натера да размислам: „Има ли нешто лошо во тоа да се носи капа? Дали е погрешно да се плете косата?“ Во Старото братство, на малите девојчиња им ја плетевме косата, а жените носеа капи. Ја видов недоследноста и бев импресионирана од стрпливоста и љубезноста на патувачкиот надгледник.

Малку по малку, станував сѐ поуверена, но имаше една работа што сѐ уште многу ме мачеше — жените ја стрижеа косата. Христијанските старешини разумно разговараа со мене и ми рекоа дека косата кај некои жени расте само до одредена должина, додека кај други расте подолго. Дали затоа косата на една жена е подобра од косата на друга жена? Исто така, ми помогнаа да ја увидам улогата на совеста во облекувањето и дотерувањето и ми дадоа некои статии за да си ги прочитам дома.

Постапуваме според она што го научивме

Баравме добри плодови, и ги најдовме. Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). Бевме уверени дека Јеховините сведоци се луѓе што покажуваат вистинска љубов. Сепак, нашите две најстари деца, Натан и Ребека, беа збунети бидејќи ја имаа прифатено религијата на Старото братство и беа крстени во неа. Со текот на времето, беа мотивирани од библиските вистини што им ги пренесовме, како и од љубовта што ја покажаа Сведоците.

На пример, Ребека секогаш копнееше да има близок однос со Бог. Ѝ беше полесно да се моли кога дозна дека тој не ги предодредува нашите постапки ниту нашата иднина. Исто така, Бог ѝ стана уште поблизок кога сфати дека тој е вистинска личност што можеме да ја имитираме, а не е дел од некакво мистериозно тројство (Ефешаните 5:1). Исто така, беше среќна што не треба да му се обраќа на Бог со застарениот јазик од преводот King James. Кога дозна што бара Бог во врска со молитвите и кога дозна за неговата величествена намера луѓето да живеат засекогаш во рај на Земјата, почувствува нова блискост со својот Творец (Псалм 37:29; Откровение 21:3, 4).

Предности што ги имаме сите

Џејмс, јас и нашите пет најстари деца — Натан, Ребека, Џорџ, Даниел и Џон — се крстија како Јеховини сведоци летото 1987. Харли се крсти во 1989, а Сајмон во 1994. Целото семејство и понатаму е посветено на делото што Исус Христос им дал налог на своите следбеници да го извршуваат, имено, да ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство.

Нашите пет најстари синови — Натан, Џорџ, Даниел, Џон и Харли — како и ќерката Ребека — служеа во подружницата на канцеларијата на Јеховините сведоци во САД. Џорџ е таму веќе 14 години, а Сајмон, кој заврши со школувањето во 2001, неодамна стана член на персоналот во подружницата. Сите наши синови се старешини или слуги помошници во собранијата на Јеховините сведоци. Мојот сопруг служи као старешина во собранието Тајер, во Мисури, а јас и понатаму сум зафатена во службата.

Сега имаме три внучиња — Џесика, Латиша и Калеб — и среќни сме што гледаме дека нивните родители всадуваат љубов кон Јехова во нивните нежни срца. Како семејство, се радуваме што Јехова нѐ привлече кон себе и ни помогна да го препознаеме народот што го носи неговото име врз основа на побожната љубов што ја покажува.

Сфаќаме како им е на оние што имаат силна желба да му угодат на Бог, но совеста им била обликувана од околината наместо од самата Библија. Се надеваме дека ќе ја искусат радоста што ја чувствуваме ние кога одиме од врата до врата, но не со земјоделски производи туку со пораката за Божјето Царство и прекрасните работи што ќе ги постигне тоа. Во очите ми навираат солзи на благодарност кога ќе помислам на сета стрпливост и љубов што ни ја покажа народот што го носи Јеховиното име!

[Слики на страница 19]

Кога имав околу седум години, и подоцна, како возрасна

[Слика на страница 20]

Џејмс, Џорџ, Харли и Сајмон, облечени во едноставна облека

[Слика на страница 21]

Оваа слика на која се гледа како носам земјоделски производи на пазар излезе во еден локален весник

[Извор на слика]

Journal and Courier, Lafayette, Indiana

[Слика на страница 23]

Нашето семејство денес