Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Шуми — колку вредат нивните услуги?

Шуми — колку вредат нивните услуги?

Шуми — колку вредат нивните услуги?

ШУМИТЕ покриваат речиси една третина од копното на Земјата, но оваа цифра постојано се намалува. Во списанието Choices​—The Human Development Magazine, кое го објавува Програмата за развој при Обединетите нации, во 1998 стоело дека само во земјите во развој „секоја година се оголуваат 4 милиони хектари земја — површина еднаква на територијата на Швајцарија“.

Зошто сечењето на шумите е парадокс

Некои стручњаци велат дека постојаното сечење на шумите е парадокс. Ова е случај затоа што шумите и понатаму се палат и се сечат од економски причини. Сепак, како што стои во еден извештај, шумите „многу повеќе вредат кога остануваат отколку кога ќе се исечат или запалат“. Зошто?

Д⁠-​р Филип М. Фернсајд и д-р Флавио Ж. Луизау, истражувачи од Државниот институт за испитување на Амазон, кој се наоѓа во Манаус (Бразил), изјавиле за Разбудете се! дека дождовните шуми му вршат „услуги на светот“. Некои од овие услуги се: го апсорбираат и складираат јаглерод диоксидот (гас што придонесува за ефектот на стаклена градина), спречуваат да се изгуби плодната почва и служат како заштита од поплави, ги преработуваат хранливите материи, ги регулираат врнежите и нудат живеалиште за загрозените животни и засолниште за идни земјоделски култури што моментално растат во дивината. Освен тоа, шумите нудат фасцинантни пејзажи и место за рекреација. Истражувачите велат дека сите овие услуги што ѝ користат на природната средина имаат и економска вредност.

На пример, да размислиме за способноста на шумите да го складираат јаглеродот. Кога ќе се оголи шумата, јаглеродот што се ослободува од дрвјата што се палат откако ќе се исечат стеблата преминува во атмосферата во облик на јаглерод диоксид и придонесува за глобално загревање. Според тоа, економската вредност на складирањето на јаглеродот, што го врши шумата како една „услуга на светот“, може да се одреди ако се пресмета колку пари чинат методите што човекот ги користи за да се намали емисијата на јаглеродот.

Според Марк Ж. Дорожеани, советник за животна средина во бразилската канцеларија на Интер⁠-​американската банка за развој, таквите пресметки покажуваат дека „вредноста на шумите како складишта [резервоари] за јаглерод е многу поголема од вредноста на градежното дрво и на обработливата почва што се добива кога тие ќе се исечат“. И покрај тоа, сѐ повеќе шуми исчезнуваат. Зошто?

Поттик да се зачуваат шумите

Размислете за оваа споредба: Група луѓе се сопственици на некоја електрична централа. Таа централа ги снабдува со електрична енергија околните градови, но потрошувачите не плаќаат за тоа ниту денар. По некое време, сопствениците почнуваат да размислуваат: ‚Повеќе ќе ни се исплати да ја затвориме електричната централа, да ја размонтираме сета опрема и да го распродадеме инвентарот за да заработиме нешто отколку да имаме електрична централа што не ни носи профит‘. Изгледа дека некои службеници во земјите што се богати со шуми размислуваат на сличен начин. Бидејќи потрошувачите во светот не ги плаќаат услугите што ги вршат шумите, повеќе се исплаќа шумите да се исечат (т.е. да се размонтира опремата од електричната централа) и да се продадат дрвјата (да се продаде инвентарот) за да се оствари брза и добра заработувачка — така барем тврдат тие.

Единствен начин да се прекине овој тренд, вели Дорожеани, е да биде економски исплатливо да се зачуваат шумите. Една идеја, што ја предложил професор д-р Жузе Голденберг, бразилски нуклеарен физичар и поранешен ректор на Универзитетот во Сао Паоло, е да се наметне „данок на јаглерод во целиот свет“, што ќе го плаќаат корисниците на таканаречените фосилни горива.

Како што велат оние што го предлагаат ова, износот на воведениот данок ќе зависи од износот на гориво што го користи некоја држава, како и од количеството на гасови на стаклена градина што ги создава. На пример, во Соединетите Држави, каде што живеат околу 5 проценти од светското население, се испуштаат речиси 24 проценти од вкупното количество на гасови на стаклена градина во светот. Некои од оние што го предлагаат овој закон аргументираат дека парите од даноците што ги плаќа некоја таква земја ќе се користат за да им се надомести на нациите што се откажуваат од брза заработувачка и не ги сечат своите шуми затоа што сакаат да ги зачуваат. Се вели дека на овој начин потрошувачите ќе ја платат својата ‚сметка за струја‘, а таканаречените сопственици ќе имаат огромна економска мотивација да ја зачуваат својата ‚електрична централа‘.

Но, кој треба да ги одреди цените за услугите што ни ги обезбедува животната средина? И кој треба да ги собира и да ги распределува парите?

Потребни се промени во однесувањето

Дорожеани вели дека „е најдобро овие прашања да се разгледаат на некоја светска конференција за шумите“. На една таква конференција би можеле да се одредат цените на услугите што ги вршат шумите, а кои ѝ се од корист на нашата животна средина. Тогаш, „би можела да се основа некоја светска организација за заштита на шумите, која би раководела со овој меѓународен потфат“.

Иако можеби изгледа многу логично да се употреби меѓународна институција за да се среди некој меѓународен проблем, Дорожеани признава: „Самиот пораст на бројот на институции и комисии за решавање на проблемите поврзани со шумите, не ги подобрува работите“. Тој додава дека, она што навистина е потребно се „драстични промени во општественото и економското однесување“. Навистина, за да се зачуваат шумите, потребно е нешто повеќе од промени во законот — потребни се промени во срцето.

Дали некогаш ќе се решат ваквите проблеми? Да, ќе се решат, ветува Творецот на Земјата, Јехова Бог. Библијата покажува дека тој воспоставил влада што наскоро ќе владее со целиот свет и ќе ги реши проблемите на Земјата. Таа влада „никогаш нема да пропадне“ (Даниел 2:44). Освен тоа, таа ќе води сметка исправно да се користат екосистемите на Земјата, а нејзините жители и понатаму да учат за својот Творец, оној што Библијата открива дека се вика Јехова (Исаија 54:13NW). Сите луѓе што ќе живеат тогаш во потполност ќе ја ценат Земјата, вклучувајќи ги и нејзините шуми.

[Извори на слики на страница 24]

Ricardo Beliel/SocialPhotos

© Michael Harvey/Panos Pictures