Зошто ни е потребна надеж?
Зошто ни е потребна надеж?
ШТО ќе се случело ако Даниел, момчето болно од рак што беше спомнато во претходната статија, сѐ уште имал цврста надеж? Дали би победил во битката со ракот? Дали сѐ уште би бил жив? Дури ни најсилните застапници на идејата дека надежта придонесува за лекување веројатно не би се осудиле да тврдат такво нешто. Во тоа се крие една важна мисла. Надежта не треба да се преценува. Таа не е лек за сите болести.
Во интервју за една телевизија (CBS News), д-р Натан Черни предупредил колку е опасно да се прецени моќта на надежта кога станува збор за пациенти болни од тешка болест: „Сме имале ситуации кога сопрузите ги прекорувале своите сопруги што не медитираат доволно и не размислуваат доволно позитивно“. Д-р Черни додал: „Целиот овој правец на размислување создал илузија дека болеста може да се контролира, и кога здравствената состојба ќе се влоши, некои си мислат дека не успеале доволно добро да го контролираат туморот, а тоа воопшто не е точно“.
Вистината е дека оние кои имаат неизлечлива болест водат тешка и исцрпувачка битка. Нивните блиски сигурно не би сакале да им додадат чувство на вина на веќе тешкиот товар што го носат. Тогаш, дали треба да заклучиме дека надежта нема никаква вредност?
Воопшто не. Д-р Черни е специјалист за палијативна нега — гранка во медицината која не е насочена на лекување на самата болест и продолжување на животот на човекот, туку има за цел да им го направи животот на пациентите поубав и попријатен додека се борат со болеста. Докторите од таа област се цврсто уверени дека негата која им помага на пациентите да бидат посреќни е многу делотворна, дури и кај пациенти со тешка болест. Постојат бројни докази дека надежта придонесува за среќа — а и многу повеќе од тоа.
Вредноста на надежта
„Надежта е силна терапија“, изјавил медицинскиот новинар д-р Гифорд Џонс. Тој анализирал разни истражувања кои биле спроведени со цел да се одреди вредноста на емоционалната поддршка дадена на пациенти кои боледувале од неизлечлива болест. Според некои претпоставки, овој вид поддршка им помага на луѓето да продолжат да гледаат на животот позитивно и со надеж. Според едно истражување од 1989 година, пациентите кои добиле таква поддршка живееле подолго, иако некои понови истражувања не го потврдуваат тоа. Сепак, истражувањата потврдиле дека пациентите кои добиваат емоционална поддршка, помалку страдаат од депресија и чувствуваат помалку болка отколку оние што не добиваат.
Да разгледаме уште едно истражување кое имало за цел да испита каква улога имаат оптимизмот и песимизмот во срцевите заболувања. Една група од преку 1.300 мажи биле внимателно набљудувани за да се види дали имаат оптимистички или песимистички став кон животот. Истражувањето спроведено десет години подоцна покажало дека преку 12 отсто од тие мажи заболеле од некој вид срцево заболување. Меѓу нив, бројот на песимистите бил двојно поголем од бројот на оптимистите. Лора Кубзански, доцент по здравје и социјално однесување на Харвардската школа за јавно здравје, изјавила: „Повеќето докази за гледиштето дека позитивното размислување е добро за здравјето не се научно потврдени. Но, ова истражување ги обезбедува првите цврсти медицински докази за ова гледиште во областа на срцевите заболувања“.
Некои истражувања покажуваат дека оние што сметаат дека имаат лошо здравје, всушност, побавно се опоравуваат по некоја операција отколку оние што сметаат дека имаат добро здравје. Дури и долговечноста е поврзана со оптимизмот. Било спроведено едно истражување за тоа како позитивното и негативното гледиште за стареењето влијаат врз постарите лица. Кога стари лица биле изложени на пораки што брзо исчезнувале од екранот, кои го поврзувале процесот на стареење со зголемена мудрост и искуство, било забележано дека тие лица подоцна се движеле со поголема сила и енергија. Всушност, подобрувањето било исто како она што би се постигнало со тримесечно вежбање!
Зошто надежта, оптимизмот и позитивниот став добро влијаат врз здравјето? Научниците и докторите можеби сѐ уште немаат потполно разбирање за човечкиот ум и тело за да можат да дадат сигурни одговори. Сепак, стручњаците кои ја проучуваат оваа тематика можат да дадат претпоставки кои се темелат на одредено искуство, знаење или информации. На пример, еден професор по неврологија вели: „Добро е да се биде среќен и да се има надеж. Тоа е пријатна состојба која не предизвикува скоро никаков стрес, и телото цвета во такви услови. Тоа е уште нешто што луѓето може да си го направат за себе за да си го зачуваат здравјето“.
Оваа идеја можеби е нова за некои доктори, психолози и научници, но не е нова за оние што ја проучуваат Библијата. Пред речиси 3.000 години, мудриот цар Соломон бил поттикнат да го напише следново: „Веселото срце дејствува добро како лек, а скршениот дух ги суши коските“ (Изреки 17:22). Оваа изјава е многу урамнотежена. Овој стих не вели дека веселото срце ќе ја излечи секоја болест, туку едноставно дека „дејствува добро како лек“.
Тогаш, разумно е прашањето: Ако надежта би можела да се препише како лек, зарем има лекар што не би ја препишал? Освен тоа, надежта може да ни користи и на други полиња од животот, а не само кога е во прашање здравјето.
Како влијаат оптимизмот и песимизмот врз нашиот живот
Истражувачите откриле дека на оптимистите на многу начини им користи нивниот позитивен став. Тие постигнуваат подобри резултати на училиште, на работа, па дури и во спортски активности. На пример, било спроведено истражување меѓу еден женски атлетски тим. Тренерите дале темелна проценка на атлетските способности на жените. Во исто време, преку анкета, било проценето нивото на оптимизам кај овие атлетичарки. Резултатите покажале дека нивото на оптимизам кај жените било многу поточен показател колку ќе бидат успешни отколку проценката на нивните атлетски способности дадена од тренерите. Зошто надежта има толку силно влијание?
Со испитување на песимизмот — кој е спротивен на оптимизмот — е дојдено до многу сознанија. Во текот на 1960-тите, експерименти кои биле вршени врз животни довеле до неочекувани резултати во врска со нивното однесување, што ги водело научниците до тоа да ја измислат фразата „научена беспомошност“. Тие откриле дека и луѓето може да страдаат од еден вид на овој синдром. На пример, во едно истражување група луѓе биле изложени на непријатна бука и им било кажано дека можат да ја прекинат таа бука така што ќе притиснат одредена низа копчиња. Испитаниците успеале да ја запрат буката.
На друга група испитаници им било кажано истото, но притискањето на копчињата немало никаков резултат. Многумина од таа втора група развиле чувство на беспомошност. Во последователните истражувања, тие не сакале да преземат ништо. Биле уверени дека што и да направат, ништо нема да се смени. Но дури и во втората група, оние што биле оптимисти, не сакале да се предадат на чувството на беспомошност.
Д-р Мартин Селигман, кој помогнал во подготвувањето на некои од тие рани истражувања, бил поттикнат да се посвети на проучување на оптимизмот и песимизмот. Тој внимателно го испитувал начинот на размислување кои го покажувале луѓе што биле склони да се сметаат себеси за беспомошни. Тој заклучил дека таквото песимистичко гледиште им отежнува, па дури и ги спречува луѓето да ги вршат своите секојдневни животни активности. Селигман во кратки црти вака го опишува песимистичкиот начин на размислување и неговите последици: „По дваесет и пет години истражување уверен сум дека ако, слично на песимистите, имаме навика да веруваме дека сами сме виновни за лошите работи што ни се случуваат, дека тие постојано ќе нѐ снаоѓаат и дека ќе се одразат врз сѐ што правиме, многу од тие работи навистина ќе ни се случат отколку ако веруваме поинаку“.
Како што веќе спомнавме, таквите заклучоци за некои денес можеби се нешто ново, но тие им се познати на оние што ја проучуваат Библијата. Забележи што вели оваа изрека: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изреки 24:10). Библијата јасно објаснува дека обесхрабрувањето, заедно со негативните мисли, можат да ни ја одземат силата. Што можеш да правиш за да го надминеш песимизмот и да внесеш повеќе оптимизам и надеж во твојот живот?
[Слика на страница 4, 5]
Надежта може многу да користи