Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Надеж — колку е важна?

Надеж — колку е важна?

Надеж — колку е важна?

ДАНИЕЛ имал само десет години, а веќе цела година се борел со рак. Докторите што го лекувале, а и неговите најблиски, изгубиле надеж. Но Даниел сѐ уште имал надеж. Тој верувал дека кога ќе порасне ќе стане научник и ќе помогне еден ден да се најде лек за ракот. Особено му давало надеж тоа што наскоро требало да го посети еден доктор кој бил специјалист за лекување на тој вид рак. Но кога дошол тој ден, специјалистот морал да ја откаже својата посета поради лошите временски услови. Даниел многу се разочарал. За прв пат се почувствувал безнадежно. По неколку дена, починал.

Случајот на Даниел бил раскажан од еден здравствен работник кој вршел истражување за тоа каква улога имаат надежта и безнадежноста во однос на здравјето. Можеби си слушнал и за други такви случаи. На пример, едно постаро лице е на смртна постела, но има силна желба да дочека некој важен настан — посета од некој близок или некоја годишнина. Откако ќе се случи тој настан, лицето набрзо умира. Зошто се случува тоа? Дали надежта навистина може толку силно да влијае како што некои мислат?

Сѐ поголем број медицински стручњаци укажуваат на тоа дека оптимизмот, надежта и другите позитивни емоции навистина имаат силно влијание врз животот и здравјето. Но не мислат сите така. Некои стручњаци ги отфрлаат таквите тврдења сметајќи дека не се научно докажани. Тие повеќе го застапуваат гледиштето дека физичките заболувања се исклучиво последица на физички причини.

Се разбира, скептицизмот во врска со тоа колку е важна надежта не е нешто ново. Пред илјадници години, кога грчкиот филозоф Аристотел бил прашан што е тоа надеж, одговорил: „Надежта е сон на будните“. А во поново време, американскиот државник Бенџамин Френклин зајадливо рекол: „Оној што живее од надеж ќе умре гладен“.

Тогаш, што навистина е надежта? Дали секогаш е само пуста желба, начин луѓето да бараат утеха во празни соништа? Или постои цврста причина да гледаме на надежта како на нешто повеќе од само сон — нешто што на сите ни е потребно за подобро здравје и повеќе среќа, нешто што има вистински темел и што навистина користи?