Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Јехова, ти ме пронајде!“

„Јехова, ти ме пронајде!“

„Јехова, ти ме пронајде!“

Раскажала Нели Ленс

„Вие сте Јеховини сведоци?“ — ги прашав двајцата луѓе што ни дојдоа на врата. „Да“, рекоа тие. „И јас сум!“ — извикав. Имав само 13 години и не одев на состаноци во Салата на Царството. Моите родители не беа Јеховини сведоци. Тогаш, зошто реков дека сум Сведок?

ДА НЕ БЕА Јеховините сведоци, можеби никогаш немаше ни да се родам. Мајка ми останала бремена со мене уште додека живеела во Монтреал (Квебек, Канада). Имала само 17 години. Нејзиното семејство извршило силен притисок врз неа да абортира и таа се согласила.

Мама замолила да ѝ дадат слободен ден од работа за да може да оди на абортус. Изгледа дека нејзиниот шеф, кој бил Јеховин сведок, дознал зошто мајка ми сака да земе слободен ден. Со неколку збора ѝ кажал колку е скапоцен дарот на живот (Псалм 139:13-16). На патот до болницата, мама размислувала за она што и го рекол шефот. Решила да не абортира. Кога во 1964 сум се родила, ме оставила во сиропиталиште.

Првиот контакт со библиската вистина

Кога сум имала околу две години, мајка ми се омажила и заедно со нејзиниот сопруг ме зеле од сиропиталиштето. Додека живеевме во Сент-Маргарет-ду-Лак-Масон, тие почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и одеа на собраниски состаноци. Но, наскоро се преселивме во Буазбријан и тие престанаа да проучуваат.

Неколку години подоцна продолжија со проучувањето. И јас слушав за да видам што зборуваа за библиската надеж за рајска Земја (Лука 23:43). Многу го засакав Јехова.

Но, еден ден, мама ми кажа дека престанале да проучуваат со Сведоците и дека веќе нема да одиме во Салата на Царството. Во почетокот се израдував. Имав само осум години, и понекогаш состаноците ми се чинеа предолги. Сепак, кога таа вечер сакав да зборувам со Јехова во молитва, се плашев дека можеби нема да ме слуша.

Следната недела попладне, видов како соседите, кои беа Јеховини сведоци, заминуваат на состанок во Салата на Царството. Почнав да плачам и го прашував Бог: „Зошто нивните деца можат да одат на состаноци, а јас не можам?“ Меѓутоа, зборовите од Псалм 33:18 се покажаа вистинити: „Ете, Господовото око е над оние кои се бојат од Него, над оние, кои се надеваат на Неговата милост“.

Повторно во Салата на Царството

Три седмици подоцна, отидов кај соседите и ѝ реков на мајката, Лилијан, дека сакам да одам на состаноците. Лилијан ми објасни дека тоа не е возможно затоа што мајка ми не сака да има никаква врска со Јеховините сведоци. Но, јас бев упорна. Затоа, ме однесе дома и ја праша мама дали можам да одам со нив. На мое изненадување, мама се согласи. Рече дека на состаноците ќе можам да бидам поучена за вредни начела. И така, одев на состанок секоја недела.

Одев на состаноци скоро три години. Но, кога наполнив 11 години, мајка ми и очувот се разведоа и ние двете се преселивме. Повторно изгубив секаков контакт со Јеховините сведоци.

Неочекувана средба

Еден ден, додека седев на скалите пред нашата куќа, двајца Сведоци — Еди Бесон и Дон Фишер — ми пријдоа и ме прашаа дали моите се дома. Им реков дека не се, и тие тргнаа да си одат. Но, потрчав по нив, и потоа следеше разговорот што го опишав во почетокот.

Нормално, и двајцата беа изненадени кога им реков дека сум Јеховин сведок. Им ја објаснив мојата ситуација и ги молев да се вратат пак таа вечер. Кога ѝ кажав на мама дека ќе дојдат Сведоци, таа многу се вознемири и рече дека нема да ги прими внатре. Всушност, имаше намера да замине некаде пред тие да дојдат. Со солзи ја молев да остане. Само што тргна да излезе, заѕвони ѕвончето. На вратата стоеше Еди Бесон. Замислете си колку бев среќна кога мајка ми прифати да ја проучува Библијата!

Конечно можев пак да одам на состаноци! Но, неполна година подоцна, мајка ми пак престана да проучува. Овој пат ми забрани да имам каков и да било контакт со Сведоците и ги фрли сите публикации од Јеховините сведоци што можеше да ги најде. Сепак, успеав да скријам една Библија, песнарка, два повеза на Стражарска кула, два Годишници на Јеховините сведоци и книгата Вистина која води до вечен живот. a Последниот пат кога проучувавме, го прашав Еди Бесон што да правам, бидејќи многу го сакав Јехова. Ме охрабри да продолжам сама да проучувам и често да се молам. Ме увери дека Јехова ќе се грижи за мене. Имав само 14 години.

Сама си одржувам „состаноци“

Од тогаш, секоја недела одев во мојата соба и се преправав дека сум на состанок. Во почетокот и на крајот од „состанокот“ ја пеев песната „Гледајте на наградата!“ бидејќи тоа беше единствената песна на Царството што ми остана во сеќавање. До ден-денес не можам да ја пеам оваа песна, а да не плачам. Исто така, проучував и статија од Стражарска кула од повезите што успеав да ги зачувам. Го завршував „состанокот“ со молитва. И така, иако веќе не се дружев со Сведоците, чувствував дека Јехова е близу до мене.

Кога наполнив 17 години, со мама се преселивме во Монтреал. Ми беше тешко во тој период, зашто нашиот дом беше сѐ друго само не топло гнездо.

Најдена!

Еден ден, мама ја доби од Сведоците книгата Ти можеш да живееш засекогаш во рајот на Земјата. Кога дојдов дома, ја здогледав на масата и почнав да ја прелистувам. Штом видов дека во неа стои Божјето име, Јехова, заплакав и се помолив во себе: „Јехова, ти ме пронајде!“

Морав да стапам во контакт со моите христијански браќа и сестри. Но, како? Мама ми кажа дека изгледа еден од соседите е Јеховин сведок. Така, кога тргнав на работа, поминав кај тој сосед и заѕвонив на вратата. Ми отвори еден поспан човек. Колку се изненади кога му кажав дека сум Јеховин сведок и дека сакам да се крстам! Тој се погрижи една христијанска сестра, која се викаше Жози Мирон, да ја проучува Библијата со мене. Но, мама повторно почна да ми се противи. Ми рече дека ќе морам прво да наполнам 18 години, па потоа да станам Сведок.

Семеен живот, но по која цена?

Мојот газда на работа забележа дека мојата ситуација дома се влошуваше. Често ме канеше да бидам заедно со него и со неговата сопруга за викенд. Бидејќи сакам коњи, често одевме заедно на јавање. Ми беа како родители.

Еден ден газдата ми кажа дека тој и неговата сопруга многу ме сакаат и дека би сакале да се преселам кај нив. Ми понуди нешто што отсекогаш сум го посакувала — семејство полно со љубов. Но, под еден услов — да ги прекинам сите контакти со Јеховините сведоци. Ми дадоа една седмица за да размислам за понудата, но мене не ми требаше ни еден ден за да одлучам. Веднаш им ја кажав мојата одлука. Јехова никогаш не ме остави, затоа ни јас не можев да го оставам него.

Службата на Бог

Поради проблемите што ги имав дома, се преселив кај очувот. Тој ме охрабри да продолжам да проучувам, и на 17 декември 1983, на возраст од 19 години, се крстив. Бев пресреќна кога на денот на крштавањето го видов Еди Бесон. Сега воопшто не се сомневаше дека сум Јеховин сведок!

Меѓутоа, наскоро по моето крштавање, очувот го промени својот однос кон мене. Кога и да ме видеше како се молам, зборуваше многу гласно, па дури и фрлаше разни предмети по мене. Освен тоа, настојуваше да продолжам со школувањето, а ова ќе ме спречеше да си ја остварам целта да станам пионер, то ест полновремен проповедник. На крајот, ми рече да си одам од дома. Ми даде чек на 100 канадски долари и ми рече дека кога ќе го разменам, ќе сфатам дека Јехова не се грижи за мене.

Почнав со пионерската служба на 1 септември 1986 и до ден-денес го чувам тој чек — неразменет! Понекогаш беше тешко да се служи без автомобил како пионер во селски подрачја. Но, членовите на локалното собрание многу ми помагаа и ме поддржуваа.

По некое време, се запознав со еден љубезен христијанин по име Рубен Ленс. Се зедовме во 1989 година. Рубен моментално служи како старешина во едно собрание во Милтон (Онтарио, Канада), каде што живееме од 2002 година. Бракот со него е еден од најубавите дарови што ми ги даде Јехова. Продолжив со полновремената служба сѐ до 1993, кога ни се роди првото дете, Ерика. По малку повеќе од три години, ни се роди и синот Мика. По долги години на самотија, Јехова Бог богато ме благослови со семејство што го сака исто толку колку што го сакам и јас.

Иако додека растев одвреме навреме бев одделена од Јеховиниот народ, никогаш не престанав да се потпирам на Бог и да се држам цврсто за надежта за вечен живот во Рајот (Јован 3:36). Многу, многу сум му благодарна на Јехова што ме „пронајде“!

[Фуснота]

a Издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 15]

Го јавам коњот на мојот шеф

[Слика на страница 15]

Нели Ленс со сопругот, Рубен, и децата, Ерика и Мика