Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Глауком крадец на видот

Глауком крадец на видот

Глауком крадец на видот

ЗАДРЖЕТЕ ГО погледот за момент на последниот збор од оваа реченица. Можете ли, без да ги мрдате очите, да видите барем нешто од она што се наоѓа надвор од страницата на списанието — горе, долу и од страните? Најверојатно можете — и тоа благодарение на таканаречениот периферен вид. Благодарение на оваа способност можеме да забележиме ако од страната ни се приближува некое сомнително лице. Исто така, ни помага да не се спрепнеме од нешто на земјата и да не се удриме во ѕидовите додека одиме. А ако возите автомобил, периферниот вид Ви овозможува да видите ако некој пешак зачекори од тротоарот на улицата.

Но, можно е дури и сега, додека ја читате оваа страница, вашиот периферен вид полека да слабее, а Вие воопшто да не сте свесни за тоа. Се проценува дека во светот околу 66 милиони луѓе боледуваат од некој облик на глауком (колективен назив за група очни болести). Над пет милиони од нив досега целосно ослепеле. Така, глаукомот станал трета по ред причина за трајно слепило. „И покрај тоа, дури и во развиените земји, во кои се спроведуваат образовни програми за луѓето да се информираат за опасноста од глаукомот, на половина од заболените сѐ уште не им е поставена дијагноза“, се вели во медицинското списание The Lancet.

Кој е во ризичната група да добие глауком? Како може да се открие, и како се лекува?

Што е глауком?

Најпрвин треба да дознаеме нешто за градбата на нашите очи. Една брошура што ја издаде Австралиското здружение за борба против глаукомот објаснува: „Цврстиот облик на очното јаболко се должи на притисокот — меките ткива во окото се ‚напумпани‘ исто како што се пумпа гума или балон“. Во внатрешноста на окото се наоѓа трепкаво тело кое од крвните садови лачи во окото течност позната како стаклеста водичка. „Таа водичка кружи длабоко во внатрешноста на окото, ги храни поединечните делови и се враќа во крвотокот преку една структура во вид на цедалка наречена трабекуларна мрежа“.

Ако од која и да било причина дојде до застој во одводот на стаклестата водичка низ таа мрежа од каналчиња, притисокот во окото ќе се зголеми и на крајот ќе почне да ги оштетува осетливите нервни влакна што се наоѓаат во задниот дел од окото. Ова нарушување е познато како глауком на отворен агол и од него се заболени отприлика 90 отсто од пациентите.

Притисокот во внатрешноста на окото, кој е наречен очен (интраокуларен) притисок варира од час во час. Врз него влијаат најразлични фактори, меѓу кои спаѓа и чукањето на срцето, количината течности што се внесуваат во организмот, како и положбата на телото. Овие природни промени на притисокот не му штетат на окото. Високиот очен притисок сам по себе не е знак за глауком, бидејќи „нормалниот“ очен притисок се разликува од човек до човек. Сепак, високиот очен притисок може да биде еден од симптомите за глауком.

Еден редок облик на оваа болест е познат како акутен глауком, односно глауком на затворен агол. За разлика од глаукомот на отворен агол, овој облик се карактеризира со нагло зголемување на очниот притисок. Проследен е со остра болка во окото, како и со замаглен вид и со повраќање. Ако не се укаже лекарска помош во рок од неколку часа откако се појавиле првите симптоми, честопати може да дојде до слепило. Освен овој, постои и трет облик, кој се нарекува секундарен глауком. Како што покажува и самиот назив, овој облик го предизвикуваат други патолошки промени во окото како, на пример, тумори, катаракта или повреди на окото. Мал број луѓе го имаат и четвртиот облик, наречен вроден глауком. Овој облик е присутен од самото раѓање или се јавува веднаш по раѓањето, а се препознава по тоа што новороденчето има зголемени очни јаболка и претерано е осетливо на светлина.

Како „го краде“ видот

Глаукомот може да Ви украде и до 90 отсто од видот на едното око без воопшто да сте свесни за тоа. Како е можно вакво нешто? Сите ние нормално имаме слепа дамка во задниот дел на секое око. Во оваа дамка на мрежницата, каде што нервните влакна се спојуваат во оптички (виден) нерв, нема клетки што реагираат на светлост. Вие не сте свесни за оваа слепа дамка, бидејќи Вашиот мозок е способен да ги „обои“ деловите од сликата што недостасуваат. Иронично, но токму оваа способност на мозокот придонесува глаукомот подло да се шири.

Д-р Иван Голдберг, водечки австралиски офталмолог, ја даде следнава изјава за Разбудете се!: „Глаукомот се нарекува притаен крадец на видот затоа што не предизвикува никакви симптоми. Најчестиот облик на глауком се развива бавно, но постојано и, без ниеден знак на предупредување, ја оштетува нервната структура што го поврзува окото со мозокот. Не можете да се посомневате дека имате глауком по тоа дали очите Ви солзат или не, дали Ви се суви или не ниту, пак, дали јасно можете да читате и пишувате или не. Дури и да немате никакви проблеми со очите, можно е да боледувате од тежок облик на глауком“.

Откривање на крадецот

За жал, не постои еден универзален тест за да се дијагностицира глаукомот. За почеток, офталмологот може да ви го измери очниот притисок со еден инструмент кој се нарекува тонометар. Со помош на овој инструмент нежно се израмнува рожницата, односно предниот дел на окото. Се мери јачината на силата што била потребна за да се направи ова, и со помош на оваа вредност се одредува притисокот во внатрешноста на окото. При дијагностичкиот преглед офталмологот може да користи и инструменти со кои може да открие дали е оштетено ткивото во нервната структура со која окото е поврзано со мозокот. Д-р Голдберг вели: „Гледаме дали нервните влакна или крвните садови во задниот дел од окото се со необична форма, затоа што тоа може да биде знак дека нервите се оштетени“.

Глаукомот може да се открие и со тестирање на видното поле. Д-р Голдберг објаснува: „Лицето гледа во полутопка која е осветлена со бела светлина, а внатре во таа полутопка има една посветла бела точка. Кога пациентот ќе ја види таа мала бела точка, треба да сигнализира така што ќе притисне едно копче“. Ако не ја гледа белата точка кога таа е на надворешниот раб на видното поле, тоа може да биде показател дека боледува од глауком. Денес се работи на развивање на нови инструменти што ќе ја поедностават оваа релативно заморна постапка.

Кој спаѓа во ризичната група?

Пол е здрав човек кој има четириесетина години. Тој вели: „Отидов на преглед кај оптичар за да земам нови очила, и тој ме праша дали во моето семејство некој боледувал од глауком. Се распрашав и дознав дека и тетка ми и вујко ми имале глауком. Ме пратија на очен специјалист кој потврди дека го имам и јас“. Д-р Голдберг објаснува: „Ако мајка Ви или татко Ви имаат глауком, ризикот да добиете и Вие е трипати до петпати поголем. А ако Вашиот брат или сестра имаат глауком, тогаш ризикот е поголем за пет до седум пати“.

Д-р Кевин Гриниџ од Американското здружение за борба против глаукомот истакнува и некои други фактори кои го зголемуваат ризикот: „Ако имате над 45 години и сте од црната раса, или ако имате кој и да било од следните фактори — некој во семејството боледувал од глауком, кратковид сте, имате дијабетес, сте имале повреда на окото или редовно користите препарати на база на кортизон (стероиди) — одете на преглед за очите секоја година“. Дури и ако не спаѓате во која и да е ризична група и сте помлади од 45 години, ова Здружение сепак препорачува да одите на преглед на секои четири години. Доколку сте постари од 45 години, треба да одите на ваков преглед на две години.

Лекувајте го и победете го

Пол го лекува глаукомот така што става специјални капки за очи еднаш дневно. Тој вели: „Капките што ги користам го намалуваат создавањето на стаклестата водичка во очното јаболко“. Пол исто така се подложил на третман, при кој ласерски му биле направени околу десет мали отвори во предниот дел на очите каде што се сместени природните канали за одвод на стаклестата водичка. Тој вели: „Кога првпат бев на ласерска операција, бев многу напнат и нервозен, и затоа таа постапка ми беше уште понепријатна. Но, кога по неколку дена бев на операција за другото око, знаев што да очекувам. Бев поопуштен, и докторот дословно ја заврши операцијата пред да сфатам што се случува“. Третманот помогнал да се стабилизира очниот притисок кај Пол.

Затоа тој оптимистично вели: „Мрежницата ми е оштетена многу малку и среќен сум што во потполност ми е зачуван периферниот вид. Ако водам сметка да ги користам капките за очи секој ден, состојбата најверојатно нема да се влоши“.

Дали „притаениот крадец на видот“ го краде и Вашиот вид? Ако не сте биле никогаш на преглед за глауком — а посебно ако сте во една од ризичните групи — би било мудро да го направите тој преглед. Како што вели д-р Голдберг, „голем дел од оштетувањето кое е последица на глаукомот може да се спречи ако навреме се почне со соодветно лекување“. Да, и Вие можете да го запрете овој крадец на видот!

[Рамка/слика на страница 26]

Ризикот да добиете глауком е поголем ако:

● По потекло сте од црната раса

● Некој во семејството има глауком

● Имате дијабетес

● Кратковид сте

● Редовно и долго време користите кортизон (стероиди) — се ставаат во некои медицински масти и спрејови за астматичари

● Сте имале повреда на окото во минатото

● Имате над 45 години

[Слика]

Редовните прегледи можат да спречат видот сериозно да Ви се оштети

[Графикон/слики на страница 25]

(Види во публикацијата)

ГЛАУКОМ НА ОТВОРЕН АГОЛ

Рожница

Шареница

Леќа

Мрежница

Оптичкиот диск, или слепата дамка, е место на кое нервните влакна се спојуваат во оптичкиот нерв

Оптичкиот нерв ги носи светлосните дразби до мозокот

Трепкаво тело во кое се создава течноста

1 Стаклестата водичка е бистра течност што ги храни леќата, шареницата и внатрешниот дел на рожницата. Таа течност не е иста со солзите, кои го влажнат окото од надворешната страна

2 Трабекуларната мрежа служи за одвод на течноста

3 Ако дојде до застој во одводот на стаклестата водичка, се зголемува притисокот во окото

4 Ако се зголеми притисокот, се оштетуваат нежните нервни влакна во задниот дел од окото, што води до глауком или слабеење на видот

[Слики на страница 25]

Оптички диск

Што би гледале

НОРМАЛЕН ВИД

ПОЧЕТЕН ГЛАУКОМ

НАПРЕДЕН ГЛАУКОМ

[Извор на слика]

Фотографии на оптичкиот диск: Atlas of Ophthalmology