Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како треба да се однесуваме со постарите?

Како треба да се однесуваме со постарите?

Гледиште на Библијата

Како треба да се однесуваме со постарите?

ЛЕТОТО 2003 година, илјадници луѓе во Европа умреа како резултат на еден од најжешките бранови што го погодиле овој континент во последниве 60 години. Повеќето жртви беа на поодмината возраст. Некои од нив биле оставени сами дома бидејќи роднините заминале на одмор. Други, пак, според кажувањата, биле занемарени и запоставени од преоптоварениот персонал во болниците и во старските домови. Весникот Le Parisien известил дека само во Париз останале 450 мртви кои никој не дошол да ги земе. „Што луѓе сме станале штом ги забораваме нашите татковци, мајки, дедовци и баби?“ — беше прашањето што го постави еден весник во врска со состојбата на оние што умреа сами и заборавени.

Во еден свет во кој бројот на населението во старосна доба над 65 години расте побрзо од кога и да било, со стапка од 795.000 луѓе месечно, грижата за потребите на постарите е меѓу работите од најголема важност. „Светското население старее со невидено брзо темпо и ќе треба многу внимателно да следиме како земјите ќе реагираат на проблемите што ги носи стареењето, како и на можностите што ги нуди“, изјави Ненси Гордон, заменик-директор на демографската програма што ја спроведува Бирото за попис на населението на САД.

Нашиот Творец е исто така заинтересиран за постарите. Всушност, неговата Реч, Библијата, ни дава совет како да се однесуваме со нив.

Почит кон постарите

Божјиот закон, кој му бил даден на Мојсеј, поттикнувал да се почитуваат постарите. Во Законот стоело: „Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот“ (Левит 19:32). Од послушните слуги на Бог се очекувало да ‚станат‘ пред постарите 1) од почит кон постариот и 2) како доказ дека имаат страхопочит кон Бог. На постарите требало да им се даде почесно место и требало да се сметаат за нешто скапоцено (Пословици 16:31; 23:22).

Иако христијаните денес не се под Мојсеевиот закон, начелата што се изнесени во него откриваат што мисли Јехова и што му е важно нему. Значи, нема никакво место за сомнеж дека тој многу ги цени постарите. Членовите на христијанското собрание во првиот век добро ги сфатиле овие начела. Во библиската книга Дела наоѓаме докази за ова. Во тоа време, меѓу христијаните во Ерусалим имало и сиромашни вдовици. Без сомнение, некои од нив биле постари. Апостолите назначиле седум „осведочени мажи“ кои требало да водат сметка на овие вдовици уредно да им се дава храна секој ден. Тие ја сметале ваквата посебна грижа како „потребна работа“ во собранието (Дела 6:1-7).

Според апостол Павле, начелото ‚да се стане пред седа глава‘ важи и за христијанското собрание. На помладиот христијански надгледник Тимотеј, тој му го рекол следново: „Немој остро да критикуваш постар човек. Напротив, сесрдно моли го како татко . . . постарите жени како мајки“ (1. Тимотеј 5:1, 2). Иако младиот Тимотеј имал извесен авторитет над постарите христијани, му било речено да не го омаловажува постариот човек. Напротив, требало да го моли со почит како да му е татко. Слична чест требало да им укаже и на постарите жени во собранието. Всушност, апостол Павле го поттикнал Тимотеј — а индиректно и сите членови на христијанското собрание — да ‚станат пред седа глава‘.

Се разбира, на побожните лица не им требаат пишани закони за да се однесуваат кон постарите со достоинство и почит. Да го разгледаме библискиот пример на Јосиф. Тој воопшто не се штедел за да го донесе својот остарен татко во Египет и на тој начин да го спаси 130-годишниот Јаков од гладот што се ширел насекаде. Кога за првпат повторно го видел својот татко по повеќе од 20 години, Јосиф ‚го прегрнал околу вратот и така плачел долго‘ (Битие 46:29). Со години и години пред да им биде даден законот на Израелците, според кој морале да се однесуваат кон постарите со сочувство и со длабока почит, Јосиф покажал дека го има Божјето гледиште, така што самиот постапил на тој начин.

И самиот Исус покажал грижа за постарите во текот на својата служба. Тој силно ги осудил верските водачи, кои мислеле дека е оправдано да ги занемарат остарените родители на сметка на своите верски традиции (Матеј 15:3-9). Исто така, Исус со љубов се грижел и за својата мајка. Додека бил во огромни болки на маченичкиот столб, тој го задолжил својот сакан апостол Јован да се грижи за неговата остарена мајка (Јован 19:26, 27).

Бог не ги напушта своите лојални

Псалмистот се молел: „Не ме отфрлај на старост: не ме оставај, кога ќе ми се намали силата“ (Псалм 71:9). Бог ‚не ги отфрла‘ своите верни слуги дури и тогаш кога можеби тие самите мислат дека од нив веќе нема никаква корист. Псалмистот не се чувствувал напуштен од Јехова. Напротив, тој сфатил дека како што стареел имал потреба во уште поголема мера да се потпира на својот Создател. Јехова возвраќа на таквата лојалност така што дава поддршка во текот на целиот живот (Псалм 18:25). Честопати таквата поддршка ја дава преку сохристијаните.

Со оглед на сето ова што беше кажано, јасно е дека оние што сакаат да му искажат чест на Бог мораат исто така да им искажуваат чест на постарите. Постарите се навистина скапоцени во очите на нашиот Творец. Бидејќи сме суштества создадени според неговата слика, да го имаме секогаш неговото гледиште во врска со ‚седата глава‘ (Псалм 71:18).

[Слика на страница 23]

Христијаните се однесуваат со чест и со почит кон постарите