Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пиење до бесвест — што има лошо во тоа?

Пиење до бесвест — што има лошо во тоа?

Младите прашуваат . . .

Пиење до бесвест — што има лошо во тоа?

„Иако пиевме веќе неколку часа, си заминавме со пријателот од забавата во 1.00 часот по полноќ со шише виски в рака. Тргнавме да си одиме накај дома и продолживме да пиеме по пат. Следното нешто на кое се сеќавам беше изгрејсонцето. Сфатив дека сме оделе во погрешен правец. Всушност, сме оделе по автопатот. Право чудо е што не нѐ удрил некој автомобил“ (Клеј). a

‚ПИЕЊЕТО ДО БЕСВЕСТ‘, или таканареченото binge drinking, некои го дефинираат едноставно како „пиј да се опиеш“. Но, во еден извештај на американскиот Државен институт за борба против алкохолизмот и злоупотребата на алкохол се наоѓа една поконкретна дефиниција. Во него се вели дека таквото пиење „обично се дефинира како консумирање на пет или повеќе пијалаци едноподруго кога станува збор за мажи, и четири или повеќе пијалаци едноподруго кога станува збор за жени“.

Медицинските лица во Соединетите Американски Држави велат дека ваквото пиење станало „еден од главните здравствени проблеми“. Според една студија спроведена меѓу средношколци во Англија, Шкотска и Велс, „дури една четвртина од учениците на возраст од 13-14 години тврделе дека на едно седнување ‚испразниле‘ најмалку пет чаши алкохол“. Скоро половина од анкетираните на возраст од 15-16 години го изјавиле истото.

Во едно истражување во Соединетите Држави, 40 отсто од студентите изјавиле дека се препиле барем еднаш во последните две седмици. Според Министерството за здравство на САД, „околу 10,4 милиони млади на возраст од 12 до 20 години изјавиле дека пијат алкохол. Од овие млади, 5,1 милион се препивале, а од нив 2,3 милиони се препивале најмалку петпати месечно“. Една студија во Австралија открила дека во таа земја повеќе се опиваат девојките — знаат да испијат од 13 до 30 чаши алкохол на едно седнување!

Многу од младите пијат под притисок на други млади. Истражувачот Керол Фалковски известува: „Во тренд се нови и сѐ посмели игри со пиењето: пиење во групи со само една цел — опивање. На пример, во една таква игра учесниците треба да испијат по една чашка жесток пијалак „на екс“ во точно одреден момент од некоја телевизиска емисија или кога некој од нив ќе каже нешто“.

Опасности од препивањето

Иако на некои ваквото пиење можеби им се чини како игра, тоа е многу опасна игра! Кога ќе се испие преголема количина алкохол, мозокот не добива доволно кислород и важните телесни функции почнуваат да забавуваат и на крајот престануваат. Меѓу симптомите спаѓаат повраќање, несвестица и бавно и неправилно дишење. Во некои случаи може да настапи и смрт. На пример, еден месец откако завршила средно училиште, 17-годишната Ким отишла на една забава од типот „пиј колку што ти душа сака“. Ким испила 17 пијалаци и на крајот се онесвестила. Потоа дошла нејзината постара сестра и ја однела дома. Следното утро мајка ѝ ја нашла мртва.

Иако ретко се случува човек да умре кога ќе се препие, пиењето сепак може да биде штетно за здравјето. „Алкохолот може тешко да го оштети кој и да било телесен орган“, вели Џером Левин, стручњак за ментално здравје. „Најчесто го напаѓа нервниот систем, црниот дроб и срцето.“ Во една статија во списанието Discover се вели: „Новите истражувања покажуваат дека младите што пијат си играат со оган. Бидејќи нивниот мозок продолжува да се развива и по 20-тата година, тинејџерите што претерано пијат можат во голема мера да си ги упропастат своите умствени способности“. Освен тоа, хроничното пиење е поврзано и со појавата на поголем број акни, предвремени брчки на кожата, зголемување на телесната тежина, оштетување на внатрешните органи и со зависност од алкохол и од дрога.

Со претераното пиење се поврзани и други опасности. Ако се опиеш, полесно е некој да ти направи нешто лошо. Некој може физички да те нападне, па дури и да те силува. Истовремено, и самиот можеш да претставуваш опасност за другите ако почнеш да се однесуваш неконтролирано и да правиш работи што воопшто не би ти паднале на ум кога би бил трезен. Затоа Библијата предупредува дека ако претераш со пиењето „ твоите очи ќе гледаат чудни работи и твоето срце ќе зборува изопачено“ (Пословици 23:33NW). Последиците од ваквото однесување можат да бидат многу болни — губење на пријателите, слаб успех на училиште или на работа, судски казни и сиромаштија b (Пословици 23:21).

Под притисок да пијат

И покрај сите овие опасности, алкохолот се рекламира на големо и е достапен во многу земји. Всушност, и на телевизија и во списанијата пиењето алкохол често се рекламира како нешто многу привлечно и пожелно. Сепак, во поголемиот број случаи, младите почнуваат да пијат поради притисокот од врсниците.

Во една анкета што била спроведена во Австралија за да се види колку се свесни луѓето за влијанието на алкохолот, 36 отсто од младите испитаници рекле дека пијат главно „за да се вклопат во друштвото“. На забавите на кои се точи само пиво, некој што по природа е срамежлив може да стане главна ѕвезда откако на поттик од врсниците ќе почне да ги празни чашките една по една. Откако направила вакво нешто, младата Кети ја донеле дома во кома. Нејзиниот „пријател“ ја поттикнувал да пие велејќи ѝ: „Ајде, Кети, не си веќе мала. Време е да научиш што значи добро да ‚се налееш‘“.

Желбата убаво да си поминат и да се вклопат во друштвото е толку силна што, и покрај уверливите докази дека опивањето е опасно, тоа и понатаму е популарно.

Што ќе одлучиш ти?

Се наметнуваат следниве прашања: Што ќе одлучиш ти во врска со пиењето? Дали слепо ќе ги слушаш твоите врсници? Имај го на ум она што го вели Библијата во Римјаните 6:16: „Зарем не знаете дека ако некому се претставувате како робови за да го слушате, робови сте му затоа што го слушате, било на гревот со изглед за смрт било на послушноста со изглед за праведност?“ Ако им дозволиш на врсниците да те контролираат во сѐ, им стануваш роб. Библијата те поттикнува да размислуваш со своја глава (Пословици 1:4). Таа содржи совети што можат да ти помогнат да не направиш сериозни грешки. Да видиме што има да каже во врска со алкохолот.

Всушност, таа не го осудува пиењето алкохол ниту, пак, е против тоа младите да се забавуваат. Но, го осудува прекумерното пиење. „Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалак е буен; и кој им се оддава, не е разумен“, се вели во Пословици 20:1. Да, под дејство на алкохол човек може да се однесува смешно и да биде многу бучен! Точно, можеби моментално ќе ти биде убаво, но ако претераш, тој ќе те ‚касне како змија‘, така што ќе ти отвори бројни физички и емоционални рани (Пословици 23:32).

Уште една работа што треба да се земе во обѕир е законската старосна граница под која во многу земји на младите не им е дозволено да пијат алкохол. Христијаните им се послушни на таквите закони (Тит 3:1). Тие се за наша заштита.

На крајот, што е и најважно, размисли за духовната штета што може да ја предизвика препивањето. Јехова Бог сака да му служиш со „сиот свој ум“, а не со ум што е непотребно оштетен од претерано пиење алкохол! (Матеј 22:37). Божјата реч го осудува не само ‚претерувањето со вино‘ туку и ‚натпивањата‘ (1. Петрово 4:3). Според тоа, секое препивање е спротивно на волјата на нашиот Творец, и оној што премногу пие не може да биде во близок однос со Бог.

Но, што ако веќе си паднал во замка понекогаш да се напиеш до бесвест? Веднаш побарај помош од родителите или од некој зрел христијанин. c Обрати му се на Јехова во молитва и преколнувај го да ти помогне. Впрочем, тој ни е „секогаш проверен помошник во неволја“ (Псалм 46:1). Бидејќи препивањето, како и незаконското консумирање алкохол честопати е резултат на притисокот од врсниците, можеби ќе треба да направиш големи промени во изборот на пријатели и на забава. Нема да ти биде лесно да ги направиш таквите промени, но со помош од Јехова можеш да успееш.

[Фусноти]

a Некои од имињата се променети.

b Според едно истражување во САД, „младите што често се опиваат, изостануваат од часови осум пати почесто, заостануваат со наставната програма, се повредуваат и предизвикуваат материјална штета“.

c Во некои случаи можеби ќе треба да се побара стручна медицинска помош.

[Рамка/слика на страница 30]

Трагична статистика за препивањето

Следниве статистички податоци ја откриваат мрачната страна на препивањето меѓу студентите во Соединетите Држави:

Смрт: Секоја година, 1.400 студенти на возраст од 18 до 24 години умираат од ненамерни повреди, како и во сообраќајни несреќи до кои дошло поради тоа што некој бил под дејство на алкохол.

Повреди: 500.000 студенти на возраст од 18 до 24 години се повредуваат ненамерно додека се под дејство на алкохол.

Физички напади: Повеќе од 600.000 студенти на возраст од 18 до 24 години се нападнати од друг студент што пиел.

Сексуална злоупотреба: Повеќе од 70.000 студенти на возраст од 18 до 24 години се жртви на сексуално насилство или силување од партнерот, или кога другиот бил под дејство на алкохол или кога самите пиеле.

[Извор на слика]

Извор: Американскиот Државен институт за борба против алкохолизмот и злоупотребата на алкохол

[Слика на страница 28]

Можеби врсниците ќе те наговараат да се напиеш