Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Премлади мајки

Премлади мајки

Премлади мајки

„Мојот дечко беше згоден и имаше многу пари. Можевме да излегуваме каде сакавме и да се забавуваме. Кога не ми дојде менструација, сфатив дека нешто не е во ред. Како да ѝ кажам на мама? Како можеше да ми се случи вакво нешто? Имав само 16 години и не знаев што да правам“ (Никол).

ДЕНЕС Никол a има 36 години и е сигурна, енергична мајка. Најстарото од нејзините три деца има 20 години. Да, пред многу години таа била само една од милионите немажени бремени тинејџерки. Како и другите вакви мајки, се чувствувала изгубена во лавиринтот од големи проблеми, тешки одлуки и неизвесна иднина.

Никол не сака многу да зборува за шокот, одбивањето да се соочи со вистината, за стравот, за гневот и за очајот низ кои минувала во своите доцни тинејџерски години — кога нејзините врсници мислеле само на облеката и на оценките. Сепак, ситуацијата во која се нашла не била безнадежна. Таа пораснала во грижливо семејство кое се трудело во неа да всади високи морални мерила. Иако за кратко решила да ги занемари овие мерила — и си платила за тоа — подоцна истите тие мерила ѝ помогнале да води исполнет и смисловен живот. Нејзино мото во животот станало: „Не е сѐ изгубено“.

За жал, сите кои стануваат мајки во тинејџерските години ја немаат поддршката на семејството, а немаат ни таков оптимистичен став. Многу од нив брзо сфаќаат дека се заробени во навидум безнадежна финансиска состојба. Некои мораат да се борат и со емоционалните последици од силување или од насилство.

Сите овие проблеми со кои се соочуваат ваквите мајки се одразуваат и врз нивните деца. Според книгата Teen Moms—The Pain and the Promise (Малолетни мајки — болката и ветувањето), бебињата на младите мајки „обично се раѓаат со тежина помала од нормалната, почесто заболуваат од детски болести и умираат како новороденчиња, не добиваат соодветна медицинска нега, повеќе страдаат од глад и неисхранетост, изложени се на поголемо насилство и побавно напредуваат отколку децата на повозрасните мајки“. Всушност, поголема е веројатноста ќерките на малолетните мајки и самите да родат дете како тинејџерки отколку ќерките чии мајки ги родиле кога биле повозрасни.

Колку е раширен овој проблем на бременост кај тинејџерките? Како можат овие млади мајки успешно да излезат на крај со проблемите поврзани со подигањето на децата? Може ли на некој начин да им се помогне на младите воопшто да не дојдат во ваква тешка ситуација? Овие прашања ќе бидат разгледани во следните статии.

[Фуснота]

a Некои имиња во оваа серија статии се променети.