Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Соочување со проблемите на раното мајчинство

Соочување со проблемите на раното мајчинство

Соочување со проблемите на раното мајчинство

ТИНЕЈЏЕРКАТА што ќе остане бремена мора да го понесе товарот на донесување одлуки кои обично ги донесуваат возрасните. „Се чувствувам како да имам 40 години“, вели една малолетна мајка. „Целата младост ми пропадна.“ И навистина, кога ќе дознае дека е бремена, една млада девојка може да биде потполно совладана од страв и грижи.

Ако се наоѓаш во слична ситуација, можеби и ти се чувствуваш така. Но, нема да постигнеш ништо ако дозволиш негативните емоции да те парализираат. „Кој внимава на ветерот, не сее“, вели Библијата, „и кој гледа на облаците, не жнее“ (Проповедник 7:8; 11:4). Земјоделецот што ќе дозволи да го парализираат грижите во врска со можните временски неприлики, никогаш нема да почне со работа. Немој да дозволиш и ти да се парализираш. Животот продолжува и, порано или подоцна, ќе мораш да си го понесеш твојот товар на одговорности (Галатите 6:5).

Какви можности ти стојат на располагање? Некои можеби ќе ти предложат абортус. Но, ова не е решение за оние што сакаат да го обноват својот добар однос со Бог бидејќи Библијата јасно кажува дека Божјиот закон го забранува абортусот (Излез 20:13; 21:22, 23; Псалм 139:14-16). Во Божји очи, животот на кој и да било ембрион е скапоцен — дури и на оној што е зачнат надвор од брачната заедница.

Дали можеби размислуваш да се омажиш за таткото и заедно да го подигате детето? Во најмала рака, бракот може да те поштеди од срамот. Но, дури и кога младиот татко чувствува морална одговорност да помогне во подигањето на своето дете, бракот не е секогаш најмудрото решение. a Тоа што некој младич е физички способен да има дете, не значи дека е и емоционално и психички зрел да биде добар сопруг и татко. А не значи ни дека ќе може финансиски да ги издржува жената и детето. Освен тоа, ако религиозните убедувања на младиот човек се разликуваат од твоите, тогаш стапувањето во брак со него би било спротивно на библиската опомена да се мажиш „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39). Искуството покажува дека, кога некои избрзано стапуваат во брак пред да бидат спремни за тоа — а тој брак најверојатно ќе трае многу кратко — доживуваат само додатни болки и страдање.

Дали би било добро да го дадеш детето на усвојување? Иако ова очигледно е подобро од абортусот, факт е дека, и покрај неповолните околности, ти сепак можеш, ако одлучиш, сама да го воспитуваш твоето дете и да се грижиш за него.

Справување со проблемите

Мора да се признае, да се подига дете без брачниот партнер не е лесно. Сепак, ако ги следиш библиските начела најдобро што можеш и ако со доверба го молиш Бог за сила и за водство, ќе можеш да излезеш на крај со многуте предизвици. Еве неколку чекори што можат да ти бидат од помош.

Обнови го својот добар однос со Бог. Мора да сфатиш дека со предбрачниот секс си му згрешила на Бог — си ги прекршила неговите високи морални мерила (Галатите 5:19-21; 1. Солуњаните 4:3, 4). Затоа, неопходно е најпрво да се покаеш и да го молиш Бог да ти прости (Псалм 32:5; 1. Јованово 2:1, 2). Точно, можеби си мислиш дека не заслужуваш да ти помогне. Сепак, Јехова ветува дека ќе им прости и ќе им помага на оние што се каат за своите неисправни постапки (Исаија 55:6, 7). Во Исаија 1:18 Јехова вели: „Ако ви бидат гревовите како црвено сукно [тешки, сериозни], ќе бидат бели како снег [целосно исчистени]“. Библијата исто така ги охрабрува оние што згрешиле да ја искористат духовната помош што им ја нудат наименуваните старешини во собранието (Јаков 5:14, 15).

Престани со предбрачните интимни односи. Ова најверојатно ќе значи да ја прекинеш врската со таткото на твоето дете. Ако ја продолжиш врската, тоа само ќе те изложи на поголем притисок да продолжиш со однесување кое Бог не го одобрува. Никогаш не заборавај дека Божјите закони, иако се строги, всушност ни служат за заштита. Никол, која беше цитирана во претходните статии, си спомнува: „Сфатив дека Бог има право. Тој сака да го правиме она што е за наше добро“ (Исаија 48:17, 18).

Кажи им на родителите. Можеби се плашиш, и тоа оправдано, дека твоите родители ќе се налутат. Точно е, ќе бидат вознемирени и загрижени кога ќе дознаат дека си бремена. Можеби дури и ќе мислат дека тие промашиле како родители и ќе се обвинуваат себеси за она што ти се случило. Меѓутоа, ако твоите родители се навистина богобојазливи луѓе, најверојатно бурата на повредени и болни чувства кај нив со текот на времето ќе стивне. Тие ти се родители и сепак те сакаат, и покрај твоите грешки. Кога ќе го видат твојот покајнички став, без сомнение ќе бидат поттикнати да постапат како што постапил таткото на расипничкиот син и со љубов ќе ти простат (Лука 15:11-32).

Биди благодарна. Родителите, роднините и пријателите честопати се најголем извор на помош и поддршка. На пример, можеби родителите ќе средат да добиеш медицинска нега. Откако ќе го родиш детето, ќе можат да те поучат на најосновните работи во врска со грижата за него. Можеби исто така ќе ти се понудат да ти го причуваат кога ќе има потреба. Во врска со својата мајка, Никол вели: „Јас го родив детето, но таа многу ми помогна“. И пријателите можат да помогнат, така што можеби дискретно ќе ти набават за бебето облека и други работи што ќе ти бидат потребни (Пословици 17:17). Кога другите љубезно ти помагаат, послушај го библискиот совет и ‚покажи се благодарна‘ (Колошаните 3:15). Кажи им дека ја цениш нивната грижа за да не мислат дека тоа што со љубов го прават за тебе го земаш здраво за готово.

Научи да бидеш родител. Се разбира, нема да сакаш цел живот да зависиш од родителите и од пријателите. Затоа, почни да развиваш вештини што ќе ти помогнат успешно да се грижиш за детето и да бидеш добра домаќинка. Не е лесна работа да научиш да водиш сметка за едно човече со безброј потреби. Има многу да се учи за исхраната, за здравјето и за други аспекти поврзани со грижата за детенцето. Интересно е што Библијата ги охрабрува постарите христијанки да ги поттикнуваат младите жени да „работат дома“ (Тит 2:5). Без сомнение, мајка ти, а можеби и други постари христијанки, ќе можат многу да ти помогнат во овој поглед.

Мудро располагај со парите. Библијата вели дека „парите се заштита“ (Проповедник 7:12NW). Раѓањето на бебето ќе повлече значителни финансиски трошоци.

Можеби би било добро најпрво да видиш дали ти следува некоја социјална помош од државата. Но, честопати девојката и понатаму останува финансиски зависна од родителите. Ако е така и во твојот случај, ќе биде мудро и обѕирно од тебе што е можно повеќе да ги намалиш трошоците. Иако сигурно би сакала на своето дете да му купиш нови работи, можеби ќе успееш да заштедиш пари ако купуваш на старо или на распродажба.

Настојувај да стекнеш извесно образование. „Мудрите собираат знаење“, се вели во Пословици 10:14 (NW). Иако ова посебно важи за библиското знаење, се однесува и на световното образование. Многу е важно да стекнеш соодветно образование за да можеш да се издржуваш.

Точно, тешко е да одиш на училиште и истовремено да се грижиш за бебето. Но, ако го немаш ни основното образование, и ти и твоето дете би можеле да бидете осудени на сиромаштија, ќе зависиш од социјална помош, ќе имаш ниски примања, лоши станбени услови, а можеби нема да имате ни храна како што треба. Затоа, ако воопшто е можно, продолжи да одиш на училиште. Мајка ѝ на Никол настојувала таа да го заврши школувањето и, како резултат на тоа, Никол подоцна можела да се издржува работејќи како асистентка на еден адвокат.

Зошто не се распрашаш кои можности ги имаш за да се школуваш? Ако е премногу тешко да посетуваш редовна настава, можеби би можела да учиш дома или да завршиш некој курс, што во твојот случај би било многу практично.

Можеш да успееш

Не е лесно, како млада девојка, сама да го израснеш твоето дете. Но, можеш да успееш! Со стрпливост, решителност, и со помош од Јехова Бог, можеш да станеш една грижлива, способна и совесна мајка. Децата на немажените мајки можат исто така да израснат во стабилни, зрели личности. Можеби дури ќе успееш со воспитувањето во твоето дете да всадиш љубов кон Бог, нешто што навистина е причина за радост (Ефешаните 6:4).

Никол вели: „Со Божја помош — иако изгледаше невозможно — успеав да му помогнам на моето мало девојче да порасне во една љубезна, учтива и одговорна млада дама. Кога ја гледам, се присетувам на сите непроспиени ноќи, но истовремено сум и многу среќна“.

Но, како треба возрасните да се однесуваат со тинејџерките што стануваат мајки и со нивните деца? Дали има начин да им се помогне на младите воопшто да не дојдат во таа ситуација и да не доживеат таква болка?

[Фуснота]

a Натамошни информации во врска со одговорностите и предизвиците со кои се соочуваат младите неженети татковци можат да се најдат во рубриката „Младите прашуваат . . .“ во изданијата на Разбудете се! од 8 август 2000 и од 8 септември 2000.

[Слики на страници 8 и 9]

Тинејџерките што ги подигаат своите деца се соочуваат со многу проблеми

[Слика на страница 10]

Избрзаното стапување во брак не е решение

[Слика на страница 10]

Христијанските старешини можат да им помогнат на младите што згрешиле да си го обноват односот со Бог

[Слика на страница 11]

Мудро е немажените мајки да го завршат школувањето