Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Борба со шокот предизвикан од терористичкиот напад

Борба со шокот предизвикан од терористичкиот напад

Борба со шокот предизвикан од терористичкиот напад

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА

НА 11 март 2004, градот Мадрид (Шпанија) го потресе детонацијата на десет бомби што експлодираа на три железнички станици. Билансот на жртви од истовремениот напад врз четирите воза изнесуваше 190 мртви и 1.800 ранети.

Со оглед на тоа што бомбите експлодираа за време на утринскиот шпиц, сите возови беа полни со патници и последиците беа застрашувачки. „Експлозијата беше толку силна што цел вагон отскокна еден метар во воздух“ изјави Ароа, која била очевидец на настанот. „Кога излегов од вагонот, пероните личеа на воена зона. Ужасно е да бидеш сведок на еден таков трагичен настан.“ Истите морничави глетки можеа да се видат во четири воза и во десет вагони. Терористите имаа оставено во возовите ранци полни со експлозив кои подоцна ги детонирале преку мобилни телефони.

Некои од патниците ја имаа таа среќа да не можат да се сетат на грозните настани што ги преживеаја. Но, стотици од нив, исто како Ароа, мораа да се справат и со физички и со емоционални лузни. „Слухот ми е тешко оштетен од експлозијата“, вели Ароа, „но уште потешко ми паѓаат стравичните слики што постојано ме прогонуваат.“

„Благодарение на тоа што сум Јеховин сведок, примив голема емоционална поддршка“, додава Ароа. „Телефонските повици и пораки од целиот свет ме потсетуваа дека сум навистина дел од едно светско братство. Освен тоа, Библијата ни помага да сфатиме зошто се случуваат вакви злосторства. Им објаснив на некои од колегите на работа дека Светото писмо прорекло дека во ‚последните денови‘ луѓето ќе бидат насилни и дека нема да имаат природна наклоност. И полновремената служба многу ми помогна да ми се ублажи болката“ (2. Тимотеј 3:1-3).

Педро е еден од многуте патници кои беа тешко повредени. Тој стоел на помалку од четири метри од бомбата што експлодирала во неговиот вагон. Експлозијата го кутнала на подот, при што се здобил со повреди на главата и со тешки проблеми со дишењето. По пет дена во шок-соба, тој постепено почна да закрепнува. Огромниот број на Сведоци што го посетија многу го охрабрија, а оставија и силен впечаток врз персоналот на болницата. „За 26 години работа, никогаш не сум видела некој да има толку многу посети и да добие толку многу подароци!“ — извикнала една медицинска сестра. Но, и Педро зборува со воодушевување за болничкиот персонал. „Беа прекрасни“, вели тој. „Благодарение на нив, одлично закрепнав.“

Мнозина од жртвите беа имигранти што неодамна се преселиле во Шпанија. Мануел, од Куба, бил повреден од првата експлозија на станицата Аточа, а од втората експлозија се онесвестил. „Во паника, луѓето ме газеле додека сум лежел испружен на перонот“, објаснува тој. „Кога се освестив, две ребра ми беа скршени, ми беше повредена ногата, а целосно го изгубив и слухот на едното уво.“

Мануел додава: „Полицијата, брзата помош и пожарникарите беа на местото на настанот за неколку минути, и ни дадоа максимална помош. Одлично се снаоѓаа во ситуацијата, така што благодарение на нивните вештини и стручност паниката брзо се намали. Ми ја дадоа потребната медицинска помош и со мене се однесуваа љубезно и сочувствително“.

Пост-трауматски шок

Исто како Ароа, и Мануел носи длабоки емоционални лузни. „Неодамна добив напад на паника кога се качив на воз“, признава тој. „Морав веднаш да слезам. Сѐ уште ми се сомнителни лица што се возат во јавен превоз а носат ранец или нешто слично. Но, добив многу поголема помош отколку што добија други лица, иако никој од моето семејство не живее во Шпанија. Буквално стотици Сведоци ми се јавија на телефон, а едно семејство Сведоци ме покани да бидам со нив неколку дена за да не се чувствувам осамен. Оваа бесценета поддршка од нашето светско братство ми помогна да закрепнам.“

Серхио, еден од патниците што поминал без физички повреди, сѐ уште страда секојдневно од сцените што ги видел околу себе. Една бомба експлодирала во вагонот пред него, а друга во вагонот веднаш зад него. Како и Мануел, и тој е благодарен за поддршката што со љубов му ја дале семејството и другите Сведоци. „Не само што ми ставија до знаење дека ме сакаат, туку и ме потсетија дека му припаѓам на едно обединето братство што се грижи за секој негов член“, вели тој. „Тие продолжија секојдневно да ми даваат поддршка, а многуте телефонски разговори ми помогнаа да си ги искажам чувствата, што честопати ми паѓа тешко.“

Некои од патниците на возовите се соочуваат со друг вид вознемиреност. Без да биде свесен за тоа, Диего седел до една од четирите бомби што не експлодирала. Успеал да излезе од возот неповреден. „Но сега се чувствувам виновен што не им помогнав на оние што беа повредени“, признава тој. „Побегнав во паника, заедно со стотици луѓе што избезумено трчаа кон излезот од станицата.“

По експлозијата до која дошло во возот во кој се наоѓал, еден младич од Бразил по име Рамон, се чувствувал како парализиран од шокот што го преживеал. Сепак, два дена по нападот, решил да продолжи да им ја проповеда пораката за Царството на другите. Се сретнал со еден Португалец кој му кажал дека ја бара вистинската религија. Рамон почнал да ја проучува Библијата со овој човек, а тој веднаш почнал да доаѓа на христијанските состаноци. „Кога им помагаш на другите во духовен поглед, и самиот се чувствуваш подобро“, забележува Рамон.

Без сомнение, на сите жртви ќе им треба време за да им се залечат физичките и емоционалните рани од нападот. За жал, живееме во време кога секаде и во секој момент може да избувне безумно насилство. Иако духовните вредности можат да им помогнат на жртвите да се справат со шокот, сепак, само Божјето Царство засекогаш ќе им стави крај на ваквите трагедии (Откровение 21:3, 4).

[Рамка/слики на страница 30]

ДУХОВНА СИЛА ВО БОРБАТА СО ШОКОТ

Мануел Суарез

„Додека сѐ уште бев во шок, чекајќи да ме пренесат во болница, постојано си ги повторував зборовите од Пословици 18:10: ‚Името на Јехова е цврста кула. Во неа бега праведникот и наоѓа заштита‘. Тие зборови ми дадоа сила.“

Ароа Сан Хуан

„Кога ќе поминеш низ вакво нешто, ти станува сосема јасно дека ова се последните денови и дека треба да се концентрираш на духовните вредности. Со помош на полновремената служба, полека го пребродувам шокот.“

Фермин Хесус Мозас

„И покрај тоа што имав повреди на главата, можев да им дадам помош и поддршка на некои од повредените патници. Мислам дека останав смирен поради надежта за воскресение што ни ја дава Бог, надеж што во вакви моменти дава огромна сила.“

Педро Караскила

„Додека лежев во шок-соба, со силни болки во градите, одново и одново во мислите ми се враќаа зборовите од 1. Тимотеј 6:19. Тие зборови нѐ охрабруваат да си собираме извонреден темел за иднината за цврсто да го зграпчиме вистинскиот живот. Овој стих ме потсетуваше на нашата надеж за Рајот, што Бог им го ветил на оние што го сакаат. Тоа е целта кон која се стремиме.“

[Слика на страница 28]

Горе: На станицата Аточа, спасувачите ги преврзуваат ранетите и ги отстрануваат мртвите

[Извор на слика]

Горе: CORDON PRESS

[Слика на страница 28]

Десно: Импровизиран споменик на жртвите