Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Важноста на воспитанието

Важноста на воспитанието

Важноста на воспитанието

ОНА што човек ќе го научи или нема го научи како дете може да влијае врз развојот на неговите способности во иднина. Тогаш, што треба родителите да им дадат на своите деца за тие да израснат во урамнотежени, зрели луѓе? Да ги разгледаме заклучоците од истражувањата спроведени во последниве децении.

Улогата на синапсите

Напредокот што е постигнат во технологијата за снимање на мозокот им овозможува на научниците да го проучуваат развојот на мозокот подетално од кога и да е порано. Овие истражувања покажуваат дека раното детство е пресуден период за развојот на функциите на мозокот кои се неопходни за примање и обработка на информации, за нормално изразување на емоциите и за развој на говорните способности. „Во првите години од животот бројот на врските меѓу невроните расте со неверојатно брзо темпо, а релјефот на мозокот се преобликува од миг во миг како резултат на заемното влијание на генетичките информации и дразбите од околината“, известува списанието Nation.

Научниците сметаат дека најголемиот дел од овие врски, наречени синапси, се создаваат во првите неколку години од животот. Ова е времето кога „кај бебето се создаваат невронски врски што во иднина ќе влијаат врз неговата интелигенција, чувство на самопочит, доверба во другите и мотивација за учење“, вели д-р Т. Бери Брејзелтон, стручњак на полето на развој на децата.

Во првите неколку години, мозокот на детето драматично расте, а расте и бројот на синапсите и на функциите што ги врши. Кај детето што живее во околина од која прима многу информации и од која може да учи, расте и бројот на синапси, така што во неговиот мозок се создава разгранета мрежа од невронски патеки. Благодарение на овие патеки, можеме да размислуваме, да учиме и да донесуваме логични заклучоци.

Изгледа дека во мозокот на бебето кој повеќе се стимулира се активираат повеќе нервни клетки и се зголемува бројот на врски меѓу нив. Интересно е тоа што таа стимулација не мора да биде само интелектуална, на пример, во облик на факти, бројки или јазик. Научниците откриле дека на детето му е потребна и емоционална стимулација. Истражувањата покажуваат дека во мозокот на бебињата што никој не ги држи в раце, не ги гали и со кои никој не си игра и не им покажува љубов, се развиваат помалку синапси.

Воспитанието и потенцијалот

Како што детето расте, доаѓа до еден вид селективно ‚кастрење‘. Изгледа дека во мозокот престануваат да функционираат оние синапси што можеби нема да се потребни. Ова може да има силно влијание врз потенцијалот на детето. „Ако детето не ја прими вистинската стимулација во вистинското време“, вели Макс Синадер, стручњак што се занимава со проучување на мозокот, „тогаш одредени делови од нервниот систем нема да се развијат како што треба.“ Според д-р Џ. Фрејзер Мастард, ова може лошо да се одрази врз интелигенцијата на детето, врз неговата способност за вербална комуникација и решавање на математички проблеми, врз неговото здравје како возрасен, па дури и врз однесувањето.

Сето ова покажува дека искуствата што едно лице ги има како бебе можат да имаат пресудно влијание врз неговиот подоцнежен живот. Дали некој е ‚тврд орев‘ или, пак, емоционално е лесно кршлив, дали знае да размислува апстрактно или нема таква способност, и дали ќе може да се соживува со другите или не, може многу да зависи од искуствата што ги имал како дете. Затоа улогата на родителите е особено важна. „Во тие први фази од животот на децата, од пресудна важност е да имаат грижливи родители“, забележува еден педијатар.

Звучи многу едноставно — воспитувајте ги Вашите деца, грижете се за нив и тие ќе напредуваат. За жал, родителите знаат дека не е секогаш толку едноставно да се грижат за децата на исправен начин. Добар родител не се станува по интуиција.

Според една студија, 25 отсто од родителите што биле анкетирани не знаеле дека начинот на кој се однесуваат со нивните деца може да ја зголеми или да ја намали нивната интелигенција, самодоверба и љубов кон учењето. Ова ги покренува прашањата: Кој е најдобриот начин за да го развиете потенцијалот на Вашето дете? И како можете да ја создадете вистинската атмосфера за тоа? Да видиме.

[Слика на страница 6]

Бебињата што немаат никаква стимулација не можат да се развијат толку добро како другите