Важноста на поуката во раното детство
Важноста на поуката во раното детство
ФЛОРЕНС имала 40 години и очајно сакала дете. Но, докторот ја предупредил дека можеби бебето што го носи ќе се роди со нарушена способност за учење. И покрај тоа, таа одбила да абортира, и на крајот родила здраво синче.
Набрзо по раѓањето на Стивен, Флоренс почнала да ја користи секоја прилика да му чита и да му раскажува. Додека растел, си играла со него, го водела на излети, заедно учеле да бројат и пееле песнички. „Си игравме дури и кога го капев“, се присетува таа. Сиот труд на оваа жена не бил залуден.
На 14 години, Стивен дипломирал со највисоки оценки на Универзитетот Мајами. Две години подоцна завршил правен факултет и, според неговата биографија, станал најмладиот адвокат во Соединетите Држави. Неговата мајка, д-р Флоренс Бакус — поранешна наставничка и училишен педагог — посветила многу време да ја изучува важноста на поучувањето во раното детство. Таа е уверена дека тоа што му посветила внимание на својот син и го поттикнала да учи уште од бебе одиграло пресудна улога врз неговата иднина.
Предиспозициите наспроти одгледувањето
Во последно време, меѓу детските психолози се водат доста полемики во врска со тоа дали во развојот на детето главен фактор се предиспозициите, односно она што тоа го наследува од родителите или, пак, одгледувањето, односно воспитанието и поуката што ги добива подоцна. Повеќето истражувачи се уверени дека врз развојот на детето влијае комбинација од овие два фактора.
Д-р Џ. Фрејзер Мастард, експерт на полето за развој на децата, објаснува: „Врз основа на клиничките набљудувања, дојдовме до заклучок дека развојот на мозокот кај детето во голема мера зависи од влијанијата на кои е изложено во првите години од животот“. Нешто слично кажува и Сузан Гринфилд, професорка по фармакологија: „На пример, сега ни е познато дека, кај виолинистите, делот од мозокот што ги координира движењата на прстите на левата рака е поразвиен отколку кај другите луѓе“.
Какво воспитание им е потребно на децата
На темел на ваквите заклучоци, многу родители не штедат труд за да ги запишат децата во најдобрите
градинки, а даваат и огромни пари за часови по музика и уметност. Некои мислат дека она дете што уште од мало учи сѐ и сешто, ќе порасне во сестрана и многу способна личност. Од таа причина, постојано никнуваат нови и нови специјализирани курсови за деца на претшколска возраст. Некои родители се спремни да направат сѐ што е во нивна моќ за нивните деца да бидат во подобра положба во однос на другите деца.Но, дали ваквиот труд е навистина толку корисен колку што се мисли? Иако можеби се чини дека ваквото воспитание нуди безгранични можности, во многу случаи овие деца пропуштаат една клучна работа — да учат така што ќе си играат спонтано. Педагозите велат дека таквата спонтана игра ја развива креативноста кај детето, и му помага да се снаоѓа во друштво, да ги развие своите умствени способности и да стекне емоционална зрелост.
Според некои експерти за развој на децата, тоа што родителите го планираат дури и времето кое децата го поминуваат во играње придонело да се создаде еден нов вид проблематични деца. Бидејќи им е испрограмиран секој момент во денот, овие деца постојано живеат под стрес, емоционално се нестабилни, не можат да спијат и постојано се жалат на болки. Еден психолог вели дека до времето кога ќе станат тинејџери, многу од нив сѐ уште не знаат како да се справуваат со проблеми и се „исцрпени, недруштвени и бунтовни“.
Затоа, многу родители се во недоумица. Од една страна сакаат да им помогнат на своите деца во потполност да го развијат својот потенцијал. Од друга страна, пак, гледаат дека не е разумно малите деца претерано да се форсираат. Може ли некако да се постигне исправна рамнотежа? Колкав потенцијал за развој имаат малите деца и како може тој да се искористи? Што можат да сторат родителите за да им помогнат на своите деца да успеат во тоа? Овие прашања ќе бидат разгледани во следните статии.
[Слика на страница 3]
Влијанијата на кои е изложено детето во првите години од животот можат да се одразат врз развојот на неговиот мозок
[Слика на страница 4]
Играњето ја поттикнува креативноста кај детето и му помага да ги развие своите способности