Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Непрекината борба со водата

Непрекината борба со водата

Непрекината борба со водата

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ХОЛАНДИЈА

„Двапати во текот на денот, океанот се крева со незапирлива брзина и се излева врз едно огромно парче земја. Просто не знаеш дали таа земја е дел од копното или од морето! Таму, на високите ридови што ги подигнале со свои раце, живеат едни бедни луѓе. Тие ридови можат да им одолеат и на највисоките води.“

ОВОЈ опис на борбата што жителите на ниските подрачја крај Северното Море ја водат со водата го дал римскиот писател од првиот век, Плиниј Постариот. Борбата продолжува до ден-денес. Всушност, околу половина од повеќето од 16-те милиони жители во оваа област живеат и работат под нивото на морето.

И покрај постојаната борба, жителите на Холандија не се сметаат себеси за бедни. Точно, можеби нивната земја е мала a и лежи ниско, но спаѓа меѓу најбогатите земји во светот. Она што изненадува најмногу од сѐ е тоа што Холандија ѝ го должи својот напредок и богатство токму на водата и на борбата со неа.

Важна причина зошто Холанѓаните решиле да останат во оваа област е плодноста на земјиштето, кое е идеално за земјоделие, градинарство и сточарство. Бидејќи најголемите европски реки се влеваат во морето токму во оваа земја, таа има и економски стратешка положба. Не е ни чудо што Холандија — вклучувајќи го и Ротердам, најголемото пристаниште во светот — е наречена „капија на Европа“!

Долгата историја на насипите

Но, богатството не си дошло само по себе. Во последните 900 години, Холанѓаните морале да изградат насипи за да се заштитат од водите — и од реките што течат низ земјата и од морето. Како резултат на ова, Холандија сега е заштитена од морето и од реките со илјадници километри насипи. Тоа е навистина едно извонредно достигнување!

Холандија не е единствената земја во која има изградено насипи. Сепак, поради некои фактори како, на пример, надморската височина, насипите овде се од пресудна важност. Коус Крун, коавтор на книгата Dijken (Насипи), вели: „Ако сите жители на Швајцарија би решиле да отидат на одмор во странство една цела година, нивната земја сѐ уште ќе си стои таму кога ќе се вратат. Ако Холанѓаните би направиле вакво нешто, кога ќе се вратат, половина од нивната земја и 75 отсто од нивните куќи ќе ги нема“. b

Денес, милионите Холанѓани што живеат под нивото на морето можат да одат на суво и безгрижно да спијат бидејќи се води непрекината борба. Да видиме какви напори се вложуваат за да се одржуваат плажите и песочните ридови.

Одржување на плажите и на песочните ридови

Во период од илјадници години се создавала природна бариера од плажи и песочни ридови, која ги штитела овие области од морето. Но, како резултат на ерозијата, оваа бариера постојано ослабнува. За да се санираат оштетувањата, со помош на посебни бродови се вади песок од дното на морето на оддалеченост од околу 9 до 20 километри од крајбрежјето и се истура на плажите. Од 1970 до сега, биле извадени скоро 85 милиони кубни метри песок за да се спречи ерозијата на песочните ридови!

Но, зачувувањето на песочните ридови не им носи користи само на луѓето. „Иако на песочни ридови отпаѓа само еден отсто од површината на Холандија“, се вели во холандскиот весник NRC Handelsblad, „тие се живеалиште на три четвртини од сите видови птици во земјата и на две третини од вишите видови растенија.“

Скратување на одбранбената линија

Во 1932, Холанѓаните го изградија Afsluitdijk, еден одбранбен насип долг 32 километри. Преку ноќ овој насип го претвори Јужното Море (Zuider Zee) од залив во езеро, Ijsselmeer. Со ова беше скратена должината на крајбрежјето од 1.900 на 1.300 километри.

Околу 20 години подоцна, во 1953, откако во една катастрофална поплава загинаа 1.835 лица, градителите на насипи презедоа еден уште поголем проект. Целта им беше да ги заградат сите морски заливи во југозападниот дел на земјата освен оние преку кои се стигнува во пристаништата Ротердам и Антверпен. Со овој План делта, како што беше наречен, крајбрежјето на земјата на крајот се скрати на околу 620 километри.

Заштита од реките

Опасноста од водата не се заканува само од морето туку и од реките што течат низ Холандија пред да се влеат во морето. Кон крајот на зимата, откако ќе помине долгата сезона на дождови и кога снегот од планините ќе почне да се топи, огромни количества вода од Швајцарија, Германија, Франција и Белгија дотекуваат во овие реки и влегуваат во Холандија.

Тоа огромно количество вода може да предизвика тешки проблеми. На пример, во февруари 1995, реките што течат низ средината на земјата толку многу надојдоа што луѓето се плашеа дека насипите можат да попуштат под таков силен притисок. Доколку се јавеше пукнатина, водите ќе навлезеа и ќе го прекриеја земјиштето зад насипите достигнувајќи длабочина од повеќе метри. Крун, кој беше цитиран погоре, вели: „Малцина се свесни што ќе се случеше доколку речните насипи попуштеа“.

„Корито“ без капак

Холандија, за разлика од другите земји, е позната по своите полдери, односно парцели на „ново земјиште“ кои се наоѓаат под морското ниво, а се заградени со насипи. Сѐ до крајот на 19 век, нивото на водата во полдерите било регулирано со помош на ветерници. Денес оваа работа ја вршат станици за испумпување кои се контролирани од компјутерски системи. Петар Новак, кој се грижи за одржување на една ваква станица во близина на Амстердам, објаснува што сѐ е вклучено во тоа.

Полдерот би можеле да го споредиме со корито“, вели Новак. „Тој обично се наоѓа на неколку метри под нивото на морето. Насипот околу него спречува да биде поплавен. Но, насипот не е капак. Во случај на обилни дождови, коритото може да се наполни. За да не дојде до посериозни проблеми, водата мора да се испумпа. Но, каде ќе оди таа вода?“

Во полдерот постои еден цел систем од канали низ кои водата истекува до станицата за испумпување. За да не се затнат, секој земјоделец мора да си ги чисти каналите што се ископани на неговото земјиште. Потоа станицата за испумпување го отстранува вишокот вода во полдерот, пумпајќи го во безем, еден извонреден систем од езера и канали, кој има улога на резервоар за вода надвор од полдерот. Вишокот вода во безем се испразнува во морето за време на осеката.

„Одржувањето на потребното ниво на вода во полдерот е од пресудно значење за економијата на Холандија“, продолжува Новак. „Во текот на сушните лета, се пушта вода внатре во каналите, бидејќи на земјоделците им треба за наводнување на тревата и на житните култури. Во некои полдери се одгледуваат цвеќиња — една од најпознатите култури за извоз во земјата.

Да се живее таму каде што порано имало море

Во 20-тиот век, полдерите престанале да се сметаат само за додатно обработливо земјиште — тие обезбедиле и додатен простор за живеење. Кога пред околу половина век урбанистите почнале да прават проекти за градови во полдерите, имале многу мало искуство на тоа поле. Но, ако денес имате прилика да ги посетите полдерите, ќе видите дека на урбанистите им успеало да изградат места за живеење на дното на морето! Зошто не дојдете и не се уверите и самите во ова?

Дали можеби се плашите од помислата да се прошетате низ место кое се наоѓа под морското ниво? Ваквиот страв е разбирлив, но мнозина биле изненадени кога дознале дека веќе и без да се свесни го направиле ова. На пример, ако некогаш сте чекале за претовар на Скипол, аеродромот во близина на Амстердам, Вашиот авион слетал на дното на едно поранешно езеро. Фактот што не сте забележале дека сте на 4 метри под нивото на морето е доказ дека насипите во Холандија се сѐ уште во добра состојба.

[Фусноти]

a Холандија зафаќа површина од 41.500 квадратни километри.

b Две петтини од земјиштето во Холандија се состои од полдери, подрачја кои лежат под нивото на морето. Ова земјиште ќе биде поплавено ако насипите не се одржуваат постојано. Планинските земји како што е Швајцарија се над нивото на морето и, поради тоа, не им се заканува ваква опасност.

[Рамка/слики на страница 18]

Собири ПОД МОРСКОТО НИВО

Една од двете Конгресни сали на Јеховините сведоци во Холандија е изградена на 5 метри под морското ниво. „Додека двапати годишно патуваме на нашите собири“, забележал еден Јеховин сведок, „често ни доаѓаат на ум Божјите зборови запишани во Јов 38:8 и 11: ‚Кој го затвори морето со врати [и рече]: „Дотаму, не подалеку . . . тука нека се крши гордоста на твоите бранови“?‘ Овие зборови нѐ потсетуваат дека начинот на кој Јехова ја контролира неверојатната сила на водата далеку го надминува сето она што можат да го направат човечките инженери кои се занимаваат со хидраулика, па колку и да се импресивни нивните достигнувања.“

[Рамка на страница 19]

Кој ги одржува НАСИПИТЕ?

Насипите и одводните системи треба да се одржуваат, а одвреме навреме треба и да се поправаат. Од средниот век па наваму, ова е задача на месните и регионалните власти кои се грижат за регулирање на водата, а познати се како одбори за вода. Овие одбори се засновани на три основни принципи: интерес, плаќање и право на глас. Оној на кого му е од интерес да има безбедни насипи, мора да плати за нивното раководење и одржување. Но, тој исто така има право да учествува кога се донесуваат одлуки во врска со одржувањето на насипите и за тоа како ќе се трошат собраните пари.

Овие одбори функционираат во Холандија уште од 12 век. Моментално постојат повеќе од 30 вакви одбори. Општинските власти го имаат правото да ги основаат, да ги распуштат и да раководат со нив. Тие решаваат за големината и составот на „војската за насипи“. Членовите на оваа „војска“ и живеат во подрачјето што треба да го штитат. Затоа имаат добра мотивација — грижата за безбедноста на нивните сопствени семејства и живеалишта. Кога водите ќе надојдат, тие патролираат по должината на насипот, спремни веднаш да скокнат во акција ставајќи вреќи со песок или, пак, на друг начин да спречат појава на пукнатини во него. Овој систем на одбори што постои со векови води сметка насипите да бидат во добра состојба.

[Карти на страница 16]

(Види во публикацијата)

Без песочни ридови и насипи оваа сина зона би била под вода поголемиот дел од времето

[Слика на страници 16 и 17]

Биле направени огромни морски насипи за да се заштити пониското земјиште од другата страна на насипот

[Слика на страница 17]

Секоја година мораат да се надоместат милиони кубни метри песок

[Слика на страница 18]

Вообичаена глетка е автомобилите да се движат на пониско ниво од бродовите

[Слика на страница 18]

Катастрофалната поплава во 1953

[Извор на слика на страница 17]

Двете фотографии: Met vriendelijke toestemming van het Nederlandse Ministerie van Verkeer en Waterstaat

[Извор на слика на страница 18]

Горните две фотографии: Met vriendelijke toestemming van het Nederlandse Ministerie van Verkeer en Waterstaat