Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поучен од мали нозе да го сакам Бог

Поучен од мали нозе да го сакам Бог

Поучен од мали нозе да го сакам Бог

РАСКАЖАЛ АНАТОЛИЈ МЕЛНИК

Кога ќе слушнам како некој со љубов ми вели ‚дедо‘, како нешто да ме погодува право в срце. Тој збор ми ги враќа сеќавањата на мојот дедо кого многу го сакав и на кого сум му многу благодарен. Би сакал да ви раскажам за него и за тоа како тој и баба длабоко влијаеја врз животот на членовите на нашето семејство, а и на многу други луѓе.

Р ОДЕН сум во селото Хлина, во северниот дел на денешна Молдавија. Во 1920-тите, во нашиот прекрасен ридски крај од Романија пристигнаа патувачки слуги, познати како пилгрими. Родителите на мајка ми веднаш ја прифатија добрата вест што овие пилгрими им ја проповедаа од Библијата. Во 1927, баба ми и дедо ми станаа Библиски студенти, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. До почетокот на Втората светска војна во 1939, во нашето мало село веќе имаше собрание на Јеховини сведоци.

Во 1936, кога се родив јас, сите мои роднини беа Јеховини сведоци, освен татко ми, кој сѐ уште одеше во православната црква. Но, додека траеше војната, и тој почна да размислува за смислата на животот и на крајот му се предаде на нашиот Творец, Јехова Бог, и тоа го симболизира со крштавање во вода. Дедо ми имаше голем придонес за духовниот раст на целото семејство. Тој од срце ја сакаше Библијата и знаеше стотици стихови напамет. Можеше секој разговор да го сврти кон Библијата.

Често знаев да му седнам в скут и да го слушам како ми раскажува приказни од Библијата. Тој ме научи да го сакам Бог и неизмерно сум му благодарен за тоа! Кога имав осум години, првпат отидов во служба на проповедање со дедо ми. Служејќи се со Библијата, им кажувавме на другите од селото кој е Јехова и како можат да се зближат со него.

Угнетување за време на комунизмот

Во 1947, под влијание на комунистичката политика и на православната црква, властите почнаа да ги прогонуваат Јеховините сведоци во Молдавија. Дома ни доаѓаа агенти на КГБ, како што беше наречена подоцна, а и луѓе од локалната полиција, и нѐ испрашуваа — кој го предводи проповедничкото дело, од каде ни стигнува литература и каде се состануваме. Тврдеа дека ќе ѝ стават крај на активноста на Јеховините сведоци, зашто според нив, Сведоците „го спречуваат развојот на комунизмот во земјата“.

До ова време, татко ми, кој беше образован човек, ја имаше длабоко засакано вистината од Библијата. И тој и дедо ми знаеја како да им одговорат на иследниците без да ги предадат нашите христијански браќа и сестри. И двајцата беа храбри луѓе кои ги сакаа и се грижеа за соверниците. Исто како нив, и мајка ми секогаш остануваше сталожена и смирена.

Во 1948, татко ми беше уапсен и одведен. Никогаш не ни кажаа какви обвиненија имаа против него. Беше осуден да лежи седум години во затвор со високо обезбедување и на додатни две години изгнанство. На крајот беше испратен во областа Магадан на далечниот североисток на Русија, која се наоѓаше на 7.000 километри од нашиот дом. Не се видовме цели девет години. Беше тешко да се живее без татко, но дедо ми многу ми помогна низ тој период.

Во изгнанство

Ноќта, на 6 јуни 1949, двајца војници и еден офицер ни упаднаа дома. Ни рекоа дека имаме два часа да ја напуштиме куќата и да се качиме во нивното возило. Не ни беше дадено никакво дополнително објаснување. Едноставно ни кажаа дека одиме во изгнанство и дека никогаш нема да се вратиме. Така, заедно со мајка ми, дедо, баба и со други сохристијани, бевме протерани во Сибир. Имав само 13 години. По неколку седмици пристигнавме во мочуриштата на тајгата, среде непристапните шуми. Колку само се разликуваше тоа место од мојот роден крај, што толку многу го сакав! Понекогаш плачевме. Но, бевме уверени дека Јехова нема никогаш да нѐ остави.

Во малото село каде што нѐ доведоа имаше само десет дрвени колиби. И други Сведоци беа протерани во повеќе села низ тајгата. За да ги исплашат локалните жители, а и за да им создадат предрасуди, властите рекоа дека Сведоците се човекојадци. Но, луѓето брзо сфатија дека ова е лага и дека нема потреба да се плашат од нас.

Првите два месеца по пристигнувањето живеевме во една стара колиба. Но, моравме да изградиме посоодветно живеалиште пред доаѓањето на острата зима. Дедо и баба ни помогнаа на мајка ми и мене да направиме едно многу едноставно засолниште, кое беше половина под, а половина над земјата. Таму живеевме повеќе од три години. Ни беше забрането да излегуваме од селото без дозвола, а дозвола никогаш не ни дадоа.

Подоцна ми дозволија да одам на училиште. Бидејќи јас имав поинакви религиозни гледишта од другите, честопати учителите и соучениците ми поставуваа прашања. На дедо ми му светеа очите додека му раскажував како сум им објаснил во што веруваме.

Малку поголема слобода

Откако во 1953 година умре диктаторот Сталин, животот ни стана малку подобар. Ни беше дозволено да излегуваме од селото, па така можевме да се дружиме со соверниците и да одиме на состаноци во селата каде што беа протерани други Сведоци. Бидејќи не сакавме да привлекуваме внимание, се собиравме во мали групи. За да стигнеме до таму, пешачевме и по 30 километри, понекогаш во снег до колена и на температури од 40 степени под нулата. Следниот ден се враќавме по истиот долг пат дома. По патот ќе изедевме по една кисела краставичка и неколку коцки шеќер. Но, бевме многу среќни, исто како Давид од старо време! (Псалм 122:1).

Во 1955 година му се предадов на Јехова и се крстив. Кратко пред тоа, кога бев на собраниски состанок во едно соседно село, се запознав со Лидија, една скромна црнокоса девојка. И нејзиното семејство било меѓу Сведоците што беа протерани од Молдавија. Лидија имаше прекрасен ѕвонлив глас и ги знаеше напамет скоро сите 337 песни од песнарката што ја имавме тогаш. Ова остави силен впечаток врз мене бидејќи и мене ми беа многу драги нашата музика и песни. Во 1956 година решивме да се земеме.

Пред тоа дознавме дека татко ми бил протеран во Магадан, и сега му пишав. Решивме да ја одложиме венчавката додека не го добиеме неговиот благослов. Наскоро потоа, татко ми беше ослободен и ни се придружи во местото каде што бевме протерани. Ни раскажа како, со Божја помош, тој и другите браќа успеале да преживеат и покрај ужасните услови во работничките логори. Тоа што ни го раскажа ни ја зајакна верата.

Кратко откако се врати татко ми, бевме погодени од трагедија. Додека мајка ми подготвувала на шпоретот масло што го користевме во бои и лакови, големото тенџере некако се превртело и врелото масло се истурило врз неа. Умре во болница. Бевме скршени од тага. Подоцна, тагата на татко ми малку попушти, и по извесно време се ожени со Татјана, Сведок од соседното село.

Ја зголемуваме службата

Во 1958, јас и Лидија се преселивме од Кизак, селото во кое живеевме, во Либјае, едно многу поголемо село што беше оддалечено околу 100 километри. Имавме читано дека христијаните во другите земји проповедаат од куќа до куќа. Затоа пробавме да го правиме тоа во нашето ново место. Се разбира, Стражарска кула и Разбудете се! беа под забрана, но имавме примероци кои беа скришно внесени од други места. Сега бевме известени дека во иднина нема да добиваме списанија на молдавски, туку само на руски. Затоа дадовме сѐ од себе да го научиме подобро рускиот јазик. До ден-денес се сеќавам не само на насловите на тие статии, туку и на некои од мислите што ги прочитав во нив.

За да се издржуваме, Лидија работеше во силос за жито, а јас растоварав дрва од возовите. Работата беше напорна, а платите мизерни. Иако Сведоците беа познати како совесни работници, немавме право на здравствено и пензиско осигурување ниту на каков и да било додаток на платата. Властите отворено изјавуваа: „За Јеховините сведоци нема место во едно комунистичко општество“. Сепак, се радувавме што и на нас можеа да се применат зборовите што Исус ги кажал за своите следбеници: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16).

Нови проблеми

Во 1959 ни се роди ќерката Валентина. Кратко потоа започна нов бран на прогонство. The Encyclopædia Britannica забележува: „Од 1959 до 1964 година премиерот Никита Хрушчов покрена нова антирелигиозна кампања“. Некои членови на КГБ ни кажаа дека целта на советската влада е да им стави крај на сите религии, а особено на Јеховините сведоци.

Кога Валентина имаше скоро една година, бев повикан во војска. Бидејќи не отидов, ме осудија на пет години затвор поради неутралност. Во една прилика, кога Лидија дојде да ме посети, еден офицер на КГБ ѝ рекол: „Добивме известување од Кремлин дека за две години во Советскиот Сојуз нема да остане ниеден Јеховин сведок“. Потоа ја предупредил: „Мора да се откажеш од твојата вера. Ако не сакаш, ќе одиш в затвор“. Овој офицер мислеше дека таквите закани ќе ги замолчат жените, и тврдеше: „Тие се само беден грст жени“.

За кратко време, повеќето мажи од Сведоците се најдоа во затвори или во работнички логори. Но, храбрите христијанки продолжија да проповедаат. Освен тоа, иако беа изложени на голема опасност, тие успеваа скришно да внесат литература за оние што беа по затворите и во логорите. И Лидија помина низ такви испити. Честопати ѝ се додворувале мажи што сакале да го искористат моето отсуство. Освен тоа, ѝ беше кажано дека никогаш нема да бидам пуштен. Но, бев пуштен!

Ослободување и преселба во Казахстан

Мојот случај повторно беше разгледан во 1963 и подоцна бев ослободен, откако одлежав три години затвор. Но, никаде не ни даваа дозвола за престој и поради тоа не можев да најдам работа. Еден државен закон гласеше: „Нема вработување без дозвола за престој“. Во горлива молитва го преколнувавме Јехова за помош. Потоа решивме да се преселиме во Петропавловск во северниот дел на Казахстан. Меѓутоа, локалните власти веќе беа известени за нас и не ни дозволија ни да живееме ни да работиме таму. Слична дискриминација се спроведуваше и кон околу 50 други Сведоци во овој град.

Со една друга брачна двојка Сведоци, се преселивме нешто појужно, во малиот град Шчучинск. Таму немаше Сведоци, и властите не беа воопшто информирани за нашето проповедничко дело. Заедно со Иван, другиот Сведок, една седмица баравме работа. За тоа време, нашите жени чекаа на железничката станица, каде што спиевме ноќе. Конечно, успеавме да најдеме работа во стакларницата. Зедовме под кирија една мала собичка и за двете семејства. Во неа имаше место скоро само за два кревета, но сепак бевме задоволни.

Јас и Иван дававме сѐ од себе во работата, и газдите беа многу задоволни. Кога повторно бев повикан во војска, раководителот на фабриката веќе знаеше дека мојата библиски школувана совест не ми дозволува да одам. На наше изненадување, тој контактираше со одговорното воено лице и му кажа дека јас и Иван сме многу способни работници и дека фабриката не може да работи без нас. И така, ни беше дозволено да останеме.

Ги подигаме децата и им служиме на другите

Лилја, втората ќерка, ни се роди во 1966. Следната година се преселивме во Белје Води, во јужниот дел од Казахстан, во близина на границата со Узбекистан, каде што имаше мала група Сведоци. Наскоро беше формирано собрание, и јас бев назначен за претседавачки надгледник. Во 1969 ни се роди синот Олег, а две години подоцна се роди и Наташа, најмалата ќерка. Јас и Лидија постојано имавме на ум дека децата ни се наследство од Јехова (Псалм 127:3). Заедно се договаравме што да правиме за да ги воспитаме да го сакаат Јехова.

Дури и во 1970-тите, повеќето мажи Сведоци сѐ уште беа во работни логори. Многу собранија имаа потреба од надгледување и водство од зрели мажи. Затоа, додека Лидија во поголема мера се грижеше за воспитувањето на децата — понекогаш им беше и мајка и татко — јас служев како патувачки надгледник. Ги посетував собранијата во Казахстан, како и во соседните Советски републики Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. Истовремено, работев и за да го издржувам семејството, а Лидија и децата спремно соработуваа.

Иако понекогаш не бевме заедно по цели седмици, се обидов да им покажам на децата дека ги сакам како татко и се трудев да имам удел во нивниот духовен развој. Заедно со Лидија горливо го молевме Јехова да им помогне на децата, и разговаравме со нив како да го надминат стравот од човек и како да развијат близок однос со Бог. Да не беше несебичната поддршка на мојата драга сопруга, немаше да можам да ги вршам одговорностите на патувачки надгледник. Лидија и нашите други сестри во никој случај не беа „слаб и немоќен грст жени“ како што тврдеше воениот офицер. Тие беа силни — вистински духовни џинови! (Филипјаните 4:13).

Во 1988, кога децата веќе ни беа пораснати, бев наименуван како редовен патувачки надгледник. Во мојата покраина беа вклучени повеќето земји од централна Азија. Откако во 1991 проповедничкото дело на Јеховините сведоци беше законски регистрирано во поранешниот Советски Сојуз, и други способни, духовно зрели браќа почнаа да служат во азиските републики на поранешниот Советски Сојуз. Денес во овие земји служат 14 патувачки надгледници, а на Меморијалот на Христовата смрт минатата година беа присутни повеќе од 50.000 лица!

Неочекувана покана

Некаде во почетокот на 1998, неочекувано ми се јавија од руската подружница на Јеховините сведоци. „Анатолиј, дали ти и Лидија сте размислувале за полновремена служба?“ — ме прашаа браќата. Се разбира, размислувавме за ваквата предност, но првенствено за нашите деца. Всушност, синот Олег тогаш веќе околу 5 години служеше во подружницата во Русија.

Кога ѝ кажав на Лидија за поканата, таа праша: „Но, што ќе правиме со куќата, со градината, со стварите?“ Откако се молевме и разговаравме, решивме да се ставиме на располагање. На крајот, бевме поканети да служиме во главната канцеларија на Јеховините сведоци во Исик, Казахстан, во близина на големиот град Алма Ата. Овде се преведува нашата библиска литература на локалните јазици што се зборуваат низ целата таа област.

Семејството денес

Многу, многу сме му благодарни на Бог што ни помогна да ја всадиме библиската вистина во децата! Најстарата ќерка, Валентина, се омажи и во 1993 се пресели со сопругот во Ингелхајм, Германија. Тие имаат три деца, и сите се крстени Сведоци на Јехова.

И втората ќерка, Лилја, исто така има семејство. Заедно со својот сопруг, старешина во собранието во Белје Води, тие ги воспитуваат своите два сина да го сакаат Бог. Олег се ожени за Наташа, христијанка од Москва, и сега служат заедно во подружницата во Русија во близина на Санкт Петерсбург. Во 1995 се омажи и најмалата ќерка, Наташа, и сега служи со својот сопруг во руско собрание во Германија.

Одвреме навреме се собираме сите како големо семејство. Нашите деца им раскажуваат на своите деца како „мама“ и „тато“ го слушале Јехова и ги воспитале да го сакаат и да му служат на вистинскиот Бог. Гледам како овие разговори им помагаат на внуците да напредуваат во духовен поглед. Најмалото внуче ме потсетува на времето кога јас бев на негови години. Понекогаш ќе ми седне в скут и ќе побара да му раскажам некоја библиска приказна. Очите ми се полнат со солзи кога во тој миг ми се враќа сеќавањето на мојот дедо — како јас често му седев в скут и како тој ми помогна да го засакам и да му служам на нашиот Величествен Творец.

[Слика на страница 11]

Со родителите во дворот на куќата во Молдавија, кратко пред да биде уапсен татко ми

[Слика на страница 12]

Со Лидија во 1959, сѐ уште во изгнанство

[Слика на страница 13]

Лидија со ќерката Валентина додека бев во затвор

[Слика на страница 15]

Заедно со децата и внуците — сите му служиме на Јехова

[Слика на страница 15]

Со Лидија денес