Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Атлантскиот лосос — „Царот“ е во опасност

Атлантскиот лосос — „Царот“ е во опасност

Атлантскиот лосос — „Царот“ е во опасност

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИРСКА

ЛОСОСОТ е познат по својата способност да скока преку водопадите додека плива кон своето мрестилиште спроти речниот тек. Во една приказна се зборува за некој рибар кој забележал како на местото каде што ловел „голем број лососи не успеале да го прескокнат [водопадот]“. Некои од нив завршиле на брегот на реката во подножјето на водопадите. Рибарот запалил оган на една гола карпа во близина на водопадите и ставил тавче на огнот. Приказната вели дека „по неуспешните обиди, некои од несреќните лососи случајно паѓале директно во тавчето“. Така овој рибар подоцна се фалел дека ‚во неговата земја има толку многу лососи, што нема потреба човек да се мачи да ги лови, тие сами скокаат в тавче‘.

Се разбира, ова може да звучи како претерување. Сепак, лососот навистина скока преку водопадите. Меѓутоа, според еден извештај на Ирскиот завод за истражување на лососот, во последниве години бил забележан „драстичен пад во бројот на лососи што се движат спроти речниот тек кон своите мрестилишта“. Едно истражување покажа дека за една година, од скоро 44-те илјади млади лососи што биле обележани и потоа пуштени, назад се вратиле само 3 отсто (околу 1.300).

На што се должи ова трагично смалување на популацијата на „царот на рибите“, како што се нарекува атлантскиот лосос? Дали ќе го има пак во толку голем број како некогаш? Ќе стекнеме увид во причините и во можните решенија на овој проблем ако подобро се запознаеме со интересниот и необичен животен циклус на оваа извонредна риба.

Првите години

Лососот го започнува својот живот некаде меѓу ноември и февруари во речното дно прекриено со ситен чакал. Мажјакот се бори со напасниците додека женката копа неколку мали дупки со длабочина до 30 сантиметри. Во секоја од нив, таа полага неколку илјади јајца, кои мажјакот ги оплодува а потоа женката ги затрупува со песок за да ги заштити.

Во март или април, од јајцето излегува едно многу чудно рипче, долго само околу 3 сантиметри. Од долната страна му виси гломазно жолчно ќесе. Во почетокот ова рипче се крие под песокот, а се храни од својот ‚мобилен шпајз‘. По околу четири или пет седмици, кога жолчното ќесе е испразнето, ова рипче се извлекува од засолништето под камењата и се пушта во реката. Веќе е долго околу 5 сантиметри и личи на вистинска риба. Има само две работи на ум: прво, да најде нов извор на храна — ситни инсекти и планктон — и второ, да најде безбедно засолниште. Во оваа фаза страдаат повеќе од 90 отсто од малите лососи бидејќи немаат доволно храна или животен простор или, пак, затоа што ги јадат грабливци како што се, на пример, пастрмките, водомарите, чапјите и видрите.

„По околу една година“, вели Мајкл, кој подолго време ги проучува лососите и други риби, „лососот нараснува во должина од 8 до 10 сантиметри и на секоја страна од телото му се појавуваат карактеристични темни шари. Кога ќе достигне должина од 15 сантиметри, темните шари исчезнуваат и тој добива еднолична светликава сребрена боја. Во овој период следат извонредни и сложени промени по кои лососот се издвојува од сите останати риби.“

Мајкл продолжува: „Помеѓу мај и јуни, двогодишниот лосос, теран од некој внатрешен нагон, им се придружува на другите риби пливајќи низводно кон речното устие“. Но, како може едно слатководно суштество да преживее во солена вода? На ова прашање, Мајкл го дава следниов одговор: „Обично не може да преживее, но сложените промени во жабрите овозможуваат лососот да ја исфилтрира и отстрани солта од морската вода. Кога сите овие промени ќе завршат, двогодишниот лосос — кој сега е толку мал што може да го собере на Вашата дланка — тргнува на своето епско патување“.

Живот во морето

Зошто една толку мала рипка ја напушта својата родна река? Каде оди? За да може да стане потполно возрасна единка, младиот лосос мора да стигне до местото каде што има храна за него. Ако успее да ги избегне грабливците, како кормораните, фоките, делфините и китовите-убијци, ќе стигне до тоа место и ќе се храни со извесни видови крупен зоопланктон, песочни јагули, харинги и други видови риба. За една година, неговата тежина ќе се зголеми за 15 пати — од околу 200 грама ќе достигне речиси 3 килограми. Ако остане во океанот пет години, може да тежи и до 18 килограми, па дури и повеќе. Некои примероци имале и над 45 килограми!

Точната локација на местото каде што лососите се собираат била непозната сѐ до 1950-те, кога рибарите што ловеле за трговски цели успеале да фатат огромна количина лосос во близина на брегот на Гренланд. Подоцна било откриено уште едно слично место во близина на Фарските Острови, северно од Шкотска. Оттогаш биле откриени уште многу други вакви места. Некои извештаи велат дека лососот се храни дури и под арктичкиот мраз! Но, со откривањето на овие места, започнале вистинските проблеми за атлантскиот лосос. На Гренланд и на Фарските Острови биле изградени огромни постројки за преработка на риба. Рибарите фаќале илјадници тони риба и наеднаш бројот на лососи што се враќаат во мрестилиштата нагло опаднал. Увидувајќи колку сериозен е овој проблем, владите им поставиле најразлични ограничувања и квоти на рибарите. Така успеале да го заштитат лососот додека престојува во морето.

Враќање во реките

На крајот, возрасниот лосос се враќа во реката каде што бил измрестен, си наоѓа партнер и целиот циклус почнува од почеток. „Она што навистина нѐ вчудовидува“, објаснува Мајкл, „е тоа што оваа извонредна риба непогрешливо преоѓа илјадници километри, пливајќи во делови од океанот каде што не била никогаш порано! Научниците сѐ уште не можат да одгатнат како тој го постигнува ова. Некои велат дека лососот се управува со помош на магнетното поле на Земјата, со океанските струи, па дури и со помош на ѕвездите. Се смета дека кога еднаш лососот ќе влезе во речното устие, ја препознава својата родна река по ‚мирисот‘, односно по нејзиниот хемиски состав.“

Мајкл вели: „Лососот повторно се приспособува на слатката вода и влегува во реката. Овој инстинкт што ги води дома е толку јак што дури и на патот да им се испречат водопади или брзаци, овие лососи, кои сега се многу поголеми и посилни, тврдоглаво се борат да ја совладаат секоја пречка“.

Но, лососот го чекаат уште поголеми тешкотии кога ќе стигне до скоро непремостливи брани, хидроелектрични централи и други вештачки препреки. Што се случува тогаш? „Многу луѓе што се грижат за заштита на лососот, му обезбедуваат друга рута за враќање“, вели Диедре, која се занимава со истражување на оваа риба. „Се прави еден вид блага, степенеста стрмнина, наречена ‚рибна скала‘ или ‚рибен премин‘, со која се премостува големата препрека. Така лососот може безбедно да го продолжи својот пат спроти речниот тек за да стигне до мрестилиштето.“

„Меѓутоа, ова не функционира секогаш“, продолжува Диедре. „Сум видела како некои лососи го игнорираат овој премин. Тие ја препознаваат само својата првобитна маршрута и без престан се обидуваат да ја прескокнат вештачката препрека. Многу од нив умираат од исцрпеност или од тоа што непрекинато се удираат во пречката.“

Рибници за одгледување на лососи

Месото на лососот е хранливо. Бидејќи атлантскиот лосос го има сѐ помалку во природата, биле направени рибници за комерцијално одгледување на оваа риба. Лососот се одгледува во крајбрежни базени со слатка вода додека не наполни две години. Потоа се пренесува во океанот, во ограден простор што личи на кафез, каде што се храни додека не порасне. Тогаш е спремен за продавање во ресторани и рибарници.

Но, и лососот што се одгледува на овој начин е во опасност. Во рибниците им се дава вештачка храна, а просторот во кафезите е тесен. Овие два фактора придонесуваат лососот да биде подложен на болести и паразити, како што се морските вошки. Некои од средствата што се користат за заштита можат да бидат многу јаки. „Сум пливал под некои вакви кафези“, вели еден нуркач по име Ернест, „и беше многу очигледно дека морското дно на многу од овие места станало безживотно.“

„Царот“ е во опасност

Многу лососи се фаќаат во мрежите што рибарите ги фрлаат на отворено море — значи, уште пред рибите да стигнат во својата родна река. Нивната висока цена на пазарот поттикнала некои рибари на див риболов. Неколкуте лососи што некако ќе успеат да се вратат во реката исто така треба да ги избегнат јадиците на рибарите што имаат дозвола за лов. Со цел да се заштити лососот, биле преземени различни мерки како, на пример, ограничување на риболовот само на одредени делови од реката, ограничување на сезоната на ловот, како и високи цени на риболовната дозвола. И покрај сите вакви мерки, се проценува дека 20 отсто од лососите ќе бидат уловени на пат кон дома.

Освен тоа, лососот може да се зарази од различни болести, и ова се одразува катастрофално врз неговата популација. Една од овие болести, позната како гнојна некроза, предизвикува појава на чиреви на кожата на рибата и може да биде смртоносна. Индустриското загадување и пестицидите што завршуваат во реките се уште некои потенцијални смртоносни опасности со кои мора да се бори лососот како и другите суштества што живеат во водите.

Со оглед на сите овие опасности со кои се соочуваат, не зачудува тоа што овој „Цар на рибите“ е во неволја. И покрај најдобрите напори на некои луѓе, проблемите за лососот си остануваат. Рамнотежата во природата ќе биде повторно воспоставена дури тогаш кога Творецот на Земјата, Семоќниот Бог, ќе му стави крај на човековото уништување на оваа планета (Исаија 11:9; 65:25).

[Графикон/карта на страници 22 и 23]

(Види во публикацијата)

Од реките во Соединетите Држави, Русија и Шпанија, атлантскиот лосос патува до местата каде што се храни, недалеку од Фарските Острови и Гренланд. Потоа се враќа дома за да се мрести

[Карта]

Соединетите Држави

Гренланд

Исланд

Фарски Острови

Русија

Франција

Шпанија

[Графикон/слики на страница 23]

ЧУДЕСЕН ЖИВОТЕН ЦИКЛУС

Икра

Икра со оформени очи

До 4. седмица

До првата година

По првата година

Двогодишен лосос

Возрасен лосос

Мрестење

[Слики]

До 4. седмица

До првата година

[Извори на слики]

Животен циклус © Atlantic Salmon Federation/J.O. Pennanen; до 4. седмица: U.S. Fish & Wildlife Service, Washington, D.C.; до првата година: © Manu Esteve 2003

[Слики на страници 24 и 25]

На својот пат назад до мрестилиштето, лососот може да го прескокне овој водопад или да појде по полесниот пат, користејќи ги ‚рибните скали‘ (зголемениот исечок десно)

[Слики на страници 24 и 25]

На лососот му се заканува опасност од неконтролиран риболов и од болести што се јавуваат во рибниците

[Извори на слики]

Фотографија: Vidar Vassvik

UWPHOTO © Erling Svensen

[Извор на слика на страница 22]

© Joanna McCarthy/SuperStock