Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сите патишта воделе во Рим?

Дали сите патишта воделе во Рим?

Дали сите патишта воделе во Рим?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРИЈА

ПАТИШТАТА во Римската Империја им овозможувале на оддалечените провинции да бидат тесно поврзани со престолнината. Тие патишта ги поврзувале густите шуми на Галија со грчките градови и реката Еуфрат со каналот Ла Манш. Но, пред сѐ, им овозможувале на воените легии — преку кои Рим ја ширел својата власт — да стапнат во речиси секој дел од царството. Од овие поплочени сообраќајници излегувале многу споредни патишта што се разгранувале низ римските провинции. Така настанала изреката: „Сите патишта водат во Рим“.

Римската Империја била испресечена со патишта со вкупна должина од над 80.000 километри. Како можеме денес да ги проучуваме и да разбереме какво влијание имале тие врз древниот свет? Еден начин е да ја испитаме Појтингеровата карта, мапа од 13 век.

Историчарите сметаат дека Појтингеровата карта е копија на една мапа што првпат била направена во времето кога римските војски уште марширале по овие прочуени патишта. Во 1508 година, овој рачно изработен примерок се нашол во рацете на Конрад Појтингер, градски службеник од Аугсбург (јужна Германија), и така станал познат по неговото име. Денес се наоѓа во Австриската народна библиотека во Виена под латинскиот назив Tabula Peutingeriana.

Римскиот свет на свиток

Во денешните училници, картите обично висат на ѕид и имаат речиси квадратен облик. Но, Појтингеровата карта е свиток широк 34 сантиметри, а кога ќе се одвитка, неговата должина изнесува 6,75 метри. Првобитно бил направен од 12 посебни пергаменти залепени еден за друг. Од нив денес се зачувани 11. Оваа карта го прикажува светот во времето кога Римската Империја била на врвот на својата моќ и кога се протегала од Британија па сѐ до Индија. Без разлика дали ова подрачје Ви е познато од современите карти, можеби ќе се збуните кога за првпат ќе ја отворите Појтингеровата карта. Зошто?

Па, таа не била изработена за денешните географи туку за древните патници. Било многу полесно на пат да се носи карта во форма на свиток. Но, за да може да ги внесе сите потребни детали во свитокот, оној што ја нацртал морал да ги скрати димензиите на Империјата во правец север-југ и значително да ја прошири во правец исток-запад. Крајниот резултат од ова била диспропорционална карта која лесно можела да се отвори, да се чита, да се свитка и да се носи. Патникот можел веднаш да види кој е најдобриот пат до некое место. За него тоа било многу поважно отколку обликот на Италија, големината на Црното Море или вистинскиот правец во кој се движел. a

На Појтингеровата карта географските елементи се означени со разни бои. Патиштата се обележани со црвени линии, планините се кафеави, а реките со зелени. Ги содржи имињата на стотици градови, а нивната местоположба е означена со куќи, ѕидини и кули. Изгледа овие симболи покажуваат дека во тие места имало такви градби. Освен тоа, на картата е означено и растојанието меѓу градовите, попатните постојки и конаците за ноќевање.

На Појтингеровата карта се обележани и неколку библиски места и настани. Кај Синајската Гора има два натписа на латински. Едниот гласи: „Пустината каде што децата Израелеви под водство на Мојсеј талкаа 40 години“ (Исус Навин 5:6). Другиот натпис вели: „Овде, на Синајската гора, го добија Законот“ (Левит 27:34).

Ерусалим е означен со поинакво име, Аелија Капитолина, кое потекнува од името Публиј Аелиј Хадријан. Ова е името на еден римски император, попознат како Хадријан, кој во втори век од н.е. го нарекол градот по своето име. Исто така, на картата стои и латинскиот назив за Маслинската Гора (Лука 21:37).

Дали сите патишта воделе во Рим?

Некои патишта воделе до Аквилеја, град што се наоѓал во североисточна Италија. На картата, Аквилеја е прикажана со јаки ѕидини и стражарски кули. Бидејќи лежела на крстосницата на многу важни патишта и имала одлично пристаниште, Аквилеја била еден од најважните градови во Римската Империја.

Патот Виа Игнација минувал низ Балканскиот Полуостров, од јадранскиот брег па до Константинопол, денешен Истанбул. На Појтингеровата карта овој град е означен со симбол на божица седната на престол, но спремна за војна. Неколку патишта воделе до Сириска Антиохија, односно Антакија во денешна Турција. Антиохија била трет град по големина во Римската Империја, по Рим и Александрија. На картата е претставена со симбол на седната божица со ореол околу главата.

На Појтингеровата карта се одбележани 12 патишта што водат до Рим. Еден од нив е Виа Апија, односно Апиевиот друм. Библиската книга Дела покажува дека апостол Павле одел по тој пат на своето прво патување до Рим. Додека бил на пат, една група христијани дошле од Рим и му излегле во пресрет на Апиевиот друм, кај местото наречено Трите крчми, кое исто така се наоѓа на картата (Дела 28:15).

Со каков симбол е претставен Рим на Појтингеровата карта? Со моќна божица облечена во пурпур и седната на престол. Земјината топка и скиптарот во нејзините раце ја означуваат светската превласт чие средиште била престолнината на империјата.

Дали навистина може да се каже дека сите овие патишта воделе во Рим? Да, кога ќе се земе предвид огромната мрежа на споредни патишта кои се шират од главните. Од Појтингеровата карта може да се види како патиштата во империјата придонеле таа да ја рашири својата моќ, овозможувајќи му на Рим да владее со провинциите скоро 500 години. И денес можете да пропатувате низ Римската Империја по тие древни патишта. Сѐ што Ви треба е да ја имате Појтингеровата карта при рака и да ѝ се препуштите на фантазијата.

[Фуснота]

a Ова сѐ уште важи за патниците. Денешните карти на метроата најчесто се диспропорционални, но можат многу лесно да се читаат.

[Карта на страници 13-15]

(Види во публикацијата)

Појтингеровата карта — необична мапа на патишта

ШПАНИЈА

МАРОКО

БРИТАНИЈА

ФРАНЦИЈА

ГЕРМАНИЈА

АВСТРИЈА

Аквилеја

Рим

Зголемено подрачје прикажано на 15. страница

ИТАЛИЈА

АФРИКА

ГРЦИЈА

Истанбул

ТУРЦИЈА

ЕГИПЕТ

Синајска Гора

Ерусалим

СИРИЈА

Антакија

Касписко Море

ИРАН

ИНДИЈА

[Карта на страница 15]

(Види во публикацијата)

Детаљ од Појтингеровата карта на кој е прикажан Рим со околината

Рим

Аквилеја

Истанбул

Ерусалим

Антакија