Добри пријатели — лоши пријатели
Добри пријатели — лоши пријатели
СКРШЕНА од болка, една девојка — која ќе ја наречеме Сара — си го отворила срцето. Човекот којшто го сметала за пријател на крајот излегол убиец. ‚Ако некој кому толку многу му верував можел да направи такво нешто, тогаш што останува за другите? — рекла таа. Оној на кого Сара му се отворила ја прашал дали знаела какви мерила имал тој човек. Таа одговорила: „Како мислиш, мерила?“ Сара не знаела дури ни што сака да каже со зборот „мерила“. Како стојат работите со тебе? Дали знаеш ти какви мерила имаат твоите пријатели?
Како што се гледа и од искуството на Сара, одговорот на ова прашање може дословно да значи живот или смрт. Една библиска изрека гласи: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош [лошо ќе си помине, NW]“ (Пословици 13:20). Сепак, исто како Сара, многу луѓе ги избираат пријателите само врз основа на тоа дали ‚добро им оди‘ со нив — односно, како се чувствуваат во нивно друштво. Нормално е да сакаме да бидеме со луѓе во чие друштво се чувствуваме пријатно. Но, ако тоа е единственото мерило што нѐ води во нашиот избор, а скоро воопшто не размислуваме какви особини има тоа лице, тогаш сигурно многу ќе се разочараме. Што ќе ти покаже дали некој има високи мерила во животот?
Потребата од високи морални мерила
Пред сѐ, самите ние треба да имаме високи мерила. Треба да знаеме што е исправно а што погрешно, што е добро а што лошо, и треба постојано цврсто да се придржуваме кон високи морални начела. Една друга библиска изрека гласи: „Железо се остри со железо, и човекот го остри лицето на својот пријател“ (Пословици 27:17). Кога двајца поседуваат морална сила која е цврста како железо, можат меѓусебно да се изградуваат, а пријателството меѓу нив ќе станува уште поцврсто.
Паком од Франција вели: „Мислам дека вистински пријател е оној што ме слуша кога зборувам и љубезно разговара со мене, но кој исто така е спремен и строго да ме искара кога ќе направам некоја глупост“. Да, без оглед дали сме млади или стари, најдобри пријатели ни се оние што ни помагаат да останеме на правиот пат и кои нѐ исправаат кога гледаат дека ќе направиме нешто немудро. Библијата вели: „Ударите од пријателот се искрени“ (Пословици 27:6). За да бидеме морално и духовно јаки, треба да се дружиме со луѓе што го сакаат Бог и неговите мерила. „Кога во моето училиште немаше никој друг што ги делеше истите христијански мерила и верувања како јас“, си спомнува Селин од Франција, „сфатив колку е важно да се имаат вистински пријатели во христијанското собрание. Тие многу ми помагаат да останам урамнотежена.“
Како да ги процениш потенцијалните пријатели
Ако си запознал некого со кој би сакал да станеш пријател, добро е да се прашаш: ‚Со кого се дружи‘? Изборот на блиските пријатели многу кажува за тоа каква личност е некој. Што мислат за него зрелите луѓе во околината, оние во чија проценка можеш да имаш доверба? Исто така, би било мудро да размислиш не само за тоа како тој се однесува со тебе лично туку и како се однесува со другите, а особено со оние од кои не може да добие никаква услуга за возврат. Ако не покажува добри особини, како искреност, чесност, стрпливост и обѕир кон сите луѓе и во секое време, кој ти гарантира дека со тебе секогаш ќе биде добар?
За да процениш каков карактер навистина има некој, потребни се стрпливост и вештина, како и време за да го набљудуваш во секојдневни ситуации. Библијата вели: „Советот во човековото срце е длабока вода, и разумниот човек ќе ја исцрпи“ (Пословици 20:5). Со оние што би сакале да ни станат пријатели треба да зборуваме и за сериозни работи кои ќе ни откријат какви се тие однатре, какви мотиви имаат и, се разбира, какви се нивните мерила. Какви се како луѓе? Дали се љубезни или ладни? Дали се главно позитивни и ведри или, пак, негативни и зајадливи? Дали се несебични или си гледаат само за себе? Дали се достојни за доверба или не? Ако ги критизираат другите пред тебе, тогаш што ќе ги спречи и за тебе да им зборуваат лошо на другите? „Устата зборува од изобилието на срцето“, рекол Исус (Матеј 12:34). Затоа, кога зборуваат, да обрнеме внимание што ќе ни каже тоа за нив како личности.
Што е најважно да ни биде заедничко
Некои мислат дека нивните пријатели мораат да имаат сосема ист вкус како и тие. Едно детенце тврдело дека нема шанси да му биде другарче некој што не сака да ги јаде истите колачи што ги сака тоа. Точно е дека пријателите треба да имаат доста заедничко меѓу себе за да можат да се разберат, а најдобро би било да имаат и исти морални и духовни вредности. Но, не мора да бидат со ист карактер или да потекнуваат од иста средина. Всушност, различните искуства во животот можат да ги збогатат и им користат на пријателствата.
Библијата спомнува два истакнати примера за пријателство — пријателството меѓу Јонатан и Давид и меѓу Рут и Ноемина. Од тие извештаи се гледа дека и двете пријателства се темелеле на оддаденоста кон Бог и кон неговите начела. a Значајно е тоа што, и во двата случаја, станувало збор за лица меѓу кои имало голема разлика во годините и кои потекнувале од многу различни средини. Од ова учиме уште нешто за пријателството: ако се дружат помлади и постари, можат многу да научат едни од други.
Користи од разликата во годините
Пријателствата со лица кои не се на наша возраст можат многу да ни го збогатат животот на сите. Да разгледаме што рекле некои млади врз основа на своето лично искуство.
Мануела (Италија): „Пред извесно време се спријателив со една постара брачна двојка. Им го отворив своето срце и среќна сум што и тие го направија истото. Не ме гледаат со потценување само затоа што сум млада и токму тоа уште повеќе ме зближи со нив. Многу ми помагаат кога имам проблеми. Свесна сум дека кога зборувам за проблемите со моите врсници, понекогаш од другарките добивам совети што не се баш најдобри. Но, моите постари пријатели го имаат искуството, проникливоста и извесна урамнотеженост што ние
младите сѐ уште ги немаме. Со нивна помош, полесно ми е да донесам подобри одлуки“.Зулејка (Италија): „Кога се собираме заедно, покануваме и постари, а не само млади. Лично мислам дека кога постарите и помладите се дружат заедно, на крајот на вечерта сите се охрабрени. Уживаме во меѓусебното друштво бидејќи секој од нас гледа на работите од малку поинаков агол“.
И вие постарите можете да покажете интерес за помладите. Како што јасно се гледа и од коментарите, многу млади имаат длабоко ценење за вашето големо искуство и уживаат во ваше друштво. Амелија, вдовица во своите 80-ти години, вели: „Преземам иницијатива да бидам во контакт со младите. Кога гледам колку се полни со сила и живот, и самата подобро се чувствувам!“ Добрите резултати од ваквото заемно охрабрување можат да бидат далекосежни. Многу млади кои водат среќен и успешен живот, сметаат дека тоа во голема мера им го должат на пријателите кои биле макар малку постари од нив, а со кои се дружеле како помали. Тие им служеле како пример и им дале корисни совети.
Зацврсти ги пријателствата
Се разбира, за да градиш цврсти пријателства, не мора постојано да стекнуваш нови пријатели. Ако веќе имаш добри пријатели, зошто не размислиш што можеш да направиш за уште повеќе да го зацврстиш пријателството со нив? Долгогодишните пријатели се многу скапоцено богатство и токму така и треба да гледаме на нив. Немој никогаш да престанеш да ја цениш нивната верност.
Што е најважно од сѐ, запомни дека вистинската среќа — а и вистинското пријателство — доаѓа од тоа што се даваме себеси, своето време и сѐ друго што имаме. Наградите се многу поголеми од трудот и од жртвите што ќе ги вложиш. Но, ако си гледаш само за себе кога бираш пријатели, нема никогаш да ги најдеш. Затоа, кога размислуваш кои можат да ти бидат пријатели, не ограничувај го изборот само на оние што многу ги цениш и на оние од кои можеш да имаш некаква корист. Размисли малку и за оние на кои другите не им обрнуваат внимание или кои и самите тешко си наоѓаат пријатели. Гаел од Франција вели: „Кога планираме да се собереме повеќе души, а знаеме дека има некои што се осамени, ги покануваме да ни се придружат. Им велиме: ‚Сигурно ќе ти биде досадно да седиш сам дома. Ајде со нас. Дојди да се запознаеме подобро‘“ (Лука 14:12-14).
Од друга страна, пак, кога некои добри личности сакаат да ти бидат пријатели, немој брзо да ги одбиеш. Елиза од Италија вели: „Можеби во тебе ќе се јави извесна мера на револт кога ќе си помислиш дека сѐ дотогаш никој не сакаше да се дружи со тебе. Можеби ќе почнеш да си мислиш дека, на крајот на краиштата, не е ни важно дали имаш пријатели или не. И што правиш? Се затвораш, се изолираш и си мислиш само на себе. Наместо да бараш пријатели, ти градиш ѕид“. Немој да им дозволиш на неоснованиот страв или на себичниот интерес да те спречат да бараш нови пријатели — биди отворен и искрен со другите. Да им бидеме благодарни на оние на кои толку многу им значиме што сакаат да бидат пријатели со нас.
Можеш да имаш вистински пријатели
За да имаме вистински пријатели не е доволно само да го посакуваме тоа, да чекаме и да читаме вакви статии. Мораме да научиме да градиме пријателски односи со другите исто како што, на пример, учиме да возиме велосипед. Ниедна од овие вештини не може да се научи само со читање книги. Мораме да излеземе и да вежбаме, дури и ако тоа значи дека ќе паднеме неколку пати. Библијата покажува дека се најцврсти пријателствата меѓу оние што му се пријатели на Бог. Но, Бог нема да ни помогне да ги најдеме тие пријатели ако и ние самите не се потрудиме. Дали си решен да имаш вистински пријатели? Не предавај се! Моли го Бог за помош, направи го првиот чекор, покажи несебичен интерес за другите, и над сѐ — биди пријател.
[Фуснота]
a За овие пријателства можеш да прочиташ во библиските книги Рут, Прва Самоил и Втора Самоил.
[Рамка/слика на страница 11]
За родителите
Како и за сѐ друго во животот, така и за пријателството, децата најпрво учат во семејството. Во нормални услови, малото дете ја задоволува потребата од дружење главно во семејниот круг. Но, дури и во идеални услови, врз размислувањата, чувствата и однесувањето на детето многу влијаат другите со кои контактира надвор од семејството. Пример за ова се малите деца на имигрантите, кои само од контактите со другите деца многу брзо совладуваат некој нов јазик.
Како родители, должни сме да им помогнеме на децата мудро да ги избираат своите пријатели. Децата и младите не се доволно зрели за да можат сами, без водство од родителите, исправно да просудуваат. Меѓутоа, овде се јавува еден проблем. Многу млади се поблиски со своите врсници отколку со своите родители или со други повозрасни лица.
Некои стручњаци сметаат дека еден од факторите што придонесуваат тинејџерите да се свртат кон своите врсници наместо кон родителите е тоа што многу родители не се сигурни какво морално водство да им дадат на децата. Но, родителите мораат да ја исполнат одговорноста што им ја дал Бог — мораат да им обезбедат водство на децата и да се вклучат во нивниот живот (Ефешаните 6:1-4). Но, како? Семејниот психотерапевт д-р Рон Тафел среќава многу родители што не знаат како да излезат на крај со своите тинејџери. Тој пишува дека, наместо да им дадат вистинско, родителско воспитание на своите деца, мнозина „паѓаат под влијание на моменталните помодни трендови за воспитување на децата кои наголемо се пропагираат во медиумите“. Што е причината за ова? „Родителите не си ги познаваат своите родени деца доволно добро за да можат да воспостават еден нормален, близок однос со нив.“
Но, не мора да биде така. Родителите мораат да бидат свесни дека децата ќе го побараат од пријателите она што им е потребно а не го добиваат во семејниот круг. А што е она што им треба? „Истото што отсекогаш им било потребно на младите: грижа, ценење, чувство на сигурност, јасно дефинирани правила и очекувања што треба да ги исполнат, како и чувство дека се дел од семејството“, вели Тафел. „Трагедијата на нашево време е што возрасните не им ги задоволуваат овие основни потреби на тинејџерите, па затоа тие не се ‚чувствуваат како дома‘ во својот сопствен дом.“
Како можеме да им помогнеме на нашите деца во изборот на пријатели? Најпрво треба да размислиме за нашиот начин на живот и за нашите пријатели. Дали целите што ги имаме и животот што го водиме ние и нашите пријатели откриваат дека сме благородни и несебични? Дали повеќе нѐ привлекуваат духовни, или материјални работи? „Делата зборуваат погласно од зборовите, и нашите деца сигурно ќе го прифатат ставот и начинот на однесување што го гледаат кај нас, кај нашите пријатели и кај нивните деца“, забележува Даглас, христијански старешина, кој и самиот е татко.
Дури и многу животни инстинктивно а честопати и со сета сила ги штитат своите младенчиња од други опасни животни. Еден стручњак што се занимава со истражување на мечки известува: „Мечките се познати по тоа дека ги штитат своите малечки од секоја опасност што навидум им се заканува“. Треба ли човечките родители да прават помалку од ова? Рубен од Италија вели: „Моите родители разговараа со мене на темел на Библијата. Ми помогнаа да сфатам дека не е добро да се дружам со некои луѓе. Прво што си реков беше: ‚Пази, ти се молам! Значи јас не смеам да се дружам со никого!‘ Но, со текот на времето сфатив дека беа во право и, благодарение на нивната стрпливост, бев заштитен“.
Исто така, преземете чекори децата да бидат во друштво на луѓе кои се добри примери и кои ќе им помогнат и самите да си постават добри цели. Еден успешен и среќен млад човек по име Френсис се присетува: „Мајка ми забележа дека, кога бевме помали, јас и моите браќа се дружевме само меѓу себе. Почна да кани пријатели кои беа доста активни во полновремената христијанска служба, и тоа многу ни помогна. Добро се запознавме со нив и станавме пријатели, и тоа токму дома кај нас“. Ако на ваков начин вложувате труд, семејството може да стане плодна почва на која добрите пријателства ќе никнат и ќе растат.
[Слика на страница 9]
Обрни внимание како се однесуваат оние што би сакале да ги имаме за пријатели
[Слика на страница 10]
Во несебичните пријателства, годините и потеклото не играат никаква улога