Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Европскиот суд ги поддржува правата на една мајка

Европскиот суд ги поддржува правата на една мајка

Европскиот суд ги поддржува правата на една мајка

Од дописникот на Разбудете се! во Франција

НА 16 декември 2003, Европскиот суд за човекови права во Стразбур (Франција) ги прогласи француските судови виновни за верска дискриминација во случајот на Серафин Пало-Мартинез, која е Јеховин сведок.

Во 1996 година, Серафин доби развод од својот маж, којшто ја напуштил две години пред тоа, и ѝ беше доделено старателство над нивните две деца. Но, во 1997 година, таткото одби да ѝ ги врати откако беа на посета кај него. Дотогаш децата веќе живееја со мајка им скоро три и пол години. Серафин раскажува: „Кога отидов да ги земам децата од училиште, директорот повика полиција. Ми беше дозволено да си ги гледам децата само во присуство на полициски службеници за да не зборувам со нив за мојата вера. Се однесуваа со мене како со криминалец. Ми беше речено дека ќе можам да ги земам децата дома само ако потпишам изјава дека нема да им зборувам за Бог и за Библијата, и дека нема да ги водам на христијански состаноци“.

Серафин побара помош по судски пат. Меѓутоа, во 1998 година, Апелациониот суд во Ним му додели старателство на таткото. Во образложението на оваа одлука беше наведена жестока и сеопфатна критика на начелата по кои, според мислењето на судот, Јеховините сведоци ги воспитуваат своите деца. „Ми беше многу болно да го слушнам обвинението дека сакам да им нанесам штета на своите родени деца, кога јас, всушност, само сакав да им го дадам она што мислам дека е најдобро за нив — воспитание во склад со христијанските мерила.“

Кога Касациониот суд, највиш апелационен суд во Франција, ја поддржа одлуката на Апелациониот суд, Серафин одлучи да му се обрати на Европскиот суд за човекови права. Со одлука од 6 спрема 1, беше донесена пресуда според која, „што се однесува до Судот, нема сомнение дека [францускиот] апелационен суд различно ги третирал родителите врз основа на верските убедувања на тужителот . . . Таквиот различен третман претставува дискриминација“. Беше утврдено дека одлуката на францускиот суд не се темели на тоа дали Серафин е способна да се грижи за своите деца — тоа воопшто не беше спорно — ниту, пак, се темели на цврсти докази, туку на „површно и воопштено гледиште за Јеховините сведоци“. Врз основа на таквата верска дискриминација и кршењето на правата на Серафин, Судот одреди Франција да ѝ плати отштета и да ги сноси сите трошоци за судењето.

Оваа одлука е во склад со пресудата што Европскиот суд за човекови права ја изрече во јуни 1993 година, кога во еден сличен случај утврди дека, пак на верска основа, Австрија спровела дискриминација против Ингрид Хофман, исто така Јеховин сведок. a „Како и пресудата во случајот Хофман“, забележува француското списание La Semaine juridique, „и оваа пресуда потврдува дека одлуката за старателство не може во никој случај да зависи првенствено од верската припадност на родителот“. Адвокатот на Серафин изјави: „Оваа одлука е многу важна за родителите кои се Јеховини сведоци, затоа што законот заснован на одлуките на Судот во претходните случаи доследно го штити нивното право на непристрасна пресуда“.

Кога била запрашана што мисли за одлуката, Серафин, која сега живее во Шпанија, изјавила: „Многу сум среќна. Ми олесна. Страшно е да ти ги земат децата поради твоите верски убедувања и да не ги видиш цели пет години. Но, Јехова секогаш беше со мене. Се надевам дека оваа пресуда ќе им помогне и на други што се наоѓаат во слична ситуација“.

[Фуснота]

a Видете ја статијата „Победата на Јеховините сведоци во битката за родителско право“ во Разбудете се! од јануари-март 1994, 23. страница.

[Слика на страница 30]

Серафин